Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

Барање за преземање на превентивни мерки за спречување на ширењето на епидемијата со Ковид-19 во општината Шуто Оризари

До:

Претседателот на Владата на Р. С. Македонија, Г-дин Оливер Спасовски

Главниот координативен кризен штаб

Министерот за здравство, Д-р Венко Филипче

Градоначалникот на Општината Шуто Оризари, Г-дин Курто Дудуш

 

Предмет: Барање за преземање на превентивни мерки за спречување на ширењето на епидемијата со Ковид-19 во општината Шуто Оризари

 

Почитувани,

По најновите случувања во општината Шуто Оризари, односно откако беше дијагностицирано лице позитивно на Ковид-19, три семејства со повеќе членови се ставени во задолжителна само-изолација. Семејствата живеат во една од најзагрозените населби во општината Шуто Оризари – Брсјачка Буна.  Проблем претставува што семејствата живеат во импровизирани живеалишта, во супстандарни услови, без проточна вода, канализација и струја. Воедно најголем дел од нив делат иста просторија, без можност за остварување на физичка дистанца. Овие лица немаат никакви можности да ги применат основните мерки за заштита од Ковид-19 при појава на случај на заболен член во семејството, како што се физичка дистанца, редовно миење на рацете, дезинфекција на површините, носење на заштитни маски и сл. Доколку не се преземат навремени мерки постои огромен ризик голем дел од овие лица да заболат од Ковид-19.

Целата населба е составена од супстандарни живеалишта, без проточна вода, во кои живеат најсиромашните лица од општината. Во населбата има над 70 домаќинства, со густа населеност. Поради тоа што жителите немаат можност да ги применат основните мерки за заштита од ширењето на Ковид-19, постои голем ризик за ширење на инфекцијата во целата населба, па и пошироко во општината.

Со понатамошниот тек на епидемијата може да се очекува да се појават и нови случаи на заболени лица од Ковид-19 во вакви слични населби во општината Шуто Оризари.

Со цел да се избегне неконтролирано ширење на епидемијата со Ковид-19 во најзагрозените населби и во целата општина Шуто Оризари, бараме итно да се преземат координирани мерки од страна на Владата, Главниот кризен штаб, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Единицата на локална самоуправа на општината Шуто Оризари и кризниот штаб во рамки на општината Шуто Оризари.

Повикуваме итно да бидат преземени мерки за заштита на загрозените семејства и целото население на Шуто Оризари од ширење на епидемијата со Ковид-19 во општината, вклучувајќи го и следното:

 

Мерки за заштита на здравјето на населението

-Владата во соработка со општината Шуто Оризари и сите останати надлежни институции веднаш да обезбеди и опреми соодветни објекти за изолација, а со цел семејствата кои во моментот се во самоизолација, а живеат во супстандардни услови, веднаш да бидат префрлени во овие објекти. Објектите за изолација е потребно да ги задоволат основните стандарди за примена на сите мерки за заштита (физичка дистанца, редовно миење на рацете и сл.). Воедно да им бидат поделени средства за дезинфекција на површини, како и маски со цел да можат да се заштитат.Во овие објекти редовно да се дистрибуира храна и вода за лицата од страна на Владата или Единицата за локална самоуправа. Да се обезбеди редовен здравствен надзор на овие лица, како што се лекарски прегледи, мерење на температура, земање на брисеви доколку се утврди потреба и сл.

- Да се воспостави протокол со цел - При појава на идни случаи на лица заболени од Ковид-19, веднаш да се направи проценка на условите во кои живее семејството и во случај на супстандардни услови, без проточна вода, канализација и сл. сите членови на семејството веднаш, без никакво одлагање да бидат сместени во соодветните објекти за изолација и да им бидат поделени средства за заштита (маски, дезинфициенси и сл.), како и да им биде обезбеден здравствен надзор, тестирање, храна, вода и сите останати потреби.

- Да се направи тестирање за Ковид-19 на примерок на лица, соодветно на епидемиолошката проценка, од ранливата населба во Шуто Оризари каде што веќе има семејства во самоизолација.

- Земајќи ги во предвид условите во кои живее ова население, да се обезбеди тим кој редовно ќе мери температура на лицата од ранливите населби.

- Да се отвори пункт за земање брисеви за дијагностика на Ковид-19 во рамки на ЈЗУ Здравствена станица Шуто Оризари. За да можат граѓаните навремено и лесно да пристапат до оваа здравствена услуга.

- Да се спроведува здравствена едукација, особено совети за превенција, правилна самоизолација, грижа за лице заболено од Ковид – 19 и сите останати потребни информации. 

-Улиците и јавните површини во населбата во целата општина и особено онаму даде локалното население живеe во супстандардни услови да бидат веднаш дезинфицирани, а потоа да се спроведува и редовна дезинфекција на истите. Да се разгледаат останати можности за дезинфекција, како што е поставување на тунели за дезинфекција на поединци на критичните точки, утврдени од епидемиолозите.

- На жителите кои немаат проточна вода во домаќинствата во целата општина, редовно да им бидат делени средства за дезинфекција на база на алкохол, од страна на Владата или Единицата на локална самоуправа.

- На жителите на Шуто Оризари да им бидат поделени маски за заштита, со информации за правилна употреба на маските.

- Да се соопштува бројот на заболени и починати лица од Ковид – 19 во општината Шуто Оризари, со што ќе се овозможи соодветно преземање на превентивни мерки особено во најранливите населби.

 

Мерки за социјална заштита

- За лицата кои потекнуваат од ранливи категории, а се наоѓаат во домашна самоизолација или се сместени во објекти за изолација, или се под останат ризик, Министерството за труд и социјална политика веднаш да направи проценка на нивните потреби за помоши да им биде доделена итно потребната помош.

- Сите видови на социјална помош да се продолжуваат без да се бараат документи  од страна на корисниците додека трае вонредната состојба, со цел да граѓаните да не бидат приморани да се изложуваат на дополнителен ризик од инфекција.

- За сите нови баратели на социјална помош да се одобруваат веднаш новите итни мерки за помош, додека трае вонредната состојба.

 

Информирање на граѓаните за нивните права

- Во тек на вонредната состојба Владата носи бројни уредби, со кои се регулира остварување на одредени права на граѓаните, а при тоа не сите граѓани се информирани за истите. Предлагаме Владата и останатите надлежни институции секој од својот ресор на соодветен и разбирлив начин веднаш да ги информира граѓаните, а особено најранливите групи на граѓани.

 

БАРАЊЕТО Е ПОДДРЖАНО ОД:

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Скопје

Здружение за развој и унапредување на ромската заедница - Романо Чачипе, Шуто Оризари

Иницијатива за развој и инклузија на заедниците - ИРИЗ, Шуто Оризари

Работата на организациите  е поддржана од Фондацијата Отворено општество Македонија

 

Лице за контакт:

Борјан Павловски

Координатор на Програма јавно здравје и здравје на жените

Здружение за еманципација, солидарност и еднкавост на жените - ЕСЕ

е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Teл: 070/268-714

Барање за преземање на превентивни мерки за спречување на ширењето на епидемијата со Ковид-19 во општината Шуто Оризари.pdf

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар