Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Еднакви можности на жените и мажите

Концептот на еднакви можности на мажите и на жените сè уште претставува прашање што се проблематизира со оглед на фактот дека еднаквоста на жените според традиционалните сфаќања  подразбира „право на жената да биде еднаква со мажот“. Податоците на глобално ниво зборуваат за сè уште постојната нееднаква дистрибуција на ресурси, права и моќ помеѓу мажите и жените. Имено, жените сè уште се соочуваат со нееднаквости во однос на можностите за вработување, добивање плата, пристап до правото на здравје и негово остварување, правата во бракот и семејството итн. Скоро во сите сфери на општественото живеење пристапот до ваквата дистрибуција на ресурси и моќ најчесто го имаат мажите. Непочитувањето на женските човекови права подеднакво се случува како на ниво на законски прописи така и во примена на секојдневните обичајни правила на однесување (доследно почитување на обичајните практики многу често водат кон ограничување на правата на жените).

Оттука, повеќе од три децении меѓународната заедница прави сериозни чекори во однос на афирмирање на прашањето за родова еднаквост и презема акци во однос на елиминирање на дискриминацијата врз жените.

Суштествен документ кој на најсеопфатен начин ги регулира правата на жената и родовата еднаквост претставува Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената. Основни принципи на оваа конвенција се:   принципот на еднаквост, недискриминација и принципот на обврска на државата. Конвенцијата го промовира концептот на суштествена еднаквост, односно еднаквост на можностите и пристапот до ресурси, но и еднаквост во резултатите, односно придобивките од користењето на ресурсите.

Ваквото конципирање на поимот на суштествена еднаквост овозможува барање на одговорност на државите потписнички на оваа конвенција не само во однос на тоа што прави државата на полето на родова еднаквост туку и кои резултати ги постигнала во однос на фактичката, односно практичната реализација на правата на жените. Имено, политиката на остварување на еднаквите можности на мажите и на жените треба да овозможи еднакво учество на мажите и на жените во сите области на општественото живеење, еднаков статус и третман во остварување на нивните права, како и еднакви придобивки од остварените резултати. Во оваа насока, стратегиите за постигнување на суштествена родова еднаквост и справување со постојните нееднаквости треба да го имаат предвид фактот дека жените и мажите имаат различни потреби и приоритети, се соочуваат со различни бариери. Ваквите различни потреби и приоритети произлегуваат од биолошките разлики помеѓу мажите и жените, но и родовите разлики (социјално конструираните улоги за мажите и за жените).

Следејќи ги политиките и процесите на меѓународно ниво, Република Македонија има усвоено поголем број меѓународни документи  донесени од страна на ООН, Европската Унија, Совет на Европа и други меѓународни институции во кои се содржани поголем број норми кои се поврзани со еднаквите можности на жените и на мажите. Со прифаќањето на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, со акт на сукцесија во 1994 година се создаде и правна можност и обврска за државата за транспонирање на нејзините одредби за правата на жената и родовата еднаквост во националното законодавство. Дополнително, со ратификувањето на Факултативниот протокол на оваа Конвенција, се овозможува поднесување на индивидуални случаи на прекршување на женски човекови права до Комитетот задолжен за следење на оваа Конвенција при ООН.

Принципот на еднакви можности на мажите и на жените и принципот на недискриминација се втемелени во Уставот и нормативните акти на нашата држава. Операционализацијата на овие принципи се обезбедува преку Законот за еднакви можности на мажите и на жените, како и Националните акциски планови за родова еднаквост.

 

Што правиме ние

Мониторинг и заштита на женските човекови права

Преку механизмите за мониторинг ја следиме имплементацијата на меѓународните стандарди во однос на женските човекови права, недискриминацијата и родовата еднаквост на национално ниво. Во оваа насока посебно е важен процесот на подготовка на извештаи во сенка кон меѓународните документи што ги регулираат овие прашања, а посебно кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената.

Мониторингот во однос на имплементација на женските човекови права го вршиме преку сеопфатни истражувања за положбата на жената во нашето општество, при што по направените истражувања известуваме за состојбите пред соодветните меѓународни тела задолжени за следење на имплементацијата на соодветните конвенции на национално ниво.

Известувањата (Извештаите во сенка) ги користиме како суштествена алатка за застапување на национално и на меѓународно ниво заради унапредување на состојбите во однос на женските човекови права. На овој начин преку нашите препораки придонесуваме кон промена и подобрување на законодавството, политиките и воопшто состојбата на сите жени, а со цел постигнување на еднаква дистрибуција на човековите права.

 

Сексуално вознемирување и мобинг / Психичко и сексуално вознемирување

Работејќи на полето на насилство врз жените, нашиот фокус е насочен и кон добивање на првични сознанија во однос на  појавите на психичко и сексуално вознемирување врз жените на работното место.  Во оваа насока реализираме истражувачки активности што имаат за цел да ја утврдат застапеноста на појавите, но исто така да го утврдуват институционалниот одговор, односно формалното постапување на институциите во случаи на психичко и сексуално вознемирување на работното место.

Добиените сознанија и резултати од спроведените истражувања претставуваат надополнување на досегашниот вакуум и отсуство на политика  и пракса на анализирање на овие појави во нашата држава. Воедно, развиените препораки ќе придонесат во насока на дефинирање на идните мерки и активности за градење на институционални капацитети, воведување на механизми за заштита, како и развивање на позитивна организациска култура во однос на вознемирувањето (психичко и сексуално) на работното место.

Во реализирањето на горенаведените активности соработуваме со организации, институции и синдикати чиј мандат на работење претставува сузбивање и превенирање на овие појави во нашата држава.


Обезбедување на помош и поддршка на жените жртви на семејно насилство

Центар за правна помош за жртви на семејно насилство

Преку Центарот за правна помош за жртви на семејно насилство овозможуваме еднаков пристап до правдата на оваа ранлива категорија жени преку обезбедување на бесплатна правна помош (совети и информации) и бесплатно судско застапување.

Бесплатната правна помош  и судското застапување за жртвите на семејно насилство се обезбедува од страна на професионално лице – адвокат. Судското застапување се обезбедува на оние жртви кои имаат исклучително неповолен социјален и економски статус, по претходна проценка од страна на стручен тим.

Услугите што се добиваат во рамки на Центарот за правна помош овозможуваат подигање на степенот на правна писменост на жртвите на семејно насилство и нивно активно вклучување во процесот на унапредување и заштита на нивните права. 

Центарот за правна помош во своето работење ги документира случаите на семејно насилство заради нивно понатамошно користење во процесите на застапување пред надлежните институции и заради унапредување на состојбите на ова поле. Воедно, за оваа цел Центарот за правна помош прибира податоци и ги ажурира во рамки на посебна база на податоци за жртви на семејно насилство.

 

Психолошко советувалиште за жртви на семејно насилство

Психолошкото советувалиште  преставува прв специјализиран вид на советувалиште кое  нуди  директна психосоцијална поддршка и третман за сите жртви на семејно насилство што се подготвени да го прекинат кругот на насилство и да го променат дотогашниот начин на живеење.

Во рамки на Психолошкото советувалиште нудиме бесплатна психолошка помош и совети во смисла на примарна психолошка помош, итна интервенција за заштита од насилството, психолошка помош и поддршка во услови на долготрајна изложеност на насилство и кризна интервенција.

Процесот на помош и поддршка се остварува преку одржување на редовни средби на индивидуално ниво од страна на професионално лице – психолог (советувач терапевт). Советувачот терапевт ја води жртвата на семејно насилство низ процесот на помагање, притоа зајакнувајќи ја нејзината независност во донесувањето на вистински одлуки.

Дел од работата на психолошкото советувалиште претставува прибирањето и ажурирањето на податоците во базата на податоци за сите оние што побарале помош и поддршка во рамки на Психолошкото советувалиште.

 

Судска заштита при изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство

Преку активностите за набљудување на судските постапки за изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство овозможуваме жените жртви на семејно насилство да ја добијат потребната заштита и да ги остварат законски предвидените права, а насилниците да бидат повикани на одговорност за своите постапки.  

Покрај обезбедувањето на податоци за начинот на постапување на судиите/судовите при изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и идентификување на позитивни и негативни судски практики, придонесуваме и кон зголемување на степенот на сензибилност и свесност на судиите за природата на овој вид на насилство и потребата за унапредување на нивото на судската заштита, и уште поважно работиме на зголемување на степенот на информираност на жртвите за природата и начинот на одвивање на судските постапки за изрекување на привремените мерки за заштита

 

Правна заштита на жените жртви на насилство

Преку активностите за обезбедување на правна заштита на жените- жртви на насилство и дискриминација, односно жртвите на семејно насилство, сексуално насилство, жртви на трговија со луѓе и насилството врз сексуалните работнички овозможуваме тие да ја добијат потребната заштита и да ги остварат законски предвидените права.

Покрај анализата на законската рамка и можностите за нејзино унапредување, неодминлив дел од работата на ова поле претставуваат активностите за обезбедување на податоци за начинот на постапување на судиите/судовите во граѓанските и кривичните постапки за заштита на жените- жртви на насилство. Имено, во периодот 2015-2017 година, Здружението ЕСЕ својот фокус ќе го насочи кон  мониторирање на  тековни судски предмети и ќе изврши увид во завршени судски предмети за насилство врз споменатите категории на жени жртви.

Покрај обезбедувањето на овие податоци и идентификувањето на позитивни и негативни судски практики работиме и на јакнење на капацитетите на судиите за подобра  имплементација на постоечкото законодавство за заштита на жените жртви на насилство, но, и примена на меѓународните стандарди на ова поле, со фокус на стандардите предвидени во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминацијата врз жената (КЕДЖ).Освен потребата за јакнење на капацитетите на судиите, неминовно е потребно да се зајакнат капацитетите на здруженијата на граѓани, при што во периодот што следи истите ќе се здобијат со теоретски и практични знаења во однос на меѓународните и регионални стандарди и механизми за заштита на женските права. Вака зајакнатите капацитети ќе придонесат кон обезбедување на сеопфатна и квалитетна правна заштита на жените жртви на насилство, како и преземање на заеднички акции за стратешко застапување на случаите на насилство на национално и меѓународно ниво.

Работиме на зголемување на степенот на информираност на жртвите за природата и начинот на одвивање на судските постапки за заштита и обезбедуваме на континуирана директна помош и поддршка на жените кои се соочуваат со насилство.