Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Спојување на концептите на социјална отчетност и правно оспособување

 

Социјалната отчетност се дефинира како „пристап кон градење на отчетност што се заснова на учество на граѓаните во процесот, односно пристап во кој граѓаните и/или граѓанските организации учествуваат директно или индиректно во процесот на барање на отчетност“. Социјалната отчетност денес во светот претставува проминентен пристап што има за цел зголемување на ефективноста на политиките, унапредување на управувањето и зајакнување на односот помеѓу државата и граѓаните. Во однос на правото на обезбедување на највисок достапен стандард на здравје, социјалната отчетност се толкува како „процес што бара од државните институции да покажат, објаснат и да го оправдаат начинот на кој ги спроведуваат своите должности“. Како дел од овој процес исто така значајно е да се нагласи дека доколку државата или другите институции не успеале да ги исполнат овие должности, носителите на правата, односно граѓаните треба да имаат на располагање загарантирани ефективни механизми за да укажат и да побараат отчет за овој пропуст. Социјалната отченост подразбира примена на повеќе потпристапи и методологии, како што се мониторинг и анализа на буџети, мониторинг во заедницата и социјална ревизија.

 

Мониторинг и анализа на буџети

Буџетите претставуваат основна алатка за реализација на јавните политики и начин за потврдување на реализацијата на поставените развојни приоритети. Концептот на мониторинг и анализа на буџетите и нивно застапување овозможува обезбедување на конкретни докази за владините напори во гарантирање и спроведување на основните човекови права. Можноста пак, за ефикасен и независен мониторинг и анализа на планирањето и спроведувањето на националните буџети во голема мера зависи од можноста граѓаните да ги остварат своите права за пристап до информации од јавен карактер.

Па така, со помош на мониторингот и анализата на буџетите се следат отстапувањата помеѓу усвоените политики и нивната практична реализација. Дополнително, се мери степенот на прогресивност во реализација на човековите права, почитување на принципот на недискриминација во планирањето и  реализацијата на националните политики/буџети, вклучувајќи ја транспарентноста, отчетноста и вклученоста на сите заинтересирани во буџетскиот процес. 

Концептот на мониторинг и анализа на буџетите денес претставува еден од водечките методи во светот што го користат граѓанските организации, особено граѓанските организации во земјите во развој. Под мониторинг на буџети се подразбира следење на финансиското работење на одделни државни институции, додека, пак, под анализа на буџети се подразбира користење на различни методи и техники за пресметување и оценка на ефикасноста, ефективноста и успешноста во спроведување на буџетските постапки и политики, односно при планирањето, обезбедувањето и трошењето на јавните пари.

Овој концепт на граѓанските организации им овозможува да го следат спроведувањето на јавните политики (буџетот и другите стратешки документи), односно преку мониторинг и анализа на буџетите да обезбедат податоци (докази) што ќе се користат за нивно менување или пак за соодветна алокација на потребните ресурси.  Поконктретно, со мониторингот и со анализата на буџетите може да се утврдат последиците и/или целите што Владата сака да ги постигне со зголемување на јавните расходи; да се утврди планот на Владата за прибирање на средства во буџетот; да се добие претстава за конструкција на јавните буџети; да се утврди буџетскиот тренд или пак политиката на Владата во однос на ова прашање за одреден период; да се утврди како средствата од буџетот овозможуваат задоволување на потребите на одделни групи граѓани (жени, деца, лица со пречки во развојот итн.) и многу други состојби. За да се оствари сето ова, потребно е граѓанските организации да располагаат со релевантни и најнови информации.

Здружението ЕСЕ овој концепт го користи уште од 2008 година. Денес овој концепт преставува значајна компонента на нашето работење со цел:

  • осигурување на прогресивна реализација, недискриминација и издвојување на максимално расположливи ресурси за обезбедување на основните човекови права;
  • унапредување на пристапот на припадниците на маргинализираните групи на граѓани (жени, жени жртви на семејно насилство, жени Ромки, Роми, жени од рурални средини, жени со неповолен општествено-економски статус итн.) до здравствените услуги и остварување на нивните права од областа на  здравствената и социјалната заштита;
  • застапување за креирање на државните буџети во насока на задоволување на потребите на маргинализираните групи на граѓани, ефикасно користење на расположливите средства и доследно спроведување на предвидените мерки и активности;
  • подобрување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции;
  • поголема вклученост на граѓаните во буџетскиот процес и процесот на донесување на одлуки од значење за граѓаните и
  • јакнење на капацитетите на граѓанските организации за примена на овој концепт.

 

Мониторинг во заедницата

Мониторингот во заедницата може да се дефинира како „процес на систематско документирање и следење на достапноста, пристапот до квалитетот на здравствените услуги од страна на самите корисници на услугите, наспрема специфичните заложби и стандарди на државата, а со цел унапредување на услугите од страна на државните институции што обезбедуваат услуги и одлучуваат за сите прашања поврзани со нив“. Мониторингот во заедницата овозможува граѓаните детално да се запознаат со нивните права во однос на различните политики и програми за здравствена заштита и воедно овозможува јавно да ги искажат своите поплаки и забележани недоследности во нивното спроведување. Сето тоа овозможува граѓаните да не бидат само пасивни корисници на услуги,  туку да земат активна улога и учество во процесот на планирање, имплементација и евалуација на овие услуги.

Мониторингот во заедницата претставува механизам што обезбедува зголемена отчетност и транспарентност на државата во секторот на здравствената заштита на локално, национално и на глобално ниво. Основна цел на оваа методологија е да резултира со зголемен опфат на граѓаните со здравствени услуги и со унапредување на квалитетот на здравствените услуги.

Оваа методологија е особено значајна за маргинализираните групи од населението, бидејќи многу често овие групи не се запознаени со своите права од една страна, а од друга страна многу често не се во можност да ги искажат своите мислења и ставови во однос на здравствените услуги што ги добиваат.

Здружение ЕСЕ, во партнерство со повеќе ромски граѓански организации, го спроведува овој концепт во ромските заедници од 2011 година до денес, а главните цели на нашата работа се:

  • унапредување на здравјето на мајките и децата од ромската заедница, преку унапредување на пристапот до превентивните здравствени услуги предвидени со програмите на Министерството за здравство;
  • унапредување на репродуктивното здравје на жените од ромската заедница, преку обезбедување пристап до гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво, како и до услугите од превентивните програми на Министерството за здравство;
  • утврдување на приоритетните проблеми на заедницата во однос на пристапот до здравје и здравствена заштита.

 

Социјална ревизија

Социјалната ревизија претставува процес преку кој граѓаните, крајни корисници на одредена програма, политика или закон, се зајакнати за да можат да вршат ревизија на овие програми, политики или закони. Односно, во поширока смисла, таа претставува континуиран процес во кој потенцијалните корисници и другите релевантни актери на одредена активност се вклучени во текот на целиот процес, од планирање до мониторинг и евалуација на дадената активност. Согласно на тоа, оваа методологија се обидува да осигура дека одредена активност или програма е дизајнирана и имплементирана на начин што е најсоодветен за локалните состојби, дека соодветно ги адресира приоритетните проблеми на засегнатите лица и дека на најефективен начин ги остварува јавните интереси.

Поедноставно кажано, социјалната ревизија може да биде опишана како проверка и верификација дали одредена програма/политика е спроведена и кои резултати се постигнати со неа преку активно вклучување на заедницата и на примарните донесувачи на одлуки. Социјалната ревизија вклучува проверка на квантитетот и квалитетот на спроведените мерки и активности, при што главна цел на социјалната ревизија е да се постигне ефективна имплементација и да се врши контрола на нерегуларностите во спроведувањето. Главните принципи на социјалната ревизија се: транспарентност, партиципативност и отчетност. Многу земји во светот, особено земјите во развој, социјалната ревизија ја имаат институционализирано и најчесто се користи за да се проценат програмите и политиките на државата наменети за маргинализираните групи од општеството, меѓутоа ова не е случај со Р. Македонија.

Здружение ЕСЕ со партнерските ромски организации започна да ја користи методологијата на социјална ревизија од 2013 година, како дополнение на работата на полето на мониторинг во заедницата. Социјалната ревизија ја користиме со цел:

  • унапредување на опфатот на мајките и децата од ромската заедница со патронажни посети, и
  • унапредување на опфатот на жените од ромската заедница со Програмата за скрининг на рак на грло на матката.

 

Сакате да дознаете повеќе...

Законска
регулатива

Централен буџет и буџет на
Министерство за здравство

Програми за превентивна
здравствена заштита

 

Правно оспособување и зајакнување

Правното оспособување и зајакнување е широк и повеќедимензионален пристап. Тој не се состои само од една стратегија и не претставува магична формула за намалување на сиромаштијата. И покрај постоењето на повеќе толкувања и дефиниции за поимот правно оспособување и зајакнување, сепак постои  консензус околу следната дефиниција или конститутивни елементи на овој поим: Правното оспособување и зајакнување претставува користење на правото со цел специјално зајакнување на положбата на ранливите групи граѓани.

Конститутивните елементи на овој концепт се:

  • „Користење на правото“, кое не вклучува само користење на закони и судски пресуди туку и многу други прописи, уредби, договори, а во одредени земји и традиционалните системи за правда што ги регулираат законските права и обврски на ранливите групи.
  • „Специјално оспособување и зајакнување“, односно правно оспособување и зајакнување што се заснова и се однесува исклучиво на положбата на ранливите групи граѓани. Ваквиот вид на напори вклучуваат и реформи на правниот систем и подеднакво важно опфаќаат и правни услуги и други видови мерки што имаат за цел спроведување на правата предвидени со законите.
  • „Зајакнување на положбата“, што подразбира оспособување и зајакнување на положбата на ранливите групи со цел тие да ја преземат контрола над својот живот. Зајакнувањето е процес, но наедно преставува и цел на правното оспособување и зајакнување. Како процес тоа значи  спроведување на правни реформи и обезбедување правни услуги со цел зајакнување на положбата на ранливите групи граѓани, а како цел  преставува зајакнување на положбата на ранливите групи во однос на уживањето на нивните основни човекови права (здравствена заштита, образование, безбедност итн.).
  • „Ранлива група граѓани“, што ги подразбира сиромашните, но, исто така, и жените, припадниците на малцинствата, жртвите на повреди на човековите права и други групи население погодени од дискриминација или други неправди.

ЕСЕ применувајќи го овој концепт од 2011 година наваму придонесува кон:

  • менување на свесноста, разбирањето и познавањето за законското регулирање на здравствените права  меѓу Ромите (поединечно и на ниво на група/заедница);
  • стекнување вештини за спроведување на законски предвидените права од страна на Ромите;
  • менување на правниот статус на Ромите како поединци и како група (на пример се стекнале со здравствено осигурување, право на социјална помош, се здобиле со лична документација, здравствена картичка и др.);
  • зголемување на степенот на спроведување на законите и политиките што се однесуваат на здравствените права на Ромите (законите за здравствена заштита, здравствено осигурување, заштита на права на пациенти и превентивните здравствени програми што се предмет на интерес на социјална отчетност);
  • активен придонес од страна на заедницата при подготовка и менување на законски решенија и политики;
  • зголемување на степенот на отчетност и транспарентност на надлежните институции.

 

Сакате да дознаете повеќе...

 

Законска
регулатива

Механизми
за заштита

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар