Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Проект на УСАИД за правна заштита на жените

Дел од заклучните  согледувања и препораки (параграф 23 а) на Комитетот на ООН, задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената (КЕДЖ) од 2013 година упатени до РМ  се однесуваат на потребата РМ да преземе мерки за обезбедување на соодветна правна заштита на жените- жртви на насилство. Воедно, Комитетот бара од нашата држава во рок од две години да обезбеди  и достави писмени информации за чекорите кои се преземени во однос на обезбедувањето на квалитетна правна заштита на жените жртви на насилство. Повеќе...

Имајќи ги предвид донесените препораки, како и  стратешката определба на ЕСЕ во континуитет да ги мониторира преземените активности на државата на ова поле, во 2013 година започнавме  со процес на мониторирање на судските постапки за изрекување на Привремени мерки за заштита (ПМЗ) за семејно насилство. Имено, во период од 10 месеци беше спроведено набљудување и увид во 84 судски предмети/168 рочишта за изрекување на овој вид на мерки за заштита од семејно насилство и тоа во следниве основни судови: Битола, Куманово, Штип, Струмица, Велес, Радовиш, Делчево, Дебар, Гостивар и Тетово. Спроведеното набљудување на тековни судски случаи  и вршењето на увид во веќе завршени предмети резултираше со подготовка на анализа на постапувањето на граѓанските судови при изрекувањето на привремените мерки за заштита од семејно насилство. Беа утврдени повеќе недостатоци меѓу кои: постапката за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во недоволна мера е промовирана како механизам за заштита кој може жртвата да го иницира непосредно со поднесување  на предлогот до судот; загрижува тоа што дел од наведените причини за незакажување на судско рочиште се од техничка природа и истите не смеат да претставуваат пречка за заштита на психичкиот и физичкиот интегритет на жртвата на семејно насилство; во предметите каде што жртвата непосредно го поднела предлогот за изрекување на ПМЗ до судот, за спроведување на вештачење при изведувањето на докази потребно е предлагачот да плати дополнителни трошоци; во судските постапки за изрекување на привремени мерки за заштита при изведувањето на докази со кои се докажуваат заканите од противникот, еден од доказите е листингот на повици од телефонскиот оператор кој може да се прибави само по барање на судот; во дел од судовите беше утврдена позитивна судска практика за изрекување на предложените привремени мерки за заштита по закажување на едно до две рочишта за таа намена, додека во  дел од судовите беа одржани повеќе од три рочишта и др. Наодите  од анализата беа пошироко дискутирани и развиени на индивидуални средби и еден заеднички форум со претставници на споменатите основни судови. Овие наоди послужија за подготовка на Прирачник за постапување на судиите во постапките за заштита од семејно насилство, подготвен во соработка со Проектот за модернизација на судството на УСАИД.

Во насока на соодветно информирање на жртвите за иницирањето, текот и епилогот од постапките за изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство беше подготвен „Водич за привремените мерки за заштита од семејно насилство“. Водичот е испечатен во 3000 примероци и истиот е дистрибуиран до основните судови во државата, како и преку Центарот за правна помош за жртви на семејно насилство на ЕСЕ. 

Започнатите активности на полето на набљудување на судски предмети, ќе бидат суштински надополнети при што во периодот 2015- 2017 година, ЕСЕ во соработка со двете партнерски организации: Отворена Порта-Ла Страда Македонија и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ ќе набљудува судски случаи  во кривична и граѓанска постапка за заштита на жените жртви на насилство и тоа со посебен фокус на жените жртви на семејно насилство, сексуално насилство, жртви на трговија со луѓе и жени кои се занимаваат со сексуална работа. Во рамки на овие повеќегодишни активности покрај судското набљудување ќе се јакнат капацитетите на судиите и граѓанските организации во насока на унапредување на примената на постоечките законски прописи и применување на меѓународните стандарди за заштита на жените –жртви на различни видови на насилство. Во овој период ќе продолжиме со обезбедувањето на директна помош и поддршка на жените-жртви на насилство и ќе преземаме заеднички акции за стратешко застапување на случаи на насилство на национално и меѓународно ниво.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар