Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните институции

 

Фискална транспаретност и отчетност на јавните институции

Доброто владеење е од клучно значење за постигнување и одржување на макроекономската стабилност и стапката на развој во една земја, па оттука доброто менаџирање со јавните финансии, каде влегува и фискалната транспарентност, претставува клучен аспект за доброто владеење. Фискалната транспарентност овозможува остварување на двонасочна комуникација (дебата) помеѓу отворена влада и информирана јавност во процесот на донесување на одлуки и имплементирање на јавните фискални политики. Фискалната транспарентност, меѓу другото, треба да овозможи јакнење на капацитетите на јавноста за разбирање на макроекономските политики и избори на владата и зголемување на кредибилитетот на одлуките на властите. 

Меѓународниот монетарен фонд, Организацијата на економска соработка и развој, Организацијата на обединетите нации, Советот на Европа, Меѓународното партнерство за буџети (International Budget Partnership) и други значајни институции во меѓународни рамки имаат воспоставено мерки со кои ја промовираат важноста од транспарентното работење на владите и вклучувањето на граѓаните во своето работење.

Во Република Македонија единствени прописи со кои се олеснува пристапот на јавноста до работењето на јавните институции се регулирани со Законот за пристап до информации од јавен карактер, а пак јавното објавување на документи е регулирано преку законите од соодветната област. Но, и покрај сево ова, јавноста и понатаму има ограничен пристап до информации од јавен карактер, а пак институциите и понатаму не покажуваат волја за самостојно објавување на информации за своето работење. Ова е особено во доменот на финансиското работење. Учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки, креирање на владините политики, утврдување на приоритетите и распределбата на средствата од јавните буџети и понатаму останува тема што се заобиколува од властите, а јавноста и понатаму останува неинформирана за своите права од овој домен.

Во таа насока, а со цел да ги поттикнеме јавните институции проактивно да споделуваат информации за своето работење и да ја зголемиме свесноста на граѓаните за нивните права да партиципираат директно во процесите на креирање на јавните политики и донесувањето на одлуки, како и активно да го остваруваат правото на пристап до информации од јавен карактер, спроведовме низа активности од овој домен.

Па така, континуирано спроведуваме активности со цел оценување на ефективноста во програмското и финансиското работење на јавните институции, како и оценување на  нивото, начинот на спроведување и отстапувањата во спроведувањето на постојаните јавни политики. Напоредно работиме на зајакнување на капацитетите на јавните институции во спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и поттикнуваме проактивно објавување на информации за програмското и буџетското работење на јавните институции преку спроведување постапки за слободен пристап до информации од јавен крактер. На пример, во 2013 година инициравме и спроведовме 433 постапки за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер пред 37 јавни институции; 2014 година пак 891 пред 74 јавни институции, и во текот на 2015 година 970 пред 71 јавна институција. Во текот на 2013 година исто така инициравме 260 жалбени постапки поради прекршување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во 2014 година 363, а пак во 2015 година 256 жалбени постапки.  Дополнително, во текот на постапките користевме и други механизми за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно редовно поднесуваме претставки до Државниот управен инспекторат и тужби до Управниот суд на РМ.

Дел од нашите редовни активности се и оние во насока на оценување на нивото на реактивност и проактивност на јавните институции преку спроведување на методологија за мерење и оценување на нивото на отстапување од пропишаните обврски на јавните институции, утврдени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обемот на јавно достапни документи и информации за буџетското и програмското работење на јавните институции. Досега имаме објавено три независни извештаи во кои се прикажани оценките за нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавните институции во РМ за 2013, 2014 и 2015 година. Методологијата за оценка ЕСЕ ја разви и ја спроведува од 2012 година. Повеќе за наодите од спроведените оценки можете да дознаете на: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/kolkavo-e-nivoto-na-reaktivna-i-proaktivna-transparentnost-na-%D1%98avniot-sektor-vo-rm. Се трудиме секоја година да го зголемиме бројот на јавни институции чие проактивно работење е предмет на оценка. Имено, во 2013 година методологијата за оценка на нивото на проактивност ја аплициравме на работењето на седум јавни институции. Во 2014 година го зголемивме бројот на јавни институции за 11 (18 јавни институции), а пак во 2015 година за две повеќе од претходната (20 јавни институции).  Со методологијата за оценка на нивото на реактивна транспарентност во 2013 година опфативме 40 институции, а пак во 2015 година нивниот број го зголемивме на 67 јавни институции.

Континуирано објавуваме национални и меѓународни публикации и материјали од областа на транспарентноста и отчетноста во работењето на јавните институции, како и  граѓанска партиципација во донесувањето на одлуки и спроведувањето на националните јавни процеси и пристап до информации. Во 2014 година ЕСЕ разви детална централна база во која се содржани национални и меѓународни стандарди, норми и документи од споменатите области. Сите материјали во оваа база, кои се однесуваат на националните норми, се во консолидирана верзија, а пак позначајните меѓународни документи и стандарди се достапни на македонски јазик. Kон оваа база на податоци може да пристапите преку следниот линк: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/nachin-na-regulira%D1%9Ae-na-fiskalnata-transparentnost. Покрај меѓународните стандарди на сите зинтересирани настојуваме да им овозможиме полесен пристап до литература од оваа област на мајчин јазик. За оваа цел ЕСЕ континуирано преведува материјали од англиски на македонски јазик. Досега имаме преведено четири публикации што се достапни на следниот линк: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/za-da-doznaesh-poveke.

Нашето искуство и експертиза го користиме да дадеме конструктивен придонес во тековниот национален процес на креирање, спроведување и мониторинг на имплементацијата на Акциските планови за Отворено владино партнерство на РМ. Здружението ЕСЕ од 2014 година е активно ангажирано во процесот на подготовка, спроведување и следење на имплементацијата на мерките од приоритет 5 (фискална транспарентност) и приоритет 3 (пристап до информации). Од 2015 година пак, започнавме со подготовка и објавување на извештаи во сенка за имплементација на  мерките од приоритет 5 (фискална транспарентност) и приоритет 3 (пристап до информации). Досега ЕСЕ има објавено еден извештај во сенка што може да го погледнете на следниот линк:  http://www.esem.org.mk/pdf/Publikacii/2016/ESE%20Izveshtaj%20OVP%20022016%20web.pdf. Како резултат на нашите континуирани заложби за застапување во рамки на националниот процес за Отворено владино партнерство, во периодот од 2014 до 2016 година, Владата на РМ усвои неколку мерки предложени од ЕСЕ, и тоа: подготовка и публикување на полугодишни и годишни извештаи за програмската и буџетската имплементација на превентивните и куративните програми на интернет‑страницата на Министерството за здравство; измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер; објавување на сите податоци за одобрена и добиена странска помош на јавните институции; објавување на сите податоци поврзани со странските инвестиции во РМ итн. Во тек е подготовка на новиот акциски план за 2016 – 2018 година.

Во изминатите години активно работиме со цел да им помагаме на граѓаните да ги остварат своите права за информираност и пристап до информации од јавен карактер и ја олеснуваме комуникацијата помеѓу граѓаните и јавните институции во РМ. За оваа потреба во 2014 година развивме електронска платформа за поднесување барања за пристап до информации од јавен карактер до сите јавни институции во РМ по електорнски пат. Електронската платформа има за цел да ѝ помогне на јавноста поедноставно да поднесува барања и побрзо да добива одговор од јавните институции, но исто така и да ја тестира реактивноста на институциите, односно нивната подготвеност за споделување информации со пошироката јавност. Пристапот до електронската форма е на следниот линк: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/sledi-go-fiskalnoto-rabote%D1%9Ae-na-rm. Поспецифично ги едуцираме граѓаните за постапката за остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер преку овозможување на електронско пополнување на формата за поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер и формата за жалби за повредено право за пристап до информации од јавен карактер. Пристапот до електронските форми е на следниот линк: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/podnesi-bara%D1%9Ae-lichno. Исто така се трудиме сите заинтересирани да можат да го следат фискалното работење на Владата на Република Македонија и активно да се вклучат во дискусиите за моменталните политики и трендови во насока на нивно унапредување. За таа цел развивме база на отворени фискални податоци, која овозможува поедноставен, систематизиран и аналитички приказ на фискалните и буџетските податоци, како и: буџет на РМ, измени и дополнувања на буџетот на РМ, периодични извештаи за извршување на буџетот на РМ, завршна сметка на буџетот на РМ, извештаи за состојбата и управувањето со јавниот долг на РМ и други поважни документи што не ѝ се достапни на пошироката јавност во поедноставен и отворен формат, кој овозможува брза обработка и следење. До оваа база можете да пристапите на следниот линк: http://fiskalnatransparentnost.org.mk/index.php/baza-na-fiskalni-podjatoci. Во оваа база редовно ги објавуваме и сите информации со кои ЕСЕ располага во однос на имплементацијата на превентивните програми на Министерството за здравство.   

Влијаеме и врз зголемување на свесноста на граѓаните за нивните права и можности за пристап до информации и учество во креирањето, донесувањето и спроведувањето на фискалните политики преку промовирање на важноста од транспарентно и отчетно работење на јавните институции.  Па така, во 2015 година ја започнавме кампањата за унапредување на фискалната транспарентностна под наслов Фискална транспарентност Македонија. До денес кон кампањата се приклучени повеќе од 5 500 граѓани и неделно ја следат помеѓу 30 000 – 40 000 граѓани.

 

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар