ЕСЕ се приклучи на протестот против донесување на предлог законот за прекинување на бременост

ЕСЕ го поддржа протестот кој се одржа пред Собранието на РМ на 06.06.2013, на кој се вклучија стотина претставници на граѓанскиот сектор во Р. Македонија. Протестот беше одржан против одлуката на Собранието на РМ за донесување на предлог законот за прекинување на бременост по скратена постапка. Граѓанските организации побараа целосно повлекување на законот и формирање на работни тела во кои ќе се вклучат граѓанските организации и жените за заедничко креирање на законот.

Во Собранието жестока дебата за законот за прекин на бременоста, надвор свирежи и протести. За министерот за здравство Никола Тодоров законот е добар - го штити здравјето на жената и нема да подлежи на големи промени.

Опозицијата побара итно повлекување на спорниот закон со кој се кршат основните права на жената. Според нив, потребен е нов закон, но под лупа на експертите и невладиниот сектор. 

Додека пратениците дебатираа со министерот во Собранието, надвор со свирежи невладините организации повторно побараа законот да се повлече, со едногласна порака: Жената и нејзиното здравје не се „скратена постапка“.

Бришење на писменото барање, присуството на брачниот другар при советувањето и директното влијание на министерот во формирањето на комисиите кои ќе одлучуваат за прекин на бременоста, се само дел од 15-те амандмани кои се предложени од пратеничките од владината коалиција, а треба да се разгледаат на матичната собраниска комисија.

Опозицијата не поднесе ниту еден амандман, со образложение дека предлог законот не може да се шминка, туку е потребно целосно нов текст. 

Погледни видео

Извор: 24 вести – 06.06.2013