• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4 1000, Скопје, Република Македонија

Вработливост и економско зајакнување

ВРАБОТЛИВОСТ И ЕКОНОМСКО ЗАЈАКНУВАЊЕ

Економското зајакнување на жените претставува една од најзначајните компоненти за постигнување родова еднаквост и зајакнување на жените воопшто. Доколку се намали родовиот јаз во вработеноста се очекува БДП по глава на жител да порасне за 20 %. 

Ги запознаваме граѓаните со правата и можностите што произлегуваат од Оперативниот план на активни програми, мерки и услуги за вработување и воопшто правата за вработување и им овозможуваме да дадат своја оцена за квалитетот и пристапноста до услугите за вработување што ги обезбедуваат МТСП и АВРСМ.

Развивме и воспоставивме дигитална платформа за информирање на јавноста за статусот на спроведување на секоја од активните мерки за вработување, односно овозможивме јавноста во реално време да има пристап до информации за планираниот и реализираниот опфат на граѓани со тековните оперативни планови за вработување, како и планираниот и реализираниот буџет за оваа намена. Дополнително, овозможивме пристап до подетални информации за секоја од активните мерки за вработување од аспект на опфат и потрошени средства, број на апликации, опфат на млади до 29 години, жени и Роми, регионална дистрибуција на средства, лица опфатени со мерката, информации за мерката и можност за преземање на податоци и натамошна анализа.

Континуирано ги јакнеме капацитетите на пет граѓански организации за примена на иновативни пристапи при работа со граѓани, што овозможуваат информирање и едукација на граѓаните, нивно мобилизирање и вклучување во процесите на донесување на одлуки и создавање на капацитети помеѓу граѓаните за нивно идно самостојно учество во креирање на политики и услуги што ќе ги одразуваат нивните потреби.

ЗА ПРАШАЊЕТО

Во Р. Северна Македонија стапката на невработеност изнесува 14,4 %, што е значително повисоко од земјите членки на Европската Унија. Дополнително на тоа повеќе од половина од женската популација е неактивна, што е за една третина повеќе од мажите. Активните политики за вработување не придонесуваат за унапредување на вработливоста и вработеноста генерално на сите невработени лица. Оваа состојба пред сè произлегува од недовербата дека тие ќе им помогнат на невработените да се вработат, како и поради пристапот на Агенцијата за вработување кој не овозможува таргетирање на оние невработени граѓани што реално имаат потреба од работа или пак ќе овозможи подеднаков пристап на жените и младите до овие мерки.  Воедно, речиси и да не постои учество на граѓаните во процесите  на подготовка и спроведување на политиките за вработување. Прекршувањето на правото на вработување, нееднаквоста во пристапот на мажите и жените на пазарот на трудот, недостигот на политики што се родово сензитивни, отсуството на политики што ги одразуваат реалните потреби на граѓаните на Република Северна Македонија, неефикасното користење на буџетските средства, неефикасното планирање на политиките и мерките за вработување се клучните карактеристики на јавниот систем за вработување во земјата. Воедно јавните институции одговорни за планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување во Република Северна Македонија се карактеризираат со високо ниво на затвореност и нетранспарентност во нивната работа.

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Работиме на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за спроведување на методологиите на социјална отчетност

Работиме на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за спроведување на методологиите на социјална отчетност кои имаат за главна цел вклучување на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оценување на политиките и буџетите. Препознавајќи ја потребата за вклучување на граѓаните во овие процеси, Здружението ЕСЕ од 2011 година ја спроведува методологијата на социјална отчетност. Преку оваа методологија граѓаните се информираат за своите права, се зајакнуваат нивните капацитети за активно учество во овие процеси, а воедно се зајакнува јавната свест за потребата од вклучувањето на граѓаните. ЕСЕ ја спроведува оваа методологија на полето на пристап до активните мерки, програми и услуги за вработување од 2017 година. Спроведувањето на методологијата на социјална отчетност е особено значајна за лицата од ранливите категории на граѓани, кои воедно имаат најголема потреба од услугите за вработување, а во исто време не се информирани за своите права. Преку оваа работа им помагаме на граѓанските организации да ги запознаат граѓаните во општините каде што тие работат  со нивните права од вработување, да ги проценат состојбите во однос на опфатот со услуги и квалитетот на услугите што ги добива населението преку активно вклучување на заедницата, да му овозможат на населението проактивно да бара остварување на правата од вработување, како и да му овозможат на населението активно да се вклучи во процесот на застапување за унапредување на опфатот и квалитетот на политиките, програмите, мерките и услугите за вработување. Покрај оваа континуирана соработка, ЕСЕ обезбедува обуки и им дава техничка поддршка и на останатите граѓански организации што се заинтересирани да ја имплементираат методологијата на социјална отчетност, како од Северна Македонија, така и од земјите во регионот на Југоисточна и Централна Европа.

Работиме на зајакнување на капацитетите на јавните институции за вклучување на граѓаните и граѓанските организации

Работиме на зајакнување на капацитетите на јавните институции за вклучување на граѓаните и граѓанските организации во креирање, спроведување и во мониторинг на законската регулатива, буџети и услуги. Во таа насока од 2018 година воспоставивме партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РСМ во насока на заедничка соработка за воспоставување на механизми за вклучување на граѓаните во процесите на донесување на одлуки и унапредување на мерките, програмите и услугите за вработување, земајќи ги предвид потребите на крајните корисници. Оттука, во изминатите години заедно со надлежните институции работевме на: воспоставување и пилотирање на стандардизиран прашалник наменет за невработени граѓани регистрирани во евиденцијата на АВРСМ заради прибирање на нивни искуства и мислења за квалитетот на програмите, мерките и услугите за вработување, леснотијата и предизвиците во остварување на правата кои произлегуваат од нив, можните начини за унапредување на програмите, мерките и услугите на начин на кој ќе одговараат на нивните потреби итн. Понатаму, развивме дигитална алатка за информирање на јавноста за степенот на реализација на секоја од активните мерки, програми и услуги за вработување, опфатот на корисници со секоја од нив (опфатот на младите до 29 години, ранливите категории и жените се прикажани како посебни категории на корисници), износот на потрошени средства за секоја од активните мерки, програми и услуги за вработување, географската дистрибуција на средствата по подрачни единици на АВРСМ и листа на корисници на секоја од активните мерки, програми и услуги за вработување. Како последователен чекор на процесот на пилотирање на прашалникот за испитување на ставови и мислења на граѓаните, како и овозможување на пристап до информации на јавноста во реално време, заедно со институциите во наредниот период ќе работиме на регистрирање на постојните процеси, практики и политики на АВРСМ за консултирање на заинтересираните страни (невработени, бизниси, ГО и други институции) пред креирање и донесување на годишниот оперативен план за активни мерки, политики и услуги за вработување, како и во текот на неговото спроведување со цел да се стандардизираат и прошират овие процеси, практики и политики на тој начин што сите заинтересирани страни ќе имаат можност информирано да обезбедат свои предлози во текот на планирањето, спроведувањето и евалуацијата на годишниот оперативен план за вработување. Исто така ќе работиме на создавање на база на заинтересирани страни кои во континуитет ќе добиваат информации за можностите за вклучување и на крајот ќе добијат можност да обезбедат свои предлози за унапредување на ефикасноста и економичноста на активните политики, мерки и услуги за вработување. Дополнително, ќе работиме на креирање на техничко решение за прибирање на предлози од пошироката јавност (дигитализација на процесот на консултации) и промоција на можностите заради вклучување на сите заинтересирани страни.

ЕСЕ во континуитет го следи спроведувањето на политиките за вработување на национално ниво

Покрај работата на јакнење на капацитетите на граѓанските организации и јавните институции од оваа област, ЕСЕ во континуитет го следи спроведувањето на политиките за вработување на национално ниво и планирањето/извршувањето на буџетот наменет за нивно спроведување. Резултатите добиени од процесот на мониторинг ЕСЕ ги презентира во облик на годишни извештаи и ги користи во процесот на застапување пред институциите за унапредување на идентификуваните системски недостатоци.

Нашето присуство во медиумите

За три години се скратени 400 милиони денари од буџетот за превенција од болести

Во ноември 2020 година го објавивме третиот извештај од низата извештаи од мониторингот на спроведување на активните политики, мерки и услуги за вработување. Наодите и препораките содржани во извештајот ги споделивме и со надлежните институции и со новинарите што работат во областа на вработувањето и социјалната заштита.

