ЕСЕ се приклучи кон протестот на граѓанските организации и побара од Министерот за здравство и останатите надлежни институции итно да се повлече Предлог законот за прекинување на бременост

ЕСЕ се приклучи кон протестот на повеќе граѓански организации кои на ден 29.05.2013 година јавно протестираа пред Собранието на РМ поради поставување на Предлог- законот за прекинување на бременост на дневен ред за усвојување во скратена постапка.

Обидот за носење на нов закон во скратена постапка, без притоа да се спроведе опсежна и јавна расправа со општата и стручната јавност, како и граѓанските организации кои работат на полето на женски човекови права и човекови права, воопшто,  уште еднаш ја потврди праксата на продукција на закони и политики без притоа да се земат предвид потребите на жените и уште повеќе последиците кои овие решенија можат да ги имаат на краткорочен и долгорочен план.

Ова дотолку повеќе што со предлог-законот се задира во областа на репродуктивните права на жената, односно слободата и правото самостојно да одлучува за себе и својот живот. Со предлог законот се предлагаат решенија кои го ограничуваат и усложнуваат начинот на прекинување на бременоста, како и се промовираат одредени постапки кои се во духот на сегашната политика на Владата за промовирање на многудетно семејство.

Всушност, предлог законот преставува продолжение на напорите на Владата која во изминатите години засилено промовира ретроградни и традиционални односи помеѓу мажите и жените содржани во кампањите за промоција на значењето на семејството и укажување за  “штетните последици од абортусот„.

Протестите и инцијативата на граѓанските организации досега се поддржани од страна на над 70 граѓански организации и поединци. Доколку не бидат усвоени барањата за повлекување на предлог-законот, граѓанските организации ќе продолжат со протести и останати форми на изразување на несогласување со политиката по однос на ова прашање.