Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Обезбедување помош и информации

 

Обезбедување помош и поддршка поврзана со здравјето на жените

Жените и мажите имаат различни здравствени потреби што се условени од нивните биолошки разлики, социоекономските услови и културолошките разлики. Жените имаат право да ги уживаат највисоките достапни стандарди на физичко и на ментално здравје. Уживањето на ова право е од витално значење за нивниот живот и добросостојба, како и за нивната можност да учествуваат подеднакво во спроведување на јавниот и приватниот живот.

Потребите на жените во однос на здравјето и здравствената заштита се препознати и се уредени во домашното законодавство, пред сè во Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за заштита на правата на пациенти, како и во Програмите на Владата на РМ што се во надлежност на Министерството за здравство.

Меѓутоа, и покрај соодветната законска регулатива и постигнатиот напредок во однос на унапредување на здравјето на жените во Р Македонија, сепак опфатот на жени со специфични услуги за женското здравје на примарно ниво не е подеднаков за сите жени на територијата на Р. Македонија. Особен проблем со овие услуги претставува опфатот на жените од маргинализираните групи, од кои предничат жените Ромки, жените од руралните средини и жените што живеат во неповолни социоекономски услови. Поради тоа, од особено значење е доследно спроведување на веќе усвоените политики и мерки за унапредување на здравјето на жените, како и вклучување на специфични активности наменети за ранливите категории жени во постојните здравствени политики.

Поаѓајќи од нашата определба за унапредување на положбата на жената преку поголема информираност за здравствените проблеми и поттикнување за самостојно донесување на здрави избори, отворивме Здравствен информативен центар. Преку овој центар обезбедуваме достапна, квалитетна и бесплатна здравствена информација и услуга за сите девојки и жени без оглед на нивната возраст, финансиска состојба и етничка припадност. Овој центар работи од 2004 година во рамките на ЕСЕ.

Здравствениот информативен центар е отворен и за машката популација, особено за прашања поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, контрацепцијата и сексуално преносливите инфекции, состојбите што се поврзани со одговорност и одлука од страна на двата партнери.

Здравствениот информативен центар од неговото формирање до денес ги извршува своите редовни активности и обезбедува: здравствени информации и совети за своите клиенти (постојани и нови), промоција на своето работење и консултации за специфични заболувања во кои спаѓаат остеопорозата, сексуалното и репродуктивното здравје и во секој момент одговара на тековните потреби на своите клиенти, и постојани активности за подигнување на јавната свест кај жените, вклучувајќи ја и машката популација.

Досега приближно 900 клиенти се обратиле во Здравствениот информативен центар. Само во текот на 2015 година Здравствениот информативен центар го посетија вкупно 32 клиентки за добивање совети или користење директни услуги.

Во рамки на Здравствениот информативен центар преку официјалната интернет‑страница јавноста постојано се информира за услугите што ги нуди центарот и се објавуваат информации поврзани со здравјето на жените и Ромите, а со цел подигнување на свесноста на населението за остварување на нивните права од областа на здравството и заштитата на своето здравје.

 

Обезбедување помош и поддршка на жените жртви на семејно насилство

Центар за правна помош за жртви на семејно насилство

Насилството во семејството претставува кршење на основните човекови права. Семејното насилство претставува злоупотреба на моќта во односите засновани на нееднаквост  во рамките на една семејна заедница и се определува како збир на однесувања со цел да се воспостави контрола врз другите преку примена на сила, застрашување и манипулирање. Вообичаено, насилството во семејството подразбира континуирана примена на физичка и психичка сила насочена од и кон членовите на семејството, а се манифестира преку следниве форми: психичко, физичко, сексуално и економско насилство.

Семејното насилство не е нова појава и веројатно постои отсекогаш. Емпириските истражувања укажуваат дека најчести жртви на семејното насилство се жените,  децата и старите лица. Последиците од изложеноста на насилство се многубројни и значајно влијаат на менталното здравје на оние што се директно изложени, но и на оние што се индиректни жртви на семејно насилство. Најчести последици се: ниско ниво на самопочитување, напнатост, депресивност, агресивност, обиди за самоубиство, зависност, нестабилност во партнерските релации, намалена работоспособност и др.

Нормативното уредување на односите поврзани со семејното насилство во нашата земја е од понов датум, од 2004 година. Карактеристика на постојните законски решенија, како во граѓанското така и во казненото законодавство е нивната усогласеност со меѓународните стандарди и препораки за оваа сфера што налагаат воведување на сеопфатни законски решенија, односно инкриминирање на семејното насилство и воведување на привремени мерки за заштита на жртвите. Досегашните истражувања за семејно насилство реализирани од страна на здружението ЕСЕ укажуваат на постојан тренд на висока застапеност на семејно насилство во временски период од 10 години.

Преку работењето на Центарот за правна помош за жртви на семејно насилство им овозможуваме еднаков пристап до правда на сите ранливи категории жени, посебно на жртвите на семејно насилство. Со обезбедување на бесплатна правна помош и судско застапување на случаите на семејно насилство, овозможуваме зголемување на степенот на правна писменост на овие жени, но и ги охрабруваме во барањата за соодветна правна заштита од семејно насилство.

Од 2002 до 2015 година во Центарот за правна помош  на ЕСЕ:

  • се обратиле вкупно 3 639 корисници;

  • биле реализирани 6 295 индивидуални средби со стручниот тим на Центарот за правна помош;

  • обезбедени се совети во однос на: развод на брак (1 499), издршка (1 047), старателство (439), имотни односи (535), кривични предмети (141);

  • подготвени се 1 407 тужби, 99 жалби, над 20 предлози за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и др.

„На здружението ЕСЕ сум му благодарна за дадената бесплатна психосоцијална поддршка и помош, како и за правната  помош што ја добив од нивна страна во период од мојот живот кога ми беше најтешко. Имено, јас бев подолги години жртва на семејно насилство од страна на мојот сопруг алкохоличар, кој постојано ме малтретираше психички и физички.

За здружението ЕСЕ дознав од медиумите. Кога дојдов првпат бев примена со најголемо внимание и разбирање од страна на вработените. Ми беа објаснети моите права и што сè можам да преземам. Во центарот за правна помош ми беше подготвен предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Со тие мерки мојот сопруг беше принуден задолжително да се лекува од зависност од алкохол.

Помошта и поддршката што ги добив од ЕСЕ ме охрабуваа да издржам во тешките моменти во мојот живот, да  се здобијам со поголема самодоверба и сигурност дека  проблемите кои ги имав ќе бидат решени“.

Изјава на  Ј. М., корисничка на услуги на Центарот за правна помош Скопје

 

Психолошко советувалиште за жртви на семејно насилство

И покрај потребата и законската предвиденост за обезбедување психосоцијална помош и поддршка на жртвите на семејно насилство како мерка за заштита,  таа не беше возможно да се обезбеди поради непостоење на соодветно советувалиште. Од овие причини, во  2009 година го отворивме првото Психолошко советувалиште за жртви на семејно насилство. Воедно, за потребите на Психолошкото советувалиште беа  подготвени: програма за работа со жртвите, низа инструменти за проценка на ризик  со цел ефикасно обезбедување помош и поддршка, како и  прирачник за работа наменет за професионалци што  работат на ова поле.

Овој специјализиран вид на советувалиште им нуди  директна психосоцијална поддршка на сите жртви на семејно насилство што се подготвени да го прекинат кругот на насилство и да го променат дотогашниот начин на живеење. Советувачот терапевт обезбедува специјализирана помош преку водење на жртвата низ процесот на помагање, притоа зајакнувајќи ја нејзината независност во донесувањето на вистински одлуки. Како резултат на обезбедената психолошка помош и поддршка кај жените се јавува подобрување на нивната психолошка состојба и подобрување на квалитетот на комуникација со членовите на семејството.

Од 2009 до 2015 година во психолошкото советувалиште:

  • се обратиле вкупно 256 корисници;

  • биле реализирани 529 индивидуални средби со стручно лице;

  • обезбедени се 317 психолошки советувања и над 173 тераписки интервенции.


 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар