Информација за јавноста по повод 4 февруари Светскиот ден за борба против карцином

Здружение ЕСЕ: Во Македонија жените умираат од причини кои навремено можат да се спречат доколку соодветно се спроведуваат програмите за скрининг на рак на грло на матка и рак на дојка.

Иако постојат програми за скрининг (рано откривање) на ракот на грлото на матката и ракот на дојката, податоците од нивното спроведување покажуваат дека реално во Македонија нема сеопфатен и организиран скрининг за овие малигни заболувања.

Со средствата кои Министерството за здравство ги одвојува за програмата за скрининг на рак на грло на матка предвидува опфат на само околу 30% од жените од целната возрасна група (жени од 24 до 60 години). Дополнително на тоа Министерството за здравство во 2019 година го намали буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари. Воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60% од жените имаат избрано матичен гинеколог. Сето тоа води кон тоа само 28% од жените да бидат опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година). Состојбата е далеку понеповолна помеѓу жените Ромки, бидејќи само 9,5% од нив се опфатени со оваа Програма во периодот од 2012 до 2018 година.

Поразителна е и состојбата по однос на програмата за скрининг на рак на дојката, преку која во 2019 година биле опфатени само 0,7% од жените на возраст од 50 – 69 години. Поразителна е состојбата помеѓу жените Ромки, бидејќи само четири од 270 анкетирани жени Ромки од Шуто Оризари биле поканети на преглед на дојки за цели четири години (од 2015 до 2019 година).

Програмите  за скрининг на ракот на грлото на матката и ракот на дојката се од особено значење за здравјето на жените, бидејќи навременото откривање на овие карциноми овозможува навремено и соодветно лекување. За споредба во европските држави опфатот на жените со овие програми е над 75%.

Поради тоа Министерството за здравство потребно е веднаш да ги зголеми финансиските средства за овие Програми, меѓутоа и да ги овозможи сите услови и да обезбеди соодветна координација за доследно спроведување на овие програми.

Секоја година на 04 февруари се одбележува Светскиот ден за борба против карцином. Мотото на кампањата за 2021 година е Together, all our actions matter (Заедно, секоја наша акција е важна). Целта на Светскиот ден за борба против карцином е да изврши притисок врз владите и поедницните во целиот свет да преземат акции против оваа болест, со цел да се постигне свет без карциноми. Повеќе информации на: https://www.uicc.org/events/world-cancer-day-2021

 

Лице за контакт:

Борјан Павловски, Координатор на програма за јавно здравје и здравје на жените

Тел: 02/3298 295, е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