На 11.12.2024 година се одржа работна средба за планирање на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2025 година.

Координаторот на здравствената програма на ЕСЕ на работната средба ги презентираше наодите од спроведената анализа на планирањето и мониторингот на спроведувањето на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во периодот од 2019 до 2024 година. Воедно ги презентираше и клучните препораки за унапредување на програмата, вклучувајќи ги: повторно планирање на здравствено едукативни активности за здрава бременост, здраво новороденче и доенче, важноста на доењето, редовна вакцинација и ран детски развој; повторно планирање на активности за едукација и поддршка на работата на патронажните сестри; воведување на скрининг за слух за сите новороденчиња; воведување на метаболен скрининг за сите новороденчиња; предвидување на финансиски средства за бесплатни антенатални прегледи и бесплатно породување на жените кои не се здравствено осигурени.

На работната средва учествуваа претставници од партнерските граѓански организации, Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Универзитетската клиника за детски болести, Центарот за семејна медицина, Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, Институтот за јавно здравје, УНИЦЕФ, УНФПА. Претставниците од различните институции дадоа свои предлози за понатамошно унапредување на програмата и зголемен опфат на мајките и децата со предвидените активности.

Работната средба е во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската влада преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, а партнерски го спроведуваат здруженијата –ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.