Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

Повик за ангажирање на правно лице за осмислување и спроведување на активности и промоција на работењето на ЕСЕ на полето на недискриминацијата и еднаквост

Оваа активност е дел од проектот “Give priority to gender equality” поддржан со грант од ЕУ, референтен бр. IPA/2019/413-755. Основна цел на проектот е унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности за ранливите групи на граѓани во областа на социјалните и економски права, односно во областа на родово засновано насилство, вработување и вработливост, здравствени права, пристап до правда и пристап до фискална транспарентност

1.    Основни и посебни цели

Основна цел на овој ангажман е осмислување и спроведување на активности, односно организирање на јавни настани, комуникација со јавноста и медиумите во време на пандемија, како и промоција на работењето на ЕСЕ на полето на промовирањето на недискриминацијата и еднаквоста во општеството. Во оваа насока предвидено е ангажирање на новинар за подготовка на план за реализирање на наведените посебни цели/активности:

1.1. Подигање на свесноста кај општата и стручна јавност за неодложно (итно) усвојување на Законот за антидискриминација и  формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, вклучително и предусловите за транспрентност, отчетност и ефективност во работата на ова тело

Во месец мај 2019 година беше усвоен новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација,  кој предвиде проширување на законските надлежности и значително унапредување на работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како специјализиран механизам за заштита на индивидуалните права на граѓаните кои се жртви на дискриминација. Меѓутоа, во пракса изостана заштитата на луѓето кои се дискриминирани, првично поради непочитувањето на законскиот рок за неформирањето на новата Комисија во предвидениот законски рок во месец август 2019 година, односно до распуштањето на Парламетот во месец февруари 2020 година.  Ситуацијата е особено разочарувачка доколку се земе предвид Одлуката на Уставен  суд за укинување на Законот за антидискриминација во месец мај 2020 година.  Особено загрижува отсуството на еден специјазизиран механизам за заштита на граѓаните од дискриминација, како што е Комисијата.  Парламентарните избори во државата го пролонгираа донесувањето на новиот закон и уште повеќе  ја влошија состојбата на лицата кои се дискриминирани, особено на ранливите групи на граѓани кои се поподложни на дискриминација.

Во 2019 година непосредно по усвојувањето на новиот закон, Здружението ЕСЕ презеде активности за негова полесна имплементација во пракса: подготвена е  проценка на законскиот мандат на КСЗД и утврдени беа предусловите кои требда да бидат исполнети за зголемена транспарентност, отчетност и ефективност во работата на ова тело; развиена е методологија со инструменти за следење на најважните аспекти од работата на Комисијата; спроведено беше истражување со ранливите групи на граѓани и утврдени нивните перспективи и очекувања за работата на Комисијата во иднина; спроведена беше кампања за актуелизирање на потребата за итно формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Меѓутоа, ваквите активности беа одложени поради неформирањето на комисијата и последователното укинување на законот.

По формирањето на новиот парламентарен состав Мрежата за заштита од дискриминација во која членува и Здружение ЕСЕ поднесе законски дополнувања на Законот за спречување и заштита од дискриминација, меѓудругото и дополнување на член 18 во кој ќе се предвиди транспрентна постапка за избор на членови на Комисијата  ослободена од влијанијата на политичките партии во државата.

Земајќи го предвид последниот развој на настаните и потребата за поинтензивен притисок врз Парламентот, во 2020 година ЕСЕ ќе продолжи со активностите на ова поле насочени кон итно усвојување на новиот закон и формирањето на Комисијата. 

Предвидени активности:

- Осмислување и организирање на јавен настан за актуелизирање на потребата за итно усвојување на законот, вклучително и чл. 18 кој предвидува транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, со вклучување на јавноста и избор на независни и висококвалификувани членови без влијание и притисок од политичките партии.

- Подготовка на документарно видео и план за негово емитување на националните тв и радио станици и социјалните медиуми, со наведување на медиумот, временски период и  динамика на објавување. Во видеотоќе бидат објаснети хронолошки настаните кои придонесоа граѓаните да немаат пристап до ефективен механизам за заштита од дискриминација во еден подолг временски период од 1 година. Преку видеото треба да се направи притисок врз пратениците и да се нагласи потребата за итно донесување на законот, вклучително и усвојување на законски одредби кои ќе гарантираат транспарентна постапка за избор на независни и висококвалификувани членови на КСЗД.

1.2.  Промовирање на недискриминација и пристапот до правда на жените кои претрпеле семејно насилство

Значаен сегмент во работата на ЕСЕ поврзан со промовирањето на недискриминацијата и еднаквоста во општеството е олеснувањето на пристапот до правда за дискриминираните и ранливи групи на граѓани.  Притоа, еден од долгорочните стратешки определби на организацијата е олеснувањето на пристапот до правда за жените жртви на насилство, посебно жените кои претрпеле семејно насилство. Во планот на ЕСЕ за 2020 година предвидени се различни видови на активности кои придонесуваат за постигнување на оваа стратешка определба. Дел од активностите вклучија спроведување на истражувања за искористеноста на одделни права од страна на жените кои претрпеле семејно насилство, како што се правото на ослободување од судски такси и други трошоци во постапката, правото на издршка, правото на бесплатна правна помош, квалитетот на обезбедени услуги од страна на институциите. Подготвени се анализи со препораки, кои претставуваат основа за преземање на последователни активности за застапување за поголемо искористување на наведените права од страна на жените кои претрпеле семејно насилство. Во оваа насока, во месец септември 2020 година од страна на Министерот за правда беа најавени законски измени за значително намалување на судските такси, кои претставуваа бариера за иницирање на одделни судски постапки за решавање на правните проблеми поврзани со семејното насилство. ЕСЕ ќе продолжи да го следи влијанието кое ваквото намалување на судските такси го има врз пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство и воедно да ја нагласува потребата за целосно ослободување на жените од сите трошоци во постапките, вклучително и трошоците за адвокат и собирање на потребните докази.

Дел од активностите под оваа стратешка цел значат обезбедување на директни услуги за жените, како што се бесплатна правна помош и психолошка поддршка кое ЕСЕ го обезбедува континуирано од 2002 година. Вонредната состојба и мерките за ограничено движење на населението негативно се одразија врз состојбите со семејното насилство и ја нагласија потребата за поголемо информирање и обезбедување на посебни правни, психолошки, социјални и други услуги за жените кои претрпеле семејно насилство. Како резултат на оваа потреба, во месец јуни 2020 година ЕСЕ ја основаше првата интернет платформа за обезбедување на правни совети за жените жртви на семејно насилство, со цел олеснување на пристапот до правни совети за надминување на проблемот со насилството и другите поврзани проблеми, како што се разводот на брак, стартателството, издршката, поделбата на имот стекнат во брачна или вонбрачна заедница и др. Во периодот кој следи ЕСЕ ќе ги збогати содржините на платформата и ќе направи проценка на влијанието од користењето на платформата од страна на жените.

Предвидени активности: 

- Осмислување и организирање на јавен настан за дискутирање на состојбата во однос на правната заштита на жените кои претрпеле семејно насилство, вклучувајќи ги и придобивките од намалувањето на судските такси, како и можностите за ослободување или надоместување на другите трошоци во постапките пред надлежните институции и правосудството. 

- Подготовка на план за запознавање на општата и стручна јавностсо правните услуги на платформата „Побарај совет“ за жените кои претрпеле семејно насилство и негово спроведување, вклучувајќи и  спроведување на истражување во однос на корисноста и соодветноста на содржините на платформата со потребите на потенцијалните корисници

2.  Искуство на правното лице

- Искуство во осмислување и спроведување на активности поврзани со општествено поврзани теми, вклучувајќи и недискриминација, еднаквост и пристап до правда, при што бројот на ангажмани од оваа област ќе се сметаат за предност

- Искуство во работа со граѓански организации, при што бројот на соработки со ГО ќе се сметаат за предност

3.  Потребни документи за аплицирање на повикот

Согласност за спроведување на предложените активности во предложениот временски период и да утврдите процент од вкупната сума предвидена за овој повик која би ја намениле за спроведување на активностите,  како и очекуван опфат со активностите под цел 1.1. и 1.2.

- Листа на активности поврзани со општествено поврзани теми, вклучувајќи и недискриминација, еднаквост и пристап до правда со линкови до нив

-  Листа на соработки со ГО

4.  Буџет и временска рамка 

За бараните активности предвидени се средства во бруто износ од 3.907 ЕУР, во денарска противвредност пресметан според курсот користен за известување пред ЕУ. Рокот за извршување на задачите под цел 1.1. е 20 октомври, 2020 година, а активностите под цел 1.2. треба да се спроведат до средината на декември, 2020 година.

Ве молиме доколку сте заинтересирани потребните документи да ги доставите на е-маил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. со назнака “Повик за ангажирање на правно лице за осмислување и спроведување на активности и промоција на работењето на ЕСЕ на полето на недискриминацијата и еднаквост“ најдоцна до 02 октомври, 2020 година.

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар