Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

 

Информација за медиуми по повод Светскиот ден за борба против карциномот, 04 февруари 2017 година

„Владата ги намалува средствата за рано откривање на рак на грло на матка во период кога се бележи зголемена смртност од ова заболување

Една од целите на кампањата за Светскиот ден за борба против карциномот во 2017 година е обезбедување на универзален пристап до здравствените услуги, поврзани со карциномот а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат здравствените услуги за рано откривање на карциномот. Имено според Светската декларација за карцином, секоја држава треба да обезбеди универзален пристап за населението до скрининг методите за рана детекција на карциномите, вклучувајќи го и карциномот на ракот на грлото на матката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност од карциномите.

Смртноста од ракот на грлото на матката во Р. Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Имено во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, и покрај тоа што овој вид на карцином може навремено да се открие и излекува.

Покрај оваа состојба, и спротивно на препораките дадени на Светскиот ден Владата на Р. Македонија го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка[1] за 2017 година  за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017 година. Имено со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени кои ќе бидат поканети на организиран скрининг за 15.000 жени (од 35.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година), потоа намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен ПАП тест за 10.000 жени (од 30.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година). Исто така се намалува и предвидениот број на бесплатни цитолошки анализи на земените ПАП тестови за 10.000 (од 30.000 анализи во 2016 на 20.000 анализи во 2017 година). Предвидениот опфат на жени е помал од 5% од целната популација на жени.

Во 2015 година со Програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката биле опфатени 29.887 жени (извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија), што значи дека Владата во 2017 година планира со скрининг да опфати 10.000 жени помалку од постигнатиот опфат во 2015 година.

Организираниот скрининг на рак на грло на матка игра клучна улога во  намалувањето на смртноста од ова заболување. Намалувањето на средствата и планираниот опфат на жени со Програмата ќе води кон понатамошен пораст на смртноста од ова заболување.

Поради тоа бараме од Министерството за здравство и Владата на Р. Македонија да го зголемат планираниот опфат на жени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за 2017 на најмалку 20% од целната популација на жени и да го зголемат планираниот буџет за истата програма. Р. Македонија треба да цели кон постигнување на опфат на најмалку 70% од жените на возраст од 24 до 60 години во наредните пет години со оваа Програма.

За повеќе информации во однос на детектираните проблеми и конкретните предлог мерки за унапредување на спроведување на Програмите за скрининг можете да најдете во документите кои Ви ги испраќаме во прилог.

За Светскиот ден за борба против карциномот

Светскиот ден за борба против карциномот  претставува глобален настан кој се одвива секоја година на 04 февруари и ја обединува светската популација во борбата против карциномот.

Главната цел на овој настан е да се спречат милиони смртни случаи секоја година преку подигнување на свесноста и едукација за болеста, преку наметнување притисок врз владите и поединците ширум светот да ги преземат потребните акции.

Светскиот ден за борба против карциномот во периодот 2016 – 2018 година се спроведува под слоганoт “Ние можеме, јас можам” и повикува на активно вклучување на поединците, заедницата, и надлежните институции со цел превенција и намалување на последиците од појавата на карциномите. Кампањата се фокусира на информирање и едукација за зголемена свесноста за превенција од карцином; обезбедување на соодветен пристап до здравствените услуги; обезбедување здрава животна средина; и повикува на унапредување на  политиките по однос на ова прашање.

Официјална интернет страна на Светскиот ден за борба против карциномот  - http://www.worldcancerday.org/    

Лице за контакт:

Борјан Павловски

Координатор на програма Јавно здравје и здравје на жените

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ

ул. Максим Горки  20/1-4,  1000  Скопје,  Република Македонија

тел:   (0) 2  3298 713

         (0) 2  3298 295 / лок. 102

e-mail: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.


[1] Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка е една од компонентите на Програмата за рана детекција на малигни заболувања која на годишно ниво се усвојува од страна на Владата на РМ, а се спроведува од страна на Министерството за здравство. Програмата за 2017 година е објавена во Службен весник на РМ број 192/2016.

 

 

Fiscal Transparency

Health Rights

Domestic Violence 

Legal Aid Center

Health Information Centre