Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Отворено владино партнерство – подобрување на процесот на подготовка на акциониот план за поефикасни мерки

Здружението ЕСЕ на 29 февруари 2016 година, учествуваше во панел дискусија на тема Отворено владино партнерство – подобрување на процесот на подготовка на акциониот план за поефикасни мерки организирана од Центарот за истражување и креирање на политики.

На панел дискусијата ЕСЕ даде краток осврт на значењето, историјатот и развојот на ОВП во светот и кај нас, досегашните постигнувања, проблеми и предизвици во спроведувањето на акцискиот план кај нас, како и клучните препораки за негово натамошно унапредување.

Спроведувањето на процесот на ОВП го карактеризираат два спротивставени тренда. Па така, од една страна имаме позитивен тренд на експанзија на опен дата иницијативи; нови и подобри законски решенија за пристап до информации; нови начини за информирање, вклучување и изразување преку социјални медиуми и технологија;  развивање на меѓународни стандарди како што се стандардите за фискална транспарентност, транспарентност при експлоатација на природни ресурси и транспарентност во примање и обезбедување на странска помош итн. и од друга страна, негативен тренд на континуирано ниско ниво на доверба во јавните институции; намалување на степенот на уживање на основните човекови права и ниско ниво на вклученост на граѓаните во развојот на своите општества.

Клучна вредност на која се темели ОВП како иницијатива е градењето на партнерство на релација меѓу државните институции и граѓаните/граѓанскиот и бизнис секторот. Оваа иницијатива подразбира креирање и спроведување на мерки кои ќе значат унапредување на веќе постигнатиот степен на транспарентност, отчетност и одговорност на јавните институции кон своите граѓани. Иако, ОВП често пати се поврзува со развојот на софистицирани технолошки решенија за споделување на информации со кои располагаат јавните институции и иницирање на процеси за консултации со граѓаните, тој всушност значи нешто повеќе. Имено, тој претставува процес во кој Владата во партнерство со граѓанските организации ги признава и прифаќа секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, утврдува приоритети и предвидува мерки за спроведување на истите при што им овозможува на граѓаните да се вклучат во планирањето, спроведувањето и проценката на спроведеното од страна на државата. Технологијата всушност е алатка за постигнување на овие цели и во услови каде користењето на технологијата е единственото решение за проблемите на граѓаните, нејзиното користење не треба да резултира со нивно дополнително изолирање.

ОВП беше инициран во 2011 година од страна на 8 земји и 8 меѓународни граѓански организации, како заедничко партнерство за унапредување на владината транспарентност, отчетност и одговорност. Денес, во иницијативата учествуваат 65 земји и голем број на граѓански организации кои претставуваат лидери во спроведување на реформи и застапници на максимата дека јавните институции се ефикасни и ефективни онолку колку што ќе ги отворат своите врати за предлози и критика од јавноста. Досега, се развиени 99 заеднички акциски планови и спроведени се 2.000 поединечни национални реформи. Само 25% од овие реформски зафати се започнати и целосно реализирани. 

Буквата П во насловот на иницијативата ОВП е од круцијално значење. Имено, без постоење на партнерство и тоа партнерство со граѓанскиот сектор не може да постои успешен ОВП процес.  Но, граѓанските организации не треба само да учествуваат во подготовка на планот, туку треба да вршат и притисок со цел имплементација на мерките предвидени со акцискиот план. Од посебно значење е експертизата, отвореноста за соработка и флексибилноста на граѓанските организации. Успешниот ОВП процес подразбира и избегнување на сложени бирократски постапки и можност за практични и брзи решенија со цел надминување на секојдневните проблеми, елиминирање на ексклузивноста при донесувањето на одлуки и рамномерно распределување на моќта меѓу сите учесници во процесот. Од не помало значење за успешноста на овој процес се и ставот и размислувањата на претставниците на јавните институции. Имено, тие честопати сметаат дека имаат ексклузивно право да одлучуваат за тоа што е најдобро за граѓаните, при што јавните информации со кои располагаат ги третираат како личен имот. Оттаму, за успешноста на ОВП генерално и особено кај нас е особено важна прагматичноста при креирање на идните мерки. И на крај, една Влада која има реална намера да  го спроведе акцискиот план и со тоа има реална намера да го зголеми нивото на отвореност, треба да обезбеди соодветен износ на буџетски средства за спроведување на планираните мерки.

Македонија се приклучи кон оваа иницијатива од самиот почеток, во ноември 2011 година. Во мај, 2012 година без партнерство со граѓанскиот сектор се усвои првиот план. Вториот акциски план е донесен во мај 2014 година во процес во кој беше вклучени дел од граѓанскиот сектор. Вториот акциски план е поделен на седум (7) области/приоритети и предвидува спроведување на 51 мерка за постигнување на повисоко ниво на отвореност во работењето на Владата на РМ.  Во голем дел мерките од акцискиот план (зборувам за приоритет 3 и приоритет 5 од акцискиот план во кои ЕСЕ директно учествуваа) претставуваат копирање на основни надлежности на јавните институции и редовните програмски активности на граѓанските организации. Воедно, со планот се предвидува исполнување на постојани законски обврски кои се задолжителни за јавните институции и без постоење на акцискиот план. По својата содржина голем број од мерките не претставуваат надополнување на веќе постигнатите резултати и унапредување на сегашното ниво на отвореност на владините институции, туку спроведување на активности кои веќе се спроведуваат и чии резултати веќе се очекува да се остварат. Акцискиот план содржи широк обем на мерки без притоа да се стави акцент на решавање на одредена конкретна област при што се губи можноста за суштинско делување и решавање на идентификуваните проблеми. Начинот на кој се формулирани мерките не овозможува можност за следење и оценка на степенот на нивна реализација.  Досега се спроведени 19% од мерките, а до крајот на акцискиот план преостануваат уште три месеци.

Учеството на граѓанските организации во процесот на подготовка на акцискиот план е ограничено. Имено, јавните институции се тие кои во процесот ги поставуваат правилата на игра и тие одлучуваат дали тоа што го предлагаат граѓанските организации треба или не треба да се реализира. Дополнителна слабост на процесот е ниското ниво на информираност на јавните институции и граѓанските организации за постоењето и значењето на иницијативата за ОВП. Па така, некои од јавните институции дури не се информирани дека се поставени како носители на мерки предвидени во Акцискиот План. Недостасува координација меѓу јавните институции, граѓанскиот сектор и меѓу јавниот и граѓанскиот сектор. По усвојувањето на акцискиот план беа формирани работни групи за следење на имплементацијата на акцискиот план и истите се сретнаа еднаш до два пати во изминатите година и половина. Во меѓувреме овие работните групи служеа само како средства за потврда или информирање, но не и за консултации и соработка. Членовите на работните групи даваа информации за реализација на активностите чии носители се самите, без можност да дискутираат за  спроведувањето на мерките од страна на другите членови. Временскиот рок во кој побараните информации требаше да се достават беше многу краток (ден или два). 

И на крај, со цел да се унапреди процесот предлагаме:

-          Со цел ОВП  да биде одржлива сила на промената да се прошири кругот на учесници во процесот, односно да се вклучат повеќе јавни институции, како што се министерства, Собранието, судските органи, единците на локална самоуправа итн. Исто така, да се вклучат повеќе граѓански организации 

-          да се зајакне партнерство и доверба меѓу јавните институции и граѓанскиот сектор како рамноправни партнери

-          Акцискиот план да се фокусира на мерки кои се јасно поврзани со потребите на граѓаните и со тоа што тие го сметаат за важно. Односно, да живееме во реалноста и да ги адресираме секојдневните проблеми

-          да се утврдат приоритети и реално остварливи мерки  со што ќе се зголеми ефикасноста во спроведувањето на планот

-          да се напушти сегашниот начин на формулирање на мерките од планот, односно во иднина за секоја од предвидените мерките да се формулираат индикатори според кои ќе се мери нивното спроведување

-          да се избегнува вклучување на основните и редовни надлежности на јавните институции како дел од мерките во Акцискиот план и да се оди чекор нанапред во предвидување на мерки кои значат унапредување на сегашната состојба

-          да се осигури навремено и целосно спроведување на мерките предвидени со Акцискиот план.

Прочитај повеќе: Извештај од спроведен панел подготвен од ЦРПМ

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар