Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Обука за судии: Јакнење на примената на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на ОН

Во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените во периодот 21ви до 23ти септември, Здружението ЕСЕ организираше обука за судии на тема „Јакнење на примената на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на ОН“. На обуката присуствуваа 20 судии од 10 основни судови во кои се спроведува набљудување на тековни судски предмети поврзани со насилство врз жените, како и претставници на граѓанските организации кои се вклучени во спроведувањето на оваа иницијатива.

Обуката се организираше со цел подигнување на степенот на судска заштита на жените жртви на насилство и дискриминација и истата беше спроведена од претставници на организација од Малезија која има долгогодишно искуство и кредибилитет за работа на ова поле, IWRAW Asia Pacific, Ayesha Sen Choudhury и Jane Connors. Учесниците беа запознаени со содржината на Конвенцијата, вклучувајќи ги и останатите релевантни документи како што се Генералните препораки на Комитетот за елиминирање на дискриминацијата врз жените при ОН и Заклучните согледувања во однос на спроведувањето на одредбите од конвенцијата во Р. Македонија. Фокусот беше ставен на меѓународните стандарди и државните обврски во однос на насилството врз жените.

Составен дел на обуката беше и анализата на националната законска рамка и нејзиното спроведување согласно меѓународните стандарди за заштита на жените жртви на насилство и дискриминација. Во оваа насока, судиите од основните судови подготвија конкретни препораки за унапредување на граѓанските и кривичните судски постапки, како и пристапот до правдата за жените жртви на насилство.

Во периодот кој следи ќе бидат организирани форуми за судиите за дискутирање на можностите за унапредување на судската заштита и подготовка на законски измени и дополнувања во оваа насока.

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар