Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) го објави извештајот „Tax Policy Reforms 2026“ (Даночни реформи 2026), во кој се анализираат даночните реформи воведени или најавени во текот на 2025 година во 92 земји и даночни јурисдикции, вклучително и Северна Македонија.

Извештајот, објавен на 8 септември 2026 година, покажува дека земјите применуваат различни даночни мерки за да одговорат на економските предизвици, растечките буџетски потреби и трошоците за живот. Дел од реформите се насочени кон поддршка на домаќинствата со ниски и средни приходи, обезбедување поголема даночна праведност и подобрување на достапноста на основните производи и услуги.

Намалување на даночниот товар за домаќинствата со пониски приходи. Според ОЕЦД, повеќе земји продолжиле со даночни олеснувања за граѓаните со ниски и средни приходи, додека дел од реформите предвидуваат повисоки даночни стапки за лицата со највисоки приходи. Ваквите мерки покажуваат дека даночната политика може да се користи и како инструмент за поправедна распределба на даночниот товар.

Намалување или укинување на ДДВ за одредени основни производи и услуги. Во повеќе земји се воведени или продолжени повластени даночни стапки и ослободувања за основни прехранбени производи, електрична енергија, греење, вода и други неопходни услуги. На пример, Норвешка ја намалила стапката на ДДВ за водоснабдување и канализација од 25% на 15%, додека Перу го продолжило даночното ослободување за повеќе основни производи, вклучително и храна, до крајот на 2028 година. Овие мерки се особено значајни за домаќинствата со ниски приходи, кај кои трошоците за основните животни потреби заземаат поголем дел од расположливиот буџет.

Даночни мерки што можат да придонесат за родова еднаквост. Извештајот наведува конкретни примери за намалување на даночниот товар врз производи поврзани со здравјето и потребите на жените. Австрија вовела ослободување од ДДВ за менструални производи и контрацептивни средства, со примена од 1 јануари 2026 година, додека Мексико вовело нулта стапка на ДДВ за одредени менструални производи. Ваквите мерки се важни од перспектива на родовата еднаквост, бидејќи можат да придонесат за намалување на финансискиот товар за производи што се неопходни за здравјето и секојдневниот живот на жените и девојките.

Поддршка на домаќинствата со ниски приходи преку враќање на дел од платениот ДДВ. Извештајот ја претставува и даночната реформа во Бразил, која предвидува механизам за враќање на дел од платениот ДДВ на домаќинствата со ниски приходи. Мерката опфаќа целосно враќање на одредени федерални даноци за основни комунални услуги, како електрична енергија, вода и гас, како и делумно враќање на данокот за други производи и услуги. Овој пристап претставува пример како даночниот систем може понасочено да ги поддржи економски најранливите домаќинства.

Наодите од извештајот ја отвораат и пошироката дискусија за влијанието на даночните политики врз социјалната и економската еднаквост. При оценувањето на даночните реформи, покрај нивното влијание врз јавните приходи, важно е да се разгледа и како тие влијаат врз различните групи граѓани, особено врз жените, лицата со ниски приходи и домаќинствата што се соочуваат со сиромаштија.

Извор: OECD (2026), Tax Policy Reforms 2026: OECD and Selected Partner Economies, OECD Publishing, Paris.

Целосниот извештај е достапен на: https://doi.org/10.1787/43d18a55-en