 

Наодите од мониторингот покажуваат дека високата неактивност, помалата стапка на вработеност и стапката на долгорочна невработеност кај жените се општите карактеристики на домашниот пазар на труд, со одредени многу мали промени во текот на изминатите години. Државата одвојува во просек 0,16 % од БДП за спроведување на активните политики за вработување, што е далеку под просекот на земјите во ЕУ и приближно 20 % од буџетот за вработување, а пак 70 % за пасивни политики за вработување. Активните политики за вработување се премногу фокусирани на невработените лица што се регистрирани во државниот систем за вработување. Оние невработените што не се регистрирани немаат право на пристап до активните мерки, програми и услуги за вработување. Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување го немаат регулирано или пак операционализирано начинот на таргетирање и вклучување на жените во активните политики за вработување. Освен споменувањето на жените како целна група во две активни мерки за вработување оценети како неефикасни програми за вработување, недостасува јасна визија за нивно вклучување. Групите на активни политики и мерки за вработување во земјата се прилично исти како и во другите европски земји, дури и земјите членки. Сепак, одговорните за вработување во Северна Македонија се соочуваат со неколку клучни проблеми: непостоење на пристап базиран на потребите при развивање и имплементација на активните политики за вработување, ненасочен пристап при спроведување на активните политики за вработување, ниски капацитети во државните институции за спроведување на мерките на систематски и квалитетен начин и отсуство на постојани и систематски механизми за евалуација.

 

Според нас, за да се надмине неактивноста, пониската стапка на вработеност кај жените и долгорочната невработеност, Министерството за труд и социјални политики треба да спроведе внатрешна евалуација со цел да го оцени сегашниот пристап кон жените со активните политики за вработување, да спроведе редовна проценка на потребите на сите невработени жени без разлика дали се регистрирани или пак не и врз основа на проценките, Министерството треба да развие нови активни мерки, да ги усогласи тековните или да го смени својот пристап кон жените врз основа на нивните потреби. Дополнително, Министерството за труд и социјална политика треба да развие и спроведе стратегија за долгорочно намалување на пасивните политики за вработување и зголемување на учеството на активните политики во буџетот за вработување и треба да ги процени потребите на нерегистрираните невработени лица и причините за некористење на државниот систем за вработување. Врз основа на резултатите, потребно е да се развие и спроведе стратегија за охрабрување на сите невработени да се регистрираат во системот за вработување на државата или да овозможат либерализација на активните политики за вработување со можност за нивно користење од оние што не се во државниот систем. Генерално, на пазарот на труд му се потребни структурни и длабински реформи, почнувајќи од: проценка на човечките капацитети во јавниот сектор за вработување да ги испорача активните политики и да работи со невработените, креирање стратегија за градење на капацитетите на лицата што се ангажирани во реализација на активните политики за вработување, процена на сите тековни начини за спроведување на активните политики за вработување, креирање стратегии за отстранување на идентификуваните бариери при спроведување на политиките за вработување или воведување нови пристапи и промена на начинот на планирање и спроведување на политиката и буџетот со воведување пристап базиран на потреби.

 

Линк до нашата изјавата: https://www.youtube.com/watch?v=a0IX5448Epw&t=5s, објавено на 14.12.2020.

„Скрши ја пристрасноста – Break The Bias“

Со цел да го одбележиме меѓународниот ден на жената, 8 март, во 2022 година подготвивме соопштение за медиумите со кое наместо подарок сакавме на сите жени да им посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност“.

 

Односно, преку соопштението сакавме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејно насилство, ограничените можности за вработување и недостигот на основните здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, наместо честитки и подароци, преку соопштението ѝ препорачавме на Владата на РСМ на овој ден да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и надминување на проблемите со кои се соочуваат жените во пристапот до пазарот на труд.  Во рамки на соопштението ги истакнавме клучните наоди добиени преку истражувањата на ЕСЕ во областа на пристапот до пазарот на труд. Оттука, ограничениот пристап до пазарот на труд и невработеноста и во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Македонија. Односно, 524 илјади жени од вкупниот број на работоспособни жени (842 илјади) се невработени или пак неактивни учесници на пазарот на труд. Најголем број невработени жени се на возраст од 15 до 29 години и имаат комплетирано средно образование. Жените и во 2022 година повеќе се ангажирани во спроведување на неплатена работа во рамки на домаќинствата (нега, помош, итн.) или во производство на производи за сопствена употреба во споредба со мажите (88 %) или пак во обезбедување на здравствена и социјална заштита (78 %).

 

Линк до соопштението: https://esem.mk/index.php/shto-rabotime-sega/4186-soopstenie-za-mediumi-zaedno-za-rodovo-ednakvo-opstestvo.html, објавено на 8.3.2022.

Министерството за труд и социјална политика на РСМ за усвоениот Оперативен план за вработување за 2019 година издвои рекордни 1,1 милијарда денари

Во февруари 2019 година Министерството за труд и социјална политика објави информација во која наведе дека Владата на РСМ го усвоила Оперативниот план за вработување за 2019 година и за оваа намена од буџетот на државата издвоила „рекордни 1,1 милијарда денари“ наменети за преквалификација и доедукација на невработените лица.

 

Заради правилно информирање на јавноста, ЕСЕ до медиумите достави информација базирана на наоди од редовните анализи на политиките за вработување што ги подготвува секоја година. Оттука, во соопштението истакнавме дека средствата што се издвоени за спроведување на активните политики за вработување за 2019 година не претставуваат рекорден износ на средства кои досега се издвоени за оваа намена, односно претставува само зголемување од 5 % во однос на 2018 година, кога биле издвоени 1 045 794 835 денари. Па така, од ваквата минимална промена во износот на издвоени средства не може да се очекува некое значително зголемување во опфатот на крајните корисници со предвидените мерки за вработување во однос на претходните години.

 

Особено во услови кога:

  • се бележи значителен пораст на средствата кои АВРМ од буџетот на РМ ѝ ги префрла на УНДП за спроведување на програмите, мерките и активностите за вработување (405 881 283 денари во 2018 година);
  • 63 % од анкетираните 826 се лица што се долгорочно невработени, односно не се вработени повеќе од четири години;
  • 46 % од анкетираните 826 граѓани не се регистрираат во евиденцијата на АВРМ;
  • 74 % од анкетираните регистрирани невработени лица не знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување утврдени со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд итн.

Според нас,  Министерството при креирањето на активните политики за вработување треба да стави посебен акцент не на износот на издвоени средства туку на видот, начинот, квалитетот и обемот на мерките за вработување што ги предвидува. Во таа насока особено внимание треба да се посвети на следното: средствата издвоени во Оперативниот план да се менаџираат во целост од Агенцијата за вработување без одлевање на средства од буџетот кон УНДП врз кои институциите немаат контрола, да се подобри статистиката и начинот на водење на евиденцијата од страна на Агенцијата, да не се фаворизираат одредени мерки за вработување помеѓу граѓаните и да се поттикнат граѓаните да користат повеќе од мерките, да се утврди зошто невработените граѓани не ги користат услугите на Агенцијата за вработување, да се преземат мерки да се охрабрат невработените граѓани да се регистрираат во евиденцијата на невработени, со посебен фокус на нерегистрираните жени, да се преземат мерки за запознавање на граѓаните со услугите што ги нуди АВРМ преку утврдување на тоа кој вид на комуникација е најсоодветен за различните категории на граѓани, да се спроведат теренски активности од АВРМ во заедницата со цел да се воспостават непосредни односи со неа, а со тоа и враќање на довербата во оваа институција, да се воспостави пракса на непосредно информирање на граѓаните за активните мерки при секоја посета на подрачната единица на Агенцијата, да се планираат и преземат специфични мерки за вработување на повозрасните невработени лица итн.

 

Линк до нашата реакција по повод објавената вест: https://www.esem.mk/pdf/Sto%20rabotime/2019/1/Реакција%20на%20изјавата%20за%20медиуми%20на%20министерката%20за%20труд%20и%20социјална%20политика.pdf, објавено на 5.2.2019.

ПУБЛИКАЦИИ

Пристап на жените до пазарот на труд и активните политики за вработување

2020 година

Дали активните мерки, програми и услуги за вработување што ги спроведува Владата на РСМ одговараат на реалните потреби на граѓаните и придонесуваат кон унапредување на нивниот пристап до пазарот на труд и заголемување на вработеноста?

2019 година

Износот на издвоените средства за буџетот на Програмата за мајки и деца бележи пораст во периодот од 2017 до 2019 година, но е предмет на чести измени и дополнувања

2020 година