Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Спојување на концептите на социјална отчетност и правно оспособување

 

Мониторинг и анализа на Програмата за рана детекција на малигни заболувања

Карциномот на дојка и карциномот на грло на матка се двете најзастапени малигни заболувања кај женската популација.

Карциномот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените во развиените земји и земјите во развој и на него отпаѓаат 28 % од сите форми на карцином во европскиот регион. Бројот на жени заболени од карцином на дојка бележи тренд на зголемување во светот, при што само во 2008 година се регистрирани вкупно 1 384 155 нови случаи. Во Република Македонија бројот на заболени жени од карцином на дојка исто така бележи тренд на пораст од 536 новооткриени случаи во 1995 година на 670 новооткриени случаи во 2007 година. Македонија спаѓа во земјите со средна стапка на инциденца, но со повисок морталитет, што пред сè се должи на откривање на карциномот во напреден стадиум, кога се ограничени можностите за лекување. За навремено откривање и лекување од ова заболување се користат различни превентивни мерки, односно програми за организиран скрининг на карцином на дојка. Најсоодветен начин за спроведување на скрининг на карцином на дојка е преку организирање на популациони програми за скрининг базирани на мамографија, кои се спроведуваат во најголем дел од земјите на ЕУ. Добро организирана програма со добар одзив би довела до намалување на смртноста за најмалку 20 % кај жените на возраст над 50 години. Затоа треба да се воведат долгорочни превентивни програми што ќе овозможат жените, а особено оние што се во неповолна социоекономска состојба да имаат пристап до нив. Според Светската здравствена организација, мерките за контрола на карциномот на дојка треба да бидат предвидени со национални програми за контрола на малигни заболувања како дел од националната стратегија за превенција на незаразни болести.  Според стандардите за спроведување на постапката на мамографија, на мамографско снимање треба да се подложни сите жени над 40‑годишна возраст во одредени временски интервали, зависно од возраста.

Карциномот на грлото на матката претставува трето по зачестеност малигно заболување кај женската популација. Во периодот од 2003 до 2008 година во светот биле регистрирани вкупно 1 555 341 случај на заболени жени од карцином на грлото на матката или 10,2 % од вкупниот број жени заболени од малигни заболувања. Бројот на жени заболени од карцином на грлото на матката бележи тренд на зголемување во светот и тоа само во 2008 година се регистрирани вкупно 530 232 нови случаи. Меѓутоа, овој вид на карцином е релативно редок во развиените земји, каде програмите за скрининг имаат повеќегодишна традиција, наспрема неразвиените и земјите во развој. Во РМ ова заболување е на второ место по зачестеност помеѓу малигните заболувања, односно бележи инциденца од 22 новооткриени случаи на 100 000 жители.  Смртноста од овој карцинм во РМ бележи стапка на опаѓање до 2011 година кога изнесува 1,5 случаи на 100 000 жени, меѓутоа од 2011 до 2014 година смртноста бележи пораст, па во 2014 година изнесува 4,1 случаи на 100 000 жени. Односно во 2014 од ова заболување во РМ умреле 42 жени.  Со цел рано откривање и навремено лекување на ова заболување, треба да се предвидат превентивни мерки во национални стратегии и национални програми за рано откривање и спречување. Најсоодветен начин за спроведување на скрининг на карцином на грлото на матката е преку редовни гинеколошки прегледи на жените и спроведување на ПАП‑тестови.  Оттука, треба да се предвидат бесплатни здравствени услуги што ќе овозможат сите жени, а особено оние што се наоѓаат во понеповолна социоекономска положба, да го остварат правото на превентивни прегледи.

Во Република Македонија превентивните мерки за скрининг на карцином на дојка и скрининг на карцином на грлото на матката се предвидени со Програмата за рана детекција на малигни заболувања, која е дел од превентивните програми што ги донесува Владата на РМ, а ги имплементира Министерството за здравството.

ЕСЕ од своите почетоци се залага за овозможување на пристап на жените до основните здравствени услуги, остварување на нивното право на здравствена заштита и превенција, со посебен акцент на жените што се наоѓаат во неповолна социоекономска положба; жените од руралните средини; жените жртви на семејно насилство и жените Ромки. Имајќи превид дека карциномот на дојка и карциномот на грлото на матката се најчестите малигни заболувања кај жените во Република Македонија, користејќи го пристапот на мониторинг и анализа на буџети, во континуитет го следиме степенот на спроведување на превентивната програма од 2011 година до денес.

Во нашата работа на ова поле постигнавме низа резултати. Имено, воспоставивме методологија за мониторинг и анализа на програмската и буџетската имплементација на Програмата за рана детекција на малигни заболувања и извршивме мапирање на одговорните институции задолжени за извршување на оваа програма. Исто така, креиравме база на податоци за следење на спроведувањето на мерките од оваа програма. Подготвивме анализи за степенот на спроведување на Програмата за рана детекција на малигни заболувања (скрининг на рак на грло на матка и скрининг на рак на дојка) во периодот од 2012 до 2015 година. Анализите се подготвени врз основа на прибраните  документи и податоци за програмската и буџетската имплементација на програмата на годишно ниво преку поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за здравство и јавните здравствени установи извршители на Програмата. Од анализите произлегоа низа наоди што укажуваат на недостатоци во однос на планирањето и спроведувањето на оваа Програма. Имено, во однос на скринингот на рак на грло на матка ги утврдивме следните клучни проблеми: буџетот за програмата за скрининг не е прогресивен, односно секоја година се планира речиси ист износ на средства за оваа програма, а во текот на секоја година со измените и дополнувањата на програмата тие се намалуваат; секоја година во просек се трошат само 65 % од планираните средства за програмата; секоја година се планира опфат на идентичен број жени со Програмата, без разлика на целната возрасна група, а со измените и дополнувањата во текот на годината планираниот број се намалува; опфатот на жените со програмата за скрининг секоја година е доста низок и во 2015 година изнесува само 4 % од целната возрасна група на жени (од 24 до 35 години); утврдени се низа недоследности во системот на координирање и известување помеѓу различните извршители на програмата. Недостигот од матични гинеколози во Р Македонија исто така претставува сериозна пречка за соодветно спроведување на оваа програма. Наодите од анализите секоја година ги промовираме на јавни настани и ги доставуваме до надлежните лица во Министерството за здравство. Скринингот на карцином на дојка не беше спроведен сè до 2015 година, иако Министерството за здравство од 2011 до 2014 година редовно издвојуваше средства за оваа намена. Скринингот за карцином на дојка започна да се спроведува во втората половина на 2015 година. Подготвивме и препораки за унапредување на програмата за скрининг на рак на грло на матка со детална анализа на сите проблеми и недостатоци поврзани со нејзината несоодветна имплементација преку формирање на работна група составена од релевантни експерти на ова поле. Препораките беа јавно презентирани и доставени до Министерството за здравство.  

За утврдување на состојбите на локално ниво во однос на опфатот на жените Ромки со програмата за скрининг на рак на грло на матка применивме методологија за мониторинг во заедницата.

Спроведовме континуирани активности за застапување пред Министерството за здравство и Министерството за финансии за зголемена буџетска алокација на средствата за спроведување на програмите за скрининг, а со цел зголемување на опфатот на жените со овие програми и унапредување на квалитетот на услугите што се нудат. Предложивме Министерството за здравство да обезбеди финансиски средства за покривање на трошоците за приватни специјализации по гинекологија и акушерство за матични гинеколози во општините каде што има недостиг од матични гинеколози и таа мерка беше усвоена од страна на Министерството. 

 

Мониторинг и анализа на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца

Правото на здравје и правото на соодветна здравствена заштита е уредено со повеќе меѓународни документи. Значаен дел од овие права е пристапот до превентивните здравствени услуги за мајките и децата, вклучувајќи ја и вакцинацијата. Унапредувањето на здравјето на мајките и децата, вклучувајќи го универзалниот пристап до здравствена заштита е дел од Одржливите развојни цели 2020 на Обединетите нации. Правото на здравје и универзалната покриеност со здравствена заштита во нашата земја е загаранитирано со Уставот и позитивните законски прописи со кои поспецифично се уредуваат прашањата поврзани со здравјето на граѓаните. Согласно законските прописи, кои се однесуваат на превенција и заштита на населението од заразни болести, вакцинацијата е загарантирана и бесплатна за сите лица што живеат на територијата на РМ. Вредно е да се напомене дека во насока на унапредување на здравјето на Ромите од страна на Владата усвоена е Стратегија за Ромите во Република Македонија 2014 – 2020, а во процес е и усвојување на Национален акциски план за здравство.  

Стапката на смртност на доенчиња е во пораст во Р Македонија. Имено, таа во 2010 година изнесувала 7,6 на 1 000 живородени, а во 2014 изнесувала 9,9, што е двојно повеќе од просекот на земјите од Европската Унија (4 на 1 000 живородени). При тоа смртноста кај новороденчињата и доенчињата е за 25 % повисока помеѓу ромското население. Националниот просек на опфат на населението со задолжителна вакцинација во Р Македонија изнесува над 95 %, со што е постигнат стандардот на СЗО. За разлика од националниот просек, опфатот со вакцинација кај децата од ромската заедница иако бележи пораст сè уште е на пониско ниво од националниот просек.

Во насока на унапредување на здравјето на децата од ромската заедница, имајќи ги предвид законски предвидените можности за правото на соодветна здравствена заштита на населението, како и исполнување на обврските кои Р Македонија ги презема во насока на унапредување на здравјето на Ромите, во изминатите седум години презедовме активности за унапредување на опфатот на мајките и децата Роми со превентивни здравствени услуги, вклучувајќи: зголемен опфат со вакцинација, зголемен опфат со услугите од службата за поливалентна патронажа, здравствена едукација и информација за детско здравје, зголемување на свесноста кај ромското население за важноста и значењето на вакцините, подобрување на пристапот и квалитетот на превентивните здравствени услуги за Ромите итн.

Во насока на зголемување на опфатот на децата Роми со превентивни здравствени услуги подготвивме и предложивме низа специфични мерки наменети за Ромите што беа усвоени во Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2011 година, со соодветна буџетска алокација. Пред сè, бидејќи оваа Програма на Министерството за здравство има за цел „континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период во насока на намалување на смртноста на доенчињата и матерналната смртност преку координирано спроведување на есенцијалните јавни здравствени функции врз основа на дефинираните приоритети идентифицирани преку редовен мониторинг на нивната здравствената состојба, со посебен фокус на ранливите групи население и со почитување на принципот на еднаква достапност до сите на кои услугата им е потребна“. Мерките се состоеа од дополнителни патронажни посети во ромски домаќинства, здравствена едукација на родителите Роми преку едукативни работилници и здравствено едукативни материјали и теренски активности за откривање на невакцинирани деца од ромските средини.

Од 2011 година до денес во континуитет ја следиме имплементацијата на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, користејќи ги методологиите на мониторинг и анализа на буџети, мониторинг во заедницата и социјална ревизија и се залагаме за унапредување на опфатот на мајките и децата од ромските заедници со превентивни здравствени услуги.

Како резултат на нашата работа во однос на ова прашање постигнавме повеќе  резултати. Имено, подготвивме анализи за имплементација на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата од 2011 до 2015 година. Анализите се подготвени врз основа на прибраните документи и податоци за програмската и буџетската имплементација на Програмата на годишно ниво преку поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за здравство и јавните здравствени установи извршители на Програмата, како и врз основа на податоците добиени од самата ромска заедница добиени преку методологиите на мониторинг во заедницата и социјална ревизија. Преку анализите ги утврдивме следните клучни наоди: буџетот на Програмата континуирано се намалува (од 20 милиони денари во 2011 година на 9,5 милиони во 2016 година), следствено на тоа се намалува и обемот и буџетот на активностите наменети за ромски средини; во просек на годишно ниво се трошат само 70 % од средствата на буџетот на Програмата; активностите наменети за ромски средини не се имплементираат во ромската заедница во видот и обемот во кој се планирани. Анализите редовно ги доставувавме до Министерството за здравство и јавните здравствени установи имплементатори на Програмата.

Ја запознавме јавноста со наодите од анализите, идентификуваните проблеми и целите за застапување преку одржување на јавни настани и конференции за печат.

Спроведовме низа средби и активности со надлежните институции (Министерството за здравство, Заводот за здравствена заштита на мајките и децата и Министерството за финансии) со цел зголемување на буџетот на Програмата и доследно спроведување на активностите наменети за ромски средини, преку кои обезбедивме планирање на активности наменети за ромски средини во Програмата во периодот од 2011 до 2015 година.

 

Мониторинг во заедницата

Мониторингот во заедницата го спроведуваме на две главни полиња: обезбедување превентивни здравствени услуги и вакцинација на децата Роми и обезбедување гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво и опфат со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за жените Ромки во РМ.

