Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Пораст на смртноста од рак на грло на матка - Прес Конференција

Граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ, НВО КХАМ и Ромскиот Ресурсен Центар - РРЦ,[1] бараат од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложени мерки за зголемување на опфатот на жените со гинеколошка здравствена заштита и мерките од Програмата за скрининг на карцином на грло на матка.

Предложените мерки се во насока на унапредување на репродуктивното здравје на жените и намалување на стапката на смртност од карцином на грло на матка и од останатите заболувања на репродуктивните органи и тоа:

- Да се обезбедат средства за покривање на трошокот за специјализации по гинекологија и акушерство за матични гинеколози во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ) во сите општините каде што воопшто нема матични гинеколози, за да се постигне опфат со матични гинеколози предвиден со Уредбата за мрежа на здравствени установи;

- Да се зголеми буџетот на Програмата за скрининг за рак на грло на матка, со цел да се опфатат најмалку 35% од жените од целната возрасна група.

- Да не се усвојат предлог измените и дополнувањата на буџетот на РМ за 2016 година со кои се предлага намалување на буџетот на Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 4 милиони денари.

- Во Програмата за скрининг да се предвидат активности за опфат на маргинализираните групи на жени, со акцент на жените Ромки и жените од руралните средини.

- Да се преземат законски мерки за да се спречат незаконските наплаќања за гинеколошки услуги од матичните гинеколози.

Предложените мерки се засноваат на наодите од работата на граѓанските организации:

- Се бележи стапка на пораст на смртноста од рак на грло на матка во периодот 2011 – 2014 година, од 1,5 на 100.000 жени во 2011 година на 4,1 во 2014 година. Односно во 2014 година умреле 42 жени од карцином на грло на матката, кој доколку е навреме откриен може да биде излекуван.

- Во 2015 година само 4% од жените од целната возрасна група (од 24 до 35 години) направиле ПАП тест според Програмата за скрининг на рак на грло на матка, иако во 2015 се опфатени повеќе жени за разлика од 2014.

- Буџетот за Програмата за скрининг, не е прогресивен, односно секоја година се планира во ист износ и е предмет на чести измени во текот на годината кои резултираат со намалување на буџетот.

- Во 2015 година кај 2,6% од опфатените жени утврдени се промени на ПАП тестот (пред ракови промени). Ова значи дека од целната популација која не е опфатена со скрининг, кај околу 13.000 жени постои ризик да имаат пред ракови промени кои нема да бидат навремено откриени.

- Иако Министерството за здравство во 2015 година распиша оглас за Кофинансирана приватна специјализација за доктори на медицина  кои имаат запишано приватна специјализација од областа на гинекологија и акушерство за примарно ниво на здравствена заштита  за 20 извршители, одобрени се само 5 кофинансирани специјализации. Со овој тренд не може да се постигне соодветна покриеност со гинеколошка здравствена заштита во сите општини во Македонија

- Мнозинството од жените Ромки (56,2%) од општините Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница изјавуваат дека матичните гинеколози им наплаќаат при секој преглед.

- Стапката на утврдени пред ракови промени кај жените Ромки од наведените општини е многу повисока од стапката на национално ниво. Кај жените Ромки во периодот од 2012 до 2014 година изнесува 16,5%, а на национално ниво во 2014 година изнесувала 7%.



[1] Работата на организациите е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество - Македонија

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар