Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Мониторинг на споведување на човековите права

 

Меѓународното право за  правата на човекот ја опфаќа Универзалната декларација за човекови права и девет меѓународни договори што содржат меѓународни стандарди во однос на почитување, промовирање и заштита на човековите права. Меѓународните договори за човекови права имаат обврзувачка сила за државите што ги имаат ратификувано, а пак нормите содржани во нив имаат силно морално и политичко влијание и врз оние држави што не ги имаат ратификувано. Многу од нив, како на пример двата меѓународни пакта и Конвенцијата за правата на детето, се широко ратификувани.

Телата задолжени за надгледување на договорите објавуваат многубројни „Општи коментари“ како стручни насоки за толкувањето на нормите од договорите. На пример, Комитетот за економски, социјални и  културни права го има објавено Општиот коментар број 14 (Право на највисок достапен стандард на здравје) што се однесува на Членот 12 од Меѓународниот пакт зa економски, социјални и културни права.

Сите тела формирани со меѓународните договори ја надгледуваат усогласеноста на државите со самите договори преку периодични извештаи што им ги поднесуваат државите, по што телата/комитетите објавуваат заклучни забелешки. Поголемиот дел од овие тела, вклучувајќи го и Комитетот за човековите права, Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, Комитет за правата на детето, Комитетот за заштита од тортура, Комитетот за елиминирање на расната дискриминација и Комитетот за правата на лицата со инвалидитет, под одредени услови можат да разгледуваат и поединечни жалби, бидејќи поголемиот дел од државите ги имаат ратификувано соодветните факултативни протоколи.

Клучни меѓународни договори за човекови права и тела задолжени за следење на нивната имплементација при Организацијата на Обединети нации се:

  • Меѓународен пакт за граѓански и политички права – спроведувањето на Пактот го надгледува Комитетот за човекови права;

  • Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права– спроведувањето на Пактот го надгледува Комитетот за економски, социјални и културни права;

  • Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените;

  • Меѓународна конвенција за укинување на сите форми на расна дискриминација – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитетот за укинување на расната дискриминација;

  • Конвенција против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко казнување или постапување– спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитетот против тортура;

  • Конвенција за правата на детето – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитетот за правата на детето;

  • Меѓународна конвенција за заштита на правата  на сите работници мигранти и членовите на нивните семејства – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитетот за работници мигранти;

  • Конвенција за правата на лицата со инвалидитет – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитет за правата на лицата со инвалидитет;

  • Конвенција за заштита на сите лица од принудно исчезнување – спроведувањето на Конвенцијата го надгледува Комитет за заштита на лица од принудно изчезнување.

     

Меѓународни механизми за заштита на човековите права

Освен горенаведниот систем за заштита заснован на известување пред посочените тела, тој опфаќа и постоење на тела создадени со Повелбата на Организацијата на Обединетите нации за заштита и промовирање на човековите права. Основното тело според Повелбата е Советот за човекови права, што во 2006 година ја замени Комисијата за човекови права. Советот за човекови права е помошен орган на Генералното собрание на ООН со мандат „да се осврнува на ситуации во кои има нарушувања на човековите права, вклучувајќи и сериозни и систематски нарушувања“. Обврските на Советот за човекови права вклучува: универзален периодичен преглед, специјални процедури, Советодавен комитет на Советот за човекови права (поранешен поткомитет за промоцијата и за заштитата на човековите права) и жалбена процедура.

Универзалниот периодичен преглед  е механизам преку кој државите, во рамките на Советот за човекови права на ОН, меѓусебно ја разгледуваат, на секои 4 години, состојбата со човековите права во секоја од нив. Тој е воспоставен во 2006 година. Првиот циклус на известување беше во периодот 2008 – 2011, а пак вториот циклус на известување во рамки на кој се разгледуваше и состојбата со човековите права во Р Македонија беше во периодот 2012 – 2016 година. Имено, разгледувањето на Р Македонија се спроведе на 18‑тата седница на Советот за човекови права на 30 јануари 2014 година. Релевантни чинители (Национални институции за човекови права, академски и истражувачки институции, здруженија на граѓани, регионални организации) имаат можност да придонесат во овој процес на разгледување на состојбата со човековите права преку поднесување на индивидуални или заеднички поднесоци во однос на реализација на едно или повеќе човекови права.

Во оваа насока претставник на ЕСЕ на 29. 11. 2013 година, во рамки на процесот на УПР при Советот за човекови права во Женева, ги презентираше клучните сфери на загриженост и препораките за унапредување на здравствениот статус на повеќе ранливи групи во Р Македонија, односно на: Ромите, лицата кои живеаат со ХИВ/СИДА, лица од ЛГБТ, жените, лицата со интелектуална попреченост и жртвите на трговија со луѓе.Учеството на претсесијата имаше за цел презентирање на состојбите во Р Македонија во однос на почитување на севкупниот корпус на човекови права, како и преземените активности во насока на унапредување на состојбите од 2009 година (Првиот циклус на известување на РМ) до вториот циклус на известување, односно февруари 2014 год. Значајно е да се напомене дека подготовката на заедничкиот поднесок за здравство, неговото презентирање пред Советот за човекови права на ООН на претсесија на 18-тата сесија, како и процесот на застапување насочен кон делегациите на државите членки што во интерактивен дијалог со Р Македонија ги потенцираа клучните сфери на загриженост од заедничкиот поднесок, придонесоа кон прифаќање на поголем дел од препораките содржани во поднесокот од страна на РМ. Во најголем дел беа прифатени препораките што се однесуваат на здравствените  аспекти, но не беа прифатени препораките што се однесуваат на воведување, односно регулирање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како конкретни основи за дискриминација.

По позитивните резултати од соработката и вмрежувањето на повеќе здруженија на граѓани во процесот на подготовка на Заедничкиот поднесок за здравство во рамки на Универзалниот периодичен преглед (УПП), ЕСЕ во мај 2016 година подготви и поднесе Извештај во сенка во однос на правото на здравје (Член 12) и правото на родова еднаквост (Член 3) до Комитетот при ООН задолжен за следење на имплементацијата на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. Воедно, на 58‑та сесија на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева, претставник на ЕСЕ укажа на повеќе проблеми во однос на остварување на правото на здравје на повеќе маргинализирани групи (Роми, жени, лица што живеат со ХИВ, корисници на дроги, лица со ретки болести, лица со интелектуална попреченост), остварување на обврската на државата за обезбедување максимум расположиви средства за остварување на правото на здравје ( Член 2.1), како и правото на родова еднаквост, вклучувајќи го правото на правна заштита на жени жртвите на насилство.

Специјални известувачи се независни експерти назначени од страна на Советот за човекови права со цел да се направи преглед и да се достави извештај за состојбата во земјата или за конкретната тема за човековите права. Овој систем на експерти е познат како систем на Специјални процедури воспоставени во 1979 година од страна на Комисијата за човекови права. Мандатот на специјалниот известувач за правото на здравје беше воспоставен од страна на Комисијата за човекови права во 2002 година, а од страна на новоформираниот Совет за човекови права мандатот беше одобрен и проширен во декември во 2007 година. ЕСЕ во насока на следење на состојбите со правото на здравје на маргинализираните групи на заедници во декември 2015 година подготви поднесок до Специјалниот известувач за правото на здравје. Поднесокот се однесува на прекршувањето на здравствените права на Ромка, за чиј случај е поднесена и тужба против Министерството за здравство. 

 

Мониторинг и заштита на женските човекови права

Со прифаќањето на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, во 1994 година се создаде и правна можност и обврска за државата за транспонирање на нејзините одредби за правата на жената и родовата еднаквост во националното законодавство. Дополнително, со ратификувањето на Факултативниот протокол на оваа Конвенција се овозможува поднесување на индивидуални случаи на прекршување на женските човекови права до Комитетот задолжен за следење на оваа Конвенција при ООН. Контролен механизам задолжен за следење на имплементацијата на стандардите предвидени со оваа Конвенција е посебно формирано тело, односно Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената.

Следејќи ја воспоставената пракса на мониторинг, ЕСЕ го подготови вториот Извештај во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената во 2012 година во соработка со Акција Здруженска.  Подготвените наоди од извештајот во сенка беа презентирани на претсесијата на Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на ООН во периодот од 30 јули до 3 август 2012 година. Освен учеството на претсесијата, обезбедивме учество и на 54-тата сесија  на Комитетот на која Република Македонија го презентираше својот периодичен извештај (11 февруари – 1 март 2013 година во Женева). Во оваа прилика имавме можност да ги презентираме наодите од извештајот пред  Комитетот  и да организираме „средба за време на ручекот“ (“lunch briefing“ средба) на која имавме можност директно, пред членовите на Комитетот,  подетално да ги елаборираме наодите на загриженост во однос на состојбата на жената во нашата држава.

Комитетот за дел од донесените заклучни препораки во 2013 година побара државата да извести во период од две години, односно во 2015 година и тоа за препораката 23 (а) и (д), кои се однесуваат на ефикасна заштита во случаи на семејно и сексуално насилство, како и ефективно гонење и казнување на насилството врз жени и 30 (в) во однос на состојбата на Ромите во специјалните училишта.

Во однос на овие препораки, ЕСЕ во соработка со организацијата Ла Страда и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ во 2015 година подготви и поднесе Извештај во сенка во однос на препораките  23 (а) и (д) и 30 (в). Извештајот се однесува на неефикасната и недоследната примена на законските одредби за насилство врз жени, вклучувајќи го и Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, недостатокот на сервиси за помош и поддршка на жртви, вклучувајќи механизми за нивно обештетување, бесплатна правна помош и застапување, како и недостаток на унифицирана база на податоци за насилство врз жени.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар