Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Експертски состанок на тема Социјална отчетност и правно зајакнување: Обединување на пристапите во борба за здравствените права

Во периодот од 2-3 декември, 2014 година во организација на Фондациите отворено општество, Њујорк во Њујорк беше организиран експертски состанок на кој присуствуваа повеќе граѓански организации од целиот свет кои работат на полето на социјална отчетност и правно зајакнување, како и обединување на двата пристапи во насока на унапредување на здравствените права. Состанокот имаше за цел разгледување на состојбите во однос на примената на двата пристапи; можностите за документирањето и учење; како и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои ги применуваат овие пристапи.  На оваа средба присуствуваа Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ и Борјан Павловски, координатор на програмата за  јавно здравство и женско здравје.

 

Седма Европска конференција за јавно здравје - „Премостување на разликите: Намалување на нееднаквостите во здравјето и здравствената заштита“

Седмата Европска конференција за јавно здравје се одржа во периодот од 19 – 22 ноември 2014 година во Глазгов, Обединетото Кралство. Темата на Конференцијата беше „Премостување на разликите: Намалување на нееднаквостите во здравјето и здравствената заштита“. На Конференцијата учествуваше координаторот на Програмата за јавно здравје и здравје на жените од Здружение ЕСЕ. При тоа претставникот од ЕСЕ имаше презентација на работилницата организирана од страна на ASPHER, со наслов „Човековите права во здравствената заштита“, при што беа презентирани активностите на ЕСЕ во рамките на работата на полето на унапредување на човековите права во здравствената заштита со посебен осврт на обуките кои ЕСЕ ги има спроведено за професионалците. Исто така претставникот на ЕСЕ имаше и постер презентација во рамки на постер сесијата на секцијата за здравје на мигрантите и етничките малцинства. Постер презентацијата се состоеше од дел од наодите од истражувањето „Сите сме луѓе: секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност – Состојбите во однос на здравјето, здравствената заштита и правото на здравје помеѓу Ромите во Република Македонија“.

Тимот на ЕСЕ во студиска посета на CEGSS, Гватемала

Во периодот од 10-15 ноември, 2014 година тимот на ЕСЕ беше во студиска посета на граѓанската организација CEGSS, Гватемала. Посетата имаше за цел размена на искуства од областа на применување на пристапите на социјална отчетност и правно зајакнување. Поточно, активностите кои CEGSS ги има преземено на полето на спојување на овие два концепти со цел унапредување на здравствениот статус и права на маргинализираните групи во Гватемала. За време на студиската посета тимот на ЕСЕ присуствуваше на  активностите за застапување организирани од страна на граѓаните од San Bartolo и Quiche во Гватемала, како и оствари посета на две заедници во кои се организираа настани по повод “Денот на правото на здравје”. Како резулатат на посетата договорена е понатамошната соработка на ЕСЕ и тимот на CEGSS на полето на спојување на концептите/пристапите на социјална отчетност и правно зајакнување за Ромите во нашата земја. Оваа студиска посета е дел од активностите на полето на обединување на двата пристапи на ЕСЕ поддржани од Фондациите отворено општетсво, Њујорк и Фондацијата отворено општество Македонија.

Семинар за „Менување на наративите кон Ромите во контекст на здравствената заштита“

Семинарот за „Менување на наративите кон Ромите во контекст на здравствената заштита“ беше организиран од страна на Фондациите Отворено општество - Њујорк и Американско-Австриската Фондација во периодот од 26 – 31 октомври 2014 година во Салцбург, Австрија. Семинарот беше наменет за граѓанските организации и здравствени работници од Македонија, Србија, Бугарија, Романија и Унгарија. На семинарот учествуваше координаторот на Програмата за јавно здравје и здравје на жените од Здружение ЕСЕ. Воедно на семинарот од страна на претставникот од ЕСЕ беа презентирани наодите од истражувањето „Сите сме луѓе: секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност – Состојбите во однос на здравјето, здравствената заштита и правото на здравје помеѓу Ромите во Република Македонија“. На семинарот учесниците имаа можност да се запознаат со различни техники и методи кои можат да се применат со цел да се надминат негативните наративи кон Ромите во здравствената заштита.

 

Почетна обука за параправници

Во периодот 24-26.10.2014 година Здружението ЕСЕ ја организираше почетната обука за програмите за параправна помош, при што фокусот беше ставен на правата од областа на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на права на пациенти. Станува збор за редовна активност која се организира еднаш годишно, со цел зголемување на степенот на знаења и вештини на координаторите и параправниците од ромските партнерски организации.

Во однос на концептот значајно е да се напомене дека почетната обука се повторува секоја година во рамките на проектот за параправна помош и при подготовката на обуката и работните материјали посебен акцент се става на две прашања: дали во изминатиот период се ангажирани нови параправници или координатори; кои се последните новини, односно измени во системот на здравствена заштита. Во однос на содржината беа опфатени следните компоненти: систем на здравствена заштита во државата, права и обврски од здравствена заштита и здравствено осигурување, права на пациентите и механизми за заштита, улогата на државниот здравствен и санитарен инспекторат.

На обуката свое обраќање имаа Борјан Павловски од ЕСЕ, Михајло Костовски од Фонд за здравствено осигурување, Ангелина Бачановиќ од Министерство за здравство, како и Вера Менковска од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. На настанот учествуваа координаторите и параправниците од партнерските организации ЦДРИМ И РРЦ од Шуто Оризари, како и КХАМ од Делчево.

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар