Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус,, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан од Француската Развојна Агенција – Expertise France.

  • Ангажман и работни задачи на експертот

Експертот ќе биде ангажиран во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ со цел да обезбеди стручна поддршка за собирање, анализа и консолидирање на податоци кои ќе ја информираат подготовката на системски антикорупциски реформи во здравствениот сектор.

Експертот ќе биде задолжен за:

  • Мапирање на постојните општи механизми за пријавување корупција, вклучително и во здравството преку анализа на институционални документи и алатки за пријавување.
  • Подготовка и спроведување полу-структурирани интервјуа со 20 институционални чинители.
  • Подготовка на сеопфатен извештај кој ќе вклучува:
  • анализа и наоди од мапирањето и институционалните интервјуа,
  • интегрирана анализа на резултатите од интервјуата со 60 жени (спроведени од друг соработник),
  • анализа на состојбите преку родова перспектива,
  • проценка на институционалната одговорност, ризиците од корупција и утврдените празнини,
  • конкретни препораки за унапредување на механизмите за пријавување и развој на антикорупциски политики во здравството.
  • Подготовка на презентација и презентирање на наодите и препораките од извештајот пред мулти-секторската работна група формирана во рамки на проектот, и активно учество во дискусијата за нивно унапредување.
  • Присуство на средби и координирање на својата работа со останатите експерти ангажирани на проектот по укажување на проектниот тим.

 1.2. Очекувани продукти од ангажманот

  • Документ кој содржи преглед и анализа на постојните институционални механизми и алатки за пријавување, со проценка на нивната функционалност, достапност и транспарентност.
  • Резиме од полу-структурирани интервјуа со 20 институционални чинители (синтетизирани наоди и клучни согледувања од интервјуата со претставници на релевантни институции).
  • Сеопфатен извештај со вклучена родова анализа и препораки
  • Презентација на наодите пред мулти-секторската работна група (подготвена презентација и усно излагање на наодите и препораките од извештајот пред работна група).

1.3. Квалификации на експертот

Образование и експертиза

  • Универзитетска диплома во областа на право, политички науки, јавна администрација, економија, социологија или сродни области (магистратура или докторски студии ќе се сметаат за предност).
  • Докажано познавање на јавни политики, механизми за отчетност и антикорупциски практики.
  • Познавање на здравствениот систем во Северна Македонија.

Професионално искуство

  • Минимум 5 години релевантно работно искуство во спроведување на институционални анализи, истражувања или мониторинг на јавни политики.
  • Искуство во подготовка и спроведување интервјуа со институционални чинители и подготовка на аналитички извештаи.
  • Докажано искуство во подготовка на препораки за јавни политики и реформи, особено во здравството.
  • Искуство во интегрирање родова перспектива во анализи и политики.
  • Искуство во презентирање на наоди пред работни групи или мулти-секторски тела.

Вештини

  • Одлични аналитички и истражувачки вештини.
  • Способност за јасно и концизно пишување извештаи и формулирање препораки.
  • Вештини за комуникација и презентација.
  • Работно познавање на англиски јазик.

 1.4. Буџет и времетраење на ангажманот

За овој ангажман е предвиден финансиски надомест во износ од 6.827 евра (бруто износ), вклучувајќи ги и сите трошоци поврзани со спроведување на предвидените работни задачи.

Ангажманот е предвиден да трае девет месеци и започнува во октомври 2025 година, со можност за продолжување согласно динамиката на активностите и временското закажување на работните задачи.

1.5. Потребна документација за аплицирање

Заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Кратко мотивациско писмо(до 1 страница) со објаснување на интересот за ангажманот и релевантното искуство.
  • Биографија (CV)со јасно наведено образование, професионално искуство и референтни проекти/анализи поврзани со антикорупција, јавни политики, здравство или родови прашања.
  • Листа на изработени документи/извештаи/аналитички трудови(со краток опис на содржината и годината на изработка).

 Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на експерт за проектот Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ најдоцна до 15 септември, 2025 година.

Повик за ангажман на експерт за јавни политики и антикорупција во здравство