Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

За Ромите, некогаш правдата е најдобар лек

Една жена се обраќа кај гинеколог на преглед, но гинекологот бара таа да плати за услуга која е бесплатна за пациентите.

Едно мало дете и неговите родители никогаш не се информирани за вакцинацијата од сипаници, заушки и рубеола.

Еден човек со потреба од дијализа е исфрлен од болницата, бидејќи тој бара надоместок за превоз кој е задолжителен според законот.

Ова се само неколку од многуте прекршени здравствени права со кои се соочуваат Ромите во Македонија. Но, работата на параправниците Роми веќе има големо влијание на здравјето на Ромите во нивните заедници.

За да се заштитат здравствените права и да се влијае за системска промена, четири граѓански организации во Македонија ги здружија силите. Три од нив се локалните ромски организации- Центар за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ, НВО КХАМ Делчево и Ромски Ресурсен Центар - РРЦ. Четвртата организација, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ работи на национално ниво и работи на полето на унапредување на човековите права со солидно искуство во сферите на застапување и истражување.

Секоја ромска граѓанска организација има по два параравника, кои се селектирани од нивната заедница. Нивното разбирање за локалните проблеми и довербата која ја имаат во заедницата им овозможува да воспостават силни врски со клиентите. Додека, Здружение ЕСЕ обезбедува обуки за ромските граѓански организации, го надгледува работењето со предметите и интервенира во особено сложени и тешки случаи.

Параправниците спроведуваат теренска работа од врата-до-врата и работат во канцеларија. Тие слушаат, даваат совети, а во некои случаи интервенираат преку придружба на клиентите до локалните власти или здравствените установи каде што преговараат за разрешување на проблемите, поднесуваат жалби и ги користат механизмите за заштита на правата. Исто така тие им помагаат на многу Роми да добијат документи за лична идентификација без кои тие не можат да добијат здравствено осигурување.

Параправниците, исто така придонесуваат за системски промени во Македонија. На пример, многу даватели на здравствени услуги, незаконски бараат пациентите Роми да плаќаат за услуги како гинеколошки прегледи и вакцинација, и голем дел од нив ги задржуваат личните документи на пациентите Роми доколку тие не се во можност да ги платат болничките сметки. Оваа состојба значително се подобри како резултат на постојаните интервенции на параправниците.

Параправниците исто така им помагаат на Ромите, тие самите да се залагаат и да ги бараат своите права. Со спроведување на тркалезни маси во локалните заедници, параправниците го едуцираат населението за нивните здравствени права, и ги осознаваат локалните проблеми. Во Црник, село во источна Македонија, селаните самите успешно застапуваа за отварање на пункт за вакцинација кој ќе се отвори наскоро, воедно самото население иницираше постапка со која бараат Фондот за здравствено осигурување да ги прогласи нивното село за „рурална област“ што ќе овозможи отворање на амбуланта со матичен лекар во селото.

Со локална поддршка, овие четири организации ја носат правдата кон здравјето на Ромите во Македонија.

Центар за демократски развој и иницијативи, Хуманитарна и добротворна организација за Ромите (КХАМ Делчево), Ромски Ресурсен Центар и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ се грантисти на Фондација Отворено Општество.

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар