Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

Национална конференција: Дали и колку граѓаните чувствуваат бенефит од спроведувањето на активните мерки, програми и услуги за вработување?

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените одржа национална конференција „Дали и колку граѓаните чувствуваат бенефит од спроведувањето на активните мерки, програми и услуги за вработување“.

На конференцијата се дискутираше за тоа дали и колку граѓаните чувствуваат бенефит од спроведувањето на активните мерки, програми и услуги за вработување, како и за тоа кои мерки и активности ги или ќе ги преземат владините институции за надминување на пречките со кои се соочуваат граѓаните  во пристапот до активните мерки, програми и услуги за вработување. 

Преку анализата ги оцени ефектите кои ги имаат средствата потрошени за спроведување на активните мерки, програми и услуги за вработување од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Агенцијата за вработување (АВРМ),  врз нивните крајните корисници, со посебен фокус на три програми и услуги, и тоа: Програма за самовработување, Програма за субвенционирано вработување и Услугите за врбаотување. Дополнително, целта на оваа анализа е да го оцени нивото на квалитет, запознаеноста, корисноста и пристапноста до програмите, мерките и услугите за вработување од страна на граѓаните, а во насока на обезбедување на факти кои ќе им послужат при креирирањето на политики за вработување.

Овие три програми и услуги се фокус на оваа анализа поради фактот што во изминатите пет години (2014 – 2018 година) Агенцијата за вработување најголем дел од средствата наменети за спроведување на активните политики за вработување ги издвојува за овие три програми и услуги. Во исто време две  од нив (самовработување и субвенционирано вработување), од Меѓународната организација на трудот  се оценети како програми кои или делумно или пак воопшто не ги исполнуваат целите за кои се формирани. Во изминатите четири години направена е само една евалуација на влијанието на активните програми и и мерки за вработување преку која е утврдено дека само две од нив (практикантство и обука кај познат работодавач) ги даваат посакуваните ефекти и треба да понатаму да се спроведуваат од Агенцијата;  а пак останатите четири не во целост ја исполнуваат целта на нивното постоење и потребно е да се изменат и унапредат (програма за самовработување и обука за напредни ИТ вештни) или треба во целост да се избришат од Оперативниот план за активни програми и мерки за врбаотување и услуги на пазарот на трудот(Пркатиканство кај познат работодавач, програма за субвенционирано вработување преку ослободување од плаќање на придонеси и обуки за дефицитарни занимања). Наодите од оваа евалуација, не се земени во предвид при подготовка на програмите, мерките и услугите за вработување во наредните три години.

Наодите презентирани во анализата кои се однесуваат на буџетското работење на Агенцијата за вработување, се добиени преку анализа на податоците содржани во годишните Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за периодот од 2014 до 2018 година; Годишните извештаи за работењето на Агенцијата за периодот од 2014 до 2017 година и податоците содржани во одговорите добиени од оваа институција во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер кои се однесуваат за периодот од 2014 до 2017 година.

Наодите пак за оценката на квалитетот, запознаеноста, корисноста и пристапноста до мерките, програмите и услугите за вработување се добиени преку спроведување на теренското истражување чија одновна цел е да го прикаже бенефитот кој го почувствувале граѓаните од потрошените средства за спроведување на активните програми, мерки и услуги за вработување, со посебен приказ на: пристапот на невработените граѓани до мерките, програмите и услугите за вработување преку регистрација во евиденцијата на АВРМ; запознаеност на невработените граѓани со мерките, програмите и услугите за вработување; степен на користење на мерките, програмите и услугите за вработување од страна на невработените граѓани; степен на задоволство на невработените граѓани од мерките, програмите и услугите за вработување; степен на корисност на мерките, програмите и услугите за вработување на невработените граѓани; степен на користење, квалитет, информираност и корисност на програмата за самовработување, Македонија вработува и услугите за вработување на невработените граѓани; и на тоа што според граѓаните треба да се унапреди во планирањето и спроведувањето на мерките и програмите за вработување. Преку теренското истражување беа опфатени 826[1] невработени лица, од кои 407 мажи и 419 жени, како и вкупно 56 вработени  лица како резултат на користење на активните програми и мерки за вработување од кои 33 мажи и 23 жени.

Клучните наоди што произлегоа од оваа анализа се следните:

1. Наоди за унапредување на процесот на планирање и спроведување на програмите за вработување и буџетот за вработување на АВРМ

- АВРМ, на годишно ниво,  прибира во просек 13.6% повеќе приходи од планираниот износ, а пак троши 25.6% помалку од вкупниот износ на остварени приходи.

- Расходите во буџетот на АВРМ се намалуваат во просек за 5% на годишно ниво, а секоја година се оствауваат 10% повеќе приходи.

- Во периодот од 2014 до 2018 година има значителен пораст на средствата кои АВРМ од буџетот на РМ ги префрла на УНДП за спроведување на програмите, мерките и активностите за вработување (во 2014 година од буџетот на РМ на УНДП не било планирано да се префрлат средства, во 2016 година било планирано да се префрлат 49.400.000 денари, во 2017 година 541.247.050 денари, а пак во 2018 година 405.881.283 денари).

- Секоја година Агенцијата има неисплатени обврски, кон извршителите вклучени во реализација на Оперативниот план, во просек од 24.412.370 денари. Па така, во 2018 година износот на неисплатени обврски е за 16%  повисок во однос на 2017 година, од кои во просек 46% се неизмирени обврски кон УНДП.

2. Наоди за унапредување на процесот на планирање и спроведување на програмата за самовработување, субвенционирано вработување и услугите за вработување

- Во периодот на 2016 и 2017 година, преку проектот Македонија вработува 1 и 2,  Владата на РМ, преку буџетот на Агенцијата за вработување на РМ го оштети буџетот за 1.401.109.591 денари преку ослободување од плаќање на плаќање на придонеси за вработување на 31.019 лица.

- За спроведување на оваа програма во изминатите четири години (во периодот од 2014 до 2017 година), од буџетот на РМ се исплатени 998.710.697 денари или за 7% повеќе од проектираните трошоци за оваа намена, од кои 79% претставуваат средства кои се одлеале од буџетот на државата во буџетот на УНДП  и врз кои државата нема никаква контрола.

- Услугите за вработување се слабост на АВРМ, особено во делот на стратешко планирање на видот и обемот на услуги кои ги нуди на своите корисници (секоја година се предвидува идентичен број на невработени граѓани и работодавачи кои ќе бидат потенцијални корисници на услугите и се издвојува ист износ на средства за нивна реализација без да се земат во предвид промените на пазарот на трудот), начинот на нивно обезбедување, евидентирање и нивна евалуација.

3. Наоди за унапредување на квалитетот, запознаеноста, корисноста и пристапноста до мерките, програмите и услугите за вработување

- Повеќе од половина од невработените граѓани опфатени со истражувањето (63%), во сите четири општини, се лица кои се долгорочно невработени, односно не се вработени повеќе од четири години.

- Пристапот до активните мерки, програми и услуги за вработување е значително ограничен за граѓаните на општините Битола, Тетово, Струмица и Св. Николе, заради малиот процент на  граѓани (54%) кои се регистрираат во евиденцијата на АВРМ, од кои 50% се жени.

- Повеќе од половина од лицата опфатени со истражувањето, кои се регистрирани во евиденцијата на АВРМ се лица кои се регистрираат на секои 30 дена, заради тоа што се евидентирани како активни баратели на работа. Додека пак, приближно една четвртина од лицата кои се регистрирани во евиденцијата на невработени на АВРМ се соочиле со некаков проблем при регистрација.

- Дури, 74% од регистрираните невработени лица или 71% од бројот на невработени регистрирани жени незнаат дека имаат право на пристап до  мерките, програмите и услугите за вработување утврдени со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд. 

- Само 4 лица(од вкупно 112 лица), од кои три се жени, од сите четири општини, кои знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување, користеле некоја од нив и се потполно задоволни од програма за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на лица во социјалан ризик  и сметаат дека истата е потполно корисна.

- Идентификувани се само 56 лица вработени како резултат на користење на мерките, програмите и услугите за вработување во Струмица и Свети Николе.

- Бројот на вработени жени во Свети Николе е за половина понизок од оној во Струмица, иако бројот на вкупно анкетирани жени е приближен.

- Жените најмногу ја користат Програмата за самовработување. Значително помалку ја користат Македонија вработува 2 и останатите мерки за вработување. Најголем број на корисници сметаат дека АВРМ пред се треба да ги информира невработените за мерките и услугите (26 лица), па потоа да работи повеќе со невработените (24 лица), по што треба да воведе нови мерки и/или услуги (23 лица)  и на крај да го подобри квалитетот на веќе понудените мерки и услуги (21 лице).

- Евидентно е користење на еден ист вид на услуги и обуки кои ги нуди АВРМ. Во двете општини биле користени само четири од вкупно 11 услуги и обуки кои ги нуди АВРМ. Од друга страна мал е бројот на лица кои ги користат услугите и обуките на АВРМ. Па така, во Свети Николе  помалку од една третина од вработените лица (вкупно 30 лица) користеле некоја услуга/обука, а во Струмица една петтина.

Националната конференција е дел од активностите на Здружението ЕСЕ во рамки на проектот „Социјална отчетност за родова еднаквост“ кој го спроведува во партнерство со Акција Здруженска и четири локални граѓански организации (Организација на жени на Струмица, Младински културен центар од Битола, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе, Женски форум од Тетово) со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на ИПА-програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2015.

 

 

Fiscal Transparency

Social accountability for gender equality

Health Rights

Domestic Violence 

Legal Aid Center

Health Information Centre