Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

Услови за ангажман на експерти - Проценување на постапувањето на полицијата во случаи на семејно насилство и предлагање на решенија за унапредување на нивното постапување

 

Семејното насилство е законски регулирано во земјата од 2004 година кога е воспоставен граѓанскиот и кривично-правниот систем за жените кои претрпеле семејно насилство. За жал, и покрај воспоставувањето на формалниот систем на заштита повеќе од 15 години општ впечаток е дека државата не успеа да демонстрира доволно политичка волја и да одвои доволно средства за надминување на главните системски недостатоци поврзани со семејното насилство, како што се неспроведување на превентивни активности и активности за подигање на свесноста; недостаток на услуги за заштита и поддршка на жртвите; отсуство на системска обука на практичари од државните институции и судството; некоординација меѓу релевантните институции; недостаток на јавно достапни податоци и статистички податоци за случаите на семејно насилство. Жените кои претрпеле семејно насилство не се информирани како да го препознаат насилството и кои се законските механизми за нивна заштита, што особено се манифестира кај жените од руралните области и жените од етничките малцинства.

Иако сите форми на семејно насилство се инкриминирани и забранети, во пракса психолошкото и сексуалното насилство не се препознаваат и остануваат непријавени и несанкционирани. Кривичните дела поврзани со семејно насилство се гонат по службена должност, со исклучок на „телесна повреда“ (член 130, став 2) кое се гони по предлог на жртвата, како резултат на што значителен дел од жените кои претрпеле телесна повреда (17%) се повлекуваат од кривичната постапка. И покрај законски предвидените затворски казни за делата на семејно насилство, кривичните судови применуваат блага казнена политика кон сторителите. Жените кои претрпеле семејно насилство се соочуваат со секундарна виктимизација и пролонгирање на судските постапки за нивна заштита. Прогласената вонредна состојба и ограниченото движење за време на КОВИД 19 пандемијата имаа дополнително негативно влијание врз состојбата на жените, со зголемување на ризикот од семејно насилство и загрозување на нивниот живот и благосостојба. И покрај тоа Владата и надлежните државни институции не го прилагодија своето постапување на новонастанатата состојба, ниту пак преземаа посебни мерки за да одговорат на специфичните потреби на жените кои претрпеле семејно насилство.

Важно е да се нагласи дека неодамна ратификуваната Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) е позитивен фактор што може да се искористи за подобрување на сегашниот контекст, односно состојбата на жените кои претрпеле семејно насилство. Во врска со ова, Владата го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за период 2018- 2023[1] и Оперативниот план за спроведување на активностите во надлежност на МТСП за 2018-2019 година[2]. За жал, не беа планирани доволно буџетски средства за спроведување на националните акциони и оперативни планови, што повторно го илустрираше недостатокот на приоритет и политичка волја за подобрување на состојбата со семејното насилство во земјата. Ова уште повеќе ја нагласува потребата за спроведување на активности насочени кон решавање на системските недостатоци на системот за заштита.

1.1. Основна цел и посебни цели

Оваа активност е дел од едногодишен проект кој Здружение ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка од фондацијата Квина Тил Квина, чија основна цел е унапредувањето на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство.

Посебни цели:

  • Подготовка на Методологија и методолошки инструменти за проценување на постапувањето на полицијата во случаи на семејно насилство
  • Спроведување на интервјуа со жени кои претрпеле семејно насилство и со полициски службеници кои постапуваат во овие случаи
  • Подготовка на упатства за постапување на полицијата во случаи на семејно насилство
  • Презентирање на наодите од проценувањето и содржината на упатствата за постапување на два регионални форуми наменети за полициски службеници

1.2.  Ангажман и работни задачи на експертот

За спроведување на посебните цели, предвидено е ангажирање на двајца надворешни експерти.

Проценувањето на постапувањето на полицијата во случаи на семејно насилство и предлагање на решенија за унапредување на нивното постапување  се подготвува со цел да се утврдат можните пречки со кои се соочува полицијата во постапувањето во случаи на семејно насилство  и да се утврдат мерки и активности за унапредување на истото.

При спроведување на активностите предвидени со овој повик ќе бидат земени предвид искуствата на жените кои претрпеле семејно насилство, како основа во однос на оценувањето на постапувањето и  предлагање на решенија за унапредување. Проценувањето ќе се заснова и на искуството на полициските службеници кои постапуваат во овие предмети.

Сите предвидени задачи во овој повик ќе се  засноваат на позитивното законодавство и подзаконски акти за постапување на полицијата во случаи на семејно насилство, вклучувајќи ги и сите останати закони кои се релевантни и поврзани со постапувањето на полицијата воопшто.

За да се процени постапувањето на полицијата и да се предложат соодветни решенија експертите ќе треба да ги преземат заеднички следните активности:

- да ја анализираат постоечките законска регулатива и подзаконски акти, вклучувајќи и листата на секундарни извори кои укажуваат на постапување на полицијата;

- да подготват методологија, односно инструменти за оценување на постапувањето;

- да спроведат 15 интервјуа со жени кои претрпеле семејно насилство;

- да спроведат 32 интервјуа со полициски служебници и припадници на МВР кои работат на  случаи на семејно насилство;

- да се направи проценка на одредени завршени случаи по пат на пополнување на прашалник;

- да ги анализираат собраните информации и да подготват краток извештај;

- да подготват упатство за постапување; и

- да ги презентираат наодите и содржината на упатството на два регионални форуми.

 

1.3.  Продукти и временски период за спроведување

Како резултат на предвидениот ангажман, експертите треба да ги подготват следните продукти во утврдениот временски период:

Продукти и активности

Рок за предавање

Методологија за подготовка на планот, вклучувајќи ги сите потребни инструменти за собирање и обработка на податоците

1 август

Краток извештај од спроведена проценка

30 септември

Упатство за постапување на полицијата во случаи на семејно насилство

1 ноември

Извештај за спроведени активности во рамки на овој ангажман, вклучувајќи и презентација на резултатите

1 ноември до 31 декември

 

1.4.  Квалификации на експертот

Експертот треба да ги има следните квалификации:

  • Познавања во однос на постапување на полицијата воопшто и посебно на постапување на   полицијата во случаи на семејно насилство
  • Одлично познавање на појавата на семејно насилство и практично искуство во работење на случаи на семејно насилство

 

1.5. Буџет и временска рамка

За ангажманот на експертите е предвиден финансиски надомест во вкупен бруто износ од 2.000 ЕУР, односно по 1.000 ЕУР за секој од експертите во денарска противвредност пресметана на денот на исплата. Ангажманот на експертот ќе трае во период од 1 мај, 2021 година до 31 декември, 2021 година.

 

1.6.  Потребана документација за аплицирање

- Кратка биографија на кандидатот/кандидатката

 

Потребните документи се доставуваат на е-маил:  Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.  со назнака „Проценување на постапувањето на полицијата во случаи на семејно насилство и предлагање на решенија за унапредување на нивното постапување” најдоцна до  23 април 2021 година. 

 

                           

 

12.04.2021

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар