Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Форум за правна заштита на жените жртви на насилство, 15-16 јуни 2017

Во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените во периодот 15-16ти јуни 2017 година, во хотел Рамада, Гевгелија, се одржа Форум за правна заштита на жените жртви на насилство. На настанот присуствуваа претседатели и судии од основните судови, судија од Апелационен суд, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и надлежните институции кои имаат законски мандат да постапуваат во предметите на насилство врз жените. На форумот учествуваше и претставник на УСАИД, како и организациите со кои ЕСЕ соработува во спроведувањето на овој проект, Отворена Порта (Ла Страда), Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и Коалиција сите за правично судење.    

Форумот се организираше со цел отварање на поширока дискусија и дефинирање на препораки за унапредување на постоечките закони на ова поле, како и подобрување на постапувањето на институциите кои се вклучени во системот на заштита, како што се судовите, основни јавни обвинителства, центри за социјална работа, полиција.  За таа намена, на учесниците на форумот им беа презентирани главните наоди од анализата на законската рамка и институционалното постапување кон насилството врз жените, како и анализата од двегодишното судско набљудување на судски предмети поврзани со семејно насилство, трговија со жени и сексуално насилство. Утврдените недостатоци на ниво на законско регулирање, односно на ниво на индивидуално постапување на релевантните министерства и институции беа детално дискутирани од страна на судиите и останатите професионалци кои работат со жените жртви на насилство и беа предложени конкретни препораки за нивно надминување.

По завршувањето на форумот препораките ќе бидат финализирани и ќе бидат доставени до релевантните министерства за натамошно усвојување. Значајно е да се напомене дека Проектот на УСАИД за правна заштита на жените промовира пристап кој значи вклучување на практичарите во процесите на донесување на одлуки, односно судиите и другите стручни лица од институциите имаат можност директно да се вклучат во процесите на менување и дополнување на постоечката законска рамка за заштита на женските човекови права.

Проектот на УСАИД за правно јакнење на жените го реализира Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените -  ЕСЕ во соработка со Отворена Порта – ЛА Страда и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници. Основна цел на овој проект е подигнување на степенот на правна заштита за жените жртви на насилство. Во рамките на овој проект се работи на подобрување на судското постапување во предметите поврзани со насилство врз жените, унапредување на законската рамка за заштита на жртвите на насилство и јакнење на капацитетите на граѓанските организации кои обезбедуваат правна помош за жените жртвите на насилство.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар