Оваа анализа има за цел да ги прикаже економските последици од семејното насилство врз жените, преку идентификација и квантитативна проценка на трошоците и изгубените приходи со кои тие се соочуваат. Анализата се заснова на податоци добиени од интервјуа со жени кориснички на услугите на Центарот за правна помош Здружение ЕСЕ, како и на долгогодишното следење на состојбите во системот за заштита и поддршка на жртвите.

Значењето на оваа анализа произлегува од потребата економските последици од насилството да се препознаат како клучен фактор кој влијае врз способноста на жените да ја напуштат насилната средина и да обезбедат економска независност по разводот или разделбата. Имено, семејното насилство не создава само непосредни физички и психолошки последици, туку и долгорочни економски загуби кои ја продлабочуваат ранливоста на жените и ја зголемуваат нивната зависност. Економското насилство и неговите последици ги спречуваат жените да ја напуштат насилната заедница, а кај оние кои веќе ја напуштиле продолжуваат да создаваат финансиска несигурност, зависност и пречки за непречено продолжување на животот и обезбедување соодветни услови за нив и нивните деца.

Анализата ги опфаќа главните категории на трошоци и загуби, вклучително: изгубени приходи и трошоци поврзани со работниот статус, здравствени трошоци, трошоци поврзани со домување, како и други дополнителни финансиски последици со кои се соочуваат жените. Овие категории овозможуваат сеопфатен увид во различните аспекти на економското влијание на насилството врз животот на жените.

Воедно, анализата го третира економското насилство како составен дел од семејното насилство, имајќи предвид дека ограничувањето на пристапот до работа, приход и ресурси претставува клучен механизам за одржување на зависноста и контрола врз жените. Оттука, економските последици не се само резултат на насилството, туку и негова активна форма, која има директно влијание врз можностите за излез од насилната средина и за обезбедување одржлива егзистенција.

                   

 

Анализа на трошоци како резултат на семејно насилство


Извршно резиме и препораки – Анализа на трошоци како резултат на семејно насилство