Здружение ЕСЕ се приклучи на иницијативата на здруженијата членки на Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ*, и Иницијативата на жени од Шуто Оризари во организација на протестот за изразување на незадоволство од кратењето на буџетот за превентивна здравствена заштита од страна на Министерството за здравство и Владата, и конкретно за кратењето на буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 %.
Здравјето на граѓаните мора да биде врвен приоритет, а економската криза не смее да биде оправдување за кратење на средства од здравствената заштита и тоа во услови на пандемија!
Со кратењето на буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 %, Министерството за здравство директно го загрозува здравјето на луѓето и може да ја разгори епидемијата со ХИВ.
На протестот свое обраќање имаше Координаторот на програмата за јавно здравје на ЕСЕ, и при тоа нагласи дека во планирањето и буџетирањето во здравството ниту една група од населението не смее да биде дискриминирана, а при буџетирањето во здравството не смее да има уназадување, односно не смее да има кратење. Превентивната здравствена заштита претставува клучен сегмент на еден здравствен систем и финансиските средства издвоени за превентива не се сметаат за трошоци, туку за инвестиција. Во 2019 година буџетот за превентивна здравствена заштита изнесува само 9% од целиот буџет на Министерството за здравство. Во периодот од 2012 до 2019 година Министерството за здравство секоја година дополнително го крати буџетот за превентивна здравствена заштита за околу 10%. За илустрација, поради тоа што државата со години не инвестира доволно средства во програмата за скрининг на рак на грлото на матката, секоја година 40 жени умираат од овој карцином.
http://esem.org.mk/index.php/shto-rabotime-sega/4192-ne-za-stedenje-od-zdravjeto-na-gragjanite.html#sigFreeId1acea4a0cc