Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Националните политики за унапредување на здравјето на мајките и децата не допираат до ранливите заедници и Ромите

Ромската заедница се уште се соочува со проблеми при обезбедување на квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита за жените и децата, иако Владата секоја година одвојува средства од буџетот и обезбедува донации и кредити за оваа намена.

Денес во Скопје ромската заедница во соработка со граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ, НВО КХАМ и Ромскиот Ресурсен Центар - РРЦ,[1] побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложени мерки за зголемување на опфатот на мајките и децата од ромските заедници со превентивни здравствени услуги и имунизација, со цел да се постигне: соодветен број на патронажни посети за време на бременост, по породување, за деца вон образовен систем, за жени во репродуктивен период и  за адолесценти; здравствена едукација за детско здравје и вакцинација во Ромски и рурални средини; опфат на децата Роми со вакцинација, еднаков со децата од другите етнички заедници во Македонија.

Побараните мерки се од големо значење особено земајќи ја во предвид состојбата со стапката на пораст на новороденечка, доенечка и перинатална смртност во изминатите години во Р. Македонија.  Поради тоа граѓаните и граѓанските организации од Владата и Министерството го побараа следното:

-          Да се вработат доволен број на патронажни сестри во сите Здравствени домови, особено во општините: Шуто Оризари, Делчево, Пехчево, Виница, Прилеп, Битола, Гостивар и Тетово.

-          Во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата да се обезбедат средства за едукативни работилници за детско здравје и вакцинација во Ромски и рурални средини и да се овозможи нивно соодветно спроведување;

-          да се воведе систем на координација помеѓу матичните гинеколози, породилиштата и патронажната служба;

-          да се усвои единствен Правилник за работата на патронажната служба во кои ќе бидат дефинирани надлежностите на патронажната служба со посебен осврт на посетите во Ромските и руралните средини;

-          да се воведе поголема контрола врз работата на патронажната служба;

-          да се формираат тимови за континуирано теренско откривање на невакцинирани деца во најмаргинализираните ромски и рурални средини.

Наодите од работата на граѓанските организации покажуваат дека:

-          Поголем дел од жените Ромки за време на бременоста не се посетени од страна на патронажна сестра, а во првата година по породувањето во просек се посетени само 2 (два) до 3 (три) пати.

-          Активностите од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата наменети за ромски средини се избришани од Програмата за 2016 година. Овие мерки беа редовно усвојувани со соодветна буџетска алокација во Програмата од 2011 до 2015 година.

-          Буџетот на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата континуирано се намалува во изминатите години, во 2011 година буџетот изнесува 20 милиони денари, а во 2016 година изнесува 9,5 милиони, а од овие средства во текот на секоја година се користат само 70%.

-          За надминување на овие проблеми Министерството за здравство и Владата на РМ во 2012 година започнува со реализација на проект вреден 136.246.867,00 Евра, кои се обезбедени преку Холандскиот грант ОРИО, Банката за Развој на Советот на Европа и Буџетот на Р. Македонија. Меѓутоа граѓаните не ги чувствуваат придобивките од реализацијата на овој проект, а Министерство за здравство не објавува податоци за неговата реализација.

-          Работата на патронажната служба во однос на посетите на жени за време на бременоста, како и една година по породувањето во моментот не е регулирана со ниту еден документ. Бројот на посети претходно беше утврден со Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, меѓутоа од 2016 година овие одредби се избришани од Програмата.



[1] Работата на организациите е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество - Македонија

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар