Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Здравјето на Ромите

 

Во Република Македонија според пописот од 2002 година живеат 53 879 припадници на ромската етничка заедница, што претставува 2,66 % од вкупната популација. Меѓутоа, според други студии што се базираат на различни истражувачки техники, се укажува дека реалната бројка на ромското население е поголема, односно дека во Македонија живеат приближно од 80 000 до 135 000 Роми.        

Ромите претставуваат маргинализирана група во многу аспекти на јавниот и на социјалниот живот во кој спаѓаат и пристапот до здравствените услуги и нивниот квалитет. Положбата на Ромите во Македонија ја карактеризираат следните состојби: висока стапка на сиромаштија, невработеност, маргинализирани и сиромашни населби, супстандардна инфраструктура, низок здравствен статус, ниско ниво на образование, како и несоодветна застапеност во политичката и јавната сфера.

Во однос на здравствената состојба на Ромите истражувањата покажуваат дека тие имаат понеповолна здравствена состојба во однос на мнозинското население. Здравјето кај оваа популација се карактеризира, пред сè, со повисока стапка на појава на хронични заболувања, како и пократок животен век за 10 години од останатото население.

Податоците од теренот и од истражувањата укажуваат на постоење на низа бариери со кои се соочува ромското население во однос на пристапот до здравствените услуги. Овие бариери се изразуваат преку појава на скриена дискриминација во третманот на пациентите, неможност за плаќање на потребните здравствени услуги, оддалеченост на здравствените установи, недоволни знаења во однос на нивните здравствени права, како и недостаток на информации помеѓу здравствените работници за посебните потреби и навики што ги имаат Ромите кога пристапуваат кон здравствените услуги. Неповолните услови за стекнување на здравствено осигурување, како и неземањето предвид на социјалните потреби на Ромите при усвојување на здравствената регулатива, дополнително ја продлабочува нееднаквоста. Сите горенаведени состојби преставуваат пречки во процесот на остварување на правото на здравствена заштита, меѓутоа уште повеќе претставуваат ризик‑фактори за здравствената состојба на ромското население. Непостоењето на здравствена статистика сегрегирана по етничка припадност резултира со недостиг од релевантни официјални податоци за здравствената состојба на Ромите, што пак претставува дополнителен проблем за решавање на здравствените проблеми на ромското население.

Маргинализираната положба на ромското малцинство во земјите на Европа, како и потребите за унапредување на положбата на ова малцинство, беше призната и преку Декадата за вклучување на Ромите 2005 – 2015. Република Македонија, како земја потписничка на Декадата, усвои низа документи и политики насочени кон унапредување на здравствената состојба на Ромите и намалување на јазот помеѓу Ромите и другото население. Меѓутоа, анализите од мониторингот на овие политики, за жал, укажуваат на недоволна и несоодветна имплементација на националните и на локалните политики за унапредување на здравјето на Ромите во изминатите години. Поради тоа голем дел од проблемите со кои се соочуваат Ромите во однос на нивното здравје и пристапот до здравствената заштита сè уште перзистираат.

По завршувањето на Декадата за вклучување на Ромите, Европската Унија донесе рамка за Национални стратегии за интеграција на Ромите до 2020, која се надоврзува на постигнувањата од Декадата. Рамката 2020 на ЕУ продолжува да се залага за подобрување на социјалната и економската состојба на Ромите, преку залагање за интеграција на ромските прашања во тековните политики во секторите на образование, вработување, домување и здравствена заштита, преку земање предвид на основните принципи за вклучување на Ромите, како и преку осигурување на еднаков пристап до квалитетни услуги, и обезбедување на најдобро искористување на достапните средства и ресурси. Преку рамката Европската Унија ги повикува земјите членки на елиминирање на јазот што постои помеѓу маргинализираните ромски заедници и мнозинското население, како и на обезбедување на еднаков пристап во праксата.

Република Македонија како земја кандидат за Европската Унија се обврза да се усогласи  со стандардите и насоките на агендата за Роми на ЕУ 2020, а прв чекор во овој процес беше усвојувањето на Стратегијата за Роми во Р Македонија 2014 – 2020 од страна на Владата на РМ. Во тек е и процесот на усвојување на Националниот акциски план за здравство за Ромите.

 

Мониторинг и анализа на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца

Преку работата насочена кон оваа Програма, работиме на полето на унапредување на опфатот на мајките и децата од ромската заедница со превентивни здравствени услуги меѓу кои: опфатот со вакцинација, опфатот со службата за патронажни посети и здравствената едукација и информација.

Овие активности ги преземаме преку континуиран мониторинг на имплементација на активностите и трошењето на буџетските средства наменети за ромската заедница, како и преку континуирано застапување заради усвојување и имплементирање на мерките за зголемен опфат на ромските деца со вакцинација.

Мониторингот на Програмата на национално ниво го вршиме преку добивање податоци од надлежните здравствени установи, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и преку анализа на добиените податоци. Исто така вршиме мониторинг во однос на опфатот со мерки од Програмата за мајките и децата од ромските заедници во општините Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница. По направените анализи подготвуваме детални извештаи од спроведениот мониторинг, а добиените наоди ги користиме за застапување и унапредување на состојбите. При тоа во континуитет вршиме застапување пред надлежните институции на национално и локално ниво, пред сè Министерството за здравство, Министерството за финансии, Заводот за здравствена заштита на мајките и децата и здравствените домови, се со цел поголем опфат на мајките и децата со превентивните здравствени услуги. 

Воедно континуирано ги информираме ромските граѓански организации и јавноста во однос на наодите од мониторингот на оваа Програма, преку организирање јавни настани и конференции за печат.

 

Мониторинг во заедницата

Во соработка со три ромски граѓански организации работиме на полето на мониторинг на спроведувањето на превентивните здравствени услуги во ромските средини во четири општини во Македонија. Здравствените услуги што ги набљудуваме се услуги поврзани со вакцинација на децата, посетите од страна на патронажните сестри, систематските прегледи на учениците и студентите, активностите за здравствена едукација и информација спроведени од страна на здравствените домови и Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, како и активностите предвидени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка.

Преку континуирани обуки и техничка поддршка ги јакнеме капацитетите на партнерските ромски граѓански организации за работа на полето на мониторинг и застапување, а заедно со нив ги јакнеме капацитетите на ромската заедницата преку обуки, редовна вклученост на заедницата и преку информирање за нивните права од областа на вакцинацијата и превентивната здравствена заштита.

Преку мониторингот на заедницата обезбедуваме ромската заедница да го оцени степенот на спроведување на здравствените услуги и нивниот квалитет, поврзани со превентивната здравствен заштита. Воедно работиме на јакнење и мобилизирање на заедницата со цел таа да го застапува остварувањето на своите права пред институциите на локално и национално ниво.

Наодите од мониторингот, заедно со партнерските организации, ги користиме за усвојување и имплементирање на мерките и активностите што ќе водат до зголемен опфат на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги.

 

Социјална ревизија

Работата на полето на социјална ревизија е блиску поврзана со работата на полето на мониторинг на заедницата и ја спроведуваме во соработка со трите партнерски ромски организации. Спроведувањето на социјалната ревизија има две главни цели: унапредување на опфатот на мајките и децата од ромската заедница со патронажни посети; и унапредување на опфатот на жените Ромки со активностите од Програмата за скрининг за рак на грло на матка.

Преку социјалната ревизија ја проверуваме веродостојноста на официјалните документи за спроведување на превентивните здравствени услуги од страна на  самите корисници, односно ромската заедница. При тоа вршиме ревизија на дневниците за посети на патронажните сестри, како и на извештаите за спроведување на Програмата за скрининг на рак на грло на матка.

Утврдените недоследности во официјалните документи ги споделуваме со самата ромска заедница, а воедно со учество на заедницата наодите ги споделуваме и со надлежните здравствени установи што ги имплементираат овие активности. При тоа бараме од надлежните установи доследно, навремено и квалитетно спроведување на превентивните здравствени услуги.

 

Обезбедување параправна помош на Ромите 

Во соработка со три ромски граѓански организации овозможуваме зголемен пристап на ромското население до остварување и заштита на правото на здравје. Заеднички работиме на зголемување на степенот на запознаеност и разбирање меѓу Ромите за правото на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациенти. Преку континуирани обуки, подготовка на прирачник и други помошни материјали ги градиме капацитетите на параправниците и партнерските организации за соодветна и навремена помош и поддршка на ромското население.

Работејќи на задоволување на потребите на ромското население ги утврдуваме состојбите, мерките и активностите што треба да се преземат за да се унапредат. Преземаме засилени активности за застапување и за спроведување и заштита на здравствените права на Ромите преку континуирана и зајакната комуникација и соработка со надлежните институции на локално ниво.  Во општините Шуто Оризари и Делчево во текот на 2011 и 2012 година параправниците обезбедија параправна помош и поддршка во 587  поединечни случаи. Во 2012 до 2013 година им помогнавме на 232 Роми. Следната 2013 – 2014 година им обезбедивме помош и поддршка на 476 Роми, а во 2014 – 2015 година на 502 Роми. Со обезбедената помош и поддршка овозможивме Ромите да остварат права од повеќе области на живеење и тоа: остварување на правото на здравствено осигурување, односно пререгистрација на невработените лица за стекнување со ова право; право на рефундирање на средства; право на туѓа нега; право на еднократна парична помош; право на бањско лекување; право на користење на средства од социјална помош и обезбедување на услови за располагање со овие средства; право на обезбедување потребна документација (здравствена електронска картичка) за остварување на право на здравствена заштита и право на користење на превентивни мерки согласно со дел од Владините програми за превентивна здравствена заштита и многу други.

Во спроведување на овие активности соработуваме со: Центарот за демократски развој и иницијатива „ЦДРИМ“, Шуто Оризари; хуманитарното и добротворното здружение на Роми „КХАМ“, Делчево, Пехчево и Виница; и Ромскиот Ресурсен Центар – „РРЦ“, Шуто Оризари.

Јас, Сазије, сум обична жена која се соочува со секојдневните предизвици на животот во Делчево. Во јуни 2011 година отидов во општина Делчево и на излегување од општинската зграда паднав и си ја повредив раката. Од матичниот лекар бев упатена на специјалист во болницата во Кочани. По прегледот од специјалистот  ми беше поставена дијагноза и бев упатена на терапија, односно беше потребно да ми се постави гипс на раката. Иако чувствував болка во рамото, гипсот ми беше поставен на подлактицата. За жал со текот на времето болката наместо да се намалува, таа се зголемуваше. Затоа отидов на преглед  кај специјалист во Штип којшто ми кажа дека повредата е погрешно третирана и дека раката мора уште еднаш да се крши и повторно да се постави гипс. Не можам да опишам низ какви сè премрежиња и понижувања поминав. За разрешување на ситуацијата се обратив до граѓанската организација КХАМ, бидејќи параправниците претходно нè посетија во нашиот дом и ни кажаа дека доколку имаме каква било потреба од помош и поддршка во врска со остварување на здравствени потреби можеме да се обратиме кај нив. Тие ми изготвија претставка до општинската Комисија за унапредување на правата на пациентите. За жал од таму многу не ни помогнаа. Ова уште повеќе ме увери дека треба да продолжам да ја барам правдата. На мое барање со помош на КХАМ започнавме судска постапка за надомест за штета. Благородно е тоа што го прават параправниците. Но, тие не ми помагаат само мене, слушам дека им помагаат и на многу други Роми во врска со пополнување на документи за здравствено осигурување, преговараат со здравствените институции, па дури и ги придружуваат Ромите до нив“.

Изјава на Сазије Фазлијевиќ, корисничка на параправна помош и поддршка во организацијата КХАМ – Делчево.



 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар