Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

НАШАТА ВИЗИЈА И МИСИЈА

ВИЗИЈА

Движечката сила на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ е неговата посветеност на решавање проблеми. Преку нашата работа на промоција и унапредување на човековите права, ние всушност ја подобруваме социјалната и економската правда, имајќи предвид дека човековите права претставуваат исклучително корисна збирка на стандарди што треба да ги уживаат сите луѓе. Посебен фокус на нашата работа се промоцијата и унапредувањето на здравствените права и правата на жените. Оттука, нашите две главни цели се однесуваат на: решавање на итните потреби на граѓаните, посебно на потребите на ранливите групи граѓани; и извршување влијание врз јавните политики за постигнување одржливи и долгорочни промени. Нашата работа вклучува многу повеќе од документирање, поднесување извештаи и јавна осуда на неправдите во општеството. Ние обезбедуваме правна и параправна помош, со што им овозможуваме на граѓаните да ги остваруваат своите права и да ги променат своите животни услови. Освен тоа, ние се застапуваме за промени на законодавството и на политиките кои влијаат врз остварувањето на здравствените права и правата на жените. Нашето застапување се одвива на национално и на меѓународно ниво. Конкретно, ние изготвуваме и поднесуваме „извештаи од сенка“ и други документи до надлежните меѓународни тела за степенот на спроведување на меѓународните договори за човекови права.

 

МИСИЈА

Здружението ЕСЕ е граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги во Р. Македонија.

 

НАШИТЕ ПРИСТАПИ

Спојување на концептите на социјална отчетност и правно оспособување  

Се залагаме за креирање на здравствени политики и здравствен буџет што се заснова на потребите на ранливите групи граѓани. Односно, се залагаме за максимално алоцирање на расположливите средства и нивно ефикасно користење во насока на доследно спроведување на програмите и политиките во областа на здравството. Потребите и интересите на граѓаните што се појдовна основа во нашето работење ги утврдуваме преку мобилизирање и едукација на населението со цел зголемување на нивното  познавање на здравствените права. Со тоа овозможуваме населението самостојно да го оцени  работењето на здравствените власти и здравствените работници, и уште повеќе, го поттикнуваме самостојно да ги утврди своите интереси и потреби на локално и на национално ниво. На оние на коишто им е потребна помош и поддршка за остварување на здравствените права им обезбедуваме параправна помош и поддршка. Доколку повеќе поединци и членови на заедницата се соочуваат со повреда на одредено право, им помагаме во изнаоѓање на соодветно решение и менување на постојните политики и практики што ги оневозможуваат во уживање на нивните права. Во изминатите години работевме на изнаоѓање на начини за спојување на рзличните пристапи во работење со заедницата со цел зголемување на степенот на ефикасност и координација во утврдување на потребите и застапувањето на интересите на заедницата и нејзините членови.

 

Родово буџетирање

Покрај мониторингот и анализата на здравствени буџети, фокусирани сме и на анализирањето на влијанието на јавните политики врз состојбата на жените, односно анализа на буџетите од родова перспектива. Родовото буџетирање го применуваме во однос на повеќе прашања од интерес на жената, како што се подобрување на пристапот на жените до услуги за репродуктивно здравје, подобрување на состојбата на жените што се грижат за тешко болни лица во нивните семејства, спроведување на странската помош за прашања од областа на родова еднаквост, утврдување на правните трошоци на жените кои претрпеле семејно насилство и други.  

 

Мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните институции

Го проценуваме нивото на реактивност и проактивност на јавните институции во објавување и споделување на буџетски и програмски информации и податоци со што настојуваме да го зголемиме степенот на транспарентност и отчетност на јавните институции, а особено на институциите и установите што се дел од јавниот здравствен систем. Преку  учество во меѓународни и национални инцијативи во однос на овие прашања влијаеме на состојбите на национално ниво. Посветено работиме и на јакнење на капацитетите на граѓанските организации во областа на транспарентноста, отчетноста и пристапот до информации и со тоа создаваме поголема критична маса на релеватни актери што  можат да влијаат и да направат промени.

 

Мониторинг на спроведување на човековите права

Го следиме степенот на спроведување на меѓународно прифатените обврски од страна на државата, при што идентификуваните сфери на загриженост и препораки ги документираме и за нив известуваме пред меѓународно одговорните тела за правата на човекот. На тој начин влијаеме на менување и унапредување на законите, политиките и практиките. Истовремено се трудиме за сите позначајни повреди на човековите права да ги известиме и да покренеме иницијатива пред назначените специјални известувачи и механизми за заштита на ОН и Европскиот суд за човекови права.

 

Оцена на степенот на правна и судска заштита

Се трудиме да ја унапредиме правната заштита на жените кои претрпеле насилство преку работа со судските органи, граѓанските организации и жените кои претрепел насилство. Работиме на унапредување на степенот на судска заштита преку мониторинг на судските случаи на насилство врз жените и јакнење на капацитети на судиите кои работат на оваа проблематика. Ги идентификуваме пречките и даваме препораки во однос на унапредување на правната заштита и ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации во насока на користење на меѓународните и регионалните механизми за правна заштита на жените кои претрепел насилство.

 

Обезбедување помош и информации

Обезбедуваме соодветна и навремена правна и параправна заштита на одредени ранливи групи граѓани. Исто така, ги информираме и ги запознаваме со нивните законски загарантирани права, како и со можностите за нивна заштита. Во отсуство на соодветни политики и заштита на здравствените права, оние случаи каде што според наша проценка можеме да издејствуваме посуштествени промени, ги окарактеризираме како стратешки случаи на застапување и за нив нудиме соодветна помош и поддршка.