Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

Јавен настан „Како до подобро здравје за жените, мајките и децата во Република Северна Македонија?“

Здружение ЕСЕ на 07 октомври 2020 година одржа онлајн јавен настан насловен „Како до подобро здравје за жените, мајките и децата во Република Северна Македонија?“.  На јавниот настан беше презентирана „Анализата на состојбите во однос на перинаталната и доенечката смртност во Република Северна Македонија во периодот од 2011 до 2017 година“, која Здружение ЕСЕ ја подготви во соработка со работна група на експерти. Анализата има за цел да ги утврди можните причини и состојби кои доведоа до пораст на доенечката смртност во Република Северна Македонија во периодот од 2011 до 2017 година. Утврдувањето на овие состојби е од клучно значење, со цел државата да може да преземе соодветни мерки и активности за да се спречи можен иден пораст на доенечката смртност. Имено подготвената анализа овозможи Здружение ЕСЕ во соработка со експертската работна група да подготви „Акционен предлог-план за унапредување на здравјето и здравствената заштита на жените, мајките и децата со цел намалување на перинаталната и доенечката смртност во Република Северна Македонија за периодот 2020 – 2030 година“, кој исто така беше презентиран на јавниот настан.По дополнителни консултации со сите релевантни фактори Акциониот предлог-план ќе биде дополнет и потоа заедно со анализата ќе биде доставен до Министертсвото за здравство, Фондот за здравствено осигурување и останати надлежни институции со цел вклучување на предложените мерки и активности во релевантните здравствени политики. На јавниот настан свои излагања и презентации имаа: Јасминка Фришчиќ од Здружение ЕСЕ, Борјан Павловски од Здружение ЕСЕ, Д-р Весна Блажевска-Сиљановска матичен гинеколог и претставничка на Здружението на приватни гинеколози – акушери,  Д-р Елизабета Петковска специјалист педијатар-неонатолог од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и  Д-р сци. Наталија Дечовски од ЈЗУ Здравствен дом – Штип. По презентациите се разви дискусија во која одреден дел од учесниците дадоа свои предлози за натамошно дополнување на акциониот план. На јавниот настан учествуваа 27 учесници, претставници од државните институции, претставници од јавни здравствени установи, здравствени работници и претставници од граѓанскиот сектор.

 Програмата за работа на ЕСЕ за 2020 година е кофинансирана од Европската Унија и ФООМ.

Содржината на овој документ е целосна одговорност на Здружение ЕСЕ и во ниту еден случај не ги одразува ставовите на Европската Унија и  ФООМ      

 

Одржана е-конференција „Отворено владино партнерство – дијалог за Националниот акциски план 2021-2023“

На 30 септември се одржа е-конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог за Националниот акциски план 2021-2023“ на која учествуваа претставници од институциите како и од граѓанското општество и претставници на ОВП.

Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство, меѓународна платформа преку која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Согласно прифатените обврски, Северна Македонија има усвоено четири Акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018), а во наредните шест месеци земјата ќе работи и на петтиот Акциски план 2021 – 2023, процес во кој се очекува да се вклучени сите засегнати страни.

Конференцијата ја отвори Министерот за информатичко општество и администрација, ЈЕТОН ШАЌИРИ кој истакна дека во изминатите неколку години Република Северна Македонија постигна напредок во областите кои придонесуваат кон остварување на основните принципи на Отвореното владино партнерство. Преземени беа голем број активности за градење на партнерски однос со граѓаните и компаниите во обликување на националните политики и креирање на националното законодавство, стратегии и инцијативи. Ваквиот пристап според Министерот секогаш придонесува за постигнување на добри резултати и поквалитетно законодавство, а висок приоритет останува подобрување на сите механизми кои ја гарантираат вклученоста и партнерскиот однос помеѓу институциите и граѓанскиот сектор како основа за градење на демократско општество.

Повеќе...

Извештај од набљудување на работата на народниот правобранител со фокус на спречувањето и заштитата од дискриминација: (2010-2019)

Целта на овој Извештај е да го процени испол­нувањето на уставните и на законските надлеж­ности на Народниот правобранител во полето за промоцијата на еднаквоста и на недискриминацијата во општеството, како и постапувањето по прет­ставки за заштита од дискриминација во еден по­долг временски период, односно од 2010 до 2019 година. Тој треба да биде корисна алатка при пла­нирање и при преземање на активности за застапу­вање, насочени кон унапредување на законската рамка за спречување и заштита од дискримина­ција, како и надминување на недостатоците при нејзиното спроведување во практиката.

Земајќи ја предвид огромната одговорност на оваа институција, Извештајот од набљудување­то на работата на Народниот правобранител со фокус на спречувањето и заштитата од дискри­минација (за периодот 2010 – 2019 година) треба да придонесе кон унапредување на ефи­касноста и делотворноста на работата на Народ­ниот правобранител, особено во спречувањето и заштитата од дискриминација во Република Северна Македонија.

Документот се заснова врз преглед на различен тип на податоци за испол­нување на законскиот мандат на ова тело во уна­предувањето на недискриминацијата во земјата и особено – на поединечните проблеми на ран­ливите групи граѓани (ЛГБТИ, лица кои живеат со попреченост, луѓе кои користат дроги, лица кои живеат со ХИВ, жени, сексуални работници/чки, Роми, сиромашни луѓе итн.) кои се жртви на дис­криминација од страна на различни надлежни државни органи, јавни установи и служби.

Повеќе...

Реобјава на повик за ангажирање на правно или физичко лице за осмислување и спроведување на активности и промоција на работењето на ЕСЕ на полето на недискриминацијата и еднаквост

Оваа активност е дел од проектот “Give priority to gender equality” поддржан со грант од ЕУ, референтен бр. IPA/2019/413-755. Основна цел на проектот е унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности за ранливите групи на граѓани во областа на социјалните и економски права, односно во областа на родово засновано насилство, вработување и вработливост, здравствени права, пристап до правда и пристап до фискална транспарентност.

1. Основни и посебни цели

Основна цел на овој ангажман е осмислување и спроведување на активности, односно организирање на јавни настани, комуникација со јавноста и медиумите во време на пандемија, како и промоција на работењето на ЕСЕ на полето на промовирањето на недискриминацијата и еднаквоста во општеството. Во оваа насока предвидено е ангажирање на новинар за подготовка на план за реализирање на наведените посебни цели/активности:

1.1. Подигање на свесноста кај општата и стручна јавност за неодложно (итно) усвојување на Законот за антидискриминација и  формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, вклучително и предусловите за транспрентност, отчетност и ефективност во работата на ова тело

Во месец мај 2019 година беше усвоен новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација,  кој предвиде проширување на законските надлежности и значително унапредување на работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како специјализиран механизам за заштита на индивидуалните права на граѓаните кои се жртви на дискриминација. Меѓутоа, во пракса изостана заштитата на луѓето кои се дискриминирани, првично поради непочитувањето на законскиот рок за неформирањето на новата Комисија во предвидениот законски рок во месец август 2019 година, односно до распуштањето на Парламетот во месец февруари 2020 година.  Ситуацијата е особено разочарувачка доколку се земе предвид Одлуката на Уставен  суд за укинување на Законот за антидискриминација во месец мај 2020 година.  Особено загрижува отсуството на еден специјазизиран механизам за заштита на граѓаните од дискриминација, како што е Комисијата.  Парламентарните избори во државата го пролонгираа донесувањето на новиот закон и уште повеќе  ја влошија состојбата на лицата кои се дискриминирани, особено на ранливите групи на граѓани кои се поподложни на дискриминација.

Во 2019 година непосредно по усвојувањето на новиот закон, Здружението ЕСЕ презеде активности за негова полесна имплементација во пракса: подготвена е  проценка на законскиот мандат на КСЗД и утврдени беа предусловите кои требда да бидат исполнети за зголемена транспарентност, отчетност и ефективност во работата на ова тело; развиена е методологија со инструменти за следење на најважните аспекти од работата на Комисијата; спроведено беше истражување со ранливите групи на граѓани и утврдени нивните перспективи и очекувања за работата на Комисијата во иднина; спроведена беше кампања за актуелизирање на потребата за итно формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Меѓутоа, ваквите активности беа одложени поради неформирањето на комисијата и последователното укинување на законот.

Повеќе...

Повик за понуди за одржување на јавен настан

I.          ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ ЗА БАРАТЕЛОТ И ПРОЕКТОТ

 

Здружението  за  еманципација,  солидарност  и  еднаквост  на  жените  (ЕСЕ)  од Скопје   има   потреба   од   простор   и   освежување   за   спроведување   на Јавен настан во   траење   од   3 часа и 30 минути   за   потребите   на   проектот “Дади приоритет   за                родовата    еднаквост”                          (Grant            Contract           Ref. No. IPA/2019/413-755).

Мисија на Здружението ЕСЕ и опис на дејноста:

Здружението  за  еманципација,  солидарност  и  еднаквост  на  жените  –  ЕСЕ  го развива и го  помага женското и граѓанското лидерство за развој и спроведување на човековите права и социјалната правда во нашето општество.

ЕСЕ  се  води  од  својата  посветеност  кон  решенија  на  проблемите.  По  пат  на промовирање и унапредување на човековите права ја подобруваме социјалната и економската  правда,  притоа  сметајќи  дека  правата  на  човекот  претставуваат неделив збир од стандарди што треба сите да ги уживаат. Посебно сме посветени на работата на полето на промовирање и унапредување на  здравствените  права и правата на жените. Затоа сме фокусирани на две цели – да излеземе во пресрет на итните потреби на граѓаните, посебно на ранливите групи, и да влијаеме при креирањето   на   одржливи,   долгорочни   промени.   Правиме   многу   повеќе   од документирање,   пријавување  и осуда  на  нанесените  неправди.  Обезбедуваме правна и параправна помош и на  тој начин им овозможуваме на граѓаните да ги остварат своите права и  да ги променат условите во кои живеат. Но, уште повеќе, се   застапуваме   за   менување   на   законите   и   политиките   што   влијаат   врз спроведувањето  на  здравствените  права  и правата  на  жените.  Застапуваме  на национално, но, и на меѓународно ниво. Подготвуваме и поднесуваме „извештаи во   сенка“   и    други   видови   документи   за  спроведување   на   меѓународните документи за правата на човекот пред одговорните меѓународни тела.

Повеќе...

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар