Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

 

 

 

Кога животот на маргините го одредува здравјето - Пристап до примарната здравствена заштита за ромското население во Република Северна Македонија

Кога животот на маргините го одредува здравјето - Пристап до примарната здравствена заштита за ромското население во Република Северна Македонија

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените стратешки ја ориентира својата работа кон вклучување на граѓаните во процесите на планирање, на имплементација и на евалуација на политиките и услугите за остварувањето на основните човекови права на населението, со посебен осврт на Ромите и на останатите  маргинализираните групи од населението.

Правото на здравје е регулирано во Уставот и законите на Р Северна Македонија, како и во меѓународните документи. Притоа фундаменталните принципи на примарната здравствена заштита (ПЗЗ), согласно Светската здравствена организација, е дека сите луѓе насекаде имаат право да остварат највисоко ниво на здравје и здравствена заштита без тешкотии. Примарната здравствена заштита подразбира дека здравствениот систем ги адресира потребите и преференциите на секој поединец, вклучувајќи ја здравствената промоција, превенција на заболувањата, третман, рехабилитација, палијативна грижа итн. Примарната здравствена заштита се смета како најинклузивен, правичен и рентабилен начин за постигнување универзална здравствена заштита, односно поединецот да ја добие здравствената заштита во време кога му е потребна, на местото каде што му е потребна, а при тоа да не се соочи со финансиски и останати тешкотии во обезбедувањето на здравствената заштита.

Здружение ЕСЕ повеќе од 15 години работи на полето на унапредување на здравјето и пристапот до здравствена заштита за ромското население. Од 2011 година, Здружение ЕСЕ во соработка со партнерски ромски организации[1] започна со спроведување на активности во ромската заедница применувајќи го пристапот на социјална отчетност и правно зајакнување. Суштината на овој пристап е зајакнување на заедницата по однос на нивните права, вклучувајќи ги и здравствените права и мобилизирање на заедницата со цел нивно активно учество во процесот на следење на спроведувањето на здравствените политики и услуги, како и нивно вклучување во процесите на креирање на политиките и услугите во согласност со нивните потреби. Во таа насока, од 2011 година редовно ја вклучуваме ромската заедница во процесот на мониторинг на спроведувањето на здравствените услуги на локално ниво, со фокус на здравствените услуги за женско репродуктивно здравје и здравјето на мајките и на децата преку истражувања во заедницата. Дополнително, преку истражувањето во заедницата ги детектираме проблемите со кои се соочуваат Ромите во остварувањето на правото на здравствена заштита, но воедно ги утврдуваме и нивните потреби во насока на унапредување на опфатот со здравствена заштита. Наодите ги користиме за застапување на интерсите на Ромите на национално и на локално ниво со активно вклучување на заедницата.

Наодите од повеќегодишната континуирана работа на Здружението ЕСЕ и партнерските ромски организации на остварување на правото на здравје на ромската заедница укажуваат дека Ромите се соочуваат со низ проблеми во однос на пристапот до примарна здравствена заштита, а токму примарната здравствена заштита треба да даде универзална здравствена заштита на населението согласно концептот на Светската здравствена организација.

Во таа насока, во 2022 година ги проширивме целите на истражувањето во ромската заедница. Имено, покрај бариерите со кои се соочуваат жените Ромки во пристапот до здравствена заштита за репродуктивно здравје и бариерите во однос на пристапот до здравствена заштита на мајките и на децата, во 2022 година истражувањето во заедницата имаше цел да ги утврди бариерите со кои се соочува ромското население воопшто во пристапот до примарна здравствена заштита, вклучувајќи и утврдување на нивните потреби.

Имајќи предвид дека наодите од истражувањето произлегуваат од Ромите и ромските заедници, тие треба да послужат како основа за планирање и унапредување на здравствената заштита на Ромите. Соодветно на премисата за постигнување на универзална здравствена заштита, во напорите за унапредување на примарната здравствена заштита покрај здравствениот сектор потребно е да се вклучат и сите релевантни институции, особено на локално ниво, со цел да се адресираат и бројните социјални детерминанти кои имаат негативно влијание не само врз здравјето туку и врз пристапот до здравствената заштита на ромското население на локално ниво. Во таа насока, наодите од истражувањето ќе бидат искористени во процесот на застапување со цел унапредување на опфатот на ромското население со примарна здравствена заштита, унапредување на опфатот на жените Ромки со здравствена заштита за репродуктивно здравје и унапредување на опфатот со здравствена заштита на мајките и на децата од ромските заедници.



[1] Партнерски ромски организации во примената на овие концепти во заедницата во 2022 година се: Романо Чачипе и ИРИЗ од Шуто Оризари и КХАМ која работи во Делчево, Виница и Пехчево.

 

 
            

 

 

 

 
   
 
 

 

 

 

COPASAH Europe

Domestic Violence

Health Rights

Fiscal Transparency

Legal Aid Center

Health Information Centre