Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

 

 

 

Соопштение за медиуми - “Заедно за родово еднакво општество“

Меѓународниот ден на жената 08 март оваа година се одбележува под мотото “СкршиЈаПристрасноста – BreakTheBias”.

За 08 март 2022 година, наместо подарок сакаме да посакаме “Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност.[1]

По повод денешниот меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостатокот на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, наместо честитки и подароци, и препорачуваме на Владата на РСМ на овој ден да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и надминување на проблемите со кои се соочуваат жените во следните области:

Иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата сеуште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за  жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се разводот на бракот, старателството, издршката врз децата, делбата на имотот итн. Отежната комуникација со институциите дополнително ја влошува состојбата на жените кои секојдневно зад затворените врати на домот трпат навреди, омаловажувања, вербални и физички напади, неодобрени сексуални односи, забрана за пристап до пари. Дури 70% од жените што претрпеле семејно насилство не се информирани за можноста за користење на бесплатна правна помош во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и постапката за развод  на брак, додека 55% од нив  не се задоволни од обезбедената стручна помош од ЦСР и Министерството за правда[2]. Здружение ЕСЕ веќе 20 години обезбедува правна помош за жените кои претрпеле семејно насилство и ги охрабрува да го пријават насилството и побараат помош и поддршка. За искуството со семејното насилство и колку е потребна правната помош за решавањето на проблемите сведочат три жени кои се обратиле во Центарот за правна помош при ЕСЕ,  чии изјави се достапни на следниот линк https://www.youtube.com/watch?v=Qi7QntMv9AM&t=1s

Ограничениот пристапот до пазарот на труд и невработеноста, и во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Македонија. Односно 524 илјади жени од вкупниот број на работоспособни жени (842 илјади) се невработени или пак неактивни учесници на пазарот на труд. Најголем број на невработените жени се на возраст од 15 до 29 години и имаат комплетирано средно образование.Жените и во 2022 година се повеќе ангажирани во спроведување на неплатена работа во рамки на домаќинствата (нега, помош, итн.) или во производство на производи за сопствена употреба во споредба со мажите (88%) или пак во обезбедување на здравствена и социјална заштита (78%).[3] 

Жените во Македонија се уште се соочуваат со бариери во пристапот до основните здравствени услуги за женското здравје. Имено, во 2022 година речиси половина од жените во Македонија немаат избрано матичен гинеколог поради тоа што во државата недостасуваат 130 матични гинеколози на примарно ниво, а во 40 општини нема ниту еден матичен гинеколог. Во Македонија се уште не се спроведува организиран скрининг за рак на грлото на матката и рак на дојката, двете најчести малигни заболувања на женските репродуктивни органи. Имено, во 2020 година само 5,6% од жените биле опфатени со скрининг на рак на грлото на матката, додека  со скрининг на рак на дојка се опфатени поразителни 0,3% од жените на возраст од 50 до 69 години. Поради тоа секоја година животите ги губат 300 жени од рак на дојката и 40 жени од рак на грлото на матката. Животи кои можат да бидат спасени со спроведување на доследни скрининг програми.

 

Со почит,

Здружение ЕСЕ

За повеќе информации можете да не контактирате на: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. или на

тел.  +389 2 3298 295

 

Стојан Мишев, за проблемите на жените кои претрпеле семејно насилство

Дарко Антиќ, за ограничениот пристап до пазарот на труд

Борјан Павловски, за недостатокот на здравствени услуги за жените



[2] Анализа за влијанието на судските такси и трошоци и информираноста за ослободување од судски такси и трошоци во предметите за семејно насилство, ЕСЕ 2021, достапна на следниот линк https://esem.org.mk/pdf/Publikacii/2021/1/Osloboduvanje%20od%20sudski%20trosoci%202021.pdf

 

 

 

Fiscal Transparency

Social accountability for gender equality

Health Rights

Domestic Violence 

Legal Aid Center

Health Information Centre