На 31.03.2026 година во Куманово реализиравме едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со особен фокус на мајчиното ментално здравје. На оваа работилница учествуваа 16 жени, меѓу кои трудници и мајки во првите шест месеци по породувањето.

За време на работилницата, учесничките имаа можност да се информираат за промените што се случуваат во текот на бременоста и по породувањето, како и за најчестите здравствени предизвици со кои жените може да се соочат во овој период. Беа споделени практични совети и препораки за зачувување и унапредување на здравјето на мајките, но и за навремено препознавање на состојби кои бараат дополнително внимание и поддршка.

Особено внимание беше посветено и на правилната грижа за бебињата и малите деца на возраст од 0 до 3 години. Жените добија корисни насоки за нега, следење на развојот и рана стимулација, со цел подобро да одговорат на потребите на своите деца во најраниот период од нивниот раст и развој.

Во рамки на работилницата се отвори и значајна дискусија за мајчиното ментално здравје. Учесничките активно учествуваа, ги споделија своите искуства, предизвици и дилеми поврзани со бременоста и периодот по породувањето. Тие нагласија дека покрај жените, важно е и нивните партнери да бидат подобро информирани и едуцирани за менталното здравје на мајките, за да можат да обезбедат поголема разбирање и поддршка.

Жените ја оценија работилницата како корисна и значајна, истакнувајќи дека ваквите средби им помагаат полесно да се справат со предизвиците на мајчинството и да стекнат нови знаења за сопственото здравје и развојот на своите деца.

Оваа работилница е дел од нашиот континуиран ангажман за унапредување на мајчиното ментално здравје и обезбедување поголема поддршка за жените во периодот на бременост и по породувањето.

Работилницата е дел од проектот „Соработка во областа на здравството со Северна Македонија“, финансиски поддржан од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.