Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Прилог за нетранспарентност на јавните институции

Пристапот до информациите од јавен карактер е право на секој граѓанин и претставува услов за одговорно и транспарентно работење на владините институции.

Транспарентното работење на јавните институции овозможува остварување на двонасочна комуникација (дебата) помеѓу отворена влада и информирана јавност во процесот на донесување на одлуки и имплементирање на јавните политики. Транспарентноста, меѓу другото, треба да овозможи јакнење на капацитетите на јавноста за разбирање на јавните политики и избори на владата и зголемување на кредибилитетот на одлуките на властите. 

Транспарентноста не се стекнува, туку се создава. Една држава ќе постигне високо ниво на демократско владеење тогаш кога вистински ќе ја оствари транзицијата од конзервативна кон отворена власт при што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со податоците во однос на тоа што прави државата со парите што тие ги инвестираат во неа. На тој начин граѓаните ќе бидат информирани како работат и што всушност работат нивните политички избраници и ќе можат да ги разберат одлуките што тие ги донесуваат, ќе можат да влијаат при нивното донесување, ќе учествуваат во нивното креирање и особено ќе стекнат доверба во власта  и ќе имаат чувство дека се рамноправни членови на општеството во кое живеат.

Голем број на истражувања кои го оценуваат квалитет на законската рамка за уредување на правото на пристап до информации од јавен карактер, покажуваат дека РМ се вбројува меѓу земјите кои имаат значително квалитетен Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Значаен пропуст кај овие истражувања е тоа што не го мерат квалитетот на имплементирање на Законот за слободен пристап до информации во самите земји.  Односно, поседувањето на квалитетен закон не гарантира и квалитетна имплементација на одредбите утврдени со истиот.

Во РМ Законот за слободен пристап до информации се имплементира веќе 9 години и претставува единствен начин за пошироката јавноста да добие некакви податоци и информации за работењето на јавните институции во РМ. И после 9 години од донесувањето на законот, јавноста сеуште не е информирана за правата кои и следуваат по овој закон, што потврдуваат наодите од истражувањата кои Здружението ЕСЕ ги спроведе во неколку општини од РМ. И понатаму најголеми корисници на можноста за барање на информации од имателите на јавни информации се граѓанските организации, што покажуваат и самите извештаи за работењето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер коja треба да се грижи за промоцијата на правото на информираност.

Наодите од истражувањата на Здружението ЕСЕ покажуваат дека голем дел од имателите на информации од јавен карактер немаат назначено лице за посредување со информации од јавен карактер или пак само формално го направиле истотот, како и голем дел од нив немаат објавено на своите интернет страници информации за лицетот одговорно за посредување со информации од јавен карактер, јавните службеници и понатаму и не се информирани за постењето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и за обврската за споделување на информации со јавноста итн.

Здружението ЕСЕ почнувајќи од 2011 година започна со имплементација на нова методологија во својата работа, а тоа е методологијата за мониторинг и анализа на буџети. Под мониторинг на буџети се подразбира следење на финансиското и програмското работење на одделни државни институции, додека, пак, под анализа на буџети се подразбира користење на различни методи и техники за пресметување и оценка на ефикасноста, ефективноста и успешноста во спроведување на буџетските постапки и политики, односно при планирањето, обезбедувањето и трошењето на јавните пари. Па оттука, клучно за успешно спроведување на истата е располагање со податоци за програмското и буџетското работење на јавните институции. Бидејќи не постојат јавно достапни податоци за буџетското и програмското работење на јавните институции, ЕСЕ во голем дел своите анализи ги базира на податоци добиени преку спроведување на постапката за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Како генерален заклучок кој може донесе од досегашното искуство на ЕСЕ од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, е тоа дека јавните институции на национално ниво се помалку реактивно транспарентни во однос на оние на локално ниво, а пак нивото на реактивност од година во година континуирано опаѓа.

Во текот на 2012 година поднесовме 433 барања до 37 јавни институции; 2013 година, поднесовме вкупно 445 барања до 40 јавни институции; а пак во 2014 година 891 барање до вкупно 74 јавни институции.

Нашето искуство покажува дека Министерството за финансии, Владата на РМ и Генералниот секретаријат на Владата се институции кои најмалку споделуваат информации во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер. Министерството за финансии на пример речиси на сите наши барања во изминатите 4 години кои се однесуваат за реализација на буџетот во здравството донесуваше заклучок за одбивање на барањата со образложение дека бараните информации претставуваат деловна тајна и се повикуваа на Упатството за трезорско работење во кое се вели дека трезорскиот систем ја обезбедува тајноста на податоците на трезорскиот систем. Институциите на национално ниво во голем број на случаи највешто знаат како да го избегнат обврската за споделување на информации и да го одбијат барањето.

Значајно уназадување во нивото на проактивна транспарентност се бележи кај Министерството за здравство кое во текот на 2014 година, од вкупно 146 барања одговор даде само на 30.

Голем дел од институциите ги пробиваат роковите за одговор по барање и решение по жалба утврдени со законот.

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која се грижи за спроведувањето на Законот и одлучува по жалби за прекршено право на пристап до информации, во голем дел го поддржува сегашниот начин на работење на јавните институции. Односно, кога одлучува по жалби против значајни јавни институции како Министерство за финансии, министерство за здравство, Влада итн. секогаш ги потврдува одлуките на имаелите и не ги зема во предвид образложенијата на жалителот. Комисијата има најголемо влијание врз институции од понизок ранг и во тие случаи има моќ и го спроведува законот.

Управниот суд пак, според искуствата на граѓанските организации, речиси секогаш ја потврдува одлуката на Комисијата. Но за да се поднесе тужба пред управниот суд граѓаните треба да платат 484 денари по тужба. А бидејќи практиките покажуваат дека оваа инстанца бавно ги процесира поднесените тужби и речиси секогаш одлучува негативно, граѓаните и граѓанските организации се демотивирани да го користат овој механизам.

Погледни го прилогот..

Извор: ТВ Телма, http://telma.mk/vesti/netransparentnost-na-javnite-institucii

Автор: Мирко Трајановски

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар