Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Преглед на судски предмети во однос на прекршување на работнички права, со фокус на предмети за дискриминација и вознемирување на работно место

Следењето на степенот на спроведување на женските човекови права, со фокус на насилството врз жените, претставува суштествен дел од работењето на Здружението ЕСЕ. Почитувањето на принципот на еднакви можности и еднаков третман, забраната за дискриминација и насилство врз жените се прашања од посебен интерес на Здружението, чие спроведување и почитување од понов датум го следиме преку мониторирање на судската пракса 1, односно тековно следење на судски предмети и спроведување на увид во завршени премети за насилство врз жени. Дополнително, состојбите во однос на вознемирување на работното место, како посебен вид на дискриминација, досега беа предмет на наше истражување во однос на повеќе аспекти како што се: законската регулираност; застапеност кај лицата од женски пол и степенот на информираност на жените работнички во однос на користењето на постојните механизми за нивна заштита во случаи на вознемирување на работното место.

Иако појдовна точка и приоритет на Здружението се и беа аспектите на родова еднаквост, сметавме дека предметната анализа 2 многу повеќе треба да одговори на општите прашања за судска заштита во случај на прекршување на работничките права, со фокус на дискриминацијата и вознемирувањето на работното место, па потоа врз основа на добиените податоци таа да послужи во истражувања за одделни специфични родови аспекти.

Важно е да се напомене дека при одредување на целта и предметот на оваа анализа го имавме предвид малиот број на овие судски предмети, односно сите достапни предмети за истражуваниот период. Но сепак, тргнувајќи од фактот дека станува збор за феноменолошки појави (дискриминација и вознемирување на работното место) за кои повеќе аспекти, меѓу кои и судската заштита, сè уште не се доволно истражени, сметаме дека добиените првични сознанија врз основа на спроведениот мониторинг на судски предмети ќе укажат на одредени индиции и потреби за нивно понатамошно детално анализирање.

Конкретно, подготвената анализа содржи општи податоци за  обемот и видот на работните спорови, но и специфични податоци за тоа во кој обем и против кого се иницираат судски постапки за заштита на работничките права во делот на повреда на правото на еднаков третман (дискриминација) и вознемирување на работното место, основаноста на тужбените барања, дел од процедуралните аспекти и, секако, видот на донесената одлука.

Сметаме дека оваа анализа ќе ги даде првичните сознанија за судските постапки од овој вид и ќе претставува основа за понатамошно проширување на опфатот и индикаторите за мониторирање на судски постапки кои за предмет на анализа ги имаат аспектите на родова еднаквост, еднаков третман и насилство на работното место.

Преглед на судски предмети во однос на прекршување на работнички права, со фокус на предмети за дискриминација и вознемирување на работно место

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар