Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

За нас

Мисија и визија

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ го развива и го помага женското и граѓанското лидерство за развој и спроведување на човековите права и социјалната правда во нашето општество.

ЕСЕ се води од својата посветеност кон решенија на проблемите. По пат на промовирање и унапредување на човековите права ја подобруваме социјалната и економската правда, притоа сметајќи дека правата на човекот претставуваат неделив збир од стандарди што треба сите да ги уживаат. Посебно сме посветени на работата на полето на промовирање и унапредување на здравствените  права и правата на жените. Затоа сме фокусирани на две цели – да излеземе во пресрет на итните потреби на граѓаните, посебно на ранливите групи, и да влијаеме при креирањето на одржливи, долгорочни промени. Правиме многу повеќе од документирање, пријавување и осуда на нанесените неправди. Обезбедуваме правна и параправна помош и на тој начин им овозможуваме на граѓаните да ги остварат своите права и  да ги променат условите во кои живеат. Но, уште повеќе, се застапуваме за менување на законите и политиките што влијаат врз спроведувањето на здравствените права и правата на жените. Застапуваме на национално, но, и на меѓународно ниво. Подготвуваме и поднесуваме „извештаи во сенка“ и  други видови документи за спроведување на меѓународните документи за правата на човекот пред одговорните меѓународни тела.

 

За постигнување на нашите цели ги користиме следните пристапи:

Спојување на концептите на социјална отчетност и правно оспособување  

Се залагаме за креирање на здравствени политики и здравствен буџет што се заснова на потребите на ранливите групи граѓани. Односно, се залагаме за максимално алоцирање на расположливите средства и нивно ефикасно користење во насока на доследно спроведување на програмите и политиките во областа на здравството. Потребите и интересите на граѓаните што се појдовна основа во нашето работење ги утврдуваме преку мобилизирање и едукација на населението со цел зголемување на нивното  познавање на здравствените права. Со тоа овозможуваме населението самостојно да го оцени  работењето на здравствените власти и здравствените работници, и уште повеќе, го поттикнуваме самостојно да ги утврди своите интереси и потреби на локално и на национално ниво. На оние на коишто им е потребна помош и поддршка за остварување на здравствените права им обезбедуваме параправна помош и поддршка. Доколку повеќе поединци и членови на заедницата се соочуваат со повреда на одредено право, им помагаме во изнаоѓање на соодветно решение и менување на постојните политики и практики што ги оневозможуваат во уживање на нивните права. Во последните неколку години работиме на изнаоѓање на начини за спојување на пристапите во работење со заедницата со цел зголемување на степенот на ефикасност и координација во утврдување на потребите и застапувањето на интересите на заедницата и нејзините членови.

Покрај мониторингот и анализата на здравствени буџети, фокусирани сме и на анализирањето на влијанието на јавните политики врз состојбата на жените, односно анализа на буџетите од родова перспектива. Родовото буџетирање го применуваме во однос на повеќе прашања од интерес на жената, како што се подобрување на пристапот на жените до услуги за репродуктивно здравје, подобрување на состојбата на жените што се грижат за тешко болни лица во нивните семејства, спроведување на странската помош за прашања од областа на родова еднаквост, утврдување на правните трошоци на жртвите на семејно насилство и други.  

Сето ова го правиме со мониторинг и анализа на буџети, мониторинг во заедницата, социјална ревизија и обезбедување параправна помош и поддршка.

Мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните институции

Го проценуваме нивото на реактивност и проактивност на јавните институции во објавување и споделување на буџетски и програмски информации и податоци со што настојуваме да го зголемиме степенот на транспарентност и отчетност на јавните институции, а особено на институциите и установите што се дел од јавниот здравствен систем. Преку  учество во меѓународни и национални инцијативи во однос на овие прашања влијаеме на состојбите на национално ниво. Посветено работиме и на јакнење на капацитетите на граѓанските организации во областа на транспарентноста, отчетноста и пристапот до информации и со тоа создаваме поголема критична маса на релеватни актери што  можат да влијаат и да направат промени.

Мониторинг на спроведување на човековите права

Го следиме степенот на спроведување на меѓународно прифатените обврски од страна на државата, при што идентификуваните сфери на загриженост и препораки ги документираме и за нив известуваме пред меѓународно одговорните тела за правата на човекот. На тој начин влијаеме на менување и унапредување на законите, политиките и практиките. Истовремено се трудиме за сите позначајни повреди на човековите права да ги известиме и да покренеме иницијатива пред назначените специјални известувачи и механизми за заштита на ОН и Европскиот суд за човекови права.

Оцена на степенот на правна и судска заштита

Се трудиме да ја унапредиме правната заштита на жените жртви на насилство преку работа со судските органи, граѓанските организации и жените жртви на насилство. Работиме на унапредување на степенот на судска заштита преку мониторинг на судските случаи на насилство врз жените и јакнење на капацитети на судиите кои работат на оваа проблематика. Ги идентификуваме пречките и даваме препораки во однос на унапредување на правната заштита и ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации во насока на користење на меѓународните и регионалните механизми за правна заштита на жените жртви на насилство.

Обезбедување помош и информации

Обезбедуваме соодветна и навремена правна и параправна заштита на одредени ранливи групи граѓани. Исто така, ги информираме и ги запознаваме со нивните законски загарантирани права, како и со можностите за нивна заштита. Во отсуство на соодветни политики и заштита на здравствените права, оние случаи каде што според наша проценка можеме да издејствуваме посуштествени промени, ги окарактеризираме како стратешки случаи на застапување и за нив нудиме соодветна помош и поддршка.

 

Историјат

Програми за работа и извештаи

Тимот на ЕСЕ

Организациска поставеност

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар