• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4 1000, Скопје, Република Македонија

Постапување и заштита од семејно насилство

ПОСТАПУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство е условен од обезбедувањето на правна помош и друг вид на поддршка, континуираното унапредување на законската регулатива и капацитетите на практичарите што постапуваат во случаите на семејно насилство.

Во континуитет обезбедуваме правна помош, бесплатно судско застапување и психолошка помош и поддршка за жените со цел да се реши проблемот со семејното насилство и поврзаните правни проблеми, како што се разводот на брак, старателството, издршката за децата, поделбата на имот, надоместокот на штета и други.

Работиме со практичарите од полицијата, здравствените установи, ЦСР, ОЈО, судовите и ГО за подобрување на нивните знаењата и пракса за ефективна заштита на жените, но и решавање на поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат жените.

Обезбедуваме значаен придонес во формалните процеси за подготовка на законска регулатива и стратегии по однос на семејното насилство и преземаме други активности за застапување на локално, национално, регионално и на меѓународно ниво за подобрување на фактичката состојба на жените што претрпеле семејно насилство.

ЗА ПРАШАЊЕТО

Иако формално-правниот систем за заштита од семејно насилство е воспоставен во 2004 година, во пракса изостанува ефективното спроведување на законските  механизми за заштита.  Ненавремената реакција од ЦСР, погрешното третирање на предметите на семејно насилство, несоодветната проценка на ризик, предлагањето на мерки без консултации со жртвите, како и отсуството на систем за следење на спроведувањето на изречените привремени мерки за заштита се основните недостатоци во постапувањето на ЦСР што оневозможуваат ефективна граѓанска правна заштита на жените што претрпеле семејно насилство. Кривично правната заштита е ограничена поради непрепознавањето на одделните кривични дела во врска со психолошкото и сексуалното насилство, третирањето на случаите на семејно насилство како прекршоци или поплаки, неефективната истрага, одолговлекувањето на кривичната постапка и благата казнена политика кон сторителите на семејно насилство. Состојбата на жените што претрпеле семејно насилство е неповолна и поради ограничениот пристап до правна помош и можноста за судско решавање на правните проблеми поврзани со семејното насилство, како што се разводот на брак, старателството и издршката за децата, поделбата на имотот и др. Жените се наоѓаат во неповолна финансиска состојба како резултат на здравствените трошоци, изгубената работа/намалените приходи, трошоците поврзани со промената на местото на живеење и другите трошоци што ги имаат како резултат на семејното насилство.

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Ја подобруваме правната заштита на жените што претрпеле насилство

Ја подобруваме правната заштита на жените што претрпеле насилство преку обезбедување на директна поддршка за решавање на проблемите со кои се соочуваат и преземаме активности за подобрување на правната рамка за заштита и постапување на надлежните институции и правосудството. Во континуитет обезбедуваме правна помош, бесплатно судско застапување и психолошка помош и поддршка за жените со цел да се реши проблемот со семејното насилство и  поврзаните правни проблеми, како што се разводот на брак, старателството, издршката за децата, поделбата на имотот, надоместот на штета и други. Обезбедуваме психолошка помош и јакнење на жените со цел тие активно да се вклучат во решавањето на проблемот и да излезат од насилната заедница во која се наоѓаат. Обезбедуваме значаен придонес во формалните процеси на одлучување и работиме со практичарите од полиција, судови, ОЈО, ЦСР, здравствени установи и ГО за подобрување на знаењата и вештините за ефективна заштита на жените, но и решавање на поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат жените. Подготвуваме анализи за правната рамка и институционалниот одговор кон семејното насилство во кои редовно ги консултираме и вклучуваме жените што претрпеле насилство со цел да бидеме сигурни дека препораките што ги даваме се во согласност со нивните потреби. Подготвуваме извештаи во сенка и преземаме сеопфатни активности за застапување на локално, национално, регионално и на меѓународно ниво за подобрување на фактичката состојба на жените што претрпеле семејно насилство.

Обезбедуваме директна помош и поддршка за жените што претрпеле семејно насилство

Повеќе од 20 години континуирано обезбедуваме бесплатна правна помош и психолошко советување како специјализирани услуги за жените што претрпеле семејно насилство. Основен принцип во обезбедувањето на овие услуги е почитување на правото на доверливост на изнесените информации од страна на жените. Користиме различни канали за комуникација со нашите кориснички, односно услугите ги обезбедуваме лично во нашата канцеларија, телефонски и преку интернет. Директна помош и поддршка може да се побара преку Центарот за првана помош на телефонските броеви наведени подолу и преку интернет на следниот линк pobarajsovet.mk.

Центар за правна помош (ЦПП) 02/3117 866 и 071 266 101

Преку Центарот за правна помош од 2002 година обезбедуваме стручни правни совети, писмени поднесоци и судско застапување во граѓанските и кривичните постапки за заштита од семејно насилство, како и во постапките за решавање на поврзаните правни проблеми:  развод на брак, старателство и издршка за децата, делба на имот, надомест на штета и други. Услугите се обезбедуваат од страна на стручни лица, правници и адвокат со долгогодишно искуство во обезбедување на помош и поддршка за  жените кои претрпеле семејно насилство,  лично или преку телефон.  Услугите на ЦПП се достапни за сите жени на национално ниво, додека судско застапување обезбедуваме во судските постапки кои се водат пред судовите во Скопје.

За корисничките на ЦПП обезбедуваме и психолошко советување со стручно лице психолог со долгогодишно искуство во обезбедување на ваков вид на поддршка за жените кои претрпеле семејно насилство. Организираме индивидуални средби преку телефон, со цел зајакнување на капацитетите на жените за надминување на проблемите со кои се соочуваат.

Платформа за правни совети за жени кои претрпеле семејно насилство pobarajsovet.mk

Преку интернет платформата „Побарај совет“ од 2020 година обезбедуваме бесплатни правни совети за жените кои претрпеле семејно насилство. Платформата овозможува подобрување на разбирањето на жените за препознавање на семејното насилство, подготовката на план за безбедност и користењето на законските механизми за заштита. Преку едноставна регистрација со креирање на корисничко име и лозинка жените кои претрпеле семејно насилство имаат можност да постават прашање и добијат стручен правен совет за користењето на законските механизми за заштита од семејно насилство и решавање на поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат.  Содржините на интернет платформата се достапни на македонски, албански и ромски јазик со цел зголемување на пристапот до бесплатна правни совети до поголем број на жени во државата.

Нашето присуство во медиумите

На жените што претрпеле семејно насилство им се потребни мерки за решавање на нивните специфични потреби

Во гостувањето во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа во ноември детално  ја информиравме јавноста за системските недостатоци во справувањето со семејното насилство и специфичните потреби на жените, како што се трошоците што ги имаат како резултат на семејното насилство, користењето на правото на бесплатна правна помош и ослободувањето од плаќање судски трошоци и досудувањето и исплатата на издршката за децата. За таа цел ги искористивме наодите од нашите истражувања што ги подготвуваме во директни консултации со жените. Ја информиравме јавноста и за услугите што ги обезбедуваме, односно што подразбира правната помош и психолошкото советување и на кој начин им помагаме на жените да се заштитат од семејно насилство и да ги решат поврзаните правни проблеми, како што се разводот на брак, старателството, издршката за децата и други. Последователно, дадовме придонес и при подготовката на објавата за семејното насилство –„Насилниците остануваат неказнети“ на истата телевизија на која ја нагласивме потребата за применување на построга казнена политика кон сторителите на семејно насилство.

Линк до гостувањето во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа, https://www.youtube.com/watch?v=Vou2qtjlcnc), објавено на 6.11.2023.

Отсуствува подобро разбирање на различните форми на насилство врз жените во јавноста

По повод зголемениот број на случаи на сексуално насилство врз жени и девојки во државата во јуни за време на второто гостување во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 ја информиравме јавноста за различните форми на насилство врз жените и специфичните потреби на жените што претрпеле семејно насилство, сексуално насилство и жртвите на трговија со луѓе. Ги промовиравме и услугите кои преку Центарот за правна помош и виртуелната платформа pobarajsovet.mk ги обезбедуваме за жените.

Линк до гостувањето во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5,  https://www.youtube.com/watch?v=rG5IWmtiUUQ, објавено на 6.6.2023.

Битката со семејното насилство се добива со навремено пријавување и брза реакција на институциите

Преку писмено интервју и видеоизјава дадовме свој придонес во подготовката на објавата со наслов „Битката со семејното насилство се добива со навремено пријавување и брза реакција на институциите“  на веб-порталот samoprasaj.mk. Ја информиравме јавноста за состојбите со семејното насилство во државата и специфичните потреби на жените и ги промовиравме податоците од работата на Центарот за правна помош, односно обезбедените услуги за жените што претрпеле семејно насилство.

Линк до објавата на веб-порталот samoprasaj.mk, https://samoprasaj.mk/ziveacka/bitkata-so-semejnoto-nasilstvo-se-dobiva-so-navremeno-prijavuvanje-i-brza-reakcija-na-instituciite/), објавено на 27.3.2023.

Законските механизми за заштита од семејно насилство треба постојано да се промовираат

Во јануари гостувавме во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на  Канал 5 и ја информиравме јавноста за законски гарантираните механизми за заштита на жените што претрпеле семејно насилство, со посебен фокус на граѓанската судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита.

Линк до гостувањето во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5,  https://www.youtube.com/watch?v=rJxrC39WqHE, објавено на 31.1.2023.

Хармонизацијата на кривичното законодавство и праксата со одредбите од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство е обврска која мораме да ја почитуваме и спроведуваме

Во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма ја нагласивме потребата за усогласување на Кривичниот законик со одредбите на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, како и за мерките што треба да бидат преземени во рамките на кривичноправниот систем за заштита за подобрување на истрагата, кривичното гонење и применетата казнена политика во случаите на семејно насилство.

Линк до емисијата „Топ Тема“, https://telma.com.mk/2022/12/16/top-tema-16-12-2022-dali-instituciite-regiraat-soodvetno-i-navreme-vo-sluchaite-so-nasilatvo-vrz-zhenite/, објавено на 16.12.2022.

Институционалниот одговор не соодветствува на фактичката положба на жените што претрпеле семејно насилство

Во емисијата „Попладне со Алсат“ (Pasdite me Alsat) дискутиравме за фактичката положба на жените што претрпеле семејно насилство и постапувањето на институциите што се вклучени во системот на заштита и решавање на поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат жените. Воедно ја нагласивме потребата за надминување на долготрајните системски недостатоци и решавање на специфичните проблеми со кои се соочуваат жените како резултат на насилството.

Линк до емисијата „Попладне со Алсат“ (Pasdite me Alsat), https://www.youtube.com/watch?v=bHvo8PHM6Uk, објавено на 5.12.2022.

Постои потреба од низа мерки што треба да бидат преземени за подобрување на состојбата на жените во областите на семејно насилство, пазар на труд и здравствена заштита

Последователно на соопштението за јавност,  во писмено интервју за порталот Инфомакс подетално ја информиравме јавноста за конкретните мерки што треба да бидат преземени во областа на превенција на семејното насилство, законските механизми за заштита и можностите за решавање на специфичните проблеми со кои се соочуваат жените. Упативме апел за преземање на следните мерки од страна на државата:  спроведување на сеопфатна кампања за информирање на јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита, приоретизирање на предметите на семејно насилство и итно постапување на  ЦСР, полицијата, судовите,  формирање на посебен државен фонд за надоместување на трошоците за кирија и живот на жените што претрпеле семејно насилство и нивните деца.

Линк до интервјуто за Инфомакс, https://infomax.mk/8-март-цвеќиња-или-конкретни-мерки-как/Oбјавено на 8.3.2022.

Државата да направи повеќе за жените, наместо подароци и честитки за 8 Март

По повод 8 Март подготвивме соопштение за медиумите – „Заедно за родово еднакво општество“ со цел да го привлечеме вниманието на општата и стручната јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејно насилство, ограничените можности за вработување и немањето на пристап до основните здравствени услуги.  Упативме барање до Владата за надминување на посочените проблеми и преземање на мерки за подобрување на положбата на жената во наведените области.

 Линк до објавеното соопштение за јавност, https://novamakedonija.com.mk/makedonija/drzhavata-da-napravi-povekje-za-zhenite-namesto-podaroci-i-chestitki-za-8-mart/, објавено на 7.3.2022.

Има потреба за преземање на итни мерки за заштита на жените што претрпеле семејно насилство

Во рамките на 16 Меѓународни дена на активизам против насилството врз жените на панел-дискусијата во Американското катче (American Corner) под наслов „Справување со семејното насилство и намалување на ризиците за време на вонредна состојба“ ја информиравме јавноста за негативното влијание на здравствената криза врз состојбите со семејното насилство и апелиравме до Владата и надлежните министерства да ги преземат потребните мерки.

Линк до објавата за панел-дискусијата, https://www.facebook.com/acskopje/photos/a.10152007579445848/10158398472730848/?type=3, објавено на 7.12.2021.

Формирањето на посебен државен фонд за финансиска поддршка на жените што претрпеле семејно насилство и нивните деца е позитивен чекор напред

Поради неповолната финансиска состојба како резултат на здравствената криза жените што претрпеле семејно насилство не се во можност да ги надоместат трошоците за живот за нив и нивните деца. Многу жени остануваат да живеат во насилна заедница поради недостиг на финансиски средства за самостојно живеење, вклучително и за изнајмување на живеалиште по напуштањето на насилникот. Владата и надлежните министерства не презедоа суштински мерки за обезбедување на долгорочно домување, ниту пак беа воспоставени дополнителни капацитети за  згрижување на жените што претрпеле семејно насилство и нивните деца во услови на кризна состојба. Преку гостување на Слободна ТВ ја информиравме јавноста за овие состојби и упативме апел до надлежните за формирање на посебен државен фонд за финансиска поддршка за жените и нивните деца.

Линк до гостувањето на  Слободна ТВ, https://slobodna.tv/стојан-мишев-бараме-да-се-формира-посе/, објавено на 1.6.2021.

Континуираното информирање за специфичните потреби на жените за време на криза и промовирање на услугите што се обезбедуваат за жените што претрпеле семејно насилство можат да го намалат негативното влијание на кризата

Негативното влијание на здравствената криза врз состојбите со семејното насилство во државата ја нагласи потребата за информирање на јавноста за специфичните потреби на жените, како и за постојните законски механизми за заштита од семејно насилство и достапните услуги за помош и поддршка. За време на гостувањето на ТВ 24 претставник на ЕСЕ ја информираше јавноста за мерките што треба да бидат преземени за подобрување на институционалниот одговор кон семејното насилство и за услугите што ги обезбедуваме со цел да се решат проблемите со кои се соочуваат жените што претрпеле семејно насилство.

Линк до гостувањето на ТВ 24, https://24.mk/details/gostuvanje-na-ana-avramoska-i-stojan-mishev, објавено на 31.5.2021.

Жена што претрпела семејно насилство сведочи за претрпеното насилство и за помошта и поддршката од ЕСЕ

Како дел од нашите напори за подобрување на разбирањето во јавноста за семејното насилство во 2021 година промовиравме документарно видео со изјава на жена што претрпела семејно насилство, корисничка на Центарот за правна помош на ЕСЕ, со цел да се подобри разбирањето во јавноста за причините и последиците од семејното насилство, како и запознавање со услугите што ги  обезбедуваме за жените за решавање на проблемот со насилството и поврзаните правни проблеми.

Линк до документарното видео со корисничката на услугите на ЕСЕ, https://www.youtube.com/watch?v=kmoRBs22YDQ (цела верзија); https://www.youtube.com/watch?v=caiqZlnjvN0  (кратка верзија), објавено на 12.2.2021.

Декларативните заложби за справување со семејното насилство треба да бидат проследени со ефективна имплементација на правната рамка за заштита на жените и надминување на долготрајните системски недостатоци

Недостигот на политичка волја и буџетски средства за справување со семејното насилство резултира со неприменување на законите во пракса, слаб институционален одговор и неефективна заштита за жените што претрпеле семејно насилство веќе 16 години. Особено загрижува тоа што ниту негативните последици од кризата со КОВИД-19 не беа доволен поттик за промена на досегашниот пасивен и декларативен пристап на државата кој се состои од усвојување на закони, политики и стратегии без создавање на основите предуслови за нивна имплементација во пракса. По повод претстојното усвојување на Законот за  спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кон крајот на 2020 година високи владини функционери ја информираа  јавноста дека ќе се усвојат нови законски одредби за итна заштита на жените жртви,  занемарувајќи го фактот дека сè уште изостанува ефективната имплементација на законските механизми за заштита од семејно насилство кои беа  воспоставени уште во 2004 година.  По повод меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември, подготвивме соопштение за јавноста со цел да се нагласи неповолната положба во која се наоѓаат жените што претрпеле семејно  насилство, како и потребата за подобрување на состојбите на ова поле.

Линк до објавите на соопштението за јавноста, https://a1on.mk/macedonia/esse-bez-celosna-primena-na-noviot-zakon-nema-da-ima-promena-vo-zashtitata-na-zhrtvite-na-nasilstvo/; https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=382033; https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=381972; https://opserver.mk/makedonija/esse-bez-celosna-primena-na-noviot-zakon-nema-da-ima-promena-vo-zashtitata-na-zhrtvite-na-nasilstvo/, објавено на 25.11.2020.

Креирана првата интернет-платформа за правни совети за жените што претрпеле семејно насилство

Зголемениот ризик за ескалирање на насилството и специфичните форми на психолошко и економско насилство со кои се соочија жените за време на вонредната состојба не беа проследени со соодветно информирање на јавноста, а особено како жените да го препознаат семејното насилство и каде да се обратат за помош и поддршка. Владата и надлежните министерства не спроведоа сеопфатна кампања на национално ниво за подобрување на разбирањето во јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита. Жените исто така не беа информирани ниту за достапните механизми и постапки за решавање на правните проблеми кои се резултат на семејното насилство. Од овие причини ЕСЕ презеде и конкретни активности за  подобрување на информираноста на жените за време на кризата преку користење на алтернативни канали за комуникација, како дел од пошироките напори на ЕСЕ во однос на обезбедување на директна поддршка за жените. Беше креирана првата интернет-платформа за правни совети за жените што претрпеле семејно насилство, pobarajsovet.mk, која содржи корисни информации за можностите за заштита од семејно насилство и решавање на поврзаните правни проблеми, како што се развод на брак, старателство, издршка, делба на имот и други, како и можност за поставување на прашања и обезбедување на правни совети согласно со индивидуалните потреби на жените. Содржините на платформата се на македонски, албански и на ромски јазик за да се олесни пристапот до платформата за поголем број жени.

Линкови до објавите во медиумите за креирањето на интернет-платформата pobarajsovet.mk, https://time.mk/c/99d635867e/; https://akademik.mk/pobaraj-sovet-prva-internet-platforma-za-pravna-pomosh-za-zheni-koi-pretrpele-semejno-nasilstvo/; https://www.pravdiko.mk/pobaraj-sovet-internet-platforma-za-pravna-pomosh-za-zheni-koi-pretrpele-semejno-nasilstvo/, објавено на 22.6.2020.

Вонредната состојба го зголемува ризикот од ескалирање на насилството

Кон крајот на месец април 2020 година за време на прогласената вонредна состојба при ескалирање на семејното насилство една жена беше убиена од страна на сопругот во Арачиново.  Со овој случај се потврдија претходните предупредувања за зголемениот ризик од ескалирање на насилството и недоволната заштита  на жените што претрпеле семејно насилство за време на вонредната состојба кои ЕСЕ ги достави до Владата и надлежните министерства. Преку соопштение за јавност ја нагласивме потребата за преземање на суштински мерки за подобрување на фактичката положба на жените во услови на криза, вклучително и формирање на посебен државен фонд за финансиска поддршка на жените и децата, спроведување на сеопфатна кампања за информирање на јавноста во сите урбани и рурални средини низ државата, како и приоритетно процесуирање на пријавените случаи на семејно насилство од страна на институциите и правосудството.

Линкови до соопштението за медиумите по повод убиството на жена при семејно насилство, https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=344595; https://www.libertas.mk/ese-potrebni-se-itni-merki-za-zashtita-na-zhenite-koi-pretrpele-seme%d1%98no-nasilstvo/; https://opserver.mk/makedonija/ese-potrebni-se-itni-merki-za-zashtita-na-zhenite-koi-pretrpele-semejno-nasilstvo/?utm_source=rss&utm_medium=rss&utm_campaign=ese-potrebni-se-itni-merki-za-zashtita-na-zhenite-koi-pretrpele-semejno-nasilstvo; https://netpress.com.mk/ese-ubistvoto-vo-arachinovo-e-posledica-na-nefunkcionalniot-sistem-za-zashtita-od-seme-no-nasilstvo/ , објавено на 30.4.2020.

Преземањето на итни мерки за заштита од семејно насилство клучни за решавање на проблемите на жените што претрпеле семејно насилство во услови на вонредна состојба

Претставник на ЕСЕ гостуваше во емисијата „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа заради информирање на јавноста за специфичните потреби на жените што претрпеле семејно насилство за време на здравствената криза и вонредната состојба и заради нагласување на потребата за преземање на предложените итни мерки за превенција и заштита од страна на Владата и надлежните министерства.

Линк до гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа за актуализирање на потребата за преземање на итни мерки, http://www.esem.org.mk/index.php/component/content/article/2-uncategorised/3558-covid-19-baranja-i-itni-preporaki-do-nadleznite-institucii.html, објавено на 9.4.2020.

Бараме итно (неодложно) преземање на активности за заштита од семејно насилство во услови на криза и вонредна состојба

Доставените барања за итни мерки за заштита на жените што претрпеле семејно насилство не беа проследени со преземање на мерки од страна на Владата и надлежните министерства. Единствено МТСП достави писмен одговор на барањето на ЕСЕ, меѓутоа без заложба за спроведување на потребните мерки, додека останатите министерства воопшто не одговорија на барањето. Поради ова ЕСЕ повторно достави барање до Владата и надлежните министерства во кое ја нагласи потребата за итно преземање на предложените мерки и решавање на сензитивните проблеми со кои се соочуваат жените за време на вонредна состојба.

Линк до барањето до Владата, Главниот координативен штаб и надлежните министерства,  Baranje za itna zastita od SN – ESE.pdf (esem.mk), објавено на 28.4.2020.

Линк до одговорот доставен од Главниот координативен штаб, Odgovor KZ 29.04.pdf (esem.mk), објавено на 29.4.2020.

Линк до одговорот доставен од МП, Odgovor Ministerstvo za pravda 29.04.pdf (esem.mk), објавено на 29.4.2020.

Линк до одговорот доставен од МТСП, Odgovor MTSP 12.05.2020-SN.pdf (esem.mk), објавено на 12.5.2020.

Линк до одговорот доставен од МВР, Mislenje MVR – 22.05.2020.pdf (esem.mk), објавено на 22.5.2020.

Препораки за итни мерки за превенција на насилството и заштита на жените што претрпеле семејно насилство од страна на Владата, Главниот координативен штаб, Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Министерството за здравство

И покрај зголемениот ризик за ескалирање на насилството и влошување на фактичката состојба на жените што претрпеле семејно насилство за време на прогласената вонредна состојба, Владата, надлежните министерства и институциите не спроведоа сеопфатни превентивни мерки за информирање на јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита. Одделни ранливи групи на жени, како што се жените од руралните средини и припадничките на малцинските заедници, особено се погодени од недостигот на информации како да го препознаат семејното насилство и каде да се обратат за помош и поддршка. Пријавувањето на семејното насилство не е проследено со обезбедување на ефективна заштита и решавање на специфичните проблеми со кои се соочуваат жените поради ограниченото работење на институциите и правосудството. Поради неповолната економска состојба и намалените приходи жените не се во можност да ги надоместат животните трошоци за нив и нивните деца, што дополнително ги продлабочува проблемите со кои се соочуваат и ги ограничува можностите за нивно решавање. За надминување на наведените проблеми и решавање на специфичните потреби на жените за време на кризата поднесовме барање со итни препораки до Владата, Главниот координативен штаб и до надлежните министерства кои треба да преземат посебни мерки согласно со законските мандати на институциите под нивна надлежност (МВР, МТСП, МП и МЗ). Предложените мерки вклучуваат: спроведување на сеопфатна кампања на национално ниво за препознавање на семејното насилство и користење на законските механизми за заштита, со користење на алтернативни канали за комуникација со жените од руралните средини и другите ранливи групи, приоретизирање на предметите на семејно насилство од страна на  полицијата, ЦСР, судовите и здравствените установи и преземање на мерки за решавање на специфичните потреби на жртвите, воспоставување на фонд за финансиска поддршка на жените што претрпеле семејно насилство и нивните деца.

Линк до препораките за итни мерки за заштита од семејно насилство доставени до Владата, Главниот координативен штаб и министерствата, Препораки за итна заштита од семејно насилство.pdf (esem.mk), објавено на 10.4.2020.

Линк до одговорот на Главниот координативен штаб при Владатата, Odgovor KZ 13.04.pdf (esem.mk), објавено на 13.4.2020.

Линк до одговорот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Odgovor MTSP 16.04.pdf (esem.mk), објавено на 16.4.2020.

Навременото изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство од основните граѓанските судови и преземањето на мерки за заштита на жените што претрпеле семејно насилство мора да се основни услови за ефективна заштита и покрај вонредните услови

За време на вонредната состојба Владата усвои уредби со законска сила за заштита и превенција од ширење на корона-вирусот (КОВИД-19), меѓутоа донесените мерки се неадекватни за сите граѓани и неопходна е потребата од нивно приспособување, имајќи ги предвид ефектите од превентивните мерки врз секојдневната динамика на односите помеѓу партнерите, родителите и децата и зголемениот ризик од семејно насилство во овој период. Донесената уредба за регулирање на работата на основните јавни обвинителства (ОЈО) и основните судови за време на вонредната состојба предвидува одржување на расправи и преземање на дејствија преку интернет со употреба на електронски средства. Дел од жртвите на семејно насилство немаат уреди што поддржуваат користење на интернет ниту пристап до интернет-услуги со што се ограничи нивниот пристап до правда во овој специфичен период во кој тие се уште поранливи на насилство. Поради ова, неопходно е да се овозможи одржување на рочишта, каде што е неопходно, за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и изрекување на овие мерки без одржување на рочиште. Истовремено, Владата го одложи и извршувањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години, со што несразмерно се погодени жртвите на семејно насилство, од причина што осудените насилници нема да одат на издржување на казна затвор до септември 2020 година. Со ова се зголемува ризикот од повторување на насилството токму од обвинетите со закани по безбедноста на животот на жените жртви и нивните малолетни деца. Поради ова предлагаме надлежните институции да преземат мерки за заштита на жртвите на семејно насилство.

Линк до барањето до Владата на РСМ, Baranje do Vladata.pdf (esem.mk), објавено на 3.4.2020.

Линк до одговорот на Владата, Odgovor MTSP 10.04.2020.pdf (esem.mk), објавено на 10.4.2020.

ЦСР, МВР и останатите институции треба да преземат соодветни мерки за регулирање на видувањата на децата со родителите со кои не живеат и да овозможат наплата на досудената издршка од страна на извршителите за време на вонредната состојба

Поради отсуство на меѓуинституционална соработка на МВР со Секторот за семејно насилство и Секторот за брак и семејство во рамки на центрите за социјална работа, голем број жени што претрпеле семејно насилство се соочуваат со притисоци и опомени за кривични пријави од МВР заради непочитување на решенијата за реализирање на непосредни средби и лични контакти на родителот со кој не живеат (најчесто таткото) со малолетните деца. Имено, заради намалување на ризикот од пренесување на вирусот, посебно во случаите кога родителот со кого детето не живее работи и секојдневно остварува контакт со потенцијално инфицирани лица со вирусот КОВИД-19, жените што имаат старателство врз децата бараа од ЦСР приспособување на видувањето на децата со другиот родител, меѓутоа ЦСР не одговорија на барањата упатени преку телефон или електронска пошта. Истовремено, одлуката на Владата за замрзнување на работата на извршителите за време на прогласената вонредна состојба резултираше во неплаќање на досудената издршка за децата во случаите на семејно насилство. Затоа до Главниот координативен штаб и претседателот на Владата упативме барање – усвојување на мерките за да може ЦСР да одговорат на барањата за промена на динамиката и начинот на видување на децата со другиот родител, а полицијата да се воздржи од дејствија за обезбедување на видување на децата со родителот со кого не живеат. Баравме и ревидирање на одлуката за замрзнување на работата на извршителите во делот на наплатата на издршката за децата.

Линк до барањето до Главниот координативен штаб и претседателот на Владата, Baranje do krizniot stab na Vladata.pdf (esem.mk) , објавено на 27.3.2020.

ПУБЛИКАЦИИ

Анализа на законската рамка и институционалниот одговор кон насилството врз жените

2017 година

Кривичноправна заштита на жените жртви на семејно насилство

2019 година

Извештај од судско набљудување на кривични и граѓански предмети за семејно насилство

2020 година

Извештај во сенка за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство

2022 година

Водич за жртви на семејно насилство

2017 година

ОСТАНАТИ ПУБЛИКАЦИИ

Анализи на податоците од судското набљудување на судските предмети за насилство врз жените и семејно насилство

Основните судови имаат значајна улога во системот за заштита од семејно насилство со оглед на тоа што основните законски механизми за заштита од семејно насилство се граѓанската судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ), како и кривичната судска постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство.  Препознавајќи ја потребата за подобрување на судската заштита за жените што претрпеле семејно насилство, ЕСЕ од 2014 година започна со имплементација на методологијата на судско набљудување, која подразбира собирање  на податоци од тековни граѓански и кривични постапки, како и увид во завршени судски постапки во врска со семејното насилство. Овие анализи ги идентификуваат бариерите со кои се соочуваат жените што оневозможуваат ефективна примена на граѓанските и кривичните судски постапки за заштита од семејно насилство. Недоволната информираност на ранливите групи на жени, одолговлекувањето на постапката, ревиктимизацијата на жртвите и благата казнена политика кон сторителите на семејното насилство се основните наоди од овие анализи што ги користиме за поттикнување на поширока дискусија помеѓу судиите за можностите за подобрување на судската заштита во случаите на семејно насилство, како и преземање на заеднички активности за подобрување на правната рамка и одделните аспекти од граѓанските и кривичните судски постапки за заштита од семејно насилство.

2019 Findings regarding the court monitoring conducted on criminal and civil cases related to VAW
2019 Се казнува ли семејното насилство? Дали сторителите на семејно насилство ја добиваат заслужената казна?
2020 Наоди од спроведено судско набљудување на кривични и граѓански предмети за насилство врз жени

 

Анализа на имплементацијата на „принципот на должно внимание“ согласно со Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Советот на Европа

Во 2018 година државата ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, а последователно ја усвои и Националната стратегија за имплементација на конвенцијата 2018–2023 и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (Службен весник на РСМ, бр. 08-524/1 од 27 јануари 2021). Од особено значење е да се нагласи усвојувањето на посебна законска одредба во членот 4 за „принципот на должно внимание“, односно предвидување на обврската за практичарите од институциите од областа на социјалната заштита, здравството, внатрешните работи и детската заштита за итно постапување во согласност со потребите на жртвите. Наспроти обврската за подигнување на нивото на заштита кон насилството врз жените што ја налага овој принцип,  институционалниот одговор сè уште не ги задоволува ниту основните потреби за заштита на психичкиот и физичкиот интегритет на жените што претрпеле родово засновано насилство.

Оваа анализа е подготвена од страна на Единбуршката иницијатива за меѓународна правда (Edinburg International Justice Initiative) врз основа на воспоставената соработка со ЕСЕ во процесот на подготовка на извештајот во сенка кон конвенцијата на Советот на Европа. Таа обезбедува податоци за системските проблеми коишто треба да бидат надминати на национално ниво, но и компаративен преглед и позитивни практики при имплементација на „принципот на должно внимание“ од страна на други држави.

2021  EIJI International Justice Initiatives – Report on Due Diligence in relation to the COE’s Convention on Prevention and Protection against VAW and Domestic  Violence

 

Водичи за заштита на жените што претрпеле родово засновано насилство

Сè уште присутните патријархални вредности и предрасуди за улогата на жената во семејството и во општеството се суштински фактор кој придонесува за толерирање и минимизирање на родово базираното насилство, како и барање на вина и одговорност за насилството кај самите жртви. За жал, голем дел од овие ставови се застапени и кај претставниците на  институциите на системот, па оттаму и недовербата дека поддршката и заштитата на жртвите од насилство ќе биде обезбедена соодветно, навремено и квалитетно. Дополнително, жртвите на насилство не се доволно информирани за своите права и постојните можности за нивна заштита од насилство. Од овие причини сметавме дека во процесот на помагање и поддршка на жртвите на насилство неизбежно и потребно е нивно постојано информирање и охрабрување.

Тријазичните водичи за заштита на жените што претрпеле семејно насилство, жртвите на трговија со луѓе и сексуалните работнички се дел од серијата на водичи наменети за жени жртви на насилство подготвени во рамки на проектот на УСАИД за правна заштита на жените, кој ЕСЕ го спроведува заедно со Отворена Порта и Коалицијата Маргини. Водичот опфаќа три клучни компоненти: подобрување на судското постапување во предметите поврзани со насилство и дискриминација врз жените, унапредување на законската рамка со која се овозможува заштита на жртвите на насилство и дискриминација и унапредување на работењето на граѓанските организации што им даваат правна помош на жените жртви на насилство и дискриминација. Водичите се подготвени врз основа на  искуството коешто жртвите на семејно насилство, жртвите на трговија со луѓе и сексуалните работнички го имале во однос на пристапот до надлежните институции и заштитата што им била обезбедена.

2017 Водич за жртви на семејно насилство (албански)
2017 Водич за жртви на семејно насилство (ромски)
2017 Водич за заштита на жртви на трговија со луѓе (македонски)
2017 Водич за заштита на жртви на трговија со луѓе (албански)
2017 Водич за заштита на жртви на трговија со луѓе (ромски)
2017 Водич за заштита на сексуалните работнички од насилство (македонски)
2017 Водич за заштита на сексуалните работнички од насилство (албански)
2017 Водич за заштита на сексуалните работнички од насилство (ромски)

Интернет-платформа за правни совети за жените што претрпеле семејно насилство

Здравствената криза во 2020 година негативно се одрази врз состојбите со семејното насилство во државата и жените што претрпеле семејно насилство се најдоа во уште понеповолна фактичка  положба споредено со периодот пред кризата. Државата не успеа да ги надмине долготрајните системски недостатоци кои постоеја во последните 20 години, ниту пак го адаптираше институционалниот одговор на специфичните потреби на жените во услови на кризна состојба. Паралелно со зголемениот ризик и ескалирање на насилството, жените немаа пристап до соодветни информации како да го препознаат насилството, особено психолошкото и економското насилство со кое се соочуваат и како да ги користат законските механизми за заштита. Одговорот на институциите кон семејното насилство дополнително се влоши поради ограниченото функционирање за време на вонредната состојба, што резултираше со продлабочување на проблемите со кои се соочуваат жените.

Препознавајќи ја потребата за зголемување на пристапот до информации за време на кризната состојба, ЕСЕ ја креираше првата интернет-платформа за правни совети за жените што претрпеле семејно насилство – pobarajsovet.mk. Платформата обезбедува корисни информации за препознавање на семејното насилство, користење на граѓанската и кривичната постапка за заштита, како и судските постапки за решавање на поврзаните правни проблеми на жените, како што се разводот на брак, издршката, старателството и други. Значајно е тоа што корисничките имаат можност директно да постават прашање на платформата, по што се обезбедува правен совет согласно со природата на проблемот со кој се соочуваат. Креирањето на платформата е дел од пошироките напори што ги презема ЕСЕ во однос на обезбедувањето на помош и поддршка за жените што претрпеле семејно насилство.

2020 Побарај совет – Интернет-платформа за обезбедување на правни совети за жени што претрпеле семејно насилство (инфографик)

Материјали за практичари што постапуваат во случаите на семејно насилство

Основна карактеристика на пристапот на ЕСЕ во однос на семејното насилство е обезбедување на директна поддршка на жените за решавање на проблемот со насилството и поврзаните правни проблеми, како и преземање на мерки за подобрување на правната рамка за заштита и институционалниот одговор кон семејното насилство. Јакнењето на знаењата и вештините на практичарите од институциите и правосудството за постапување во овие предмети е од особено значење за обезбедување на ефективна заштита на жените и решавање на проблемите со кои се соочуваат.

Овој прирачник е подготвен во рамките на проектот на УСАИД за јакнење на судството за да се подобрат капацитетите на граѓанските и кривичните судии што постапуваат во судските постапки за заштита од семејно насилство. Прирачникот содржи корисни информации за природата на семејното насилство, законската регулираност, како и практичното постапување во граѓанската судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита и кривичната судска постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство.

2015 Прирачник за постапување на судовите во постапките за заштита од семејно насилство