Согласно Уставот и законите, превентивната здравствена заштита за децата и вакцинацијата се загарантирани за сите граѓани во Република Македонија. Превентивните програми во надлежност на Министерството за здравство дополнително ги уредуваат мерките и активностите за превентивна здравствена заштита и вакцинација на децата, гарантирајќи низа бесплатни услуги од оваа област. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата од 2011 до 2015 година предвидуваше специфични мерки и активности наменети за превентивна здравствена заштита на мајките и децата од ромската заедница. Меѓутоа, и покрај законските одредби и специфичните мерки предвидени за унапредување на здравјето на децата Роми, податоците од спроведените истражувања укажуваат дека Ромите не се опфатени со овие превентивни активности во вид и обем како што е предвидено со превентивната програма и дека нивото на опфатеност на децата Роми со вакцинација е пониско од националниот просек.

Програмата за рана детекција на малигни заболувања преку програмата за скрининг на рак на грло на матка има за цел унапредување на здравјето на жените преку рано откривање и навремено лекување на овој вид карцином. Во Програмата нема предвидено специфични мерки за опфат на жените Ромки, иако истражувањата и сознанијата од теренот укажуваат дека жените Ромки се соочуваат со низа бариери во пристапот до гинеколошката здравствена заштита на примарно ниво. Заради соодветна имплементација на предвидените мерки и активности за превентивна здравствена заштита во програмите на Министерството за здравство наменети за жените и децата потребен е континуиран мониторинг на спроведување на превентивните мерки, како и преземање активности за зголемување на транспарентноста и отчетноста на државните институции за нивно спроведување. За оваа цел ЕСЕ го користи концептот на мониторинг во заедницата преку кој ромската заедница го надгледува спроведувањето на мерките и активностите за превентивна здравствена заштита од страна на државата. Имајќи ги предвид значењето и можностите што ги нуди концептот на мониторинг во заедницата, ЕСЕ, во партнерство со три ромски граѓански организации, врши мониторинг на превентивните мерки за здравствена заштита на жените и децата во четири општини и тоа: Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница. При спроведување на мониторингот соработуваме со НВО КХАМ од Делчево, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ од Шуто Оризари и Иницијативата за развој и инклузија на заедницата – ИРИЗ од Шуто Оризари.

Преку нашата работа ги зајакнавме капацитетите на партнерските ромски граѓански организации за работа на полето на мониторинг во заедницата, мониторинг на буџетите, транспарентност и отчетност, преку обуки и обезбедување континуирана помош и поддршка. Исто така ги зајакнавме капацитетите на партнерските ромски граѓански организации во однос на правата за превентивна здравствена заштита во однос на женското здравје и здравјето на мајките и децата што произлегуваат од програмите на Министерството за здравство и другите релевантни политики. 

Во соработка со партнерските организации ги зајакнавме капацитетите на ромското население во осумте општини во однос на нивните права од областа на превентивната здравствена заштита. Воедно ја мобилизиравме заедницата за да се вклучи во процесот на застапување за остварување на нивните права од областа на превентивната здравствена заштита на локално и национално ниво.

Спроведовме три последователни истражувања во заедницата во 2012, 2014 и 2016 година за да го утврдиме степенот на имплементација и квалитетот на превентивните здравствени услуги наменети за мајките и децата во ромските заедници во четирите општини. За таа цел подготвивме алатки (прашалници) и методологија за спроведување на истражувањето во заедницата. Заедно со партнерските ромски организации спроведовме истражување за да ги оцениме остојбите во однос на: опфатот со здравствените услуги за вакцинација, спроведување на активностите во заедницата (едукативни работилници и едукативни материјали), знаењата на родителите Роми за вакцините, пристапот до здравствените услуги за вакцинација, доставувањето на покани за вакцинација во ромските средини, квалитетот на услугите за вакцинација, комуникацијата на здравствениот персонал со населението, идентификација на невакцинираните деца, плаќањата поврзани со превентивните услуги, услугите од патронажната служба, координацијата помеѓу различните служби за вакцинација, како и опфатот на децата Роми со вакцинација.

