Нашата посветеност за јакнење и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџетите и услугите преку социјална отчетност и правно зајакнување ја крунисавме со формирањето на Европската мрежа на практичари за социјална отчетност и правно зајакнување – COPASAH. Во недостиг на податоци спроведовме истражувања за користењето на примарната здравствена заштита од страна на Ромите и од населението што живее во руралните средини и за еколошките ризици и нивното влијание врз животната средина и здравјето на Ромите. Ја применивме и методологијата за социјална и бихејвиорална промена за практикување на здрави животни стилови и вакцинација на возрасното население. Продолживме да обезбедуваме докази за потребите на граѓаните во однос на олеснувањето на пристапот до правда, посветувајќи се на детална анализа на потребите на жените што претрпеле семејно насилство, односно не само на разрешување на нивните правни проблеми туку се посветивме и на прашања што се поврзани со издршката на децата и економската независност на овие жени. Посветивме значителни напори за развивање на социјалното претпријатие на ЕСЕ – ПОГОН. Во однос на постапувањето на случаите на семејно насилство соработувавме со полициските службеници и инспекторите што првично постапуваа во овие случаи. Како резултат на нашата вклученост во застапувањето за унапредување на нивото на фискална транспарентност, ЕСЕ стана дел од групата на лидери во Европа што покажале значаен придонес кон унапредување на граѓанското учество во земјата и што ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на граѓанското учество на ниво на Европа (во рамки на ПОВ).
И во овој период останавме посветени на јакнење и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оцена на законската регулатива, буџетите и услугите преку социјална отчетност и правно зајакнување. Во таа насока подготвивме планови за континуирано јакнење на капацитетите на персоналот на ромските организации со кои соработуваме, одржавме обука и го унапредивме процесот на мапирање на ромските заедници заради зголемено и сеопфатно вклучување на граѓаните во процесите на донесување на одлуки, преку подготвени дополненија во критериумите за мапирање на ромската заедница. За одбележување е обуката спроведена од страна на експертите од Универзитетот во Севилја, Шпанија, за работа на полето на унапредување на менталното здравје на Ромите, која е прва од ваков вид. Работевме и со јавните институции на јакнење на нивните капацитети во однос на вклучувањето на граѓаните. Ја продолживме соработката со ХОПС во насока на обезбедување на поддршка во спроведувањето на постапката за прибирање на информации од јавен карактер, за прибирање на податоци за износот на прибрани и распределени средства од акцизите за пиво, етил алкохол и цигари наменети за унапредување на здравјето на граѓаните; прибрани и искористени средства од наплата на царина и давачки при увоз, преработка и продажба на канабис и негови преработки. Во соработка со АВРСМ, МТСП и четирите локални партнерски организации работевме на унапредување на транспарентноста и партиципативноста на секторот труд и работевме на унапредување на квалитетот и пристапноста на услугите за вработување до граѓаните, со фокус на ранливите групи.
Како одговор на пандемијата и идните кризни состојби во 2021 година се фокусиравме на процена на потребите на ромските заедници во однос на унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција во кризни состојби, преку спроведено истражување во 2 527 домаќинства во ромските заедници во општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош. Како резултата на овие напори ги документиравме клучните проблеми со кои се соочуваат ромските заедници во однос на нивната можност за закрепнување и навремена реакција при кризни состојби, преку подготовка на 58 фотографии проследени со текстуални пораки (PhotoVoice материјали). Формиравме три совети на заедниците што ќе работат на подготовка на планови за зајакнување на закрепнувањето и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување во општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош и подготвивме четири локални планови за зајакнување на закрепнувањето и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување за општините Шуто Оризари, Прилеп, Ѓорче Петров и Карпош.
Во 2021 година ја формиравме регионалната мрежа на COPASAH за Европа составена од 16 граѓански организации од Македонија, Србија, Бугарија, Романија, Унгарија и Албанија. Мрежата ќе служи како платформа за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за примена на методологиите на социјална отчетност и зајакнување на нивната работа за остварување на здравствените права на маргинализираните заедници. Во 2021 година подготвивме стратешки план за нејзина работа. Во периодот 2022–2023 работевме на градење на капацитетите на мрежата на ГО од земјата и регионот, односно Европската мрежа на практичари за социјална отчетност и правно зајакнување, чиј секретаријат го води ЕСЕ. Спроведовме повеќе активности за градење на капацитетите на мрежата, но, исто така и за популаризирање на концептите што ги применува оваа мрежа. Па така, подготвивме комуникациска стратегија со организациите членки на мрежата од РС Македонија, Црна Гора, Романија и Албанија и разменувавме искуства за работата со ранливите групи на граѓани. Учествувавме во консултативниот процес за подготовка на Стратешкиот план за работа на Глобалната мрежа на практичари за социјална отчетност (COPASAH). Спроведовме две обуки, една за применување на методологијата на социјална отчетност за ГО од нашата земја, Србија, Црна Гора и Романија и една онлајн обука за јакнење на капацитетите на организациите за примена на методологии за процена на влијанието на промените во животната средина и условите за домување врз здравјето на населението, со посебен фокус на ранливите групи на граѓани. За сите заинтересирани подготвивме два модули за обука што се поставени на веб-страницата на мрежата. За да популаризираме одредени значајни прашања, Мрежата, во соработка со практичари од целиот свет, организираше и три вебинари на тема: „Влијанието на кризата врз здравствените услуги за жените, вклучувајќи ги ранливите групи на жени“, „Креирање на можности за учество на различни чинители во одговорот кон кризни состојби во регионот“ и „Стратешко застапување“. Подготвивме и издадовме два билтени на Европската мрежа на практичари.
Во 2022 година посветено собиравме податоци и спроведовме истражувања во ромските и руралните заедници за користењето на примарната здравствена заштита од страна на Ромите и од населението што живее во руралните средини. Поконкретно го истражувавме и здравјето на мајките и децата, како и состојбите во однос на менталното здравје. Наодите од спроведеното истражување во ромските средини се содржани во публикацијата „Кога животот на маргините го одредува здравјето – Пристап до примарната здравствена заштита за ромското население во Република Северна Македонија“, додека наодите од спроведеното истражување во руралните средини се содржани во публикацијата „Кога местото на живеење го одредува здравјето – Пристап до примарна здравствена заштита за руралното население во Република Северна Македонија“. Во истражувањето на прашањето за менталното здравје соработувавме со истакнати европски експерти за менталното здравје на Ромите. Собравме податоци и за еколошките ризици и за нивното влијание врз животната средина и здравјето на Ромите и ја тестиравме корисноста и применливоста на Водичот на СЗО за вклучување на заедницата во следење на контакти во ромските средини. Наодите од истражувањето за влијанието на еколошките ризици врз здравјето на Ромите се содржани во публикацијата „Живот на периферијата – Студија за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите“.
Континуирано го следевме спроведувањето на превентивните здравствени програми. Во 2021 година ги истражувавме последиците од недоследното спроведување на скринингот на рак на грлото на матката врз смртноста, квалитетот на животот на жените, како и врз трошоците на кои се изложени жените и државата. Наодите и препораките за унапредување на скринингот се содржани во публикацијата – „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“ Во 2022 година подготвивме три извештаи за следење на две превентивни програми за скрининг на рак на грлото на матката и рак на дојка и еден извештај за следење на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, а во 2023 година спроведовме пилот-истражување за функционалноста на електронскиот систем за закажување на гинеколошки прегледи со ПАП-тест во рамки на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката и подготвивме два медиумски прилози (едно видео и една статија) со кои ги потенциравме недоследностите во спроведувањето на превентивните здравствени програми и ги проследивме нашите барања за унапредување на програмите.
Учествувавме на низа значајни национални процеси и меѓународни настани и дадовме свој придонес. Односно, на национално ниво учествуваме во процесот на подготовка на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2023 година и Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2024 година. Покрај ова, учествуваме на конференции за унапредување на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката за унапредување на здравствениот систем во РС Македонија и дадовме свој придонес на оваа тема. Како член на Европската мрежа за здравје на Ромите учествувавме во подготовка на Препораки за унапредување на спроведувањето на стратегиите за инклузија на Ромите во земјите членки на ЕУ и земјите кандидати. Подготвивме и извештај во сенка кон Конвенцијата за правото на детето, во однос на здравјето на детето и на трудниците и извештај во сенка кон Универзалниот периодичен преглед на Обединети нации (ОН) во однос на правото на здравје и пристапот до здравствена заштита за ромското население, за жените и за руралното население.
Во 2023 година се посветивме на унапредување на здравјето на населението преку примена на методологии за социјална и бихејвиорална промена за практикување на здрави животни стилови и вакцинација на возрасното население. Обучивме 200 здравствени работници (доктори, медицински сестри и фармацевти) за примена на методите за социјална и бихејвиорална промена во нивната работа за да се унапредат здравите животни стилови и да се зголеми опфатот со вакцинација на нивните пациенти. Спроведовме здравствена едукација на 843 граѓани за примена на здрави животни стилови и за значењето на вакцинацијата на возрасното население, преку примена на методологии за социјални и бихејвиорални промени. Поделивме 2 043 здравствено-едукативни материјали во форма на минипостери за да го едуцираме населението за здрави животни стилови и за потребата од вакцинација на возрасното население. Испративме 7 966 СМС-пораки до граѓаните и здравствените работници со информативно-едукативна содржина за унапредување на здравите животни стилови и вакцинација на возрасното население. Организиравме работилница со претставници од здравствените институции со цел да се утврдат бариерите за опфатот со вакцинација и на децата и на возрасното население и направивме подготовка на предлог-мерки за унапредување на опфатот со вакцинација.
Работевме на унапредување на здравјето и здравствената заштита на ромското население. Ги утврдивме бариерите и проблемите со кои се соочуваат жените Ромки во пристапот до здравствена заштита за репродуктивното здравје, како и бариерите и проблемите со кои се соочуваат мајките и децата од ромските заедници во пристапот до превентивна здравствена заштита и подготвивме публикација под наслов „Какви се состојбите во однос на репродуктивното здравје и здравјето на мајките и децата од ромските заедници“. Помогнавме во подготовката на писмените барања за застапување за да се унапреди пристапот на Ромите од Шуто Оризари до примарната здравствена заштита во нивната општина и застапувавме за унапредување на опфатот на ромското население со вакцинација против КОВИД-19 во раните фази на вакцинацијата до претседателот на Владата, министерот за здравство и претседателот на Комисијата за здравство при Собранието. Во 2023 година обезбедивме експертска поддршка на партнерските ромски организации во процесот на подготовка на Картичката за оцена од ромската заедница, во однос на пристапот и квалитетот на примарната здравствена заштита и превентивната здравствената заштита за жените, мајките и децата. Исто така помогнавме и за подготовка на Локалната стратегија за застапување заради унапредување на пристапот на Ромите до примарната здравствена заштита и унапредување на пристапот на жените, мајките и децата до превентивната здравствена заштита. Застапувавме за унапредување на здравствената заштита за граѓаните во општината Шуто Оризари преку спроведување на петиција и доставување на барања до надлежните институции за зголемување на бројот на здравствени услуги во рамки на поликлиниката во Шуто Оризари, вклучувајќи матични лекари, специјалистичко-консултативна здравствена заштита, кабинет за рендген и лабораторија. Ги зајакнавме капацитетите на партнерските ромски организации за спроведување на истражувања во ромските заедници преку спроведена обука на оваа тема.
Работевме на јакнење на капацитетите на ГО, параправниците и младите правници за решавање на проблемите во пристапот до правда за ранливите групи на граѓани. Подготвивме два е-модули за обука на параправниците и обучивме 12 млади правници за начините на разрешување на правните проблеми поврзани со семејното насилство. Придонесовме за развивање на стратегијата за родова еднаквост во пристапот до правда на глобалната Мрежа за правно зајакнување – НАМАТИ, преку организирање на средби со претставници на ГО на национално и регионално ниво (Грција, Албанија, Бугарија, Босна) на кои ги дискутиравме приоритетните области за подобрување на состојбата на жените, можностите за заедничко учење (градење на капацитети) и застапување на национално, регионално и на меѓународно ниво. Во соработка со Македонското здружение на млади правници придонесовме за јакнење на капацитетите на граѓанските организации што работат во рурални средини за Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминацијата врз жените при ОН, преку организирање на обука и обезбедување на менторска поддршка при подготовката на извештај во сенка за фактичката положба на жените од руралните средини.
