Олеснувањето на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство претставува еден од стратешките приоритети во работата на Здружението ЕСЕ. Судската заштита е клучен механизам преку кој жените можат да обезбедат заштита од насилството и да ги решат правните проблеми што произлегуваат од него. Сепак, пристапот до судска заштита не зависи само од постоењето на законски механизми, туку и од нивната практична достапност, финансиските можности на жените и нивната способност навремено да ги користат.

Оваа анализа претставува продолжение на претходните истражувања на ЕСЕ за влијанието на судските трошоци врз пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство. Претходните анализи покажаа дека, и покрај законските измени со кои се намалија судските такси и се проширија можностите за бесплатна правна помош, финансиските бариери, недоволната информираност и ограниченото користење на постојните механизми и понатаму претставуваат значајна пречка за остварување на судската заштита.

Во 2025 година, ЕСЕ повторно го спроведе истражувањето со цел да утврди дали во меѓувреме се подобрил пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство. Анализата не се ограничува само на висината на судските такси, туку го разгледува вкупниот финансиски товар од водењето на судските постапки, вклучително и трошоците за адвокатско застапување, вештачење, распределбата на трошоците од страна на судот, користењето на бесплатната правна помош и влијанието што овие фактори го имаат врз одлуката на жените да поведат постапка и врз нивната перцепција за правичноста на судските постапки.

Истражувањето ги опфаќа најчестите судски постапки што ги водат жените по семејното насилство, односно постапките за привремени мерки за заштита, развод на брак, старателство и издршка. Покрај финансиските аспекти, анализата дава увид и во искуствата на жените, нивната информираност, очекувањата и перцепцијата за правичноста на судските постапки.

Резултатите имаат за цел да придонесат кон понатамошно подобрување на законската рамка, судската практика и механизмите за бесплатна правна помош и ослободување од судски трошоци, со цел жените што претрпеле семејно насилство навремено, ефикасно и без дополнителни финансиски пречки да ги остварат своите права.

                                             

Цената на правдата: Влијанието на судските трошоци и бесплатната правна помош врз пристапот до правда на жените што претрпеле семејно насилство


Цената на правдата – Извршно резиме: Влијанието на судските трошоци и бесплатната правна помош врз пристапот до правда на жените што претрпеле семејно насилство