Утврдивме пораст на опфатот на децата Роми со вакцинација во општините каде што работат партнерските ромски организации, особено во општината Шуто Оризари. Имено во 2012 година опфатот на децата Роми во оваа општина за различни вакцини изнесуваше од 50 до 94 %, додека во 2015 опфатот бележи пораст и за различни вакцини изнесува од 71 до 97 %.

Подготвивме методологија за претставување на податоците во форма на Картичка за оценка од заедницата за да бидат разбирливи за ромската заедница. Наодите од  истражувањата беа претставени во Картичка за оценка од заедницата и тие беа споделени со заедницата и релевантните донесувачи на одлуки на локално и национално ниво.

Спроведуваме континуирани активности за застапување на локално и национално ниво со цел унапредување на опфатот на мајките и децата од ромската заедница со превентивни здравствени услуги. Како резултат на напорите за застапување подобрени се условите за работа на патронажните служби во општините Шуто Оризари и Делчево.

Го утврдивме опфатот на жените Ромки со гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво и со активностите од Програмата за скрининг на рак на грло на матка преку спроведено истражување во заедницата во општините каде што работат партнерските организации во 2015 година. За таа цел подготвивме алатки (прашалници) и методологија за спроведување на истражувањето во заедницата. Заедно со партнерските ромски организации спроведовме истражување за да ги оцениме остојбите во однос на: опфат на жените Ромки со матичен гинеколог, пристап до услугите од матичен гинеколог, квалитет на услуга кај матичен гинеколог, опфат со активностите од програмата за скрининг на рак на грло на матка, ставови и однесувања на жените Ромки во однос на превентивните гинеколошки прегледи, плаќања за бесплатни гинеколошки услуги кај матичен гинеколог и информираност на жените за правата што произлегуваат од програмата за скрининг на карцином на грло на матка. Наодите од  истражувањата беа претставени во форма на Картичка за оценка од заедницата и споделени со заедницата и релевантните донесувачи на одлуки на локално и национално ниво. Наодите покажуваат дека жените Ромки се соочуваат со низа бариери во однос на пристапот до гинеколошка здравствена заштита, од немање матичен гинеколог во општината Шуто Оризари, до незаконските наплаќања за бесплатните услуги кај матичните гинеколози. Исто така утврдивме дека опфатот на жените Ромки со Програмата за скрининг на рак на грло на матка е на доста ниско ниво, имено за период од три години (2012 – 2014 година) само 19 % од жените направиле ПАП‑тест според Програмата.

Спроведуваме континуирани активности за застапување пред надлежните институции за унапредување на пристапот на жените Ромки до гинеколошка здравствена заштита и зголемување на опфатот со активностите од Програмата за скрининг на рак на грло на матка.

 

Обезбедување параправна помош и поддршка на Ромите

Параправна помош и поддршка обезбедуваме во повеќе општини низ Републиката во која живее ромско население. Овој вид помош и поддршка ја обезбедуваме во однос на остварувањата на здравствените права на Ромите, односно остварување на нивното право на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациентите.

Согласно последниот попис на населението, домаќинствата и становите од 2002 година, во Република Македонија живеат 53 879 припадници на ромската етничка заедница, што претставува 2,66 % од вкупното население. Одредени студии пак, кои користат различни техники на истражување, укажуваат дека бројот на ромското население е многу повисок, односно изнесува околу 80 000 – 135 000. Положбата на Ромите во југоисточна Европа се карактеризира со: висока стапка на невработеност, маргинализирани и сиромашни предградија, потстандардна инфраструктура и услови за живеење, лоша здравствена состојба, ниско ниво на образование и несоодветна застапеност во политичката и јавната сфера.

Лошата здравствена состојба на Ромите е резултат на низа фактори, меѓу кои и нискиот степен на запознаеност на ромското население со здравствените права, како и со можностите за нивна заштита. Честите промени во сферата на обезбедување на здравствена заштита и здравствено осигурување во нашата земја дополнително го отежнуваат уживањето на правото на здравје кај Ромите. Оттаму, во 2010 година во соработка со ромските организации ЦДРИМ, КХАМ и РРЦ воведовме програми за обезбедување на параправна помош и поддршка на ромското население во Шуто Оризари и Делчево.

Во првата година од обезбедување на овој вид помош и поддршка, односно во периодот 2011 до 2012 година обезбедивме помош и поддршка за 587 Роми во однос на остварување на правото на здравје и други законски утврдени права. Во втората година, односно 2012 до 2013 година им помогнавме на 232 Роми. Следната 2013 –2014 година помош и поддршка обезбедивме за 476 Роми и во 2014 – 2015 година за 502 Роми. Со обезбедената помош и поддршка овозможивме Ромите да остварат права од повеќе области на живеење и тоа: остварување на правото на здравствено осигурување, односно пререгистрација на невработените лица за стекнување со ова право; право на рефундирање на средства; право на туѓа нега; право на еднократна парична помош; право на бањско лекување; право на користење на средства од социјална помош и обезбедување услови за располагање со овие средства; право на обезбедување на потребна документација (здравствена електронска картичка) за остварување на право на здравствена заштита и правото на користење на превентивни мерки согласно со дел од Владините програми за превентивна здравствена заштита и многу други.

Во 2011 година параправната помош и поддршка започна да се обезбедува за Ромите во општините Шуто Оризари со помош на организацијата ЦДРИМ  и во Делчево со помош на организацијата КХАМ. Во 2012 – 2013 година организацијата РРЦ се приклучи во обезбедување параправна помош во општина Шуто Оризари, додека во 2013 – 2014 година КХАМ го прошири обезбедувањето на овој вид помош и поддршка во с. Црник, општина Пехчево. Од 2015 до 2016 година параправна помош им беше обезбедена и на Ромите во Виница со помош на организацијата КХАМ.  Во 2011 година започнавме со обезбедување на овој вид помош и поддршка со вкупно четири лица – параправници , додека во 2015 – 2016 година нивниот број се зголеми на 15 лица.

Покрај помошта и поддршката на поединци, ромските партнерски организации редовно спроведуваат информативни активности од врата до врата преку кои ги информираат Ромите за можностите, односно видот на помош и поддршка што ја нудат параправниците во рамки на параправната програма. Напоредно ги запознаваат со здравствените права, вклучувајќи ги и можностите за нивна заштита. Ромските партнерски организации во рамки на своите активности на локално ниво спроведуваат и едукативни тркалезни маси на теми поврзани со здравствената заштита, здравственото осигурување и заштита на правата на пациентите со што се овозможува зголемување на степенот на запознаеност на Ромите со правата од областа на здравствената заштита, здравственото осигурување и заштитата на правата на пациентите. Во соработка со надлежните институции тие организираат јавни дебати на кои се дискутира за здравствените услуги што ги обезбедуваат здравствените домови, квалитетот на обезбедените здравствени услуги и можностите за унапредување на состојбите во општините во кои се обезбедува параправната помош и поддршка.

Од 2010 година ЕСЕ во континуитет им обезбедува техничка помош и поддршка на ромските организации што нудат ваков вид помош и поддршка. Техничката помош и поддршка се состои во континуирана едукација на параправниците и одржување на работилници за справување со стрес; постојано информирање на параправниците за најновите измени и дополнувања на законската и подзаконската регулатива од областа  на здравствената заштита, осигурување и заштита на правата на пациенти; правна помош и поддршка на работата на параправниците; воспоставување постапка за прием и работење со корисниците на параправна помош и поддршка; надзор и оценка на работата на параправниците; идентификување на стратешки случаи за застапување и обезбедување правни застапници што ги иницираат и ги водат овие случаи на прекршување на здравствените права и секаков друг вид помош и поддршка што им е потребен на нашите партнери. Наодите и резултатите од работата со нашите партнери вообичаено ги преточуваме во извештаи во сенка кон меѓународните документи за човекови права во однос на спроведувањето на ромското здравје. На овој начин нашето влијание од локално и национално ниво го префрламе на меѓународно ниво.

Меѓу најзначајните придобивки од обезбедувањето на параправната помош и поддршка може да се вбројат: унапредување на нивото на свесност кај Ромите, како на индивидуално, така и на ниво на заедница; разбирање на правата и одговорностите од страна на Ромите, не само во областа на здравството туку и во областа на социјалната заштита; промена на правниот статус поврзан со исполнување на правата на здравствена и социјална заштита; промена во однесувањето на Ромите кон себе и кон заедницата; воочливо чувство на граѓанска еднаквост; отворени можности за искажување на потребите и ставовите на Ромите во јавноста и други (дел од извештајот на надворешно спроведената евалуација на активностите спроведувани од ЕСЕ и трите ромски патнерски организации од 2011 година наваму).

 

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар