Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Оцена на степенот на правна и судска заштита

 

Психичко и сексуално вознемирување на работно место

„Насилството врз жените“ согласно со Декларацијата за елиминација на насилство врз жените  на ООН (1993) се дефинира како секој акт на родово базирано насилство  што резултира со или е веројатно да резултира во физичка, сексуална или психолошка повреда или страдање на жените, вклучувајќи ги и  заканите за такви акти, принуда или своеволно лишување од слобода во  јавниот или во приватниот живот на жената. Декларацијата ги препознава силувањето, сексуалното малтретирање, сексуалната злоупотреба, малтретирање на работното место и др. форми на насилство врз жените.

Нашата земја досега нема развиено одделна политика за адресирање на насилството врз жените. Националниот план за акција за родова еднаквост (2013 – 2016) ја дефинира стратешката определба на нашата земја на полето на родовата рамноправност, вклучувајќи го полето на „жените и вработувањето“ и „жените и насилството“. Во рамки на наведените стратешки цели за прв пат се предвидени конкретни (специфични) мерки во насока на градење на институционални претпоставки за справување со појавите на родово базирано насилство, како и мерки во насока на елиминирање на сите облици на дискриминација врз основа на пол на пазарот на трудот.

Оттука, истражувањата за појавите на психичко вознемирување и  сексуално вознемирување од родова перспектива претставуваат важен чекор во насока на унапредување на родовата еднаквост, посебно во однос на обезбедување еднакви можности и недискриминација на жената на работното место. Потребата за преземање на истражувачки активности е дотолку поизразена со оглед на фактот дека досега не се преземени истражувања и анализи за овие две појави од родова перспектива.

Важен чекор во насока на унапредување на родовата еднаквост, односно обезбедување еднакви можности и недискриминација на жената на работното место, како и добивање првични сознанија за насилство врз жените на работното место, претставуваше реализирањето на  две истражувања и тоа: „Истражување за психичкото и сексуалното вознемирување на жената на работното место“ и „Институционален одговор и организациски политики во однос на насилството на работното место“.  Сознанијата од првото истражување (реализирано над примерок од 809 анкетирани лица) овозможија добивање податоци во однос на: застапеноста и видовите преку кои се манифестира психичкото и сексуалното вознемирување на жената на работното место во јавниот и во приватниот сектор; зачестеноста на појавите; последен инцидент; реакција на жртвите на психичко и сексуално вознемирување; последици по здравјето, личниот и професионалниот живот; влијание на професионалните карактеристики и организациската  култура врз појавата на одделни видови на психичко и сексуално вознемирување како и ставови и мислења на жртвите и испитаничките во однос на: застапеноста, законската регулираност како и потребните мерки за третман и заштита на жртвите. Второто по ред спроведено истражување „Институционален одговор и организациски политики во однос на насилството на работното место“ беше реализирано со цел утврдување на постапувањето на надлежните институции (Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Канцеларијата на Меѓународната организација на труд), како и постапувањето на другите актери во превенирање и елиминирање на појавите на психичко и сексуално вознемирување на работното место (синдикати, здруженија на граѓани, здруженија на работодавачи). Воедно, предметен фокус на ова истражување беа и организациските политики и практики во однос на пријавување и постапување во случаи на вознемирување на работното место.

Добиените сознанија  од горенаведените истражувања укажаа на недоследности во примената на Законот за заштита од вознемирување на работното место, од што произлезе и потребата за подготовка на анализа во однос на степенот на имплементација на овој закон, со посебен  фокус на механизмите за заштита што тој ги предвидува (постапка за заштита пред работодавач и судска заштита).  За потребите на анализата и прибирање на квалитативни податоци беа реализирани 17 интервјуа со претставници од јавниот сектор, 17 интервјуа со претставници на приватни компании, две интервјуа со претставници на синдикални организации, две фокус‑групи со лица вработени во јавен и приватен сектор. Квантитативните податоци за постапувањето на надлежните институции беа обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Дополнително, со цел пошироко промовирање на Законот за заштита од вознемирување на работното место помеѓу вработените од јавниот и приватниот сектор, ЕСЕ подготви Водич за заштита од вознемирување на работното место. Во декември 2014 година Анализата беше испечатена во 1 000 примероци, а пак Водичот беше испечатен  во 2 000 примероци.

 

Проект на УСАИД за правна заштита на жените

Проектот на УСАИД за правна заштита на жените го адресира нискиот степен на правна заштита на жените жртви на насилство и дискриминација: семејно насилство, сексуално насилство, трговија со луѓе и сексуални работнички. И покрај законските одредби за заштита на жените жртви на насилство и активноста на граѓанските организации во промовирање на правата на жртвите и обезбедување директна помош и поддршка, сепак во пракса жените жртви на одделни форми на насилство не добиваат соодветна и ефективна правна заштита.

Во последните 10 години е присутен тренд на континуирана висока застапеност на семејното насилство, при што главните проблеми со кои се соочуваат жртвите во пристапот до правдата се повеќебројни. Дел од нив се: мерките за заштита не се обезбедуваат на унифициран начин на цела територија на РМ; не се почитува законски предвидениот рок за изрекување на привремени мерки за заштита во граѓанските судски постапки; во кривичните судски постапки се изрекуваат поблаги казни за сторителите на семејно насилство како и подведување на семејното насилство како прекршок или поплака. Силувањето како сериозна форма на насилство врз жените не се третира соодветно и не се преземаат соодветни мерки на полето на негова превенција и заштита на жртвите. Не постои истражување за застапеноста и карактеристиките на сексуалното насилство во државата. Дел од институциите сериозно ги прекршуваат човековите права на сексуалните работнички, што резултира во нивно обесхрабрување и непријавување на насилството во надлежните институции. Не постојат посебни програми за социјална заштита на лицата што нудат сексуални услуги, како и мерки за елиминирање на ризиците по здравјето и сигурноста. Државата не успева да ја спроведе законски предвидената заштита на жените жртви на трговија со луѓе, вклучително и прогонот и казнувањето на сторителите. Жените жртви на трговија со луѓе исто така се соочуваат со повеќе проблеми, меѓу кои: низок број на обвиненија и осудителни пресуди споредено со бројот на жртви што биле идентификувани; секундарна виктимизација во текот на кривичните постапки; изостанува надоместот на штета за претрпено насилство; непочитување на основните права на жртвите, вклучително на правото на информирање, правна помош и заштита итн.

Во насока на исполнување на стратешката определба на ЕСЕ во континуитет да ги мониторира преземените активности на државата на ова поле, во 2013 година започнавме  со процес на мониторирање на судските постапки за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ) за семејно насилство. Спроведеното набљудување на тековните судски случаи  и вршењето на увид во веќе завршени предмети резултираше со подготовка на анализа на постапувањето на граѓанските судови при изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство. Овие наоди послужија за подготовка на Прирачник за постапување на судиите во постапките за заштита од семејно насилство, кој ЕСЕ го подготви во соработка со Проектот за модернизација на судството на УСАИД. Со цел соодветно информирање на жртвите за иницирањето, текот и епилогот од постапките за изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство подготвивме „Водич за привремените мерки за заштита од семејно насилство“.

Во 2015 година овие активности суштински ги надополнивме со иницирање на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените и воспоставување на соработка со двете партнерски организации: Отворена Порта – Ла Страда Македонија и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“. Основна цел на ЕСЕ со спроведување на овој проект е обезбедување на соодветна правна заштита на жените жртви на насилство: семејно насилство, трговија со жени, сексуално насилство и насилство врз сексуалните работнички, преку унапредување на судското постапување во кривичните и граѓанските судски постапки, подобрување на националните закони и политики и зајакнување на капацитетите на граѓанските организации што обезбедуваат правна заштита за жените жртви на насилство. Во фокусот на нашите заложби е набљудувањето на тековните судски предмети за сите видови насилство врз жените, при што во соработка со Коалицијата „Сите за правично судење“ се собираат податоци за постапувањето на судиите во постапките од ваков вид. 

Во периодот 2014 – 2015 година работејќи во однос на овие прашања постигнавме низа резултати, меѓу кои: подготвивме анализа со основни податоци за судски предмети на насилство врз жените во периодот 2012 – 2014 година; формиравме работна група и со нивна помош подготвивме прашалници (формулари) за собирање на потребните податоци од судовите; воспоставивме соработка со 10 основни судови за спроведување на судското набљудување; ги зајакнавме капацитетите на 20 судии за примена на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените; формиравме група од 30 набљудувачи (млади правници) и ги зајакнавме нивните капацитетите за спроведување на судско набљудување; набљудувавме 409 судски рочишта поврзани со насилство врз жените; подготвивме полугодишна анализа (за 6 месеци) за постапувањето на судиите во постапките за заштита на жените жртви на насилство и ѝ ја презентиравме на јавноста; организиравме форум за судии за дискусија на наодите и дефинирање на препораките за унапредување на степенот на судска заштита во однос на жените жртви на насилство; работевме на зајакнување на капацитетите на 10-тина граѓански организации за подготовка и застапување на случаи на родово засновано насилство на национално, регионално и меѓународно ниво итн.

Напоредно со споменатите активности, продолживме да обезбедуваме директна помош и поддршка на жените жртви на насилство, а исто така работиме и на  стратешко застапување на одредени случаи на насилство врз жените на национално и меѓународно ниво.

За погоре наведените проблеми ЕСЕ извести пред релевантите меѓународни тела за заштита на човековите права. Имено, ЕСЕ редовно поднесува Извештај во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените.  Наодите од Извештајот во сенка поднесен во 2013 година беа преточени во последните заклучни коментари што Комитетот за елиминирање на дискриминацијата врз жените ги упати до нашата држава и во однос на нив побара од нашата држава да одговори до 2015 година. Комитетот побара од нашата држава во рок од две години да преземе конкретни систематски мерки и активности за подобрување на статусот на жртвата, како што се: воспоставување на ефективен механизам за надомест на штета, едукација на судиите и претставниците на другите институции, подигање на јавната свест, зголемување на директната помош и поддршка за жртвата. Во 2015 година ЕСЕ во соработка со Ла Страда и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ подготви и поднесе Извештај во сенка во однос на неефикасната и недоследната примена на законските одредби за насилство врз жени, вклучувајќи го и Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, недостигот на сервиси за помош и поддршка на жртви, вклучувајќи и механизми за нивно обештетување, бесплатна правна помош и застапување, како и недостиг на унифицирана база на податоци за насилство врз жени.

 

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар