Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Социјална Отчетност за Родова Еднаквост

Согласно меѓународните и националните стандарди со кои се уредува полето на вработување, секој граѓанин има право на вработување и пристап до пазарот на трудот. Правото на вработување на секој граѓанин го гарантира државата во која истиот живее преку спроведување на активности и воведување на политики и мерки кои ќе им овозможат на сите граѓани да имаат пристап до пазарот на трудот и да бидат вработени, особено на граѓаните од маргинализираните заедници. Политиките и мерките кои ги развиваат државите треба да бидат креирани во насока на задоволување на реалните потреби на граѓаните за вработување, а пак средствата од државниот буџет кои ќе бидат потрошени за нивно спроведување да бидат ефикасно и ефективно искористени на тој начин што ќе дадат максимални резултати.

Повредата на правото за вработување, нееднаквоста во пристапот до пазарот на труд на мажите и жените, недостатокот на политики кои се родово сензитивни, отсуство на политики кои ги одразуваат реалните потреби на граѓаните на РМ, неефикасното користење на буџетските средства, неефикасното планирање на политиките и мерките за вработување, се едни од клучните карактеристики на јавниот систем за вработување во РМ.

Јавните институции одговорни за планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување во РМ се карактеризираат со висок степен на затвореност и нетранспарентност во своето работење. Како резултат на затвореноста на јавните институции и затвореноста на процесите на планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување, актуелните политики и мерки за вработување на ги одразуваат реалните потреби и интереси на граѓаните, особено потребите и интересите на жените. Ова пак резултира со отсуство на родова перспектива во планирањето и имплементацијата на овие политики. Дополнително, отсуствува и култура за активно граѓанство (ова подразбира граѓаните да бидат активни и да учествуваат во процесите на донесување на одлуки од нивниот почеток до нивниот крај), што пак е резултат на нефункционирање на механизмите за учество на граѓаните во процесите на донесување на одлуки и отсуство на практики за мобилизирање и зајакнување на поголем број на граѓани кои понатаму самостојно би се вклучувале во јавните процеси.

Идентификуваните проблеми и недостатоци во системот за вработување, ЕСЕ ги адресира преку спроведување на методологии за социјална отчетност кои пак ќе допринесат кон зајакнување на граѓаните и овозможување на простор за истите да ги оценат постоечките политики и да учествуваат во нивно унапредување, со посебен фокус на креирање на родово сензитивни политики за вработување.

Мониторинг и анализа на политиките и мерките за вработување 

Овие активности ги преземаме преку континуиран мониторинг на имплементација на активностите и трошењето на буџетските средства од годишните оперативни планови на Агенцијата за вработување на РМ (со фокус на три компоненти (самовработување, субвенционирано вработување и услуги за вработување), а воедно соработуваме и со релевантни експерти на ова поле со цел да ги утврдиме проблемите и да предлагаме мерки за унапредување на состојбите.

Мониторингот на политиките и оперативните планови за вработување на национално ниво го вршиме преку прибирање и анализа на податоци од надлежните агенции и министерства, користејќи ги механизмите што се предвидени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Исто така вршиме мониторинг во однос на опфатот на граѓаните од четири општини од РМ со активностите од годишните оперативни планови. По направените анализи подготвуваме детални извештаи од спроведениот мониторинг, а добиените наоди ги користиме за застапување и унапредување на состојбите. При тоа во континуитет ги застапуваме пред надлежните институции, пред сè Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика со цел поголем и соодветен опфат на граѓаните со мерките за самовработување, субвенционирано вработување и услугите на Агенцијата за вработување предвидени со оперативните планови.  

Воедно континуирано ги информираме граѓанските организации и јавноста во однос на наодите од мониторингот на преку јавни настани и конференции за печат.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар