Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Соопштение по повод 8-ми Март- Меѓународниот ден на жената

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, бара од државата да овозможи достапна и квалитетна здравствена заштита која се однесува на унапредување на женското и репродуктивното здравје за жените на целата територија на Р. Македонија, со посебен осврт на ранливите категории на жени (жените Ромки, жени од рурални средини и жени од социо-економски ранливи категории).

Со таа цел од државата го бараме следното:

  • Обезбедување на гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво (матични гинеколози) во сите општини во Р. Македонија, преку покривање на трошокот за специјализација за докторите кои ќе се обврзат да работат како матични гинеколози во општините каде што има недостиг од истите.
  • Зголемување на опфатот на жените со Програмата за скрининг (рано откривање) на карцином на грло на матка и Програмата за скрининг (рано откривање) на карцином на дојка, преку зголемување на буџетите на овие Програми и доследно спроведување на планираните активности.
  • Зголемување на опфатот на жените со патронажни посети, особено за време на бременоста и во периодот по породувањето, преку обезбедување на доволен број на патронажни сестри и опрема за патронажните служби во сите општини, како и воспоставување на систем на мониторинг на работата на патронажната служба.

Здружение ЕСЕ изразува загриженост поради неповолните показатели по однос на здравјето на жените во Р. Македонија:

  • Во Р. Македонија во просек годишно од карцином на дојка умираат околу 280 жени, а од карцином на грло на матка умираат околу 30 жени, и покрај тоа што двата вида на карцином можат навремено да се откријат и излекуваат.
  • Во Р. Македонија се бележи пораст на матерналната, доенечката и новороденечката смртност. Смртноста на доенчињата во 2014 година изнесува 9,9 на 1000 живородени, што е повеќе од двојно над просекот во Европската Унија (4 на 1000 живородени). Матерналната смртност во Македонија во 2013 изнесува 4,3 на 100.000 живородени и е над просекот во Европската Унија (4 на 100.000 живородени).

Истовремено се бележи несоодветен опфат на жените со здравствена заштита поврзана со женското и репродуктивното здравје:

  • Во Македонија има недостиг од матични гинеколози, имено потребни се дополнителни 150 гинеколози со цел да се исполни критериумот од Уредбата за мрежа на здравствени установи (усвоена од Владата на РМ), во која е пропишано на 3000 жени да има еден тим од матичен гинеколог и медицинска сестра. Во 45 општини во Македонија нема ниту еден матичен гинеколог, а во 23 општини се бележи недостиг од матични гинеколози.
  • Со Програмата за скрининг на карцином на грло на матка во периодот од 2012 до 2014 година се опфатени само 11% од целната популација на жени (жени на возраст од 24 до 60 години). Буџетот на Програмата е ист секоја година и редовно во текот на годината се намалува (на пример: во 2015 година буџетот е намален за 15%).
  • Програмата за скрининг на карцином на дојка за прв пат почна да се спроведува во 2015 година и со истиот се опфатени 2% од целната популација на жени (жени на возраст над 50 години). Во 2015 година Министерството за здравство за спроведување на овој скрининг потрошило само 58% од вкупно издвоените средства.
  • Наодите од истражувањата на граѓанските организации покажуваат дека жените во периодот на бременоста и по породувањето се посетени од страна на патронажна сестра во просек по 2 (два) пати, наместо предвидените 7 (седум) посети.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар