Вашата кошничка е моментално празна.
Вашата кошничка е моментално празна.
Денес кога единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија се финансиски самостојни и се сè повеќе зависни од редовното плаќање на давачките од страна на локалното население, соработката и вклучувањето на граѓаните во процесот на донесување на одлуки и процесот на буџетирање на локално ниво се наметнува како услов за нивно успешно работење. Непреземањето на континуирани и систематски мерки што имаат за цел да ги вклучат граѓаните во работата на локалната самоуправа се основна причина за нискиот степен на запознаеност на населението со функционирањето и организацијата на локалната самоуправа, непознавањето на локалниот буџетски процес, невклученост во подготовката на општинскиот буџет, неинформираност во однос на подготвените документи во рамки на буџетскиот процес и нискиот степен на доверба и задоволство од работењето на локалните власти.
Република Македонија, и по 22 години независност, нема воспоставено легитимен, континуиран и неселективен процес на вклучување на граѓаните во работењето на локалната самоуправа. Односно, и по 15 години од ратификувањето на Европската повелба за локална самоуправа и 8 години од воспоставувањето на самостојни и независни единици на локална самоуправа, граѓаните во Република Македонија и понатаму се квалификуваат само како избирачко тело и не се активно вклучени во буџетскиот процес и процесот на донесување на одлуки што се спроведуваат на локално ниво, иако за тоа постојат законски можности.
Овој документ ги презентира состојбите во однос на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки и буџетскиот процес во општина Тетово. Презентираните наоди се засноваат на податоци добиени по пат на спроведено анкетно истражување на примерок од 502 испитаници во текот на 2012 година. Во текот на истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за три области и тоа: запознаеност со организацијата и функционирањето на локалната самоуправа, запознаеност со општинскиот буџет и текот на локалниот буџетски процес и ставови и искуства за учество во локалниот буџетски процес.
Јавните буџети и расходи во Југоисточна Европа вообичаено се користат од политичките партии на власт како средство преку кое тие ги преведуваат своите политички приоритети и ги финансираат акциите коишто ќе придонесат за нивен реизбор. Реалните потреби на граѓаните обично се маргинализирани и се поставени како споредни во процесот на утврдување на буџетските приоритети. Здравјето како јавна функција вообичаено се остава на маргините. Кога зборуваме за распределба на средствата наменети за јавно здравство, владите вообичаено се фокусирани на финансирање на активности што ќе бидат видливи за граѓаните (набавка на медицинска опрема, вработување, реконструкција и сл.). Корупцијата често е присутна во јавниот здравствен сектор.
Па така граѓаните, вклучувајќи ги и оние што користат дроги и/или живеат со ХИВ, континуирано се соочуваат со бариери во пристапот до јавните услуги, особено јавните здравствени услуги. Бариерите вообичаено произлегуваат од начинот на кој владите ги поставуваат приоритетите за распределба на буџетските средства наменети за реализација на јавните политики. Услугите за намалување на штетите од употреба на дроги во земјите од Југоисточна Европа се сметаат за неприоритетни услуги, односно се сметаат за услуги чие финансирање би имало негативно влијание врз политичките успеси на органите на управување без да се земат предвид потребите на корисниците на овие услуги. Оттука, обезбедувањето на овие услуги во изминатите години целосно зависи од средствата обезбедени од странски донатори (Глобалниот фонд) без да се издвојат средства од националните буџети или издвојување на минимални средства за нивна реализација. Овој пристап во финансирањето на програмите за намалување на штетите го доведе во прашање долгорочното постоење на овие услуги, особено во услови кога странските донатори почнуваат да ги намалуваат средствата или целосно ги повлекуваат средствата за оваа намена. Неправилната распределба, неправилното одредување на приоритетите, злоупотребата и лошото менаџирање на јавните фондови претставува огромен предизвик за ефикасност и ефективност на услугите од програмите за намалување штети.
Овој прирачник е наменет да служи како насока за активностите што треба да се преземат од граѓанските организации во состојба на повлекување на странските донатори од финансирањето на националните програми за намалување на штетите. Тој е наменет за граѓанските организации со цел да ги конципираат своите напори за наоѓање ресурси во ограничените национални буџети за да се осигура финансиската одржливост и спроведувањето на програмите за намалување на штетите по повлекувањето на Глобалниот фонд. Прирачникот е структуриран на начин да биде практичен и да служи за потребите на организации, односно тие да најдат буџетски програми чии средства во континуитет не се трошат во целост, да најдат буџетски програми чии средства се преценети, да најдат буџетски програми чии средства се злоупотребени, да најдат можности за прераспределба на постојните буџетски средства, да воведат дополнителни извори на приходи во буџетите или да предложат зголемување на постојните итн.
Граѓанските организации во Република Северна Македонија претставуваат клучен чинител за отвореноста, патриципативноста и транспарентноста на буџетскиот систем и буџетскиот процес. Оттука, вклучувањето на граѓанските организации во буџетскиот процес е нужно и значајно заради обезбедување на независна проценка/анализа со што ќе придонесат за развој и одржливост на буџетскиот систем, презентирање на нови информации во буџетските дебати и нивно продлабочување преку поедноставување на буџетот. Со цел граѓанските организации ефикасно да влијаат врз буџетските приоритети и буџетскиот процес треба подлабоко да се ангажираат во толкување и анализа на буџетските податоци, а со тоа да дадат дополнителна тежина на своите анализи и предлози.
Овој прирачник има за цел да придонесе за унапредување на капацитетите на граѓанските организации преку обезбедување на вештини за анализа и толкување на буџетските податоци што ќе им помогне да го зајакнат своето буџетско застапување. Односно, прирачникот има за цел да ги запознае граѓанските организации со основните постапки за анализа на буџетските податоци од различни перспективи во текот на буџетскиот процес, а во насока на непосредно вклучување на граѓанските организации во буџетскиот процес. И покрај тоа што прирачникот се фокусира на анализа на националниот буџет, сепак корисниците тие постапки можат во целост да ги пресликаат и применуваат во анализа на локалните буџети.
Проактивната транспарентност претставува објавување/пристапност на документи и информации за работењето на јавните институции без тие да бидат побарани од страна на граѓаните. Додека пак, реактивната транспарентност претставува обезбедување на информации за работењето на некоја јавна институција по претходно поднесено барање за пристап до информации од јавен карактер. Односно, станува збор за транспарентност преку примена на постапки пропишани со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од 2013 година ЕСЕ спроведува методологија за оценување на нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавни институции што директно или индиректно обезбедуваат средства и донесуваат одлуки што имаат влијание врз пристапот до јавни здравствени услуги. Оттука, преку овие анализи ЕСЕ има за цел да даде приказ на нивото на проактивна и реактивна транспарентност на дел од јавните институции, како и да ги идентификува промените во оваа област настанати низ годините. Овие анализи дополнително имаат за цел да им обезбедат на опфатените институции насоки за постигнување на повисоко ниво на проактивност и реактивност преку објавување на клучни буџетски и програмски документи и информации за своето работење, како и преку унапредување на праксата во постапувањето при примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Овие анализи немаат за цел да го толкуваат квалитетот на објавените или пак обезбедените информации.
72 % од мониторираните институции бележат зголемување на бројот на објавени информации и документи на своите интернет-страници во 2021 наспрема 2014 година. Во 2021 година само една институција е оценета како проактивно транспарентна. Односно, локалната самоуправа Делчево има објавено значителен број програмски и буџетски информации од значење за јавноста (80 % од следените 16 документи/информации). Локалната самоуправа Делчево оваа година е единствената транспарента институција помеѓу следените 25 и таа објавува повеќе информации и од Министерството за финансии, кое во изминатите две години го држеше првото место во однос на проактивната транспарентност. Во 2022 година во групата на делумно проактивно транспарентни институции се вбројуваат шест од 25 институции. Станува збор за 11 институции што биле делумно транспарентни и во 2021 година, односно кај овие институции не се бележи промена во транспарентноста. 72 % од 25 следени институции (18 институции) се нетранспарентни институции во 2021 година.
Во 2021 година повеќе од половината од набљудуваните институции обезбедуваат информации во постапки за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно тие се реактивно транспарентни и тоа се вкупно 40 институции. Мал е бројот на институции што воопшто не постапуваат по поднесено барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно кои се реактивно нетранспарентни, а тоа се 8 институции. Како и да е, речиси една третина од набљудуваните институции (вкупно 22) се соочуваат со проблеми во постапувањето по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Најголемиот број на институции што се оценети како делумно транспарентни или пак нетранспарентни во обезбедувањето на информации во постапки согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер влегуваат во оваа категорија заради две причини и тоа: надминување на законски утврдениот рок за обезбедување на бараната информација или обезбедување на одговор само по иницирање на жалбена постапка пред Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Вкупните трошоци за здравство во РСМ претставуваат во просек 7 % од БДП што е за два процентни поени пониско од земјите од ОЕЦД (9 %) и претставуваат трошоци кои континуирано се зголемуваат заради староста на населението и тешките социоекономски услови. Повеќето земји од ЕУ се соочуваат со зголемување на трошоците за здравствена заштита. Во исто време, како резултат на тоа, пациентите се соочуваат со зголемување на придонесите што ги плаќаат или пак во иднина ќе ги плаќаат за здравствено осигурување. Државите трошат 29 % од вкупните расходи за јавни набавки, а јавните набавки во здравството претставуваат втори по висина и вредност во споредба со останатите функции на државата (над 9 % од БДП), како што се образование, економски развој, безбедност, јавен ред и мир итн. Јавните набавки се постапки што се најподложни на корупција, а ризикот е особено голем во здравствениот сектор. Корупцијата во здравствениот сектор може да се намали со поголема транспарентност на цената на лековите, повеќе консолидирани набавки на централно ниво или пак преку заеднички иницијативи за спроведување на набавки од јавните здравствени установи. Како резултат на корупцијата во постапките за јавни набавки, загубата што ја трпат државите во буџетот е повеќе од 6 % од здравствените трошоци, а пак една третина од граѓаните на земјите членки на ОЕЦД сметаат дека здравствениот сектор е корумпиран или многу корумпиран.
Во 2016 година Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) спроведе континуиран годишен мониторинг на постапките за јавни набавки што ги спроведуваат јавните здравствени установи за да ги идентификува проблемите во системот на јавни набавки и да даде препораки за подобрување на нивото на транспарентност со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста при реализацијата на јавните набавки, да се унапреди квалитетот на услугите што ги обезбедуваат јавните здравствени установи, да се унапредат ефектите од користењето на парите на граѓаните за обезбедување јавни здравствени услуги и на граѓаните да им се овозможи пристап до здравствена заштита.
Оваа анализа дава приказ на постапките за јавни набавки спроведени од 62 јавни здравствени институции од 2016 до 2019 година. Праксата на склучување на договори со една компанија, постоењето на еден критериум при избор на понудите „најниска цена“ и немањето јасна проценка на влијанието на постапките за јавни набавки врз крајните корисници доведува до ограничување на пристапот на граѓаните до јавни здравствени услуги!
Во Република Северна Македонија не постојат ефикасни и ефективни механизми за следење на извршувањето на буџетот и механизми за оцена на ефикасноста и ефективноста на владините политики. Дополнително, јавните набавки и начинот на кој се спроведуваат мора да се зајакне за да се обезбеди транспарентност, ефикасност и ефективност и да се стави крај на наводите за корупција и за прекршување на принципот за еднаков пристап до јавните набавки и еднаков третман на учесниците во нив. Нашите извештаи од мониторингот на јавните набавки во периодот 2011–2019 година покажуваат дека јавните набавки во јавниот здравствен систем се сива зона во Република Северна Македонија. Нивото на транспарентност во објавувањето на информации за спроведените постапки за јавни набавки значително се намалува низ годините, а од година во година се намалува и конкурентноста и достапноста на постапките за јавни набавки за различни компании. Напротив се зголемува концентрацијата на мал број компании со кои се склучуваат договори за јавни набавки и на кои се префрлуваат буџетски средства. Во одредени години се идентификувани значителни отстапувања на вредноста на склучените договори од вредноста што е планирана да се потроши за спроведување на одредени набавки.
Според наодите од извештаите за проактивна транспарентност на институциите опфатени со мониторингот на ЕСЕ, во изминатите седум години се бележи зголемување на бројот на информации и документи што ги објавуваат институциите на своите интернет-страници. Значителен напредок се бележи кај Министерството за финансии (од 44 % од следените документи и информации во 2014 на 87 % во 2021 година и 75 % во 2022 година), локалната самоуправа Делчево (од 31 % од следените документи и информации во 2014 на 66 % во 2021 година и 80 % во 2022 година), Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (од 25 % од следените документи и информации во 2015 на 60 % во 2021 година и 73 % во 2022 година), Министерството за труд и социјална политика (од 25 % од следените документи и информации во 2014 на 60 % во 2021 година и 50 % во 2022 година) и локалната самоуправа Кочани (од 19 % од следените документи и информации во 2014 на 60 % во 2021 година и 23 % во 2022 година). Како и да е, зголемувањето на бројот на информации и документи не значи и континуитет во нивното објавување или пак континуиран напредок. Генерално гледано, институциите во Република Северна Македонија покажуваат ниско ниво на свесност за проактивна транспарентност, што пак е видливо преку тоа што веб-страниците на институциите не нудат доволно информации за нивното програмско и буџетско работење, односно обезбедуваат податоци само за 30 % од основните програмски и буџетски документи. Во однос на реактивната транспарентност, извештаите на ЕСЕ покажуваат дека „институциите обезбедуваат повеќе информации по поднесени барања за пристап до информации од јавен карактер наместо самоиницијативно да ги направат овие информации достапни за јавноста“. Институциите само делумно го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и покажуваат делумна транспарентност во нивното работење.
Сè уште присутните патријархални вредности и предрасуди за улогата на жената во семејството и во општеството се суштински фактор кој придонесува за толерирање и минимизирање на родово базираното насилство, како и барање на вина и одговорност за насилството кај самите жртви. За жал, голем дел од овие ставови се застапени и кај претставниците на институциите на системот, па оттаму и недовербата дека поддршката и заштитата на жртвите од насилство ќе биде обезбедена соодветно, навремено и квалитетно. Дополнително, жртвите на насилство не се доволно информирани за своите права и постојните можности за нивна заштита од насилство. Од овие причини сметавме дека во процесот на помагање и поддршка на жртвите на насилство неизбежно и потребно е нивно постојано информирање и охрабрување.
Водичот за заштита на жените што претрпеле семејно насилство е дел од серијата на водичи наменети за жени жртви на насилство, подготвен во рамки на проектот на УСАИД за правна заштита на жените, кој ЕСЕ го спроведува заедно со Отворена Порта и Коалицијата Маргини. Водичот опфаќа три клучни компоненти: подобрување на судското постапување во предметите поврзани со насилство и дискриминација врз жените, унапредување на законската рамка со која се овозможува заштита на жртвите на насилство и дискриминација и унапредување на работењето на граѓанските организации што даваат правна помош на жените жртви на насилство и дискриминација. Водичите се подготвени врз основа на искуствотото што го имале жртвите на семејно насилство, жртвите на трговија со луѓе и сексуалните работнички во однос на пристапот до надлежните институции и заштитата што им била обезбедена.
Во 2018 година државата ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, а последователно ја усвои и Националната стратегија за имплементација на конвенцијата 2018–2023 и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (Службен весник на РСМ, бр. 08-524/1 од 27 јануари 2021). Загрижува тоа што декларативните заложби на државата не беа проследени со создавање на основните предуслови за имплементација на Конвенцијата на национално ниво, главно поради недостигот на финансиски и човечки ресурси за нивната имплементација, но и поради отсуство на суштински мерки за надминување на долготрајните системски недостатоци во сите области, вклучително и недоволната превенција на насилството и подигање на свеста на јавноста, недостиг на услуги за помош и поддршка на жените, ниско ниво на координација помеѓу надлежните институции, недостиг на систем за собирање на податоци, мониторинг и евалуација на политиките на ова поле, благата казнена политика кон сторителите и други.
Извештајот во сенка за спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство е подготвен од страна на Здружението ЕСЕ, Отворена Порта и Коалицијата Маргини и е поднесен до групата ескперти – ГРЕВИО, која го следи спроведувањето на Конвенцијата од страна на државите членки. Во извештајот се образложени наведените системски недостатоци, како и специфичните потреби на жените што претрпеле семејно насилство, жртвите на трговија со луѓе, сексуалните работнички, ЛГБТИ-популацијата во сите области што се уредени во Конвенцијата.
Преку поднесувањето на овој извештај го зголемуваме притисокот врз Владата и надлежните министерства за преземање на суштински мерки за подобрување на институционалниот одговор и фактичката положба на жените жртви на родово засновано насилство.
Основните судови имаат значајна улога во системот за заштита од семејно насилство со оглед на тоа што основните законски механизми за заштита од семејно насилство се граѓанската судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ), како и кривичната судска постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство. Препознавајќи ја потребата за подобрување на судската заштита за жените што претрпеле семејно насилство, ЕСЕ од 2014 година започна со имплементација на методологијата на судско набљудување, која подразбира собирање на податоци од тековни граѓански и кривични постапки, воспоставување на поблиска соработка и комуникација со основните судови, јакнење на нивните капацитети, како и директно консултирање и преземање на заеднички активности на застапување.
Оваа анализа ги идентификува бариерите со кои се соочуваат жените кои оневозможуваат ефективна примена на граѓанските и кривичните судски постапки за заштита од семејно насилство. Наодите од анализата на податоците од кривичните предмети за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство покажуваат дека жените, а особено ранливите групи на жени, како што се жените од руралните средини и припадничките на етничките малцинства, недоволно се запознаени и недоволно ги користат судските постапки за нивна заштита. Дури 80 % од жртвите на семејното насилство во постапките за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство се од град, додека само 20 % се од село. Во однос на националноста, 78 % од жртвите се Македонци, 12 % се Албанци, 5 % Роми и 5 % од друга националност. Загрижува неказнувањето на одделни форми на психолошко и сексуално насилство како форми на семејно насилство. Иако во Кривичниот законик се предвидени и се казнуваат сите форми на семејно насилство (физичко, психолошко и сексуално насилство), во практиката изостанува казнување за сексуалното насилство, како и за одделни форми на психолошко насилство. Преку спроведување на судско набљудување на предметите за насилство врз жените го промовираме правото на пристап до правда и судска заштита на жените што претрпеле насилство и воедно придонесуваме кон зголемување на степенот на сензитивност, транспарентност и на правичност во постапувањето во предметите од ваков вид. Жените што претрпеле семејно насилство го повлекуваат предлогот за кривично гонење на сторителите на кривичното дело „телесна повреда“ (чл. 130 ст. 2 од Кривичниот законик), кое воедно е најзастапеното дело поврзано со семејното насилство и единствено кое се гони по предлог на жртвата. Постои ревиктимизација на жртвите во текот на постапката, земајќи предвид дека во дури 77 % од предметите во кои биле изведувани материјални и други докази од кои е евидентно извршувањето на насилството, сведочела и жртвата на семејното насилство. Загрижува примената на поблага казнена политика кон сторителите на семејно насилство. Од вкупно 66 предмети во кои е донесена пресуда, само во 10 предмети е изречена казна затвор, главно поради тоа што не се земаат предвид отежнителните околности и честото применување на институтот „ублажување на казната“ за сторителите на семејното насилство од страна на судиите. Заштитата која се обезбедува преку ПМЗ е исто така ограничена поради бариерите во рамките на постапката пред судот. Иако станува збор за итна судска постапка за кратки законски рокови, во пракса се почитуваат итните законски рокови и нема унифицирано постапување на судиите. Дотолку повеќе што главна причина за одложување на судските рочишта е неуредната покана за сторителите на семејно насилство, како и поднесените барања од полномошникот на сторителот за подготовка на одбраната. Постои незапознаеност на жените со можноста за користење бесплатна правна помош и застапување од страна на адвокат во овие постапки пред судот, како и за други права што ги имаат жртвите, како што е правото на придружник во постапката. Утврден е и висок степен на докажување на насилството во оваа постапка. Податоците од судското набљудување покажуваат дека најчесто изведувани докази биле сведочењето на жртвата и на сторителот на семејното насилство, како и материјалните докази. Загрижува тоа што во поголемиот дел од предметите судиите ги изведуваат овие докази кумулативно, и покрај тоа што начелото на итност на постапката и потребата за заштита на жртвите налага понизок степен на докажување на семејното насилство.
Наодите од оваа анализа ги користиме за поттикнување на поширока дискусија помеѓу судиите за можностите за подобрување на судската заштита во случаите на семејно насилство, како и преземање на заеднички активности за подобрување на правната рамка и одделните аспекти од граѓанските и кривичните судски постапки за заштита од семејно насилство.
Во потрага по разрешување на насилството со кое се соочуваат и обезбедување на потребната заштита за себе и најблиските, жената што претрпела насилство очекува надлежните институции, односно сите професионални структури да постапуваат навремено, соодветно и ефикасно. Полицијата, јавното обвинителство и особено судот, односно судиите, се дел на еден од столбовите на заштита – кривичноправниот систем. Пристапот до правда, односно информираноста и можноста за правно разрешување на семејното насилство, времетраењето на постапката, доказите што треба да се обезбедат, видот на одлуката и особено каков вид на казни им се изрекуваат на насилниците, се индикатори за општествената реакција и третманот на овој вид насилство, односно укажуваат на тоа каква заштита обезбедуваме на оние што претрпеле насилство.
Токму поради тоа во соработка со неколку основни судови преку увид во 33 завршени кривични предмети прибравме и анализиравме податоци во однос на обезбедување на кривична заштита на жените што претрпеле семејно насилство со цел да се согледа нивното постапување и да се извлечат одредени заклучоци во насока на праќање на јасна порака на сторителите на насилство дека овој вид насилство не е дозволен и се казнува.
Оваа активност претставува дел од активностите на ЕСЕ на полето на превенција и заштита од семејно насилство, со кои тежнееме да го зголемиме степенот на ефикасност и одговорност во постапувањето на судовите при кривичната заштита од семејно насилство, како и да го зголемиме степенот на информираност и запознаеност во однос на оваа проблематика. Иако сите облици на семејно насилство, односно физичкото, психичкото и сексуалното семејно насилство се казниви во нашата земја од 2004 година, судската пракса покажува дека психичкото и сексуалното семејно насилство сè уште не се казнуваат. Семејното насилство не се казнува докрај поради повлекување од кривични постапки за кривични дела што се сторени како резултат на семејно насилство. Сторителите на семејно насилство не ја добиваат заслужената казна, казна соодветна на тежината и околностите под кои се случило семејното насилство. Доцни изрекувањето на правда во случаите на семејно насилство. Жените што претрпеле семејно насилство повторно го доживуваат и сведочат за насилството за потребите на водење на кривичната постапка.
Имајќи ја предвид сериозноста на родово базираното насилство и последиците од него, меѓународното јавно право го препознава насилството врз жените како сериозно прекршување на човековите права и налага активен однос на државите кон промовирање, заштита и реализирање на правата на жените што претрпеле насилство. Таканаречениот „принцип на должно внимание“ ги утврдува стандардите за постапување на надлежните државни институции и ја повикува на одговорност државата за стореното насилство врз жените од страна на државата, државните актери и од страна на трети лица. Поспецифично, „принципот на должно внимание“ подразбира исполнување на обврските на државата на повеќе полиња и тоа: превенција на насилството врз жените, заштита на жените жртви што претрпеле насилство, кривично гонење на сторителите на насилство, казнување на насилниците и обезбедување на надомест и друг вид на поправање на настанатата состојба за жените што претрпеле насилство.
Па така, во однос на превенцијата на насилството врз жените од особено значење е државата да ги адресира суштинските причини за појавата на родово заснованото насилство, како и на перцепцијата на општеството кон насилството, вклучувајќи елиминирање на застапените традиционални практики што налагаат подредена положба на жената во општеството. Во врска со заштитата на жените што претрпеле насилство клучно е државата да обезбеди соодветна правна, психолошка, социјална и здравствена помош, како и друг вид на помош и поддршка за жените, подразбирајќи и обезбедување на бесплатна правна помош во граѓански судски постапки за изрекување на привремени мерки за заштита, односно зголемување на можностите за иницирање и успешно завршување на овие постапки од страна на жените што претрпеле насилство. Составен дел на обезбедувањето на заштитата е континуирана и систематска едукација на оние што ја обезбедуваат заштитата и она што претставува основа за успешно обезбедување на заштитата – мултисекторски и координиран пристап во обезбедување на наведените услуги. Спроведувањето на ефективна истрага за насилството е суштинско за елиминирање на насилството врз жените во општеството. Оттука, државата треба да обезбеди спроведување на детална и навремена истрага и да не ја одолжува кривичната постапка. Освен тоа, државата треба да преземе чекори во насока на зајакнување на довербата на жените што претрпеле насилство во работењето на државните институции. За соодветно адресирање на насилството врз жените неопходно е повикување на одговорност, односно казнување на насилниците. Изрекувањето на законски предвидените казни за сторителите согласно со тежината на делото што ќе ја постигнат целта на казнувањето, односно ќе го превенираат повторувањето и сторувањето на насилството е обврска на државата во однос на овој сегмент во постапувањето. Од не помало значење е и обезбедувањето на надомест на штета за жените што претрпеле насилство согласно со сериозноста на повредите и претрпената штета. Притоа се очекува државата да ја преземе обврската за надомест на штетата што е предизвикана како резултат на претрпеното насилство од страна на насилниците.
Анализата на законската рамка и институционалниот одговор кон насилството врз жените, чии наоди ви ги презентираме во оваа публикација, се фокусираат на постапувањето на институциите и правосудството кон различните форми на родово засновано насилство, како што се семејното насилство, трговијата со луѓе и насилството врз сексуалните работнички низ призмата на примена на „принципот на должно внимание“. Како што ќе забележите од содржината на анализата, посебна тежина е дадена на прашањето на пристапот до правда за жените што претрпеле насилство, затоа што пристапот до правда од моментот на настанување на насилството, па сè до неговото судско разрешување претставува наша сегашна и идна стратешка определба. Оттука, во оваа публикација ќе се сретнете со содржини што даваат историска перспектива на развојот на законодавството во однос на сите видови родово базирано насилство и клучни наоди во однос на заштитата што ја пропишува, и што е уште поважно, што од пропишаното се реализира и како се реализира.
Наодите од оваа анализа ќе ги искористиме за афирмирање на потребата од воспоставување на родово сензитивен правен систем втемелен во меѓународните договори на кои потписник е и нашата држава. Само да потсетиме дека Комитетот задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените бара државите да обезбедат правни системи што ќе одговорат и ќе се приспособат на локалните потреби и состојби, системи што се динамични, партиципативни, отворени за иновативни практични мерки, родово сензитивни и кои, пред сè, ги земаат предвид растечките барања за правда од страна на жените.
Состојбата на жените што претрпеле семејно насилство е неповолна и поради ограничениот пристап до правна помош и можноста за судско решавање на правните проблеми поврзани со семејното насилство, како што се разводот на брак, старателството и издршката за децата, поделбата на имотот, надоместот на штета и др. Жените не се доволно информирани и не го користат правото на ослободување од трошоците во судските постапки согласно со Законот за парнична постапка и правото на бесплатна правна помош согласно со Законот за бесплатна правна помош (Влијанието на судските такси и трошоци и информираноста за ослободување од плаќање судски трошоци како пречка или можност до судска заштита за жени што претрпеле семејно насилство, Здружение ЕСЕ 2021). Од друга страна, податоците од анализите за трошоците, кои Здружението ЕСЕ ги спроведува со жените што претрпеле семејно насилство, покажуваат дека жените се наоѓаат во неповолна финансиска состојба како резултат на здравствените трошоци, изгубената работа/намалените приходи, трошоците поврзани со промената на местото на живеење и другите трошоци што ги имаат како резултат на семејното насилство. Ограничените финансиски можности оневозможуваат задоволување на нивните животни потреби и потребите на нивните деца по разделбата/разводот и ефективно решавање на правните проблеми. Дотолку повеќе што издршката што се досудува од страна на судот за нивните деца вообичаено не е во согласност со нивните потреби и таа или не се исплаќа или се исплаќа нередовно од страна на сторителите на семејно насилство (Здружение ЕСЕ, 2021, Дали издршката ги задоволува потребите на децата).
Добросостојбата на децата, што е основна цел на издржувањето на децата, е комплексно прашање што треба да се разгледува и истражува од повеќе гледни точки. Добро осмислените и поставени политики за издржување на децата треба да овозможат зголемување на финансиските и сите останати ресурси што треба да им се стават на располагање на децата, да овозможат да се елиминираат тешкотиите што го оневозможуваат непреченото издржување, да овозможат можности за вработување на родителите што се задолжени со издршка, да ги поддржуваат родителите што се задолжени со плаќање на издршка активно да ги извршуваат родителските обврски, како и да овозможат извршување на родителските обврски заеднички од страна на двајцата родители. Прашањето за издршка на децата на жените што претрпеле семејно насилство го разгледуваме и поради посебната ранливост на оваа група жени, односно посебната состојба во која тие се наоѓаат и последиците со кои се соочуваат. Честопати соочувајќи се со последиците од насилството, жените дополнително се соочуваат и со прашањето на неплаќање на издршката и со тоа уште повеќе им се намалуваат можностите за брзо заздравување и исполнување на нивните родителски обврски.
Според податоците од анализата што ја подготви Здружението ЕСЕ врз основа на искуството на жените што воделе судска постапка за определување на издршка за децата, досудената издршка не е доволна за задоволување на едукативните, рекреативните и за другите потреби на децата, а истовремено голем дел од жените самите ги покриваат трошоците за децата, бидејќи воопшто не ја примаат издршката од родителот кој бил задолжен од страна на судот. Повеќето жени и нивните деца живеат во полоши услови по разводот/разделбата и голем дел од нив, односно десет од седумнаесет жени, нивните деца и членовите на домаќинството со коишто живеат по разделбата/разводот, немаат доволно приходи, вклучувајќи ја и социјалната помош за да ги покријат вкупните месечни трошоци за живеење. Петнаесет од седумнаесет жени воопшто не ја примаат одредената издршка од родителот што е задолжен за плаќање на издршката или ја примаат со задоцнување и во помал износ од одредениот од страна на судот.
Наодите од оваа анализа ги користиме како доказ за потребата за подобрување на судската пракса при определување на висината на издршката за децата, вклучително и земањето предвид на потребите на децата пред и по разводот, како и дополнителните приходи и останатите фактори што се од значење за висината на досудената издршка. Воедно, анализата ја нагласува потребата за воспоставување на ефективни механизми на наплата на издршката од страна на родителот кој бил задолжен од страна на судот.
Жените што претрпеле семејно насилство вообичаено водат повеќе судски постапки за решавање на проблемот со семејното насилство и поврзаните правни проблеми, како што се граѓанската постапка за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ), кривичната постапка, постапката за развод на брак, старателството и издршката за децата, поделбата на имотот, надоместокот на штета и други. Судското разрешување на наведените правни проблеми е условено од висината на судските такси и трошоци, како и од финансиските можности на жените за надоместување на овие трошоци. Искуството на жените што воделе или ќе водат граѓански судски постапки од ваков вид покажува дека тие не се доволно запознаени и не ги користат законските можности за ослободување од плаќање на трошоците во судските постапки согласно со Законот за парнична постапка или правото на секундарна правна помош согласно со Законот за бесплатна правна помош.
Податоците од анализата што ја спроведе Здружението ЕСЕ со 30 жени што планираат да водат или воделе граѓански судски постапки за решавање на проблемите со кои се соочуваат покажуваат дека жените не се доволно запознаени со видот и висината на трошоците, како и со нивните законски гарантирани права во рамки на судските постапки. Од вкупно 16 жени што планирале да водат граѓански судски постапки, дури 12 не знаеле дека е потребно доставување на дополнителна документација во прилог на барањето за ослободување од плаќање на трошоци во постапката, додека само една жена била целосно запознаена со сите документи што е потребно да бидат обезбедени за остварување на ова право. Само една третина од жените биле запознаени дека во судски спор можат да бидат задолжени да ги надоместат трошоците на спротивната страна. Од друга страна, поради неповолната финансиска состојба жените не можат да ги надоместат судските трошоци во сите постапки и дел од проблемите остануваат нерешени. Дури 10 од 14 жени што воделе судски постапки немале ангажирано адвокат и најголемиот дел од нив не можат да ги надоместат судските трошоци во овие постапки.
Наодите од оваа анализа се користат за да се нагласи потребата за поголемо информирање на жените што претрпеле семејно насилство за видот и висината на трошоците, како и за специфичните аспекти од судските постапки и законски гарантираните права. Воедно, анализата обезбедува докази за потребата за поголемо користење на правото на ослободување од плаќање на трошоците и/или правото на бесплатна правна помош во постапките што ги водат жените за решавање на сензитивните проблеми што се поврзани со семејното насилство.
Олеснувањето на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство е една од долгорочните стратешки определби на ЕСЕ. Обезбедувањето на бесплатна правна помош за жените што претрпеле семејно насилство е од особено значење за ефективно користење на механизмите за заштита, но и за судско разрешување на сензитивните правни проблеми со кои се соочуваат, како што се разводот на брак, старателството и издршката за децата, поделбата на имотот, надоместот на штета и други. Преземањето на дејствија за надминување на проблемот со семејното насилство пред надлежните институции и судовите резултира во различни видови на трошоци, како што се трошоците за транспорт, судските такси за иницирање на постапка и пресуда, административни и други трошоци, кои дополнително влијаат врз динамиката и можностите за ефективно решавање на сензитивните проблеми со кои се соочуваат жените. Наспроти ограничените финансиски капацитети за водење на судски постапки од ваков вид, жените немаат пристап до бесплатна правна помош која им е потребна за судско решавање на проблемите со кои се соочуваат.
Анализата на трошоците и придобивките од обезбедувањето на бесплатна правна помош за жените што претрпеле семејно насилство 2017–2022 содржи податоци за трошоците што ги имаат жените при преземањето на дејствија за решавање на проблемот со насилството и поврзаните правни проблеми и трошоците на организацијата за обезбедување на ваков вид услуги, податоци за времето поминато во барање на правна помош, нивото на задоволство на жените од правните услуги на ЕСЕ, како и искуството на жените, односно претрпениот стрес како резултат на проблемот и комуникацијата со институциите при неговото разрешување.
Наодите од оваа анализа покажуваат колку е значаен придонесот на граѓанските организации во обезбедувањето на правна помош и поддршка на жртвите на семејно насилство и ја нагласуваат потребата за зголемување на средствата што ги издвојува државата за обезбедување на секундарна правна помош, како и долгорочна финансиска поддршка за ГО.
Според националната анкета што го истражува искуството на испитаниците во однос на правните („судски“) проблеми во последните три години (Србјанко и др., 2013 год.), односно природата на правните проблеми на испитаниците, како и тоа што тие се обиделе да направат во врска со овие проблеми и кои се резултатите од таквите дејства, речиси половина (49 %) од испитаниците имале најмалку еден правен проблем во последните три години, а голем дел од оние што имале проблеми се соочиле со повеќе од еден проблем во анализираниот период. Најчесто пријавените проблеми се однесуваат на домувањето и имотно-правните прашања, на кои отпаѓа околу една четвртина од сите пријавени проблеми. Другите често пријавени проблеми се однесуваат на вработување, заштита на потрошувачи и проблеми поврзани со пари. Две третини од испитаниците кои пријавиле проблеми изјавиле дека преземале чекори за нивно решавање. Од нив, една третина побарале правен совет како да го решат проблемот. Најголем дел побарале совет од семејството, пријателите, колегите и од партнерите. Една петтина не биле задоволни од информациите и советите што ги добиле. Две третини од испитаниците кои побарале совет морале да платат за таквата услуга. Понатаму, една петтина од оние што имале проблем не направиле ништо за него, бидејќи немале пари. Најмала веројатност за преземање дејство во врска со проблемот има кај посиромашните, помладите, невработените и Албанците. Повеќе од половина од оние што не преземале никакво дејство како причина за тоа ја навеле недовербата во достапноста на таква помош. Веројатноста дека проблемот бил решен е помала кај оние проблеми во кои другата страна е Владата или работодавач, за разлика од проблемите поврзани со приватни организации, членови на семејството, партнери или други лица со кои испитаниците немаат роднински врски. Тоа упатува на поголема веројатност за потреба од помош во случаи каде што постои однос на нерамноправност меѓу засегнатото лице и другата страна. Помалку од 10 % од испитаниците што пријавиле проблеми биле вклучени во судски постапки поврзани со проблемот.
Ваквата состојба се должи на ограничениот пристап до бесплатна правна помош која е потребна за решавање на правните проблеми на граѓаните, а од особено значење за ранливите групи на граѓани. Постои голем јаз помеѓу бројот на граѓани што се соочуваат со правни проблеми и бројот на граѓани што го оствариле правото на бесплатна (секундарна) правна помош согласно со Законот за бесплатна правна помош. Потребата за стручна правна помош делумно ја надоместуваат граѓанските организации кои обезбедуваат бесплатна правна и параправна помош за различни ранливи групи на граѓани, меѓутоа нивната улога е недоволно препознаена и недоволна е финансиската поддршка обезбедена од страна на државата.
Наодите од оваа анализа се користат за да се нагласи значењето на обезбедување на различни модалитети на бесплатна правна и параправна помош од страна на ГО за ранливите групи на граѓани. Анализата обезбедува податоци за трошоците на граѓаните и воопшто за трошоците што се поврзани со обезбедување на бесплатна правна помош, задоволството од обезбедените услуги од ГО и претрпениот стрес како резултат на проблемот со кој се соочиле граѓаните и комуникацијата со надлежните институции кои се вклучени во нивното решавање.
Со воспоставувањето на новите цели за одржлив развој во Агендата 2030 по првпат е воведена одделна цел за постигнување пристап до правда за сите, вклучувајќи ги и најмаргинализираните. Па така, во рамките на Целта 16 што гласи: „Промовирање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој за да се обезбеди правда за сите и градење на ефективни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа“, потцелта 16.3. се однесува на: „Промовирање на владеење на правото на национално и меѓународно ниво и обезбедување на еднаков пристап до правда за сите“. Односно, оваа потцел бара од државите да го опфатат и пристапот до правда и иницијативите за правно зајакнување како составен дел од економскиот пораст и развој и стратегиите за надминување на сиромаштијата.
Генерален е заклучокот дека нашата држава заостанува со исполнување на преземените обврски, односно државата воопшто нема преземено чекори за имплементација на одржливите развојни цели, меѓу кои и пристапот до правда за ранливите групи граѓани. Од една страна, Владата нема преземено напори за основно информирање на релевантните чинители и нивно вклучување во процесот на имплементација и следење на целите. Од друга страна, не постојат доволно јавно достапни податоци за имплементација на целите во нашата држава. Владата сè уште нема иницирано процес на подготовка на планот за имплементација на целите ниту, пак, во своите политики има преземено чекори за балансирање и интегрирање на економскиот и социјалниот развој и развојот на животната средина. Отсуствува алоцирање на соодветни финансиски, човечки и технички ресурси за постигнување на целите, меѓу кои и целта за пристап до правда за сите. Во однос на пристапот до правда, државата ги занемарува ранливите групи граѓани кои се соочуваат со сериозни бариери при остварување на пристапот до правда и решавање на правните проблеми.
Земајќи ги предвид наведените недостатоци, неопходно е во иднина државата да го интензивира процесот на спроведување на одржливите развојни цели. За таа цел најпрвин е неопходно да се мобилизираат сите релевантни чинители, односно да се иницира процес на подготовка на план за имплементација на целите. Притоа особено внимание мора да се посвети на имплементација на потцелта 16.3., односно да се земат предвид посебните потреби и проблемите на ранливите групи граѓани при нивниот пристап до правда. Во оваа публикација ви ги презентираме клучните наоди од анализата на прибраните податоци врз основа на утврдената листа со индикатори за следење на имплементацијата на потцелта 16.3. – Владеење на правото на меѓународно и национално ниво и еднаков пристап до правда за сите за секој индикатор одделно.
Голем број граѓани во Македонија имаат потреба од правна помош, но не можат да ја добијат поради неинформираност и недостиг на средства да ја обезбедат. Оваа појава е честа и кај ромското население кое поради долготрајната сиромаштија, социјалната исклученост, дискриминацијата и необразованоста не може да ги оствари своите права. Ваквата состојба особено негативно влијае врз пристапот до здравствена заштита, при што Ромите се соочуваат со разни видови препреки и тешкотии за остварување на правото на здравје. Токму на оваа маргинализирана група граѓани правната помош ѝ е најпотребна, бидејќи постојано се соочува со предизвици при остварување на своите права. Параправната помош, всушност, го премостува јазот на квалификувана правна помош и преку обучени лица што не се правници ги информира граѓаните за своите права на едно повисоко ниво. Параправниците се лица од заедницата кои се стекнуваат со потребните знаења и вештини за да можат да им помагаат на луѓето од своите заедници. Параправниците обезбедуваат совети, подготвуваат писмени поднесоци (барања, жалби, приговори и др.), ги упатуваат, односно ги придружуваат луѓето до надлежните институции, организираат средби со локалните установи, организираат едукативни работилници за населението, со цел да им помогнат на луѓето од заедницата да ги остварат своите законски гарантирани права.
Оваа публикација содржи информации за искуството на параправниците, како и сведочења на луѓето од заедницата кои преку обезбедената параправна помош и поддршка успеваат да ги решат секојдневните проблеми со кои се соочуваат.
Ограничениот пристап до здравствена заштита, неповолната здравствена состојба и дискриминацијата со која се соочуваат Ромите при реализирањето на правото на здравје, претставуваше поттик за Здружение ЕСЕ да го развие пристапот на обезбедување на параправна помош и поддршка во ромските заедници во Република Македонија. Во оваа насока сметаме дека правното описменување и оспособување на членовите на ромската заедница е клучно, бидејќи со тоа тие самите активно ќе се вклучат во реализација на своите права, што понатаму ќе резултира со подобрување на пристапот до здравствена заштита за оваа ранлива група граѓани. Притоа, активностите на ова поле ги преземаме со локални ромски организации кои активно се вклучени во решавањето на индивидуалните и колективните проблеми со кои се соочуваат луѓето од заедницата.
Во 2011 година започнаа со работа првите програми за параправна помош и поддршка во рамките на организациите КХАМ од Делчево и Центарот за демократски развој и иницијативи од Шуто Оризари. Во 2012 год. се отвори и канцеларија за параправна помош и поддршка во рамките на Ромскиот Ресурсен Центар – РРЦ во Шуто Оризари. Дополнително, во рамките на КХАМ во 2013 година се отвори канцеларија во село Црник, Општина Пехчево, а подоцна и во Општина Виница. Ние во континуитет обезбедуваме поддршка за локалните ромски организации во чии рамки работат програмите за параправна помош и поддршка. Во оваа насока организираме континуирана едукација и јакнење на знаењата и вештините на параправниците, се грижиме за надградување на административните постапки во канцелариите за параправна помош и поддршка и вршиме мониторинг, поддршка и оцена на работата на параправниците.
Оваа публикација содржи повеќе информации за процесот на воспоставување на програмите за параправна помош и поддршка, обезбедената поддршка од страна на ЕСЕ и придобивките од нашата работа на ова поле.
Единственото национално истражување во Македонија во однос на правните проблеми (Србјанко и други, 2013 год.) открива дека иако половина од населението се соочило со најмалку еден правен проблем во последните три години, сепак нема можности за нивно ефективно решавање. Недостигот на финансиски средства, недовербата во институциите и пречките во однос на користењето на законски предвидените права оневозможуваат ефективно разрешување на правните проблеми на граѓаните. Ранливите групи на граѓани, односно сиромашните, младите, жените, невработените и припадниците на етничките малцинства се наоѓаат во уште понеповолна положба и неможност да ги решат продлабочените правни проблеми со кои се соочуваат.
Граѓанските организации „традиционално“ обезбедуваат правна и параправна помош за различни маргинализирани и ранливи групи на граѓани и придонесуваат за намалување на овој јаз во пристапот до правда. Но, и тие се соочуваат со сериозни предизвици во однос на континуираното обезбедување на овие видови на помош и воопшто во однос на функционирањето на организациите. Недоволната финансиска поддршка од страна на државата, законската непрепознаеност на концептот на обезбедување на параправна помош и поддршка, како и недостигот на континуирана едукација на параправниците се основните проблеми со кои се соочуваат ГО што работат со различните маргинализирани и ранливи групи на граѓани.
АВРСМ, на годишно ниво, прибира во просек 13,6 % повеќе приходи од планираниот износ, а пак троши 25,6 % помалку од вкупниот износ на остварени приходи. Во периодот од 2014 до 2018 година се бележи значителен пораст на средствата кои АВРСМ од буџетот на РСМ ѝ ги префрла на УНДП за спроведување на програмите, мерките и активностите за вработување (во 2014 година од буџетот на РСМ не било планирано да се префрлат средства на УНДП, во 2016 година било планирано да се префрлат 49 400 000 денари, во 2017 година – 541 247 050 денари, а пак во 2018 година – 405 881 283 денари). За сметка на овој пораст, учеството на УНДП во финансирањето на активните програми, мерки и услуги за вработување драстично се намалува во изминатите пет години. Во 2018 година се бележи значително намалување на средствата за спроведување на активните програми, мерки и услуги за вработување во однос на претходната 2017 година. Односно, средствата за оваа намена се намалени за 437 206 282 денари или пак за 44 %. Секоја година Агенцијата има неисплатени обврски кон извршителите вклучени во реализација на Оперативниот план, во просек од 24 412 370 денари. Па така, во 2018 година износот на неисплатени обврски е за 16 % повисок во однос на 2017 година, од кои во просек 46 % се неизмирени обврски кон УНДП. Просечниот износ на средства што се издвојува за промоција на мерките, програмите и услугите за вработување изнесува 2 199 780 денари. Во 2017 година, кога за последен пат била планирана промоција на програмите, мерките и услугите за вработување, Агенцијата издвоила 158 % повеќе средства во однос на претходната година или 76 % повеќе во однос на 2014 година. Но, и покрај издвојување на средства за промовирање на мерките, програмите и услугите за вработување, 83 % од вкупниот број невработени лица опфатени со истражувањето не се запознаени со можностите што произлегуваат од оперативните планови за вработување, односно што ги нудат програмите, мерките и услугите за вработување.
Повеќе од половина од невработените граѓани опфатени со истражувањето (63 %), во сите четири општини, се лица што се долгорочно невработени, односно не се вработени повеќе од четири години. Пристапот до активните мерки, програми и услуги за вработување е значително ограничен за граѓаните на општините Битола, Тетово, Струмица и Св. Николе заради малиот процент на граѓани (54 %) што се регистрираат во евиденцијата на АВРСМ, од кои 50 % се жени. Речиси половина од лицата што се невработени и нерегистрирани во евиденцијата на АВРСМ не можат да одредат колкав е временскиот период од нивното последно пријавување во АВРСМ (45 %), а пак 37 % не се евидентирани 2 или повеќе години. Повеќе од половина од лицата опфатени со истражувањето, кои се регистрирани во евиденцијата на АВРСМ, се лица што се регистрираат на секои 30 дена заради тоа што се евидентирани како активни баратели на работа. Додека, пак, приближно една четвртина од лицата што се регистрирани во евиденцијата на невработени на АВРСМ се соочиле со некаков проблем при регистрација. Дури 74 % од регистрираните невработени лица или 71 % од бројот на невработени регистрирани жени не знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување утврдени со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд. Од лицата (112 лица) што знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување утврдени со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, само 37 % се информирани за некои од мерките, програмите и услугите за вработување. Само 4 лица (од вкупно 112), од кои три се жени, од сите четири општини, кои знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување предвидени со Оперативниот план, користеле некоја од нив.
Анализата на студијата „Дали и колку граѓаните чувствуваат бенефит од спроведувањето на активните мерки, програми и услуги за вработување“ е поделена на три поглавја. Првото поглавје се состои од два дела. Во првиот дел даваме осврт на финансиското работење на Агенцијата за вработување (АВРСМ), преку прикажување на движењето на приходите и расходите во буџетот на оваа институција во периодот од 2014 до 2018 година, а пак во вториот дел даваме осврт на движењето на средствата предвидени за спроведување на активните програми, мерки и услуги за вработување во истиот временски период. Второто поглавје се однесува на програмското и буџетското спроведување на три програми, мерки и услуги за вработување за кои од буџетот на Агенцијата се издвојува најголем износ на средства секоја фискална година и кои се од посебен фокус на оваа анализа, и тоа: Програма за самовработување (компонента 1.1.1. од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година), Програма за субвенционирано вработување (компонента 2.3. од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година) и Услуги за вработување на Агенцијата (компонента 6. во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година). Третото поглавје се состои од два дела, при што во првиот дел ја претставуваме оцената на квалитетот, запознаеноста, корисноста и пристапноста до мерките, програмите и услугите за вработување дадена од страна на невработените лица опфатени со теренско истражување спроведено во 11 населени места (Даме Груев во Битола; Цетинска, Вардарска и с. Шипковица од општина Тетово; Септемвриска, Сутјеска, Маршал Тито, Вељко Влаховиќ и с. Ерџелија во општина Св. Николе и Нова приградска населба и Стара чаршија во општина Струмица) во четири општини (Битола, Тетово, Св. Николе и Струмица), а пак во вториот дел ја претставуваме оцената дадена од страна на лицата вработени како резултат на користење на некоја програма, мерка или услуга за вработување.
Повеќе од половина од невработените граѓани (63 %) во четирите општини опфатени со истражувањето се лица што се долгорочно невработени, приближно една четвртина од лицата што се регистрирани во евиденцијата на невработени на АВРСМ се соочиле со некаков проблем при регистрација, 74 % од регистрираните невработени лица не знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување, и само 37 % од лицата што знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување се информирани за некои од мерките, програмите и услугите за вработување. Дополнително, мал е бројот на лица што користеле некоја програма, мерка или услуга за вработување во овие општини, а пак програмите за самовработување и субвенционирано вработување се оценети од Меѓународната организација на трудот како програми кои или делумно или пак воопшто не ги исполнуваат целите за кои се формирани.
Анализата „Дали активните мерки, програми и услуги за вработување што ги спроведува Владата на РСМ ги одразуваат реалните потреби на граѓаните и придонесуваат за унапредување на нивниот пристап до пазарот на трудот и зголемување на вработеноста?“ е поделена на три поглавја. Првото поглавје се состои од два дела. Во првиот дел даваме осврт на финансиското работење на Агенцијата за вработување (АВРСМ), преку прикажување на движењето на приходите и расходите во буџетот на оваа институција во периодот од 2014 до 2018 година, а пак во вториот дел даваме осврт на движењето на средствата предвидени за спроведување на активните програми, мерки и услуги за вработување во истиот временски период. Второто поглавје се однесува на програмското и буџетското спроведување на трите програми, мерки и услуги за вработување за кои од буџетот на Агенцијата се издвојува најголем износ на средства секоја фискална година и кои се од посебен фокус на оваа анализа, и тоа: Програма за самовработување (компонента 1. од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година), Програма за субвенционирање на плати (компонента 2.1. од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година) и Услуги за вработување на Агенцијата (дел II во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година). Третото поглавје се состои од два дела, при што во првиот дел ја претставуваме оцената на квалитетот, запознаеноста, корисноста и пристапноста до мерките, програмите и услугите за вработување дадена од страна на невработените лица опфатени со теренско истражување спроведено во 15 населени места (Пецо Божиновски и Тошо Даскало во Битола; Цетинска, Вардарска и с. Шипковица од општина Тетово; Велко Влаховиќ, Орце Николов, Младинска, Гоце Делчев, Кумановска, Ќиќевачка, 4 Јули и Македонска во општина Св. Николе и селата Дабиле и Добрејци во општина Струмица) во четири општини (Битола, Тетово, Свети Николе и Струмица), а пак во вториот дел ја претставуваме оцената дадена од страна на лицата вработени како резултат на користење на некоја програма, мерка или услуга за вработување.
Од 2017 година Здружението ЕСЕ спроведува годишен мониторинг на спроведувањето на активните програми, мерки и услуги за вработување, а исто така овозможува вклучување на жените од ранливите категории во оценување на нивното спроведување.
На крајот на 2019 година стапката на активност на работоспособното население во Република Северна Македонија (РСМ) изнесува 57,5 %, а стапката на невработеност изнесува 17,3 %, што е значително повисоко од земјите членки на Европската Унија (ЕУ 27 стапка на невработеност, 6,7 %). Стапката на невработеност на жените во РСМ претставува 7,4 % од вкупното активно насeление, што е за 1,4 процентни поени повеќе од ЕУ 27 (7 %), а пак стапката на неактивност на жените во 2019 година се зголемува во однос на онаа кај мажите.
Државата одвојува во просек 0,16 % од БДП за спроведување на активните политики за вработување, што е далеку под просекот на земјите од ЕУ и приближно 20 % од буџетот на програмите и мерките за вработување, како и услугите за вработување. Активните политики за вработување најмногу се фокусирани на невработените лица што се регистрирани во државниот систем за вработување. Невработените лица што не се регистрирани (55 % од вкупниот број на невработени) немаат право на пристап до активните мерки, програми и услуги за вработување. Ваквото ограничување особено влијае врз жените, најпрво заради високиот број на работоспособни жени што не се активни на пазарот на трудот и второ заради непостоењето на мерки за стимулирање за нивната активност. Активните политики за вработување во периодот од 2018 и 2019 година вклучуваат четири главни категории на мерки: 1) директно создавање на работни места, 2) стимулирање на вработувањето, 3) обуки за вработување и 4) работа во заедницата. Дополнително, годишните оперативни планови за активни политики за вработување вклучуваат и директни услуги за невработените. Податоците покажуваат дека жените претежно се вклучени и таргетирани со политиките за стимулирање на вработувањето, а многу малку со другите активни мерки и услуги за вработување
Оваа анализа има за цел да даде преглед на статусот на жените на пазарот на трудот и на националните активни политики за вработување, со посебен фокус на активните мерки и услуги за вработување, да ги идентификува пречките за пристапот на жените до мерките и услугите и да даде конкретни препораки за дизајнирање на идните активни мерки и услуги за вработување. Анализата се заснова на јавно достапни податоци подготвени и објавени од релевантни национални и меѓународни организации/институции за периодот од 2015 до 2019 година. Поради недостиг на јавно достапни податоци за учеството на жените во секоја фаза од спроведувањето на активните мерки и услуги за вработување, дел се обезбедени преку постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од 2017 година Здружението ЕСЕ спроведува годишен мониторинг на спроведувањето на активните програми, мерки и услуги за вработување и овозможува вклучување на жени од ранливите категории во оценување на нивното спроведување. Оваа анализа дава приказ на идентификуваните проблеми со кои се соочуваат жените во пристапот до пазарот на труд и обезбедува насоки за донесувачите на одлуки за надминување на идентификуваните проблеми. Анализата дава приказ на промените во оваа област од 2015 до 2019 година.
Активните политики за вработување на начин на кој во моментот се дизајнирани и се спроведуваат не придонесуваат за унапредување на вработливоста и вработеноста генерално на сите невработени лица. Ограничувањето во пристапот до активните политики за вработување пред сè произлегува од недовербата дека тие ќе им помогнат на невработените да се вработат. Истражувањето на Здружението ЕСЕ, спроведено во 2019 година, покажува дека поголем е бројот на нерегистрирани невработени граѓани во евиденцијата на АВРСМ (448 нерегистриани од кои 56 % се жени, наспрема 361 регистрирани граѓани од кои 52 % се жени). Истото истражување покажува и дека жените се речиси исто информирани за нивните права кои произлегуваат од активните политики за вработување во однос на мажите (31 жена од вкупно 60 испитаници кои знаат дека имаат право), а пак само 3 жени користеле некоја активна мерка или пак програма за вработување. Она што е важно да се напомене е дека во 2019 година од 818 испитани граѓани, само 6 се вработиле како резултат на активните политики за вработување од кои 3 се жени.
Активните политики за вработување се однесуваат на сите регистрирани невработени граѓани во евиденцијата на АВРСМ, меѓутоа пристапот на Агенцијата во вклучувањето на овие невработени граѓани во моментот не е структуиран на начин што ќе овозможи таргетираање на оние невработени граѓани што реално имаат потреба од работа или пак ќе овозможи подеднаков пристап на жените и младите.
Оние невработени што се надвор од пазарот на трудот, односно не се регистрирани во евиденцијата на АВРСМ, воопшто не се опфатени и таргетирани со активните политики за вработување и немаат можност да ги користат.
Што се однесува до правото на вработување, ситуацијата е иста како и во другите јавни сектори. Односно, постои значително ниска, или подобро да се каже не постои, култура на учество на граѓаните во процесите на подготовка и спроведување на политиките за вработување, што пак е резултат на недостиг на знаења и вештини, а особено кај жените. Непознавањето и немањето на вештини ги ограничува граѓаните да ја преземат својата улога и да го кренат својот глас пред донесувачите на одлуки, кои во ваква состојба се во повластена позиција. Јавните политики за вработување не ја одразуваат родовата перспектива, што пак е резултат на отсуството на родово сензитивни политики. Прекршувањето на правото на вработување, нееднаквоста во пристапот на мажите и жените на пазарот на трудот, недостигот на политики што се родово сензитивни, отсуството на политики што ги одразуваат реалните потреби на граѓаните на Република Северна Македонија, неефикасното користење на буџетските средства, неефикасното планирање на политиките и мерките за вработување се клучните карактеристики на јавниот систем за вработување во земјата.
Јавните институции одговорни за планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување во Република Северна Македонија се карактеризираат со високо ниво на затвореност и нетранспарентност во нивната работа. Како резултат на нетранспарентноста на јавните институции и нетранспарентноста на процесите на планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување, актуелните политики и мерки за вработување не ги одразуваат реалните потреби и интереси на граѓаните, особено потребите и интересите на жените. Дополнително, не постои култура за активно граѓанство (ова значи дека граѓаните треба да бидат активни и да учествуваат во процесот на одлучување од почеток до крај), што е резултат на нефункционирање на механизмите за учество на граѓаните во одлуката и отсуството на практики за мобилизирање и зајакнување на поголем број граѓани што понатаму самостојно ќе се вклучат во јавните процеси.
Граѓанските организации во Република Северна Македонија претставуваат клучен актер во осигурување на отвореноста, патриципативноста и транспарентноста на буџетскиот систем и буџетскиот процес. Оттука, вклучувањето на граѓанските организации во буџетскиот процес е нужно и значајно заради обезбедување на независна проценка/анализа со што ќе придонесат за развојот и одржливоста на буџетскиот систем и за презентирање на нови информации во буџетските дебати и нивно продлабочување преку поедноставување на буџетот.
За да можат граѓанските организациите ефикасно да влијаат врз буџетските приоритети и буџетскиот процес, треба подлабоко да се ангажираат во толкувањето и анализата на буџетските податоци, во насока да дадат дополнителна тежина на своите анализи и предлози. Кога граѓанските организации ќе направат комбинација на своето познавање за проблемите со кои се соочуваат заедниците во остварување на своите права загарантирани со јавните политики, како на пример здравствените и образовните, со солидно познавање на буџетите и ефективната стратегија за застапување, тие ќе можат позитивно да влијаат врз донесувањето на одлуки поврзани со нив. Воедно, граѓанските организации преку работата со граѓаните и зајакнатите капацитети во однос на јавните буџети ќе можат да придонесат за активно вклучување и на самите граѓани во буџетските процеси, особено на локално ниво.
Во таа насока го подготвивме овој прирачник, кој има за цел да придонесе за унапредување на капацитетите на граѓанските организации преку обезбедување на вештини за анализа и толкување на буџетските податоци што ќе им помогне да го зајакнат своето буџетско застапување. Односно, прирачникот има за цел да ги запознае граѓанските организации со основните постапки за анализа на буџетските податоци од различни перспективи во текот на буџетскиот процес, а во насока на непосредно вклучување на граѓанските организации во буџетскиот процес. Дополнително, овој прирачник е наменет за граѓански организации што работат на прашања што се буџетски уредени, а за кои е потребно да се приберат, анализираат и да се толкуваат буџетски податоци со цел да се разбере нивната позадина и да се користат за повикување на одговорност на оние што донесуваат одлуки. Оттука, овој прирачник има за цел да им помогне на граѓанските организации да ги развијат своите вештини и техники за буџетска анализа и толкување со цел ефикасно да се вклучат во буџетскиот процес.
Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 создаде непредвидлив и значителен притисок врз глобалната економија и јавните здравствени системи. Исто така, пандемијата придонесе за истакнување и зголемување на нееднаквоста и дискриминацијата помеѓу населението, а особено помеѓу ранливите групи на граѓани. Пандемијата особено придонесе за продлабочување на јазот помеѓу мажите/момчињата и жените/девојчиња, како и помеѓу различните етнички малцинства и лицата што припаѓаат на различен социјален статус. Пандемијата ги премина границите на здравствена криза и придонесе земјите, освен со здравствена криза, сè повеќе да се борат со криза на пазарот на труд, социјалната и економската криза. Како резултат на ваквата состојба, пандемијата претставува сериозна закана за егзистенцијата на граѓаните, а особено за ранливите и маргинализираните групи од населението.
Земајќи ја предвид оваа состојба, државата е должна да преземе низа мерки и активности кои не само што ќе го подобрат одговорот на здравствениот сектор кон пандемијата туку ќе го подобрат и животот и добросостојбата на граѓаните, како и нивниот пристап до сите потребни услуги. За преземање на овие мерки неопходни се дополнителни финансиски средства што првично државата не ги планира во државниот буџет.
Во таа насока ја спроведовме оваа анализа за да ги утврдиме состојбите во три аспекти: отвореност на постапките за прибирање на средства за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, отвореност на постапките за направени промени во буџетите на јавните институции за време на вонредната состојба и отвореност на постапките за трошење на средства прибрани преку наплата на јавни давачки или пак добиени донации и грантови. Анализата покажа дека постои целосен недостиг на транспарентност во однос на прибирање на средства од јавни давачки, донации и грантови наменети за справување со пандемијата со КОВИД-19; недостиг на транспарентност во донесување на одлуки и спроведување на буџетски промени за време на вонредна состојба и за справување со пандемијата со КОВИД-19, како и недостиг на транспарентност во однос на трошењето на буџетските средства наменети за одговор на пандемијата.
Здравствената заштита на мајките и децата е насочена кон сите жени во репродуктивниот период, односно на возраст од 15 до 49 години, доенчињата, малите деца, децата на училишна возраст и адолесцентите. Обезбедувањето на навремена, соодветна и на квалитетна здравствена заштита на мајките и децата не само што го унапредува нивното здравје и квалитетот на животот туку придонесува и за соодветен ран детски развој, здраво детство, што на долг рок обезбедува правилен раст и развој на поединецот со долгорочни придобивки и за поединците и за заедниците и за целото општество.
Министерството за здравство секоја година усвојува Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата со следните цели: 1. Континуирано унапредување на системот на мониторирање на здравствениот статус на мајките и децата и ефикасност на здравствената заштита; 2. Подигање на информираноста и едуцираноста на населението за здрави животни стилови и правилно здравствено однесување во преконцепциски, антенатален, постнатален и во доенечкиот период, со фокус на ранливите категории на жени (жени Ромки, жени од руралните подрачја и лица без идентификација); 3. Унапредување на квалитетот и еднаквоста во пристапот до здравствени услуги за мајките и децата, со посебен фoкус на ранливите категории жени; 4. Навремено откривање на заболувањата кај новороденчињата, доенчињата и малите деца; 5. Јакнење на меѓусекторската соработка и мобилизирање на партнерството во заедницата на сите релеванатни партнери во идентификација и решавање на здравствените проблеми на мајките и децата, особено во намалување на бариерите и зголемување на достапноста на услугите; 6. Обезбедување навремен и ран пристап на секоја бремена жена до квалитетна антенатална здравствена заштита (отстранување на сите видови на географски, финансиски и културолошки бариери, особено кај ранливите групи).
Земајќи го предвид значењето на оваа програма за унапредување на здравјето и здравствената заштита на мајките и децата, со посебен фокус на ранливите заедници, Здружението ЕСЕ од 2011 година започна со спроведување на редовен мониторинг на оваа програма на годишно ниво, вклучувајќи и мониторинг на спроведување на активностите, како и мониторинг на буџетот на оваа програма.
Во оваа анализа е даден приказ од анализата на буџетот на оваа програма за периодот од 2017 до 2019 година. Иако алокацијата на средствата наменети за оваа програма се зголемува во овој период, сепак утврдивме дека буџетот е предмет на чести измени во текот на календарската година, при што се намалуваат првично алоцираните средства. Воедно, воочени се недоследности во буџетските податоци од страна на извршителите на програмата, споредено со податоците добиени од страна на Министерството за здравство. Исто така утврдивме дека иако вкупниот буџет на програмата се зголемува, сепак се намалуваат средствата наменети за ранливите групи, односно за активностите наменети за ромската заедница.
Секоја година Владата на РС Македонија преку буџетите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија издвојува средства заради спроведување на мерки и активности за целосна здравствена заштита на граѓаните. Министерството за здравство е одговорната институција за подготовка на здравствените политики во државата и следење на нивното спроведување, како и утврдување на приоритетите во здравствената заштита за кои во тековната година ќе се издвојуваат средства од буџетот на државата и следење на функционирањето на системот за здравствена заштита.
Наодите од работата на Здружението ЕСЕ покажуваат дека Министерството за здравство не секогаш ефикасно и ефективно го спроведува планирањето и трошењето на средствата што се издвоени во буџетот на оваа институција, што пак особено влијае врз уназадување на нивото на здравствена заштита на граѓаните и го ограничува пристапот до основните здравствени услуги, особено за ранливите категории на граѓани. За ова говорат податоците за бројот на изгубени животи како резултат на несоодветното спроведување на здравствените политики (пример, за пет години умреле 203 жени од карцином на грлото на матката) и бројот на проблеми со кои секојдневно се соочуваат пациентите (недостиг на гинеколози во примарната здравствена заштита, наплата за здравствени услуги што се ослободени од плаќање, дискриминација при обезбедување на здравствени услуги итн.).
Оваа анализа дава приказ на начинот на планирање и трошење на вкупните средства што ги издвојува Владата на РС Македонија од буџетот на државата за буџетот на Министерството за здравство, а со цел да се утврди: трендот на движење на средствата во буџетот на Министерството, промените во изворите на средствата во буџетот на Министерството, капацитетите за прибирање и трошење на средствата што се предвидени во буџетот на Министерството и начинот на нивно влијание врз уживањето на основните социјални и економски права на граѓаните.
Клучен наод претставува и податокот дека во период од седум години средствата од буџетот на Министерството за здравство претставуваат во просек 3 % од вкупниот буџет на државата на годишно ниво. Ваквата пракса на издвојување на ист процент на средства за буџетот на Министерството за здравство останува непроменета во текот на седум години. Овој податок укажува дека Владата наместо буџетот на државата да го планира според реалните потреби на граѓаните, таа врши едноставно математичко распределување на средствата по различни јавни сектори, вклучувајќи го и здравствениот сектор. Ваквата пракса на издвојување на средства за здравствена заштита на граѓаните доведува до тоа дел од граѓаните и понатаму да останат надвор од здравствениот систем и да не ги добиваат потребните здравствени услуги или пак се приморани да платат приватно за здравствени услуги. Средствата што се наменуваат за здравствена заштита на граѓаните се предмет на постојани измени во текот на секоја буџетска година, при што во просек секоја година тие се намалуваат за 2,3 %. Воедно секоја година дел од средствата наменети за здравствена заштита остануваат неискористени.
Оценувањето на влијанието што го имаат макроекономските политики врз јавното здравство е потребно заради низата реформи што се спроведуваат, а се во насока на проширување на фискалната основа која треба да овозможи поголем прилив на средства во буџетот на државата, фискалната консолидација, усвојувањето на мерки што влијаат врз промена на расположливите средства во јавниот систем со фокус на јавниот здравствен систем и реформите што се спроведуваат во однос на јавните расходи. Дополнително, ваквиот пристап е особено значаен во услови кога Владата презема чекори за економска либерализација, привлекување на странски директни инвестиции и стимулирање на домашни компании за зголемување на платите на вработените, кои директно влијаат врз оптоварување на државниот буџет заради обезбедување на државни субвенции и ослободување од плаќање од јавни давачки на компании, кои според очекувањата треба да придонесат кон поголем и одржлив економски раст и развој на земјата.
Здравствените индикатори што претставуваат стандард за мерење на развојот на една земја укажуваат на податокот дека во РСМ најмалку 100 000 граѓани немаат пристап до една или до повеќе основни здравствени услуги, а пак најмалку 40 000 граѓани се соочуваат со значителни финансиски тешкотии заради лични трошоци што ги прават при добивање на здравствена заштита. Односно, здравјето на граѓаните зависи од низа фактори врз кои тие самите немаат директна контрола. Во изминатиот период во светот и кај нас ваквата состојба сè почесто се објаснува како резултат на индивидуалната наместо колективната неодговорност.
Анализата покажа дека трендот на движење на јавните расходи за здравство не го следи трендот на движење на реално прибраните јавни приходи во буџетот на РС Македонија. Даночните приходи континуирано растат во анализираниот период, меѓутоа нивниот пораст не се искористува за финансирање на јавните здравствени услуги. Недостигот на средства во здравствениот буџет во континуитет се пополнува преку директни трансфери кон здравствениот сектор од буџетот на РС Македонија. Движењето на јавните приходи не се поклопува со движењето на стапката на реален пораст на БДП, а воедно потрошените средства за обезбедување на здравствена заштита се намалуваат и покрај порастот на БДП. Наодите од анализата укажаа дека за да се подобри пристапот на граѓаните до јавните здравствени услуги неопходно е Владата најпрво да се фокусира на: унапредување на макроекономското и буџетското планирање во насока на правилно проектирање на макроекономските политики и правилно изразување на нивните промени врз буџетските средства за здравство; унапредување на капацитетите за зголемување на наплатата на проектираните јавни приходи и реализација на проектираните јавни расходи, со посебен фокус на здравството; осигурување на економскиот раст преку обезбедување на поголем удел на приватниот сектор во финансирање на јавните функции на државата и намалување на оптоварувањето на граѓаните за плаќање на јавни давачки; осигурување на подеднаква распределба на средствата помеѓу различните функции на државата; преземање на чекори за елиминирање на неефикасните трошоци и високите трошоци со мало влијание што се прават во здравството и тие да се инвестираат за унапредување на здравствениот сектор во државата.
Воедно во последната деценија Министерството за здравство во континуитет не одвојува доволно буџетски средства за превентивна здравствена заштита, односно за превентивните програми што се клучни за унапредување на здравјето на жените, мајките и децата, како што се програмите за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за партиципација при породување. Оваа состојба укажува дека превентивната здравствена заштита не е ставена како приоритет од страна на здравствените власти и државата.
Недоволното издвојување на финансиски средства за здравствена заштита има директно негативно влијание врз здравјето и добросостојбата на населението, со посебен осврт на ранливите групи. Имено, поради неиздвојувањето на финансиски средства за програмите за скрининг во РС Македонија секоја година умираат 40 жени од рак на грлото на матката, додека ракот на дојка претставува трета водечка причина за смрт кај жените. Воедно се бележи и негативно влијание врз финансиската состојба на граѓаните, бидејќи во 2018 година 46 % од домаќинствата здравствените услуги ги платиле приватно, додека кај 7 % од домаќинствата се бележи осиромашување поради трошоците што морале да ги платат за да добијат здравствена заштита.
Оваа состојба, пред сè, се должи на фактот што буџетирањето во здравството не се заснова на реалните потреби и приоритети на граѓаните туку се пресметува од страна на централната власт според одредени математички формули. Поради тоа Министерството за здравство не е во можност да определува буџет за превентивните програми согласно со потребите и остварувањето на целите, туку од страна на Министерството за финансии добива фиксни износи за секоја програма и во рамки на тие износи ги приспособува активностите на секоја програма. Сè додека не се смени оваа пракса, буџетите за превентивна здравствена заштита и воопшто за здравствена заштита нема да одговорат на реалните потреби. Сето ова, секако, ќе продолжи да води кон несоодветна превенција на заболувањата и кон низа бариери во пристапот до здравствени услуги, особено пристапот на ранливите и маргинализираните заедници.
Ракот на грлото на матката во светот учествува со 10 % во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност на рак кај жените во светот. На годишно ниво заболуваат околу 490 000 новорегистрирани жени или 16 од 100 000 жени годишно, а околу 9 од 100 000 жени умираат. Во Република Северна Македонија секоја година од рак на грлото на матката умираат околу 40 жени. Организираниот скрининг за превенција и рано откривање на рак на грлото на матката е најефикасна метода за откривање на предраковите промени или на рак во почетен стадиум кај жени што немаат никакви знаци на болест. Дополнително на тоа, овој вид на скрининг се спроведува преку релативно достапни и едноставни процедури кои не чинат многу. Односно за скрининг-преглед кај жени што немаат симптоми доволен е гинеколошки преглед со ПАП-тест. Скринингот за рак на грлото на матката е од големо значење, бидејќи доколку се откријат предракови промени или рак во рана фаза, оваа состојба може потполно да се излекува со релативно едноставни медицински процедури и при тоа ова заболување нема да остави трајни последици по здравјето на жената и нема да го наруши квалитетот на животот. Согласно со меѓународно прифатените стандарди и протоколи во РС Македонија скринингот се спроведува помеѓу жени на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години не направиле ПАП-тест. За успешно спроведена скрининг-превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75 % од целната популација на жени.
Земајќи го предвид значењето на скринингот за здравјето и животот на жените, Здружението ЕСЕ од 2012 година започна со спроведување на континуиран мониторинг на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, која претставува компонента од Програмата за рана детекција на малигни заболувања на Министерството за здравство. Преку мониторингот секоја година ги утврдуваме проблемите во планирањето и спроведувањето на Програмата. Еден од клучните проблеми е недоволното финансирање на Програмата што не дозволува опфат на 75 % од целната популација на жени. Иако секоја година застапуваме за зголемување на буџетот и унапредување на спроведувањето на Програмата, сепак Министерството секоја година го усвојува истиот износ наменет за оваа програма, а во одредени години се бележи и намалување на буџетот. Со цел да го зајакнеме нашето застапување и на здравствените власти да им укажеме за важноста од спроведувањето на скринингот ја подготвивме оваа анализа за да се утврди влијанието на карциномот на грлото на матката откриен во понапредна фаза врз животот на жените и врз трошоците поврзани со дијагностиката, лекувањето и со палијативното згрижување во врска со ова заболување, од страна на државата и од страна на жените. Воедно, во анализата е прикажано дека преку зголемувањето на финансиските средства наменети за оваа програма ќе се спасат животите на жените, ќе се продолжи животот на жените и ќе се унапреди квалитетот на животот, а воедно државата и жените ќе заштедат финансиски средства.
Во анализата е прикажано дека поради недоследно спроведениот скрининг секоја година умираат околу 40 жени, додека 350 жени годишно се лекуваат на Клиниката за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење. Исто така дијагностицирањето на карциномот во доцна фаза, жените ги чини 11 милиони денари годишно, додека државата ја чини најмалку 29 милиони денари годишно. Анализата покажа дека со соодветна инвестиција во скрининг- програмата ќе се спасат животите на 40 жени, 350 жени нема да бидат подложени на агресивни третмани, а воедно ќе се заштедат 40 милиони денари трошоци од страна на жените и државата.
Правото на здравје претставува универзално човеково право гарантирано во меѓународните документи и во законодавството на Република Македонија. Здравјето на мајките и децата, како особено ранливи категории од населението, е од особена важност за државата и таа има обврска континуирано да го унапредува здравјето на овие ранливи групи. Обврската на државата за унапредување на здравјето на мајките и децата произлегува и од Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година, јасно посочени во Целта 3 – да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите на сите возрасти. Во Целта 3 како две важни потцели се предвидени обврската на државите да ја намали мајчинската смртност и смртноста на новороденчињата, доенчињата и смртноста на децата под 5-годишна возраст. Република Северна Македонија бележеше континуиран децениски пад на стапката на доенечка смртност, која во 2010 и 2011 година достигна најниско ниво од 7,6 починати доенчиња на 1 000 живородени. Меѓутоа, од 2011 година стапката на доенечка смртност започна да бележи континуиран пораст и во 2016 година достигна вредност од 11,9 умрени доенчиња на 1 000 живородени. Со тоа состојбата во однос на овој индикатор се врати на нивото од пред десетина години, односно се изедначи со вредностите што се бележеле во 2005 и 2006 година. Меѓутоа, во 2017 и 2018 година стапката на доенечка смртност бележи пад, па така во 2017 година изнесува 9,2 на 1 000 живородени, а во 2018 година изнесува 5,7 на 1 000 живородени.
Земајќи ја предвид работата на Здружението ЕСЕ, која има за цел да го унапреди женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата, уште од 2016 година започнавме нашата работа да ја фокусираме кон откривање на можните причини кои водат кон пораст на доенечката смртност во државата. Во склоп на овие активности во 2018 година ЕСЕ формираше експертска работна група во која членуваа експерти од следните области: статистика, јавно здравје, педијатрија – неонатологија, патронажа, гинекологија и акушерство. Експертската работна група подготви Анализа на состојбите во однос на перинаталната и доенечката смртност во Република Македонија во периодот од 2011 до 2017 година преку која беа утврдени можните причини за порастот на доенечкиот морталитет во Македонија во периодот од 2011 до 2016 година.
Анализата послужи како основа експертската работна група да го подготви Националниот акционен план со главна цел: подобрено здравје на жените, мајките и децата и намалување на перинаталната и доенечката смртност преку подобрен опфат и квалитет на здравствената заштита. Акциониот план предвидува исполнување на седум стратешки цели кон кои водат предлог-мерките и активностите. Седумте стратешки цели на Акциониот план се следните: 1. Утврдени фактори и причини што водат до перинатална и доенечка смртност, особено помеѓу населението каде што се бележи највисока стапка на смртност. 2. Унапредена здравствена статистика и евиденција која овозможува навремено и континуирано следење на состојбите поврзани со здравјето на мајките и децата, како и со состојбите во однос на перинаталната и доенечката смртност. 3. Унапредена здравствена едукација на населението во однос на репродуктивното здравје, здравата бременост, како и нега и здравје на доенче со посебен фокус на руралните средини, младата женска и машка популација во периодот на адолесценција, дел од ромската и албанската заедница, на ниво на општина и на ниво на урбана/рурална заедница. 4. Унапреден систем на здравствена заштита за обезбедување на антенатална, перинатална и на постнатална здравствена заштита. 5. Унапредена примарна здравствена заштита за обезбедување на антенатална, перинатална и на постнатална здравствена заштита. 6. Унапредена секундарна и терцијарна здравствена заштита за обезбедување на антенатална, перинатална и на постнатална здравствена заштита. 7. Зајакната улога на медицинските сестри во обезбедување на здравствена заштита во антенаталниот, перинаталниот и во постнаталниот период.
Ракот на грлото на матката во светот учествува со 10 % во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност на рак кај жените во светот. На годишно ниво заболуваат околу 490 000 новорегистрирани жени или 16 од 100 000 жени годишно, а околу 9 од 100 000 жени умираат. Во Република Северна Македонија секоја година од рак на грлото на матката умираат околу 40 жени. Организираниот скрининг за превенција и рано откривање на рак на грлото на матката е најефикасна метода за откривање на предраковите промени или на рак во почетен стадиум кај жени што немаат никакви знаци на болест. Дополнително на тоа овој вид на скрининг се спроведува преку релативно достапни и едноставни процедури кои не чинат многу. Односно за скрининг-преглед кај жени што немаат симптоми доволен е гинеколошки преглед со ПАП-тест. Скринингот за рак на грлото на матката е од големо значење, бидејќи доколку се откријат предракови промени или рак во рана фаза, оваа состојба може потполно да се излекува со релативно едноставни медицински процедури и при тоа ова заболување нема да остави трајни последици по здравјето на жената и нема да го наруши квалитетот на животот. Согласно со меѓународно прифатените стандарди и протоколи во РС Македонија скринингот се спроведува помеѓу жени на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години не направиле ПАП-тест. За успешно спроведена скрининг-превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75 % од целната популација на жени.
Земајќи го предвид значењето на скрингот за здравјето и животот на жените, Здружението ЕСЕ од 2012 година започна со спроведување на континуиран мониторинг на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, која претставува компонента од Програмата за рана детекција на малигни заболувања на Министерството за здравство. Преку наодите од спроведувањето на мониторингот детектиравме низа недоследности и проблеми во планирањето, спроведувањето и во мониторингот на оваа програма. Пред сè Министерството за здравство одвојува недоволен износ на средства за да може да бидат опфатени 75 % од жените од целната возрасна група. Исто така утврдено е несоодветно спроведување на Програмата, како и несоодветно постапување и координација од страна на нејзините извршители. Пред сè основен проблем е недоволниот број на матични гинеколози и нивната несоодветна географска распределеност, при што во 45 општини нема ниту еден матичен гинеколог, иако прегледите и земањето на ПАП-брис се спроведува токму од страна на матичните гинеколози. Од друга страна, иако во Програмата е предвидено сите матични гинеколози да го спроведуваат скринингот, наодите од страна на ЕСЕ покажаа дека не сите матични гинеколози се вклучени во негово спроведување. Овие фактори претставуваат значајна бариера во пристапот до скринингот за жените, особено во општините каде што нема матичен гинеколог, или жените што имаат избрано матичен гинеколог кој не го спроведува скринингот. Сите овие фактори влијаат на фактот дека опфатот на жените со скрининг-програмата е на многу ниско ниво и на тригодишен период не надминува 25 до 28 % од жените, што значи дека скрининг-програмата не го постигнува својот ефект. Земајќи ја предвид оваа состојба ЕСЕ секоја година спроведува мониторинг на Програмата, ги утврдува недостатоците и предлага мерки за унапредување на скринингот. Наодите и предлог-мерките ги користиме во нашите напори за застапување и ги доставуваме до Министерството за здравство, а воедно ја запознаваме и јавноста преку медиумско застапување.
Оваа анализа се однесува на спроведување на скрининг-програмата за 2020 година, при што во таа година беа опфатени само 5,6 % од целната возрасна група на жени. Земајќи предвид дека во 2020 година започна пандемијата со КОВИД-19, овие наоди покажуваат дека нашиот здравствен систем не е подготвен соодветно да спроведува скрининг-програми во вонредни здравствени состојби, иако раното откривање на малигни заболувања не трпи одложување и негативно се одразува врз здравјето и животот на жените.
Правото на здравје е регулирано во Уставот и законите на Р Северна Македонија, како и во меѓународните документи. Притоа фундаменталните принципи на примарната здравствена заштита (ПЗЗ), согласно со Светската здравствена организација, се дека сите луѓе насекаде имаат право да остварат највисоко ниво на здравје и здравствена заштита без тешкотии. Примарната здравствена заштита подразбира дека здравствениот систем ги посочува потребите и преференциите на секој поединец, вклучувајќи ја здравствената промоција, превенција на заболувањата, третман, рехабилитација, палијативна грижа итн. Примарната здравствена заштита се смета како најинклузивен, правичен и рентабилен начин за постигнување универзална здравствена заштита, односно поединецот да ја добие здравствената заштита во време кога му е потребна, на местото каде што му е потребна, а при тоа да не се соочи со финансиски и останати тешкотии во обезбедување на здравствена заштита.
Здружението ЕСЕ веќе 20 години работи на полето на унапредување на здравјето и пристапот до здравствена заштита на ромското население. Од 2011 година, во соработка со партнерски ромски организации, започнавме со спроведување на активности во ромската заедница применувајќи го пристапот на социјална отчетност и правно зајакнување, преку кој ја зајакнуваме и вклучуваме ромската заедница во процесот на следење на спроведувањето на здравствените политики и услуги, како и нивно вклучување во процесите на креирање на политиките и услугите во согласност со нивните потреби. Главен фокус во оваа работа беа здравствените услуги за женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата преку истражувања во заедницата. Во нашата работа со ромската заедница увидовме дека целокупното ромско население се соочува со низа проблеми во однос на пристапот до примарна здравствена заштита. Во таа насока во 2022 година ја проширивме целта на истражувањето во ромската заедница, покрај утврдувањето на бариерите со кои се соочуваат жените, мајките и децата од ромската заедница во пристапот до здравствена заштита, истражувањето имаше за цел да ги утврди и бариерите со кои се соочува ромското население воопшто во пристапот до примарна здравствена заштита, вклучувајќи и утврдување на нивните потреби. Имајќи предвид дека наодите од истражувањето произлегуваат од самите ромски заедници, тие треба да послужат како основа за планирање и унапредување на здравствената заштита на Ромите.
Наодите од истражувањето покажаа дека Ромите во Република Северна Македонија се соочуваат со значителен број на бариери во пристапот до услугите од здравствената заштита на примарно ниво за разлика од останатото население. Тоа укажува на нееднаквост меѓу ромското и останатото население во однос на остварувањето на правото на здравје и здравствена заштита. Бариерите во пристапот во многу случаи резултираат со неостварена потреба за здравствена заштита и ненавремена здравствена заштита. Ненавремената здравствена заштита влијае врз здравјето и квалитетот на животот на ромското население. Значајно е да се напомене дека постојат разлики меѓу бариерите со кои се соочуваат Ромите од различните општини во Р Северна Македонија. Во извештајот од истражувањето наодите се поделени на два главни сегменти: 1. Пристап до услуги од примарната здравствена заштита за ромското население; 2. Пристап до здравствени услуги за женското репродуктивно здравје и здравствените услуги за мајките и децата од ромските средини.
Правото на здравје е регулирано во Уставот и законите на Република Северна Македонија, како и во меѓународните документи. Притоа фундаменталните принципи на примарната здравствена заштита (ПЗЗ), согласно со Светската здравствена организација, се дека сите луѓе насекаде имаат право да остварат највисоко ниво на здравје и здравствена заштита без тешкотии. Примарната здравствена заштита подразбира дека здравствениот систем ги посочува потребите и преференциите на секој поединец, вклучувајќи ја здравствената промоција, превенција на заболувањата, третман, рехабилитација, палијативна грижа итн. Примарната здравствена заштита се смета како најинклузивен, правичен и рентабилен начин за постигнување универзална здравствена заштита, односно поединецот да ја добие здравствената заштита во време кога му е потребна, на местото каде што му е потребна, а при тоа да не се соочи со финансиски и останати тешкотии во обезбедување на здравствена заштита.
Преку долгогодишната работа на ЕСЕ за остварување на правото на здравје на ромската заедница и останатите маргинализирани заедници во многу наврати ги идентификувавме и ги документиравме проблемите и бариерите со кои се соочуваат во остварувањето на правото на примарна здравствена заштита. Податоците со кои располагаме укажуваат дека во нашата земја сè уште не е постигната универзална здравствена заштита на примарно ниво за ранливите и маргинализираните групи на население. Засновајќи се на претходната работа, спроведовме истражување со цел да утврдиме со кои предизвици се соочува руралното население во остварување на примарната здравствена заштита, односно до кој степен е реализиран принципот на универзална здравствена заштита на примарно ниво за ова население. Истражувањето се фокусираше на проценка на бариерите и потребите на руралното население воопшто при што посебен дел беше посветен на жените, мајките и децата како особено ранлива група од населението. Преку анкетно истражување и дискусии во фокус-групи жителите на руралните средини имаа можност да ги искажат предизвиците и потребите во однос на пристапот до примарната здравствена заштита. Наодите од истражувањето претставуваат основа за планирање и унапредување на здравствената заштита на руралното население на примарно ниво.
Наодите од истражувањето покажаа дека руралното население се соочува со значителен број на бариери во пристапот до услугите од здравствена заштита на примарно ниво за разлика од населението кое живее во градски средини. Нееднаквоста во остварувањето на правото на здравје и здравствена заштита меѓу руралното и урбаното население се должи на местото на живеење, што во многу случаи за руралното население резултира со ненавремена здравствена заштита. Ненавремено остварената здравствена заштита, пак, влијае врз здравјето и квалитетот на животот на ова население. Воедно е значајно да се напомене дека постојат разлики во пристапот до примарната здравствена заштита меѓу жителите на руралните средини од различните региони во Република Северна Македонија. Во истражувањето наодите се прикажани во два клучни дела: 1. Пристапот до услуги од примарната здравствена заштита за руралното население; 2. Пристапот до здравствени услуги за женското репродуктивно здравје и здравствени услуги за мајките и децата од руралните средини.
Во однос на здравствената заштита на жените, мајките и децата со години наназад се бележат истите проблеми кои резултираат со отежнат пристап до здравствена заштита. Имено, во повеќе од половина од општините во РС Македонија нема ординација со матичен гинеколог на примарно ниво, а се бележи и многу мал број на педијатри во ординациите за примарна здравствена заштита. Исто така се бележи затворање или несоодветно функционирање на пунктовите за вакцинација во руралните средини поради недостиг на здравствен кадар и опрема. Сето тоа влијае кон отежнат пристап до здравствена заштита за репродуктивното здравје на жените, антенаталната здравствена заштита, како и здравствената заштита на доенчињата и децата. Воедно се бележи и несоодветно обезбедување на услуги од патронажната дејност, бидејќи жените речиси воопшто не се посетени од страна на патронажните сестри за време на бременоста, а по породувањето опфатот со посети не е соодветен и кај најголем дел од жените изнесува една до две посети, наместо предвидените пет посети. Во руралните и ромските заедници состојбата е уште позагрижувачка, бидејќи речиси половина од жените Ромки воопшто не се посетени од патронажна сестра во периодот по породувањето. Оваа состојба се однесува особено на жените што живеат во најмаргинализираните ромски населби.
Клучни превентивни програми за унапредување на репродуктивното здравје на жените се Програмата за скрининг на рак на грлото на матката и Програмата за скрининг на рак на дојка на Министерството за здравство. Меѓутоа со години наназад се бележат истите проблеми во однос на планирањето и спроведувањето на програмите – недоволна алокација на буџетските средства за соодветен опфат на жените, недоследности во спроведувањето и координацијата помеѓу извршителите, како и недостиг од соодветен систем за мониторинг на нивното спроведување. Сето тоа резултира со многу низок опфат на жените со овие програми, при што со Програмата за скрининг на рак на грлото на матката се опфатени само околу 28 % од целната група на жени, додека со Програмата за скрининг на рак на дојка опфатот е поразително низок и во изминатите години се движи помеѓу 1 до 3 % од целната популација. Од превентивната Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата во изминатите години Министерството за здравство ги отстрани речиси сите активности за здравствена едукација и промоција на здравјето што се однесуваа на здравјето во периодот на бременоста, негата и здравјето на новороденчето и доенчето, како и на здравјето на децата со посебен осврт на имунизацијата, иако сите овие активности беа редовно планирани во рамките на оваа програма сè до 2018 година. Тоа резултира со потполно отсуство на организирана здравствена едукација и здравствена промоција од страна на државата за овие групи од населението.
Сите овие состојби имаат негативно влијание врз здравствените исходи на жените, мајките и децата. Имено, секоја година од рак на грлото на матката во РС Македонија умираат околу 40 жени, додека над 300 жени се лекуваат со хемотерапија и зрачење на Клиниката за онкологија, иако со навремено откривање преку организиран скрининг можат да се спречат и смртните случаи и онколошкото лекување. Ракот на дојка претставува петта водечка причина за смрт помеѓу жените со стапка на 37 умрени жени на 100 000 население во 2019 година, иако голем дел од овие смртни случаи можат да се избегнат преку соодветно спроведен скрининг. Опфатот на децата со редовна вакцинација бележи опаѓање во изминатите години, па така опфатот со првата доза на вакцината МРП во 2021 година изнесуваше 70,4 %, за разлика од 2015 година кога изнесувал 80,4 %. Недостигот на здравствена едукација и промоција и бариерите во пристапот до услугите за вакцинација се едни од факторите што влијаат врз намалување на опфатот на децата со вакцинација.
Руралното население се соочува со сериозни предизвици во пристапот до основните здравствени услуги на примарно ниво. Сериозен проблем претставува недостигот на установи за примарна здравствена заштита во руралните заедници. Имено, само во две рурални општини има матичен гинеколог, додека во многу рурални населени места нема ниту матичен лекар, аптека, пункт за вакцинација ниту каква било здравствена услуга од примарната здравствена заштита. При тоа граѓаните од руралните средини се соочуваат со сериозни бариери во пристапот до овие услуги, вклучувајќи: недостиг или несоодветен јавен превоз, трошоци за патување, изгубено време, несоодветна патна инфраструктура, потреба од придружник, особено за децата, старите и хронично болните лица. Дополнително загрижува фактот што во изминатите години се бележи уназадување во пристапот до овие услуги за руралното население. Имено, преку истражувањата на кои работеше ЕСЕ увидовме дека многу пунктови за вакцинација во руралните средини се затворени поради недостиг на кадар, а постојните се соочуваат со недоволна техничка екипираност. Исто така во многу рурални населени места каде што во минатите години работеле ординации со матични лекари и имало аптеки, сега тие веќе не работат. Податоците од истражувањето на ЕСЕ покажаа дека 44 % од возрасното рурално население не посетува матичен лекар дури и кога има потреба, исто така 19 % од малолетните деца не биле однесени на матичен лекар и во случаи кога имале здравствени проблеми. Оваа состојба има сериозно негативно влијание врз здравјето и добросостојбата на граѓаните коишто живеат во руралните средини.
Ромското население претставува една од најмаргинализираните заедници во државата. Неповолните социјални детерминанти врз здравјето со кое се соочува ова население ги вклучуваат сиромаштијата, невработеноста, несоодветните услови за домување, нискиот степен на образование. Неповолните социјални детерминанти се надополнети со бариери во пристапот до здравствена заштита на ромското население. Евидентен е проблемот со достапност до здравствена заштита во општината Шуто Оризари, каде што има недоволен број на матични лекари во примарната здравствена заштита. Исто така поликлиниката во Шуто Оризари не обезбедува основни здравствени услуги за една поликлиника, како што се специјалистичко-консултативни здравствени услуги, рендген и лабораториска дијагностика. И во останатите општини се бележи појава на недостиг од матични лекари во самите ромски населби. Дополнително на тоа Ромите изразија висок степен на незадоволство од здравствените услуги добиени кај своите матични лекари, што е потврдено преку истражувањето на ЕСЕ според кое 59 % од Ромите изразија незадоволство од овие услуги. Истражувањето на ЕСЕ утврди дека сите овие фактори влијаат врз тоа, па затоа 48 % од возрасното ромско население не посетува матичен лекар и кога има здравствен проблем. Неповолните социјални детерминанти врз здравјето и бариерите во пристапот до здравствена заштита влијаат врз неповолните здравствени исходи на ова население што е очевиден факт дека Ромите во РС Македонија имаат пократок животен век од останатото население. Имено, податоците укажуваат дека 50 % од ромското население умира пред да наполни 65 години, додека овој процент на национално ниво изнесува 24 %.
Нашата посветеност за јакнење и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџетите и услугите преку социјална отчетност и правно зајакнување ја крунисавме со формирањето на Европската мрежа на практичари за социјална отчетност и правно зајакнување – COPASAH. Во недостиг на податоци спроведовме истражувања за користењето на примарната здравствена заштита од страна на Ромите и од населението што живее во руралните средини и за еколошките ризици и нивното влијание врз животната средина и здравјето на Ромите. Ја применивме и методологијата за социјална и бихејвиорална промена за практикување на здрави животни стилови и вакцинација на возрасното население. Продолживме да обезбедуваме докази за потребите на граѓаните во однос на олеснувањето на пристапот до правда, посветувајќи се на детална анализа на потребите на жените што претрпеле семејно насилство, односно не само на разрешување на нивните правни проблеми туку се посветивме и на прашања што се поврзани со издршката на децата и економската независност на овие жени. Посветивме значителни напори за развивање на социјалното претпријатие на ЕСЕ – ПОГОН. Во однос на постапувањето на случаите на семејно насилство соработувавме со полициските службеници и инспекторите што првично постапуваа во овие случаи. Како резултат на нашата вклученост во застапувањето за унапредување на нивото на фискална транспарентност, ЕСЕ стана дел од групата на лидери во Европа што покажале значаен придонес кон унапредување на граѓанското учество во земјата и што ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на граѓанското учество на ниво на Европа (во рамки на ПОВ).
И во овој период останавме посветени на јакнење и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџетите и услугите преку социјална отчетност и правно зајакнување. Во таа насока подготвивме планови за континуирано јакнење на капацитетите на персоналот на ромските организации со кои соработуваме, одржавме обука и го унапредивме процесот на мапирање на ромските заедници заради зголемено и сеопфатно вклучување на граѓаните во процесите на донесување на одлуки, преку подготвени дополненија во критериумите за мапирање на ромската заедница. За одбележување е обуката спроведена од страна на експертите од Универзитетот во Севилја, Шпанија, за работа на полето на унапредување на менталното здравје на Ромите, која е прва од ваков вид. Работевме и со јавните институции на јакнење на нивните капацитети во однос на вклучувањето на граѓаните. Ја продолживме соработката со ХОПС во насока на обезбедување на поддршка во спроведувањето на постапката за прибирање на информации од јавен карактер, за прибирање на податоци за износот на прибрани и распределени средства од акцизите за пиво, етил алкохол и цигари наменети за унапредување на здравјето на граѓаните; прибрани и искористени средства од наплата на царина и давачки при увоз, преработка и продажба на канабис и негови преработки. Во соработка со АВРСМ, МТСП и четирите локални партнерски организации работевме на унапредување на транспарентноста и партиципативноста на секторот труд и работевме на унапредување на квалитетот и пристапноста на услугите за вработување до граѓаните, со фокус на ранливите групи.
Како одговор на пандемијата и идните кризни состојби во 2021 година се фокусиравме на процена на потребите на ромските заедници во однос на унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција во кризни состојби, преку спроведено истражување во 2 527 домаќинства во ромските заедници во општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош. Како резултата на овие напори ги документиравме клучните проблеми со кои се соочуваат ромските заедници во однос на нивната можност за закрепнување и навремена реакција при кризни состојби, преку подготовка на 58 фотографии проследени со текстуални пораки (PhotoVoice материјали). Формиравме три совети на заедниците што ќе работат на подготовка на планови за зајакнување на закрепнувањето и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување во општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош и подготвивме четири локални планови за зајакнување на закрепнувањето и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување за општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош.
Во 2021 година ја формиравме регионалната мрежа на COPASAH за Европа составена од 16 граѓански организации од Македонија, Србија, Бугарија, Романија, Унгарија и Албанија. Мрежата ќе служи како платформа за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за примена на методологиите на социјална отчетност и зајакнување на нивната работа за остварување на здравствените права на маргинализираните заедници. Во 2021 година подготвивме стратешки план за нејзина работа. Во периодот 2022–2023 работевме на градење на капацитетите на мрежата на ГО од земјата и регионот, односно Европската мрежа на практичари за социјална отчетност и правно зајакнување, чиј секретаријат го води ЕСЕ. Спроведовме повеќе активности за градење на капацитетите на мрежата, но, исто така и за популаризирање на концептите што ги применува оваа мрежа. Па така, подготвивме комуникациска стратегија со организациите членки на мрежата од РС Македонија, Црна Гора, Романија и Албанија и разменувавме искуства за работата со ранливите групи на граѓани. Учествувавме во консултативниот процес за подготовка на Стратешкиот план за работа на Глобалната мрежа на практичари за социјална отчетност (COPASAH). Спроведовме две обуки, една за применување на методологијата на социјална отчетност за ГО од нашата земја, Србија, Црна Гора и Романија и една онлајн обука за јакнење на капацитетите на организациите за примена на методологии за процена на влијанието на промените во животната средина и условите за домување врз здравјето на населението, со посебен фокус на ранливите групи на граѓани. За сите заинтересирани подготвивме два модули за обука што се поставени на веб-страницата на мрежата. За да популаризираме одредени значајни прашања, Мрежата, во соработка со практичари од целиот свет, организираше и три вебинари на тема: „Влијанието на кризата врз здравствените услуги за жените, вклучувајќи ги ранливите групи на жени“, „Креирање на можности за учество на различни чинители во одговорот кон кризни состојби во регионот“ и „Стратешко застапување“. Подготвивме и издадовме два билтени на Европската мрежа на практичари.
Во 2022 година посветено собиравме податоци и спроведовме истражувања во ромските и руралните заедници за користењето на примарната здравствена заштита од страна на Ромите и од населението што живее во руралните средини. Поконкретно го истражувавме и здравјето на мајките и децата, како и состојбите во однос на менталното здравје. Наодите од спроведеното истражување во ромските средини се содржани во публикацијата „Кога животот на маргините го одредува здравјето – Пристап до примарната здравствена заштита за ромското население во Република Северна Македонија“, додека наодите од спроведеното истражување во руралните средини се содржани во публикацијата „Кога местото на живеење го одредува здравјето – Пристап до примарна здравствена заштита за руралното население во Република Северна Македонија“. Во истражувањето на прашањето за менталното здравје соработувавме со истакнати европски експерти за менталното здравје на Ромите. Собравме податоци и за еколошките ризици и за нивното влијание врз животната средина и здравјето на Ромите и ја тестиравме корисноста и применливоста на Водичот на СЗО за вклучување на заедницата во следење на контакти во ромските средини. Наодите од истражувањето за влијанието на еколошките ризици врз здравјето на Ромите се содржани во публикацијата „Живот на периферијата – Студија за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите“.
Континуирано го следевме спроведувањето на превентивните здравствени програми. Во 2021 година ги истражувавме последиците од недоследното спроведување на скринингот на рак на грлото на матката врз смртноста, квалитетот на животот на жените, како и врз трошоците на кои се изложени жените и државата. Наодите и препораките за унапредување на скринингот се содржани во публикацијата – „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“ Во 2022 година подготвивме три извештаи за следење на две превентивни програми за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка и еден извештај за следење на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, а во 2023 година спроведовме пилот-истражување за функционалноста на електронскиот систем за закажување на гинеколошки прегледи со ПАП-тест во рамки на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката и подготвивме два медиумски прилози (едно видео и една статија) со кои ги потенциравме недоследностите во спроведувањето на превентивните здравствени програми и ги проследивме нашите барања за унапредување на програмите.
Учествувавме на низа значајни национални процеси и меѓународни настани и дадовме свој придонес. Односно, на национално ниво учествуваме во процесот на подготовка на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2023 година и Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2024 година. Покрај ова, учествуваме на конференции за унапредување на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката за унапредување на здравствениот систем во РС Македонија и дадовме свој придонес на оваа тема. Како член на Европската мрежа за здравје на Ромите учествувавме во подготовка на Препораки за унапредување на спроведувањето на стратегиите за инклузија на Ромите во земјите членки на ЕУ и земјите кандидати. Подготвивме и извештај во сенка кон Конвенцијата за правото на детето, во однос на здравјето на детето и на трудниците и извештај во сенка кон Универзалниот периодичен преглед на Обединети нации (ОН) во однос на правото на здравје и пристапот до здравствена заштита за ромското население, за жените и за руралното население.
Во 2023 година се посветивме на унапредување на здравјето на населението преку примена на методологии за социјална и бихејвиорална промена за практикување на здрави животни стилови и вакцинација на возрасното население. Обучивме 200 здравствени работници (доктори, медицински сестри и фармацевти) за примена на методите за социјална и бихејвиорална промена во нивната работа за да се унапредат здравите животни стилови и да се зголеми опфатот со вакцинација на нивните пациенти. Спроведовме здравствена едукација на 843 граѓани за примена на здрави животни стилови и за значењето на вакцинацијата на возрасното население, преку примена на методологии за социјални и бихејвиорални промени. Поделивме 2 043 здравствено-едукативни материјали во форма на минипостери за да го едуцираме населението за здрави животни стилови и за потребата од вакцинација на возрасното население. Испративме 7 966 СМС-пораки до граѓаните и здравствените работници со информативно-едукативна содржина за унапредување на здравите животни стилови и вакцинација на возрасното население. Организиравме работилница со претставници од здравствените институции со цел да се утврдат бариерите за опфатот со вакцинација и на децата и на возрасното население и направивме подготовка на предлог-мерки за унапредување на опфатот со вакцинација.
Работевме на унапредување на здравјето и здравствената заштита на ромското население. Ги утврдивме бариерите и проблемите со кои се соочуваат жените Ромки во пристапот до здравствена заштита за репродуктивното здравје, како и бариерите и проблемите со кои се соочуваат мајките и децата од ромските заедници во пристапот до превентивна здравствена заштита и подготвивме публикација под наслов „Какви се состојбите во однос на репродуктивното здравје и здравјето на мајките и децата од ромските заедници“. Помогнавме во подготовката на писмените барања за застапување за да се унапреди пристапот на Ромите од Шуто Оризари до примарната здравствена заштита во нивната општина и застапувавме за унапредување на опфатот на ромското население со вакцинација против КОВИД-19 во раните фази на вакцинацијата до претседателот на Владата, министерот за здравство и претседателот на Комисијата за здравство при Собранието. Во 2023 година обезбедивме експертска поддршка на партнерските ромски организации во процесот на подготовка на Картичката за оцена од ромската заедница, во однос на пристапот и квалитетот на примарната здравствена заштита и превентивната здравствената заштита за жените, мајките и децата. Исто така помогнавме и за подготовка на Локалната стратегија за застапување заради унапредување на пристапот на Ромите до примарната здравствена заштита и унапредување на пристапот на жените, мајките и децата до превентивната здравствена заштита. Застапувавме за унапредување на здравствената заштита за граѓаните во општината Шуто Оризари преку спроведување на петиција и доставување на барања до надлежните институции за зголемување на бројот на здравствени услуги во рамки на поликлиниката во Шуто Оризари, вклучувајќи матични лекари, специјалистичко-консултативна здравствена заштита, кабинет за рендген и лабораторија. Ги зајакнавме капацитетите на партнерските ромски организации за спроведување на истражувања во ромските заедници преку спроведена обука на оваа тема.
Работевме на јакнење на капацитетите на ГО, параправниците и младите правници за решавање на проблемите во пристапот до правда за ранливите групи на граѓани. Подготвивме два е-модули за обука на параправниците и обучивме 12 млади правници за начините на разрешување на правните проблеми поврзани со семејното насилство. Придонесовме за развивање на стратегијата за родова еднаквост во пристапот до правда на глобалната Мрежа за правно зајакнување – НАМАТИ, преку организирање на средби со претставници на ГО на национално и регионално ниво (Грција, Албанија, Бугарија, Босна) на кои ги дискутиравме приоритетните области за подобрување на состојбата на жените, можностите за заедничко учење (градење на капацитети) и застапување на национално, регионално и на меѓународно ниво. Во соработка со Македонското здружение на млади правници придонесовме за јакнење на капацитетите на граѓанските организации што работат во рурални средини за Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминацијата врз жените при ОН, преку организирање на обука и обезбедување на менторска поддршка при подготовката на извештај во сенка за фактичката положба на жените од руралните средини.
Продолживме да обезбедуваме докази за потребите на граѓаните во однос на олеснување на пристапот до правда во овој период. Во 2021 година подготвивме извештај за имплементацијата на Целта 16.3. за одржлив развој врз основа на претходно утврдената рамка на индикатори за следење на состојбите со владеење на правото и еднаков пристап до правда. Подготвивме анализа за користа и придобивките од обезбедување на бесплатна правна помош за 2021 година. Со помош на жените ги утврдивме трошоците со кои тие се соочуваат при водење на потребните судски постапки. Издршката на децата, односно нивните потреби и износот определен од страна на судот исто така беа предмет на анализа. Го проширивме полето на истражување, односно започнавме со собирање на податоци за загубената работа и намалување на приходите на жените, здравствените трошоци, трошоците поврзани со промена на местото на живеење и сите останати трошоци со кои се соочуваат жените како резултат на семејно насилство. Подготвивме анализа за користа и придобивките од обезбедување на бесплатна правна помош за жените што претрпеле семејно насилство за 2022 година, со што го завршивме циклусот на подготовка на годишни анализи од ваков вид започнат од 2017 година.
Во 2023 година дадовме значаен придонес во известувањето на меѓународно ниво. Подготвивме писмен поднесок (извештај во сенка) за Универзалниот периодичен преглед при ОН за областите: насилство врз жените и семејно насилство; пристап до примарна здравствена заштита за ранливите групи на граѓани, како што се жените, Ромите, населението од руралните средини. Подготвивме писмен придонес кон извештајот “The Promise of Legal Empowerment to Transform Access to Justice” на специјалната известувачка за независност на судиите и адвокатите при ОН. Дадовме свој придонес во подготовката на годишниот извештај на Светска банка – „Women, Business and the Law 2023”, преку писмен поднесок во однос на положбата на жените во областа на родовото базирано насилство, бракот и семејството, имотните односи, пазарот на труд и др.
На жените што претрпеле семејно насилство продолживме да им ја обезбедуваме потребната правна и психолошка помош, односно обезбедивме правна помош за над 500 лица и психолошка помош на приближно 150 лица. Застапувавме 24 жени во иницирање и водење на потребните судски постапки. Во 2021 година ја унапредивме интернет-платформата за обезбедување на правни совети за жените што претрпеле семејно насилство – ПОБАРAJ СОВЕТ – www.pobarajsovet.mk, со можност за доставување на писмени поднесоци потребни за разрешување на вообичаените правни проблеми поврзани со семејното насилство, нејзината достапност на ромски и албански јазик и збогатување со информации и видеа за граѓанските и кривичните постапки за заштита од семејно насилство. Оваа година спроведовме сеопфатна кампања за подигање на свесноста во јавноста, особено за жените, за природата на семејното насилство и за законските механизми за заштита и подготвивме кратко документарно видео – „Семејното насилство е сурова реалност за многу жени и деца“ со цел да се актуализира проблемот со насилството и потребата за помош и поддршка за жените што претрпеле семејно насилство и документарно видео со жена што претрпела семејно насилство.
Ги застапувавме интересите на жените што претрпеле семејно насилство на регионално и национално ниво. Подготвивме извештај во сенка кон Истанбулската конвенција во соработка со Коалицијата Маргини, Отворена порта и Меѓународната правна инцијативата на Универзитетот во Единбург. Учествувавме на тркалезни маси организирани од Комитетот одговорен за мониторинг на спроведувањето на Истанбулската конвенција заради оценување на постапувањето на државните институции и правосудството. Преку националниот процес на Отворено владино партнерство застапувавме за подготовка на правилници за собирање на податоци за родово засновано насилство и застапувавме за усвојување на посебна цел во новиот НАП за 2024–2026 за интензивирање на активностите на надлежните министерства на полето на превенција и подобрување на свесноста кај општата и стручна јавност. Дадовме придонес во однос на менување на Кривичниот законик и менување на праксата на постапувањето на центрите за социјална работа во случаи на семејно насилство. Работевме и со практичарите што постапуваат во случаи на семејно насилство. Во 2021 година подготвивме две видеа за практичарите за граѓанско-правниот систем на заштита, вклучително и изјави од граѓански судија и адвокат за да ги нагласиме најважните аспекти во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и кривичноправниот систем на заштита, вклучително и изјави од кривичен судија и претставник на МВР заради нагласување на најважните аспекти во кривичната постапка пред полиција, ОЈО и суд. Исто така подготвивме е-програма за обука на практичари во предметите за семејно насилство за да се зајакнат нивните знаења и вештини за примена на меѓународната и националната правна рамка при нивното постапување во предмети за насилство врз жени и семејно насилство. Во 2022 година организиравме форум со претставници на Министерството за правда и судиите од основните судови во Скопје, Велес и Радовиш за унапредување на граѓанско-правната заштита на жените. Во 2023 година организиравме форуми на локално ниво со практичари од основите граѓански судови, центрите за социјална работа (ЦСР), подрачните одделенија за бесплатна правна помош на Министерството за правда и граѓанските организации од Куманово, Прилеп и Битола за унапредување на граѓанско-правната заштита на жените што претрпеле семејно насилство.
Во 2021 година подготвивме анализа за постапувањето на полицијата во случаите на семејно насилство преку експертски интервјуа и вклучување на 48 полициски службеници од 8-те сектори за внатрешни работи, како и 12 жени што имале претходно искуство со полицијата при пријавување на семејното насилство, вклучувајќи и препораки за подобрување на постапувањето на полицијата, односно спроведувањето на истрага и спроведувањето на итна мерка за заштита во случаите на семејно насилство. Последователно, организиравме две обука за полициски инспектори и униформирани полициски службеници и ги зајакнавме нивните знаења и вештини за подготовка на процената на ризик и обезбедување на мерки за заштита на жените, како и поефективно спроведување на кривичната постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство. На иницијатива на СЕЕСАК дадовме суштински придонес во регионалната иницијатива за намалување на злоупотребата на огнено оружје во случаите на семејно насилство.
Заедно со жените што претрпеле семејно насилство работевме на нивно економско зајакнување и обезбедување на средства за обезбедување на правна помош преку социјалното претпријатие ПОГОН. Спроведовме проценка на потребите за едукација на жените и врз основа на неа одржавме повеќе обуки со кои жените стекнаа вештини, вклучувајќи и вештини за развој на бизнис и менаџмент. Успеавме понудата на ПОГОН да допре до 410 локални производители на рачни изработки од Северна Македонија и пет земји од регионот, а со 15 од нив склучивме договор за соработка. На ПОГОН се вклучени 46 производители на рачни изработки кои пласираат 394 различни видови на производи. Остваривме приход од над 100 000 денари, што претставува пораст од 4 пати во споредба со 2021 година. Брендот ПОГОН и производите што се пласираат преку ПОГОН, вклучително и оние што се изработени од жените што претрпеле семејно насилство, допре до 484 885 лица од Северна Македонија. ПОГОН – Уникатната платформа придонесе и кон економско јакнење на 16 жени што претрпеле семејно насилство. Односно, овозможивме пет жени што претрпеле семејно насилство да посетуваат курс за кроење и шиење и најмалку 11 жени да бидат вклучени во континуирани обуки за изучување на техники за изработка на накит и работно ангажирани во изработка на уникатна линија на накит за ПОГОН. Развивме посебна линија на накит “POGON – Unique products”.
Продолживме да работиме на јакнење на капацитетите на формалните институции кои се вклучени во обезбедување на пристап до правда за граѓаните. Учествувавме во процесот на подготовка на стратегијата и програмата за работа на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), како и во почетните обуки за градење на капацитетите на членовите на Комисијата. Во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација заедно со ХОПС подготвивме извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и препораки за подобрување на работата на ова тело и ефективно спроведување на Законот.
Во овој период работевме на зголемување на јавната свесност за значењето на фискалната транспарентност и потребата од буџетирање засновано на приоритети и обезбедивме поддршка на граѓаните и јавните институции за унапредување на фискалната транспарентност и постигнување на повисоки и подолготрајни промени. Потикнавме дебата и активизам во јавноста преку обезбедување на информации и едукативни материјали од областа на фискалната транспарентност и буџетирањето засновано на приоритети и објавивме над 650 информации на веб-страниците и социјалните медиуми на ЕСЕ преку кои допревме до над еден милион лица. Го одбележавме Светскиот ден за пристап до информации, 28 септември, преку дебати организирани од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Со АВРСМ и МТСП вклучивме 988 граѓани од четири општини Тетово, Шуто Оризари, Прилеп и Куманово за оценување на пристапот и квалитетот на услугите за вработување и развивме платформа за објавување на тековната реализација на активните мерки за вработување во 2021 година. Во наредниот период ја продолживме соработката со АВРСМ, МТСП и МЗ во насока на обезбедување на механизми за граѓанско учество и јакнење на капацитетите на вработените во овие институции. А дополнително, започнавме да работиме и со МЖСПП. Во 2023 година стана јавно достапна дигиталната платформа за објавување на реални навремени информации за спроведување на активните мерки и политики за вработување на АВРСМ изработена од ЕСЕ (заложба на ОВП).
Продолживме во континуитет да го оценуваме степенот на фискалната транспарентност и отчетност на институциите. Во 2021 година го оценивме нивото на реактивна и проактивна транспарентност на 95 јавни институции низ континуиран мониторинг на интернет-страниците на 25 јавни институции и оценување на 1 690 постапки за пристап до информации од јавен карактер. Оваа година собравме податоци за спроведувањето на 3 130 постапки за јавни набавки, спроведени од 62 јавни здравствени институции во 2020 и 2021 година и подготвивме 63 предлози за унапредување на економичноста, ефикасноста и транспарентноста во спроведувањето на постапките за јавни набавки. Податоците ги доставивме до 63 јавни институции. Во 2022 година подготвивме три извештаи врз основа на наодите од оценувањето на нивото на реактивна транспарентност на 70 јавни институции преку 1 690 барања за информации од јавен карактер за 2021 година и ја оценивме проактивната транспарентност на 25 јавни институции и економската ефикасност и ефективност на 2 081 постапка за јавна набавка на 62 јавни здравствени установи за 2021 година. Работевме на градење на доверба и одржлив развој на иницијативите за унапредување на фискалната транспарентност во 2023 година и го промовиравме концептот на отвореност во постапките за јавни набавки кај 62 институции што обезбедуваат услуги на граѓаните од областа на социјалните и економските права преку мониторинг на постапките за јавни набавки на овие институции и подготовка на препораки за унапредување на идентификуваните предизвици. Исто така работевме на унапредување на пристапот до информации од јавен карактер, со особен фокус на информации што се важни за мерење на родовата еднаквост и уживањето на правата од стана на ранливите групи на граѓани преку спроведување на постапки за пристап до информации; работевме на едукација на јавноста и институциите за барање и обезбедување на информации, предлагање на мерки и активности за јавните институции што ќе придонесат кон зголемување на обемот на информации што се достапни за јавноста, како и мерење на нивото на проактивност и реактивност на институциите и подготовка на годишни извештаи за оцена на транспарентноста.
Застапувавме за унапредување на нивото на фискална транспарентност. Обезбедивме придонес во организирање на министерска средба за ОВП во рамки на редовната седница на Владата на РСМ одржана на 13 април 2021 година. Го промовиравме повикот за приклучување на локални самоуправи во ОВП Локал и помогнавме во приклучување на општина Св. Николе во рамки на оваа иницијатива во 2021 година. Оваа година учествуваме во подготовка на повеќе упатства, повици, деловници, насоки, индикатори поврзани со процесот на подготовка, спроведување и следење на акцискиот план за ОВП и работењето на работните групи и Советот за координација во овој процес. Членови сме на Управниот одбор на Националната мрежа на ГО што работи на ОВП, и вторпат по ред бевме избрани за членови на Националниот форум на релевантни актери за ОВП. Спроведовме обука за 40 претставници на јавни институции и ГО вклучени во процесот на подготовка на планот за ОВП 2021–2023 и заедно со ФООМ и Центарот за граѓански инцијативи го поддржавме процесот на спроведување и следење на планот за ОВП 2021–2023. Копретседававме со Советот за ПОВ 2021–2023 година и го координиравме процесот на кокреирање на мерки и активности за граѓанско учество во рамки на АП за ПОВ 2023–2026 година. Дел сме од групата на лидери во Европа кои покажале значаен придонес кон унапредување на граѓанското учество во земјата и кои ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на граѓанското учество на ниво на Европа (во рамки на ПОВ).
Овој период за нас преставуваше период во кој континуирано работевме на утврдените стратегиски определби, но исто така и период во кој полето на работа, пристапите и начинот на работење ги унапредивме за да го зголемиме влијанието и да постигнеме максимални резултати. Сериозно и посветено работевме на градење на капацитетите на граѓаните, ГО и јавните институции. Но, подеднакво внимание обрнавме и на организацискиот и институционален развој на ЕСЕ, посебно истакнувајќи го зголемувањето на тимот и видливоста на работењето на ЕСЕ.
Работејќи на зајакнување и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџети и услуги преку социјална отчетност и правно зајакнување, во овој период двојно го зголемивме бројот на граѓански организации (од три на седум) на кои им обезбедуваме техничка поддршка во спроведување на овие пристапи. Работевме и на зајакнување на капацитетите на ГО од Југоисточна Европа на кои им обезбедивме обука и експертска поддршка за применување на овие пристапи. Од две организации на кои вообичаено им обезбедуваме ваков вид на помош и поддршка, во 2018 година на 18 организации, а во 2019 година на 16 организации од Бугарија и Грција им одржавме обука и со нив разменивме искуство. Земавме учество и во Европските иницијативи за унапредување на здравјето на Ромите. Во овој период напоредно работевме и на зајакнување на капацитетите на јавните институции за вклучување на граѓаните и ГО во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџети и услуги. Како резултат на нашите заложби Министерството за здравство го следеше спроведувањето на здравствените програми, а Агенцијата за вработување го следеше спроведувањето на програмите и мерките за вработување и услуги.
Во 2020 година нашите активности ги приспособивме на состојбата со пандемијата, па така на трите партнерски ромски организации (КХАМ, ИРИЗ и Романо Чачипе) им обезбедивме техничка и менторска поддршка за работа во заедницата во услови на пандемијата со КОВИД-19. За оваа цел преведовме и адаптиравме водич за работа за граѓанските организации во заедниците за време на пандемија со наслов: „КОВИД-19 – Повик за акција: Што можете да направите на ниво на заедница за да се промовира социјалната солидарност во време на физичко дистанцирање“ и подготвивме водич и објаснувања на партнерските ромски организации во однос на процедурите за остварување на правата од новоусвоените владини мерки како одговор на пандемијата. Неможноста за организирање на настани во живо и одржување на редовни средби за градење на капацитетите на партнерските организации нè поттикна да развиеме модул за електронско учење за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за буџетски мониторинг и застапување и пристап до информации во 2020 година.
Имајќи го предвид влијанието на пандемијата врз менталното здравје на граѓаните, во 2020 година подготвивме модули за обука на персоналот на ЕСЕ и ромските граѓански организации за работа на полето на унапредување на менталното здравје на Ромите со помош експерти од Универзитетот во Севилја, Шпанија. Напоредно вложивме особени напори за информирање и едуцирање на ромската заедница во однос на нивниот одговор и справување за време на пандемијата со КОВИД-19 преку превод и адаптација на осум едукативно-информативни материјали (Бременост за време на пандемијата со КОВИД-19; Доење и грижа за новороденото за време на пандемијата со КОВИД-19; Совети за тоа како треба да разговарате со Вашите деца, членовите на Вашата заедница, семејство, пријатели, со цел да се намали стравот, стигмата и дискриминацијата поврзана со новиот корона-вирус, КОВИД-19; Родителство за време на пандемијата со КОВИД-19; Информации за лица кои се грижат за заболени лица од КОВИД-19 во домашни услови; Корона-вирусот и собирачите на отпад, намалување на ризиците; Здравствени насоки за заштита од КОВИД-19 за неформални трговци; Домашни работници и работодавци заедно против КОВИД-19). Базирајќи се на информациите добиени од оние со коишто работиме, а со цел соодветен одговор и заштита на ромското население во услови на пандемија со КОВИД-19, до Владата на РСМ, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и единиците на локалната самоуправа испративме три дописи со конкретни барања до надлежните институции и дописите ги доставивме на запознавање на медиумите.
За да го подобриме пристапот до услугите за здравствена заштита за жените и Ромите, во 2016 година ги спроведовме последните подготвителни активности за применување на интегрираниот пристап. Членови на заедниците во кои работиме за прва пат земаа активно учество во работата со заедницата во улога на аниматори за што подготвивме „Водич за работа со партнерските ромски организации и аниматорите за спроведување на интегрираниот пристап“ и Прашалник за проценка на состојбите и потребите на ромските домаќинства во однос на здравствената состојба, социјалните детерминанти што влијаат врз здравјето, пристапот до здравствените услуги и нивниот квалитет. Во 2017 и 2018 година започнавме со практична имплементација на интегрираниот пристап, а во 2018 година го зголемивме бројот на Роми опфатени со нашите активности. Во 2018 година работата на прашањето за подобрување на здравјето и пристапот кон здравствени услуги за жени, мајки и деца ја издигнавме на повисоко ниво. Односно, од разгледување на поединечни прашања и аспекти, нашиот предмет на интерес го насочивме кон поврзување, сеопфатно и целосно разгледување на состојбите. Па така, во 2018 година формиравме група на практичари и професори и со нивна помош собравме релевантни податоци и подготвивме анализи за утврдување на причините за пораст на перинаталаната и новороденечката смртност. Податоците и анализата овозможија со помош на работна група на експерти да подготвиме „Акционен предлог-план за унапредување на здравјето и здравствената заштита на жените, мајките и децата заради намалување на перинаталната и доенечката смртност во Република Северна Македонија за периодот 2020–2030 година“. Уште повеќе, во 2018 година почнавме со мониторинг на целокупниот буџет наменет за унапредување и заштита на женското репродуктивно здравје и влијанието на макроекономските политики врз пристапот до здравствена заштита и услуги на жените, мајките и децата. Во 2020 година со помош на еден меѓународен и еден национален експерт собравме податоци и го оценивме влијанието на глобалните и националните економски трендови и макроекономски политики врз пристапот на мајките, децата и жените до услуги за превентивна здравствена заштита. Последователно, наодите од анализата ги објавивме на јавна дебата и конференција за печат на тема „Kако макроекономските политики влијаат врз пристапот до здравствена заштита за жените, мајките и децата“.
Во периодот од 2016 до 2020 година во континуитет спроведувавме мониторинг на национално ниво, на програмската и буџетската имплементација на програмите на Министерството за здравство, вклучувајќи ги следните програми: Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програма за рана детекција на малигни заболувања (компонентите за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка), Програма за систематски прегледи на учениците и студентите, Програма за ретки болести и Програма за партиципација. Дополнително на тоа, во соработка со партнерските ромски организации (КХАМ, Романо Чачипе и ИРИЗ) спроведовме мониторинг во ромската заедница во однос на имплементацијата на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за рана детекција на малигни заболувања (компонентите за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка). Преку мониторингот ги утврдивме проблемите и недостатоците во планирањето и спроведувањето на активностите и буџетите на програмите на Министерството за здравство, а воедно дадовме препораки за унапредување на опфатот на целните групи од населението со програмите, со посебен фокус на ромското население. Наодите од редовниот мониторинг ги презентиравме во вкупно 17 публикации во овој период, односно 5 (пет) публикации издадени во 2016 година, 1 (една) публикација издадена во 2017 година, 5 (пет) публикации издадени во 2018 година, 1 (една) публикација издадена во 2019 година и 5 (пет) публикации во 2020 година. Наодите и препораките ги користевме во нашите активности за застапување со цел да се унапредат програмите, со посебен фокус за зголемен опфат на ромското население. Следствено на тоа Министерството за здравство во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2018, 2019 и 2020 година усвои активности наменети за ромските средини и алоцираше соодветни буџетски средства за нивна имплементација.
Во 2019 година подготвивме препораки за унапредување на работата на патронажната служба. Активно учествувавме во работните групи за подготовка на измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита и подготовка на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Учествувавме и во работата на мисиите на Светската здравствена организација и Министерството за здравство за намалување на новороденечката смртност, унапредување на здравјето на жените за време на бременоста, и мисијата за унапредување на здравјето на децата и реформи на примарната здравствена заштита. Во 2020 година подготвивме и поднесовме Алтернативен извештај кон Конвенцијата за правата на детето во однос на насилство врз децата и попреченост, здравје и добросостојба во соработка со Здружението Отворена порта Ла страда.
Во 2018 и 2019 година за прв пат спроведовме мониторинг во заедницата во четири града и ја утврдивме состојбата за пристапот и користењето на активните мерки за вработување и услугите што ги обезбедува Агенцијата за вработување преку вклучување на граѓаните и подготвивме препораки за унапредување на состојбите. Во 2019 година Агенцијата за вработување го дополни својот годишен извештај со детални буџетски податоци за износот на потрошени средства за секоја од активните мерки за вработување, што не беше случај во 2018 година. Во 2020 година во соработка со две граѓански организации (Женски Форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жените од Св. Николе) подготвивме едно информативно видео за да го олесниме пристапот до мерките и услугите за вработување на граѓаните на национално и локално ниво.
Обезбедувањето на податоци и информации за мониторингот на спроведувањето на здравствените програми и постапките за јавни набавки во здравството, како и работењето на полето на фискалната транспарентност ни овозможува секоја година да го оценуваме нивото на проактивна и реактивна транспарентност, како и оценувањето на транспарентноста на постапките за јавни набавки. Од година во година го зголемуваме бројот на институции, односно постапки што се предмет на мониторинг. По долгогодишно работење овој период го одбележаа значајни постигнувања. Како резултат на нашите напори беа прифатени пет мерки за унапредување на фискалната транспарентност, пристапот до информации и транспарентност во меѓународната помош во Акцискиот план за Отворено владино партнерство за 2016–2018 година и пет мерки за унапредување на фискалната транспарентност и пристапот до информации во процесот Акциски план за 2018–2020 година. Поточно, Владата на РМ го задолжи Министерството за здравство да ги финализира и објави извештаите за програмската и буџетската имплементација на превентивните и куративните програми и да започне со пилотирање на методологиите на социјална отчетност, по што ова Министерството со наша техничка помош и поддршка ги подготви и ги објави извештаите во 2018 и 2019 година. Исто така, Владата на РМ усвои листа на документи и информации кои јавните институции треба да ги објавуваат на своите интернет-страници, додека Бирото за јавни набавки воведе можност за објава на доделените договори за јавни набавки.
Во 2019 и 2020 година активно работевме на основање на мрежа на граѓански организации што ќе работат на ОВП и на предлог на членовите од работната група за фискална транспарентност бевме назначени за членови на Советот за соработка помеѓу ГО и јавните институции за ОВП. Учествуваме во подготовка на процедури за спроведување на консултации со ГО и граѓани за креирање на новиот акциски план за ОВП за периодот 2021–2023, едукативен материјал за ОВП и критериуми за селекција на заложби заедно со членовите на советот, а дополнително развивме и прашалник за мерење на спроведувањето на акцискиот план за ОВП за периодот од 2018 до 2020 година. На национално ниво во 2020 година ја водевме работната група на ОВП која работи на развивање на мерки за унапредување на јавните услуги и климатските промени, а на меѓународно ниво инициравме и помогнавме во вклучувањето на општина Св. Николе во иницијативата ОВП локал, како и дадовме придонес на повеќе настани за споделување на искуства организирани од ОВП.
Во 2019 година беше подготвен извештај од истражувањето во домаќинствата во кои се обезбедува неплатена работа за нега на лица што не се во можност самостојно да ги извршуваат основните животни потреби со наслов „Колку чини неплатената работа за нега во домашни услови“. Следната година врз основа на извештајот подготвивме и доставивме 12 барања до државата за унапредување на состојбата на давателите на нега, лицата што имаат потреба од нега, како и на семејствата каде што се обезбедува овој вид на нега, врз основа на претходното истражување, како и врз основа на консултации со организации на пациенти и самите даватели на нега.
Дадовме значаен придонес кон зголемување на јавната свесност за прашањето за пристап до информации од јавен карактер преку одбележување на Меѓународниот ден на правото на слободен пристап до информации и соработка со Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Дополнително, во 2019 година одржавме девет едукативно-информативни средби со граѓаните од Св. Николе, Шуто Оризари, Виница, Делчево, с. Црник, Тетово, Струмица и Битола, во соработка со Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во 2020 година подготвивме и промовиравме две едукативни видеа насловени: Како да учествувате во процесот на донесување на одлуки поврзани со буџетот? и Како да дојдете до информации за буџетските трошења на јавниот сектор?
Редовно подготвувавме и поставуваме информации преку кампањата „Фискална транспарентност Македонија“ и истоимената интернет-страница. Презедовме чекор повеќе на полето на зголемување и популаризирање на работата на ЕСЕ во јавноста. Во 2018, 2019 и 2020 година за зголемување на јавната свесност за значењето на фискалната транспарентност и потребата од буџетирање засновано на приоритети, правото на вработување и пристап до активните програми и мерки за вработување и воопшто за сите прашања на кои работи ЕСЕ, подготвивме над 2 500 информации. Содржините поставени на социјалните медиуми и интернет-страниците беа посетени во приближно 500 000 наврати и допреа до 2,8 илјади лица.
Значаен дел од нашето работење беше посветен на обуката на параправниците, како еден од неформалните начини за обезбедување на параправна помош на Ромите, сексуалните работнички, текстилните работници и други ранливи групи на граѓани во нашата земја. Па така, во 2017 година обуката за параправници за здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациентите Роми ја проширивме на повеќе области на правото. Во 2018 и 2019 година спроведовме по три обуки годишно за тимот на параправници. Над 1 000 Роми годишно ја добија побараната помош и поддршка во овој период. Во 2020 година поради влијанието на пандемијата со КОВИД-19 подготвивме е-модули за три обуки од различни области на правото кои се релевантни за секојдневното обезбедување на параправна помош и поддршка на ранливите групи на граѓани.
И во овој период континуирано работевме на унапредување на пристапот до правда и правната заштита на жените што претрпеле насилство преку спроведување на мониторинг на кривични и граѓански судски постапки. Спроведовме длабинска анализа на 33 завршени кривични предмети за семејно насилство во 2017 и 2018 година. Во 2019 година го финализиравме процесот на судско набљудување со собирање на податоци за 142 граѓански и кривични судски предмети, односно 391 судско рочиште за семејно насилство, по што е подготвен извештај со препораки за подобрување на судската заштита за жените што претрпеле семејно насилство. Врз основа на наодите од судското набљудување, заедно со 14 судии од основните судови, подготвивме стратешки план за застапување и презедовме мерки и активности за подобрување на кривичноправната и граѓанско-правната заштита на жените што претрпеле семејно насилство. Како резултат на нашето застапување, во Законот за бесплатна правна помош (Службен весник на РМ, бр. 08-2895/1 од 2019 година) се гарантира правото на секундарна правна помош за жените што претрепеле семејно насилство во граѓанските судски постапки за изрекување на привремени мерки за заштита без оглед на нивната финансиска состојба (чл. 20). Истата година со Академијата за судии и јавни обвинители организиравме Форум за забрзување на суштинските реформи во кривичноправниот и граѓанско-правниот систем за заштита од семејно насилство на кој присуствуваа судии од основните судови, како и претставници на останатите институции вклучени во системот на заштита (ОЈО, ЦСР и полиција).
Напоредно со овие системски заложби во овој период обезбедивме бесплатна правна помош и совети на повеќе од 900 лица и обезбедивме психосоцијална поддршка на повеќе од 150 жени преку Центарот за правна помош на ЕСЕ. Бесплатно судски застапувавме над 10 жени што претрпеле насилство. Како резултат на неможноста од обезбедување на помош и поддршка во услови на пандемијата со КОВИД-19, во 2020 година ја креиравме првата интернет-платформа за обезбедување на правни совети за жените што претрпеле семејно насилство – ПОБАРAJ СОВЕТ – www.pobarajsovet.mk, преку која жените можат непречено да побараат и да добијат одговор за разрешување на вообичаените правни проблеми поврзани со семејното насилство. Оваа година поради влошената финансиска состојба на четири жени што претрпеле семејно насилство им обезбедивме финансиска поддршка за надоместување на трошоците за живот за нив и нивните деца. Во услови на пандемија преземавме низа превентивни активности (кампања на социјални медиуми, соопштенија за јавност, гостување на ТВ) за актуализирање на состојбите со семејното насилство. До Владата и надлежните министерства испративме конкретни препораки за итна заштита на жените што претрпеле семејно насилство за време на вонредната состојба и кризата предизвикана од КОВИД-19 и баравме спроведување на сеопфатна национална кампања за информирање на јавноста за законските механизми за заштита, подобрување на постапувањето на институциите во време на криза и формирање на посебен државен фонд за финансиска поддршка на жените.
Во 2018 година организиравме кампања со познати јавни личности. Фотографиите на јавните личности проследени со пораки за поддршка на жените што претрпеле насилство допреа до 35 000 лица. Во 2018 година со Акција Здруженска, Ла Страда и Коалицијата Маргини поднесовме паралелен извештај кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и учествуваме на 71-вата сесија на Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените.
Презедовме три одделни иницијативи во насока на системски промени и собирање на податоци од кои се согледува потребата и корисноста од неформалните начини на правна заштита. Имено, подготвивме анализа на трошоците и придобивките од обезбедување на различните видови на бесплатна правна помош и анализи на трошоците за правна заштита и пристап до правда на жените што претрпеле насилство. Во 2018 година овие напори ги дополнивме со собирање и анализа на податоците за користењето на правото на ослободување од судски такси и други трошоци во судската постапката во граѓански судски спорови за жените што претрпеле насилство. Во 2020 година, пак, полето на собирање на податоци го проширивме со остварување на правото на издршка на малолетните деца на жените што претрпеле насилство (15 жени што воделе постапка за определување на издршка), односно нивните познавања и праксата во однос на ова прашање, по што е подготвен краток извештај со заклучни согледувања и препораки. Истата година развивме листа со индикатори за континуирано следење на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство во кривичноправниот и граѓанско-правниот систем за заштита.
Како партнери на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, односно Коалицијата Маргини, во 2017 и 2018 година го промовиравме владеењето на правото и еднаквиот пристап до правда за сите како една од Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Утврдивме листа на индикатори по која собравме податоци за спроведувањето на оваа цел во нашата земја и собравме податоци за пристап до правда од ГО кои работат на ова прашање во насока на континуирано и унифицирано собирање на овие податоци. Во 2019 година подготвивме план на активности кои надлежните институции треба да ги преземат со цел да се следат состојбите во однос на Целта 16.3. за одржлив развој и спроведовме кампања со кратки видеоспотови. Во 2020 година подготвивме и поднесовме извештај во сенка за имплементацијата на Целта за пристап до правда 16.3. до Националниот доброволен механизам при Политичкиот форум на високо ниво во ОН.
Продолживме да работиме на јакнење на капацитетите на формалните институции што се вклучени во обезбедувањето на пристап до правда за граѓаните. Во насока на забрзување на имплементацијата на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, во 2019 година подготвивме Проценка на законскиот мандат и предусловите за транспарентност, отчетност и ефективност во работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и методологија за мониторинг на работата на Комисијата. Во 2019 и 2020 година спроведовме сеопфатна кампања со апел за итно формирање на новата КСЗД, како и актуализирање на потребата за формирање на Комисијата. Во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација подготвивме извештај за работата на Народниот правобранител и Комисијата на полето на спречување и заштита од дискриминација и дадовме препораки за подобрување на работата на ова тело. Во 2019 година подготвивме функционални анализи на четири апелациони суда и Врховниот суд од родова перспектива и план за потребни мерки за унапредување на состојбите во однос на родовата еднаквост за секој од аспектите опфатени со функционалната анализа и функционална анализа од родова перспектива за работењето на основните и вишите јавни обвинителства, Јавното обвинителство на РСМ и Советот на јавни обвинители, како и план за унапредување на состојбите. Врз основа на овие анализи во 2020 година подготвена е методологија за следење на спроведувањето на мерките за унапредување на родовата еднаквост во јавните обвинителства, апелационите судови и Врховниот суд.
Овој период за ЕСЕ може да се окарактеризира како период во кој се востановени методологиите и пристапите што во 2010 година ги започнавме како иновативни и нови. Уште повеќе продолживме со спојување на методологиите и пристапите. Помошта и поддршката што им ја нудиме на различните ранливи групи и натаму продолжи да биде значаен дел од нашата работа и заложба да им се помогне на оние на коишто им треба помош. Активностите поврзани со правната и судската заштита значеа преземање на уште еден значаен чекор напред во определбата на ЕСЕ за обезбедување навремена и соодветна помош и поддршка на жените што претрпеле насилство.
Во 2013, 2014 и 2015 година продолживме да спроведуваме активности што имаа за цел: унапредување на здравјето на Ромите (опфат на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги, опфат на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги и остварување на правото на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациентите); унапредување на репродуктивното здравје на жените (опфат на жените со скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка); јакнење на капацитетите на граѓанските организации; и унапредување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции. Работејќи кон постигнување на овие цели ги користевме методологиите на социјална отчетност – мониторинг на буџети, мониторинг во заедницата и социјална ревизија; правно оспособување – обезбедување на параправна и правна помош; и родово одговорно буџетирање. Практично, во 2013 година, покрај методологиите на мониторинг и анализа на буџети и мониторинг во заедницата, заедно со ромските партнерски организации започнавме со подготвителни активности за применување на методологијата на социјална ревизија. По четири години од напоредно спроведување на методологиите на социјална отчетност и правно оспособување, во 2014 година започнавме со нивно спојување. Имено, и двата пристапи имаат за цел да го унапредат здравјето на маргинализираните групи со кои работевме. Спојувањето имаше за цел да се зголеми ефикасноста на нашето работење. Во примена на споениот пристап од големо значење беше соработката со Универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор, САД.
Со цел да се надмине недостигот на релевантни податоци за здравствената состојба на ромското население, здравствените детерминанти и пристапот до здравствена заштита, почитување на човековите права во здравствената заштита и усогласеноста на домашното законодавство со меѓународно утврдените стандарди за почитување и спроведување на здравствените права, во 2013 година, во соработка со надворешни експерти, спроведовме истражување и подготвивме студија во однос на погоре наведените прашања. Истата година, во соработка со ромските партнерски организации ЦДРИМ, РРЦ, ЛИЛ и КХАМ, на 8-ми ноември ја организиравме националната конференција „Здравјето на Ромите – пристап, предизвици и можности за подобрување“ и ги презентиравме основните концепти за подобрување на пристапот до здравствените услуги и остварување на правата од областа на здравствената заштита на Ромите поддржани од Фондацијата Отворено Општество Македонија.
Имајќи ги предвид тешкотиите со кои се соочуваат Ромите, во соработка со ромските партнерски организации ЦДРИМ, Шуто Оризари, РРЦ, Шуто Оризари и НВО КХАМ, Делчево, од 2011 година обезбедуваме параправна помош и поддршка за локалното ромско население со цел заштита на нивните здравствени права (права на пациенти, права на здравствена заштита и права на здравствено осигурување). Во периодот 2013–2015 година презедовме низа активности што редовно секоја година ги спроведуваме како дел од обезбедување на техничка помош и поддршка на ромските партнерски организации, односно работевме на нивно институционално јакнење, јакнење на капацитетите на координаторите и параправниците и унапредување на начинот на работење, постапување и собирање податоци. Во 2013 и 2014 година го зголемивме тимот на параправници, со што се зголемија можностите за обезбедување на параправна помош во с. Црник, општина Пехчево и во општината Шуто Оризари. Од 2012 до 2015 година обезбедивме параправна помош и поддршка на вкупно 1 988 Роми.
Во насока на промовирање на човековите права во здравствената заштита, во 2013 и 2014 година работевме на континуирано обновување на содржините на Прирачникот за практичари и тематската веб-страница – www.healthrights.mk, како и на градење на капацитетите на правниците и претставниците на здруженијата на пациенти за можностите за стратешко застапување на одредени случаи на прекршување на правото на здравје и човековите права во здравствената заштита.
Преку Центарот за правна помош, Психолошкото советувалиште и Здравствено-информативниот центар и во текот на 2013–2015 година продолживме да ја обезбедуваме потребната правна, психолошка и здравствена информираност и помош, советување и упатување на клиентите до соодветни надлежни институции за остварување на нивните права. Во овој период на 605 жени им обезбедивме правна помош, 136 жени добија психолошка помош, а на 11 им обезбедивме бесплатно судско застапување. На 130 жени им обезбедивме соодветна здравствена информација и помош.
Иако замислени како столб на граѓанско-правниот систем на заштита, привремените мерки за заштита на жртвите на семејно насилство во недоволна мера се имплементираат од страна на институциите со законски мандат за нивно иницирање, изрекување, спроведување и следење. Поради тоа во 2013 година почнавме со спроведување на подобрувањето на граѓанско-правниот систем на заштита, односно постапување во судските предмети за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во четири основни суда во РМ. Во 2014 година во партнерство со Ла Страда и Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници почнавме со реализација на проектот на УСАИД за правна заштита на жените. Овој проект се спроведуваше во периодот 2014–2017 година и резултираше со подобрена имплементација на националните и меѓународните стандарди за судска заштита на жените жртви на дискриминација и насилство; унапредена е националната законска рамка за заштита на правата на жените; и спроведено е поефикасно обезбедување на правна помош на жените што претрпеле дискриминација и насилство.
Во периодот 2013–2015 година подготвивме, поднесовме и известувавме за спроведувањето на три меѓународни документи за правата на човекот. Во 2013 година во рамки на процесот на Универзален периодичен преглед при Советот за човекови права во Женева ги презентиравме клучните сфери на загриженост и препораките за унапредување на здравствениот статус на Ромите, лицата што живеат со ХИВ/СИДА, ЛГБТ-лица, жените, лицата со интелектуална попреченост и жртвите на трговија со луѓе. Истата година заедно со Акција Здруженска известивме за состојбата на жената во нашата земја. Во 2015 година подготвивме и поднесовме извештај во сенка за правото на здравје кон Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права при ООН (МПЕСКП) и подготвивме и поднесовме посебен Извештај за дополнителни прашања во однос на правната рамка за заштита на жените жртви на насилство при Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на ООН.
ЕСЕ во периодот 2009–2012 година остана посветено на својата мисија. Имено, во овој период спроведовме активности кои претставуваа продолжение и надградување на резултатите и постигнувањата од претходниот период, но, исто така, воведовме и користевме нови концепти и пристапи за спроведување на правата на човекот.
Со заеднички сили и напори, односно со обединување на напорите на повеќе полиња, интензивно работевме на јакнење на капацитетите на локалните власти во општина Кочани и Тетово. Заедно подготвивме локални планови на полето на унапредување на репродуктивното здравје и спречување и заштита од семејно насилство. Како резултат на заедничката соработка, локалните планови во една од општините беа усвоени и вклучени во буџетот на општината. Во 2012 година спроведовме мониторинг врз спроведувањето на локалните акциски планови и општинските буџети со цел да го утврдиме степенот на нивно спроведување. Покрај ова, во двете општини спроведовме пилот-истражувања за утврдување на степенот на учество на граѓаните во локалниот буџетски процес, познавањата на граѓаните за овој процес, степенот на транспарентност и отчетност на локалните власти и низа други прашања.
Во текот на 2010, 2011 и 2012 година презедовме низа активности во насока на интегрирање на концептот на „мониторинг и анализа на буџети“ на национално и локално ниво. На национално ниво спроведовме мониторинг и анализа на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Подоцна овие активности ги збогативме со активности за „мониторинг во заедницата“ во соработка со четири локални ромски организации. Активностите за мониторинг на заедницата, односно резултатите од мониторингот ни помогнаа во градење на поуспешна стратегија за застапување во однос на прашањето за имунизација на децата Роми. Активностите за мониторинг и анализата на национално ниво во 2012 година ги проширивме со мониторинг и анализа на Програмата за рана детекција на малигни заболувања. Односно, спроведовме мониторинг и анализа на активностите за детекција на рак на грлото на матката и активности за рано откривање и спречување на карцином на дојка. Во насока на интегрирање на мониторингот и анализата на буџетите во работењето на ЕСЕ, во овој период вработените во ЕСЕ присуствуваа на повеќе меѓународни и домашни обуки за зајакнување на своите капацитети. Покрај обуките, активностите на ова поле ги спроведовме со техничка помош на водечки светски експерти во ова поле.
Во соработка со ромските организации ЦДРИМ, Скопје и КХАМ, Делчево воведовме програми за параправна помош во ромските заедници во општините Шуто Оризари и Делчево. Со помош на параправниците обезбедуваме помош и поддршка за заштита од областа на здравствената заштита, здравственото осигурување и заштита на правата на пациентите на локалното ромско население.
Работејќи на промовирање и унапредување на здравствените права, односно човековите права во здравствената заштита, преземавме активности во насока на зголемување на свесноста за потребата од почитување на овие права меѓу практичарите (правниците, здравствените работници и здравствените соработници). Напоредно работевме на зголемување на степенот на свесност за правата на пациентите и нивната заштита меѓу општата популација и посебно меѓу одделни ранливи категории на лица.
Во духот на востановената практика на мониторирање и известување пред меѓународните тела во однос на женските човекови права, во соработка со Здружението на граѓани Акција Здруженска и повеќе други граѓански организации, подготвивме „извештај во сенка“ кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените. Спроведовме анализа за степенот на спроведување на Заклучните согледувања на Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и известивме за наодите од анализата пред членовите на работната група за претсесијата на Комитетот во 2012 година.
Во овој период ЕСЕ беше во фаза на имплементација на својата четврта тригодишна програма за периодот 2006–2009 година.
Презедовме крупни чекори на полето на борба против семејно насилство преку два процеси; во партнерство со Акција Здруженска го инициравме процесот на Унификација на граѓанскиот и казненоправниот систем за заштита од семејно насилство. Министерството за труд и социјална политика како наш стратешки партнер презеде активности за креирање на Национална стратегија за борба против семејно насилство. Спроведовме истражување за феноменот на семејно насилство кое прерасна во сеопфатна студија од мултидисциплинарен карактер. Започнавме двегодишен процес за превенција и сузбивање на семејното насилство во Р Македонија. За оваа цел презедовме низа активности насочени кон унапредување на системот за заштита на жртвите преку подобрување на квалитетот на постојните мерки за заштита. Како дел од процесот спроведовме мултидисциплинарна едукација за професионалните структури, со што се воспостави единствен координативен систем на заштита на жртвите на семејно насилство. Процесот го реализиравме во соработка со Министерството за труд и социјална политика и во партнерство со Европската мрежа против насилство врз жените – WAVE (Women Against Violence Europe) од Република Австрија.
Следејќи го процесот на интензивни реформи во здравствениот систем на Република Македонија, преку програмата Жената и здравјето, обезбедивме директна помош, но истовремено правевме промени што ќе ги земат предвид потребите на непривилегираните групи. Во таа насока подготвивме сеопфатно истражување помеѓу ромската популација за проблемите поврзани со здравјето, здравственото осигурување и факторите што влијаат врз здравјето на Ромите. Со тоа создадовме основа за подготовка на стратешки документ, со што ќе придонесеме кон подобрување на здравствената состојба кај Ромите. Состојбата пак на општата популација во однос на репродуктивното здравје ја проценувавме преку студија што се одвиваше на целата територија на Р Македонија, а којашто ќе послужи како насока за креаторите на политиките во оваа област.
Од друга страна, реформите на полето на делегирање на авторитети и одговорности од централно на локално ниво бара дополнителни напори за имплементација на новиот концепт на локална самоуправа. Во таа насока се стремевме кон подигнување на свеста на локалните заедници за запознавање со процесот на децентрализација и подигање на нивото на соработка помеѓу општините. Особен акцент посветивме на подобрување на положбата на жените во руралните средини и нивно вклучување во одредени политички процеси.
Овој период за ЕСЕ е одбележан како период на собирање на плодовите од долгогодишната работа. Нашата лобирачка активност ја крунисавме со донесувањето на конкретни законски решенија во постојната законска регулатива за проблемот на семејното насилство. Станавме препознатливи како организација која има капацитет да застапува и да лобира за законски измени кои водат до сè поголема родова рамноправност во нашето општество. Директните услуги насочени кон жените, покрај помошта на жените жртви на семејно насилство, ги збогативме со здравствени информации и поддршка во рамките на женските здравствени информативни центри. Во контекст на оваа компонента во 2004 година ги отворивме и дисперзираните центри за правна помош, како и здравствените информативни центри во Штип и Тетово. Поддржувањето на директните услуги ги остварувавме паралелно со градењето на човечките капацитети на здравствените работници. Одржавме низа обуки за дизајнирање на здравствено-промотивни интервенции базирани на теории и факти преку кои ги јакневме капацитетите и мрежата на нашите здравствени соработници. Посебно сме горди на постигнувањата остварени во сите казнено-поправни установи во државата. Со едукативната компонента за „Разрешување на конфликти“ во центарот за обука на затворскиот персонал обучивме затворски кадри за пренесување на знаења од оваа област. Преку проектот „Здравје за сите, здравје за Ромите“ обучивме 16 млади лидери од ромската заедница за право на здравје и здравствена заштита. Годините 2004 и 2005 беа години на низа успешно реализирани кампањи во сите програмски линии на ЕСЕ. Преку светската кампања за спречување на насилството, ЕСЕ го претстави темниот број на семејно насилство во Македонија пред здравствениот сектор; преку мотото „Девојки, заштитете се“ го одбележавме Светскиот ден за борба против СИДА, 1 декември. Преку кампањата за достапно здравје, по повод Интернационалниот ден за достапно здравје за жените, 28 мај, ја популаризиравме темата за вулнерабилноста на жените кон ХИВ/СИДА. За време на парламентарните избори во 2004 година реализиравме кампања во насока на промовирање на жените кандидатки, а амандманот предложен од ЕСЕ за 30 % учество на жените на листите беше усвоен со 41 глас во Парламентот. Промоцијата на формалниот и неформалниот систем за заштита на жртвите на семејно насилство го организиравме преку кампањата „16 меѓународни дена на активизам за борба против насилството на жените“. Овој процес понатака израсна во иницијатива преку која започнавме со изготвување на нацрт-протоколи за семејно насилство.
Во пресрет на најавеното повлекување на најголем број развојни и донаторски агенции од регионот, односно на еден од нашите традиционални донатори, одлучивме да преземеме конкретни чекори во пресрет на најавеното намалување. За оваа цел во јуни 2004 година спроведовме процес на стратешко планирање. За нашите понатамошни активности ги утврдивме идните приоритети: давање директни услуги на целната група, лобирање за законски измени и фокусирање на едукативни и информативни активности. Оформивме нова програма под името „Женски човекови права“, која ги обедини поранешните програми за правна едукација и за борба против семејното насилство. Нашата внатрешна структура ја усогласивме со новите програмски приоритети. Воспоставивме оддел за развој што ќе биде движечка сила во спроведувањето на стратешката определба и нашата одржливост.
Во февруари 2005 година го добивме статусот на „Национален монитор за насилство врз жените“ преку кој помогнавме во изготвување на интернет-страница како сеопфатна алатка за застапување на интересите на жените во Р. Македонија.
Во текот на 2005–2006 година инициравме два значајни процеси во насока на воспоставување на ефективен институционален одговор на семејното насилство, Унификација на граѓанскиот и казненоправниот систем за заштита и подготовка на Националната програма за семејно насилство. ЕСЕ со овој процес финансиски е поддржано од Американската агенција за развој на САД и Институтот за трајни заедници, а како корисник на грант во групата за застапување и локални партнерства. Во следниот тригодишен период (2006–2009) овие две иницијативи ќе бидат наш составен дел во програмското работење.
Во годината 1998, Хуманитарната асоцијација ЕСЕ се преименува во Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ со што своето поле на дејствување го проширивме на национално ниво. За прв пат ги развивме нашите тригодишни програми и тоа: 1998–2000 и 2000–2003 година. На овој начин полесно ги идентификувавме очекуваните резултати, индикаторите за извршените активности, како и влијанието постигнато преку нив. Продолживме со развивање на организационата поставеност, јакнење на човечките капацитети и ги унапредивме стратегиите за одговорност и транспарентност во работењето.
Во програмска смисла нашите активности ги збогативме со дополнителна тригодишна програма под името „Јакнење на капацитетите на женските невладини организации за здравствена едукација“ во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка. Ја отпочнавме работата со жените затворенички, која во овој период се развиваше од нивна психосоцијална поддршка до зголемување на нивните можности за успешна ресоцијализација. Голем дел од едукативните активности ги насочивме кон младата популација. Програмите ги збогативме со компоненти насочени во работа со општата популација. За прв пат во програмата за правна едукација и акција како новина ги воведовме директните услуги (правни совети и застапување) за жените жртви на семејно насилство. На полето на усвојување на законската регулатива интензивно спроведувавме активности за застапување и лобирање.
Воспоставивме силна организациска структура, вклучувајќи го и Генералното собрание. ЕСЕ во овој период обезбеди сопствени простории за работење и при тоа потполно ги опреми. Од тим составен од четири лица, прераснавме во организација чијшто број достигна до десет. Развивме јасно детерминирана и дефинирана структура, при што секој од вработените ги извршува своите работни задачи соодветно на предвиденото работно место.
Од големо значење за нас е токму овој период. Во него се одвиваа низа процеси во насока на јакнење на организациските капацитети и капацитетите на вработените. Во годините 1997 и 1998 ги развивме првите годишни програми. Го ставивме камен-темелникот во работата на ЕСЕ – од дотогашното проектно ниво, активностите ги преточивме во програмски линии. Значително ги зголемивме своите активности на полето на лобирање и подигање на јавната свест од повеќе области преку организирање на кампањи. Нашата активност ја пренасочивме кон организирање на едукација на адвокати, правници, политичарки, здравствени работници и претставнички на женски невладини организации активни на полето на еманципација. Преку програмата за здравствена едукација продолживме да работиме со жените од руралната средина.
Во 1994 година го спроведовме проектот „Жените и образованието“. Дистрибуиравме учебници за оние што не можеа да ги обезбедат. Во 1995 година низа проекти го означија почетокот на промените: „Жените и здравјето“, наменет за ромската и албанската жена, „Жените и медиумите“, кој овозможи поширока интерпретација на женските прашања и интереси и „Жените и нивните можности за вработување“, што овозможи 225 жени од руралните средини да се стекнат со диплома за положени курсеви за шиење во соработка со Републичкиот завод за унапредување на домаќинството.
Во овој период го означивме почетокот на плодната соработка со новоформираните организации: ДАЈА, Лигата на албанска жена, СОС-линијата на ОЖС, како и повеќе меѓународни организации. Развивме концепти кои подоцна прераснаа во повеќегодишни програми – здравствена, правна и едукација за еднакви можности на жените во одлучувачките структури. Структурата на организацијата ја втемеливме со формирањето на Извршниот одбор во 1995 година.
Од 1999 година до денес e претседателка на Синдикална организација на жени при Унијата на независни автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) и член на Извршниот одбор на УНАСМ. Во Унијата на синдикати извршувала повеќе функции меѓу кои: во периодот 2008 -2012 била Генерален секретар на УНАСМ и од 2013 година наваму е потпретседателка на УНАСМ. Во рамки на синдикатот таа е задолжена за развивање на програмата за работа, како и за планирање, спроведување и мониторинг на проектите, комуникација со донаторите, граѓанските организации, социјалните партнери и др. Како претставничка на синдикатот била член и на Координативното тело за општествена одговорност на компаниите во периодот 2007-2014 година.
Својата стручна наобразба ја има спроведено во CDC – Atlanta, USA; International Management of Public Health, School of Public Health, Tver, Russia; School of Public Health Jerusalem, Israel.
Национален соработник е на СЗО за унапредување на здравјето, како и за истражувањето за преваленца на употреба на тутун кај младите во РМ. Исто така е експерт задолжен од МЗ за соработка со ЕУРОСТАТ, СЗО, ОН и Државниот завод за статистика за доставување на податоци од здравствена статистика, здравствени индикатори (HFA-DB) и Милениумските цели. Претседател е на Специјалистичкото здружение на лекарите по социјална медицина при МЛД.
Автор е и коавтор на 80 стручни и научни трудови од областа на јавното здравство. Ментор е на магистерски и специјалистички трудови од областа на социјална медицина и пошироко – јавното здравство. Рецензент на стручни и научни трудови објавени во списанието на Македонско лекарско друштво „Македонски медицински преглед“ и списанието „Physioacta“ во издание на Здружението на физиолози на РМ.