Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Проект на УСАИД за правна заштита на жените – Форум на судии

На ден 02.11.2016 година во хотел Солун во Скопје, во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените, се организираше форум за судии. На форумот присуствуваа судии кои постапуваат во граѓански и кривични предмети поврзани со насилство врз жените  од следните основни судови: Основен суд Скопје 1, Основен суд Скопје 2, Основен суд Гостивар, Основен суд Штип, Основен суд Велес, Основен суд Тетово, Основен суд Радовиш.

Основна цел беше да се презентираат главните наоди од набљудувањето на граѓански и кривични судски постапки поврзани со насилство врз жените[1] за периодот март 2015 до октомври 2016, како и да се дефинираат препораки за унапредување на законската рамка за заштита на жените жртви на насилство.

Од особено значење е тоа што за време на форумот од страна на судиите беа предочени конкретни препораки за унапредување на судското постапување во предметите од ваков вид, како и препораки во однос на потребните измени и дополнувања на националната законска рамка за заштита на жените жртви на насилство.

Проектот на УСАИД за правна заштита на жените го спроведува Здружението ЕСЕ во партнерство со Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и Отворена Порта (ЛА СТРАДА). Во делот на собирање на податоци од основните судови воспоставена е соработка со Коалицијата Сите за правично судење. Основна цел на проектот е подигање на степенот на правна заштита за жените жртви на насилство.



[1] Семејно насилство, трговија со луѓе, сексуално насилство, предмети на сексуални работнички

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар