Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

Национална конференција - Унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување

На ден 28.09.2021 година Здружение ЕСЕ организираше Национална конференција во рамки на работата на Унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување.

На конференцијата воведни обраќања дадоа Јасминка Фришчиќ, Извршна директорка на ЕСЕ и Д-р Џихан Тавила од канцеларијата на Светската здравствена организација во Северна Македонија.

„Во спроведување на оваа инцијатива покрај тимот на ЕСЕ, учествуваа и 39  претставници на граѓанските организации и членови на заедницата, 49 членови на Советите на заедницата, а минимум 2.500 Ромски домаќинства земаа активно учество во утврдување на потребите на своите заедници. Заедно со претставниците на ромските граѓански организации, Ромската заедница и претставниците на институциите на локално ниво во општините Прилеп, Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Карпош, во населбите во кои живеат Ромите, работевме на популаризирање и промовирање на идејата за подготовка, навремен одговор и справување со различни видови на кризи од страна на самата заедница, како и на утврдување на можни бариери со кои се соочува оваа заедница, а кои можат да оневозможат или пролонгираат процесот на подготовка, навремен одговор и справување со различни видови на кризи“, истакна Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ, при тоа потенцирајќи го значењето на активното вклучување на ромската заедница во иницијативата, како и потребата од јакнење на соработката меѓу различните чинители на локално ниво.

„Научивме дека работењето со заедниците е неопходно за да се изгради доверба и да се зголемат можностите и знаењето на луѓето да се придржуваат до мерките за заштита. За нас во СЗО токму ова е од основно значење - да им помогнеме да обезбедат ефикасен и брз одговор во случај на здравствена или каква било друга криза. Мора да ги интегрираме нивните потреби и да го чуеме нивниот глас за да може сите заедно да ги подобриме условите и да ги заштитиме животите на овие луѓе“, изјави Џихан Тавила, претставничка на Светската здравствена организација во Северна Македонија.

 На конференцијата беше претставен процесот на работа на ова поле односно беа претставени трите клучни компоненти и активности кои беа спроведени во изминатите месеци.

  • Создавање на инфраструктура во заедницата преку формирање на Советите во заедницата по однос на јакнење на отпорноста на ромските заедници кон кризи и непогоди, на ниво на општина. Во работата на  Советите активно учествуваа претставници на ромските заедници, на граѓанските организации, како и претставници на институциите на локално ниво. Ги зајакнавме капацитетите на членовите на Советите за справување со кризни состојби и непогоди, преку испорачување на обука на оваа тема. Членовите на Советите ги мапираа и ресурсите во нивните општини и во самите заедници, кои можат да помогнат во одговор на кризни состојби и непогоди. Преку работата на Советите воедно градиме коалиции помеѓу граѓанските организации, заедницата и институциите на локално ниво.
  • Утврдување на проблемите и потребите на заедницата по однос на одговор кон кризи, преку спроведување на истражување во ромските домаќинства, а воедно припадниците на ромската заедница креираа 60 фото пораки преку кои ги нотираа главните проблеми и ризици со кои се соочуваат во услови на криза, но и во секојдневното живеење..
  • Подготовка на Локални  планови за јакнење на отпорноста на ромските заедници кон кризи од страна на Советите во заедницата и со учество на самата заедница во процесот на нивното креирање.

На конференцијата се обратија и претставници на партнерските ромски граѓански организации – Ибраим Зекир од Романо Чачипе, Амет Јашар од ИРИЗ, Сарита Јашарова од ЛИЛ и Маја Петанческа од Станица ПЕТ, како и претставници од ромската заедница од општините каде што се спроведува иницијативата, и тоа Нури Дервишовски од населбата Тризла 2 во Прилеп.  При тоа сиромаштијата, неповолните услови за домување, лошата инфраструктура, непристапните здравствени услуги беа нотирани како главни причини за неможноста на Ромите соодветно одговорат на пандемијата со Ковид-19, но и на друг вид кризни состојби како пожари, поплави, земјотреси. При тоа беше истакната неможноста за соодветна заштита од Ковид-19, поради немање пристап  до водовод и канализација, неможноста за соодветна самоизолација во домашни услови, живеењето во густо населени наслеби, до недоволен пристап до информации. Живеењето во импровизирани и руинирани живеалишта покрај тоа преставува значителен ризик при појава на секаков вид на катастрофа. Онлајн образованието исто така претставува предизвик за децата од ромската заедница, кои во голема мера немаат пристап до компјутер, интернет, па дури и до струја во своите домови. Голем дел од ромското население нема пристап ниту до примарна здравствена заштита блиску до своето место на живеење, што особено претставува сериозен проблем за време на пандемијата кога не можат да остварат преглед кај матичен лекар, да направат тестирање или да купат лекови во близина на местото на живеење.

Претставниците на Советите на заедницата, исто така се обратија на конференцијата, и тоа Имирзад Селим од Полициската станица во Шуто Оризари; Омер Имеровски, имам од Шуто Оризари; Соња Палчевска - Ќосева, раководителка од општина Ѓорче Петров;  и Адем Мамудовски, советник во Советот на општина Прилеп. Претставниците на Советите на заедницата ја истакнаа потребата од редовно функционирање на ова тело кое ги обединува членовите на ромската заедница со претставниците на институциите. При тоа беше истакнато дека на овој начин, институциите на локално ниво, а особено единиците на локалната самоуправа ќе можат да ги планираат и спроведуваат своите активности согласно на потребите на ромската заедница, и заеднички ќе пристапат во одговор кон идните кризни состојби и непогоди.

На конференцијата се обратија и високи претставници на државните институции: Елвис Мемети, советник на Претседателот на Владата за инклузија на Роми; Зоран Петров, Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи; и Беким Максути, Директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Претставниците на државните институции се согласија дека мора да постои комплементарност помеѓу националните и локалните политики во насока на зголемување на отпорноста на ромската заедница на кризи. Исто така, покажаа спремност за понатамошна соработка со ромските граѓански организации  и ромската заедница во насока на зајакнувањето на ромската заедница за одговор кон кризи.

 За потребата од  зголемување на отпорноста на ромската заедница на кризи реално сведочат фото пораките од самата ромска заедница:

„Ова не е сцена од филм на Емир Кустурица. Ова е реална животна средина на ромската заедница во Прилеп. Чешма без вода, домашни животни кои ја косат тревата во дворот, импровизиран пат, дотраени живеалишта. При природна непогода или катастрофа како земјотрес или поплава, животите на овие луѓе би биле во сериозен ризик. Тие не можеа соодветно да се заштитат за време на пандемијата со КОВИД 19 заради немање основни хигиенски услови. “

„И дневна соба и кујна во само неколку метри квадратни. Храната се чува надвор од фрижидер, на само неколку сантиметри од средствата за чистење. Животот во супстандардни услови е реалност за многу семејства во населбата Шуто Оризари. Одржувањето хигиена, или изолирањето член од семејството во услови на пандемија е само пуста желба за овие луѓе. “

„30.000 жители на Шуто Оризари се оставени “двајца без тројца“ матични општи лекари во единствената здравствена институција во оваа општина – Поликлиника Шуто Оризари.  Недостигот на матични лекари и лошите услови во поликлиниката особено ги засега оваа група на граѓани (се мисли на Ромите) поради лошите социо-економски услови, дополнително продлабочени поради пандемијата со КОВИД 19. За нив за жал важи познатата изрека “државата некому е мајка, а некому маќеа“. “

 „Ова црево е единственото средство за заштита во случај на пожар во неурбанизираниот дел од општина та Ѓорче Петров. Нема хидранти ниту какви било други помагала кои локалните жители може да ги искористат додека пристигне противпожарната служба. Ризикот од сериозни последици во случај на непогода е огромен. “

„Патешествието за набавка на овие лекови трае со часови или чини многу пари. Ромите од Злокуќани се изложуваат на дополнителни трошоци за превоз за да стигнат до матичен лекар, до аптека или до пункт за тестирање за КОВИД 19, бидејќи сите овие услуги се оддалечени 3-4 километри од нивните домови. Мора да користат такси затоа што автобус има на секои два часа. “

Линк до снимката од Националната Конференција

https://drive.google.com/file/d/1sAnps2dO6xhMdWG0EmNmi0hNGqOuu6Hu/view?usp=sharing

 

 

 

 

Fiscal Transparency

Social accountability for gender equality

Health Rights

Domestic Violence 

Legal Aid Center

Health Information Centre