Продолживме да обезбедуваме докази за потребите на граѓаните во однос на олеснување на пристапот до правда во овој период. Во 2021 година подготвивме извештај за имплементацијата на Целта 16.3. за одржлив развој врз основа на претходно утврдената рамка на индикатори за следење на состојбите со владеење на правото и еднаков пристап до правда. Подготвивме анализа за користа и придобивките од обезбедување на бесплатна правна помош за 2021 година. Со помош на жените ги утврдивме трошоците со кои тие се соочуваат при водење на потребните судски постапки. Издршката на децата, односно нивните потреби и износот определен од страна на судот исто така беа предмет на анализа. Го проширивме полето на истражување, односно започнавме со собирање на податоци за загубената работа и намалување на приходите на жените, здравствените трошоци, трошоците поврзани со промена на местото на живеење и сите останати трошоци со кои се соочуваат жените како резултат на семејно насилство. Подготвивме анализа за користа и придобивките од обезбедување на бесплатна правна помош за жените што претрпеле семејно насилство за 2022 година, со што го завршивме циклусот на подготовка на годишни анализи од ваков вид започнат од 2017 година.
Во 2023 година дадовме значаен придонес во известувањето на меѓународно ниво. Подготвивме писмен поднесок (извештај во сенка) за Универзалниот периодичен преглед при ОН за областите: насилство врз жените и семејно насилство; пристап до примарна здравствена заштита за ранливите групи на граѓани, како што се жените, Ромите, населението од руралните средини. Подготвивме писмен придонес кон извештајот “The Promise of Legal Empowerment to Transform Access to Justice” на специјалната известувачка за независност на судиите и адвокатите при ОН. Дадовме свој придонес во подготовката на годишниот извештај на Светска банка – „Women, Business and the Law 2023”, преку писмен поднесок во однос на положбата на жените во областа на родовото базирано насилство, бракот и семејството, имотните односи, пазарот на труд и др.
На жените што претрпеле семејно насилство продолживме да им ја обезбедуваме потребната правна и психолошка помош, односно обезбедивме правна помош за над 500 лица и психолошка помош на приближно 150 лица. Застапувавме 24 жени во иницирање и водење на потребните судски постапки. Во 2021 година ја унапредивме интернет-платформата за обезбедување на правни совети за жените што претрпеле семејно насилство – ПОБАРAJ СОВЕТ – www.pobarajsovet.mk, со можност за доставување на писмени поднесоци потребни за разрешување на вообичаените правни проблеми поврзани со семејното насилство, нејзината достапност на ромски и албански јазик и збогатување со информации и видеа за граѓанските и кривичните постапки за заштита од семејно насилство. Оваа година спроведовме сеопфатна кампања за подигање на свесноста во јавноста, особено за жените, за природата на семејното насилство и за законските механизми за заштита и подготвивме кратко документарно видео – „Семејното насилство е сурова реалност за многу жени и деца“ со цел да се актуализира проблемот со насилството и потребата за помош и поддршка за жените што претрпеле семејно насилство и документарно видео со жена што претрпела семејно насилство.
Ги застапувавме интересите на жените што претрпеле семејно насилство на регионално и национално ниво. Подготвивме извештај во сенка кон Истанбулската конвенција во соработка со Коалицијата Маргини, Отворена порта и Меѓународната правна инцијативата на Универзитетот во Единбург. Учествувавме на тркалезни маси организирани од Комитетот одговорен за мониторинг на спроведувањето на Истанбулската конвенција заради оценување на постапувањето на државните институции и правосудството. Преку националниот процес на Отворено владино партнерство застапувавме за подготовка на правилници за собирање на податоци за родово засновано насилство и застапувавме за усвојување на посебна цел во новиот НАП за 2024–2026 за интензивирање на активностите на надлежните министерства на полето на превенција и подобрување на свесноста кај општата и стручна јавност. Дадовме придонес во однос на менување на Кривичниот законик и менување на праксата на постапувањето на центрите за социјална работа во случаи на семејно насилство. Работевме и со практичарите што постапуваат во случаи на семејно насилство. Во 2021 година подготвивме две видеа за практичарите за граѓанско-правниот систем на заштита, вклучително и изјави од граѓански судија и адвокат за да ги нагласиме најважните аспекти во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и кривичноправниот систем на заштита, вклучително и изјави од кривичен судија и претставник на МВР заради нагласување на најважните аспекти во кривичната постапка пред полиција, ОЈО и суд. Исто така подготвивме е-програма за обука на практичари во предметите за семејно насилство за да се зајакнат нивните знаења и вештини за примена на меѓународната и националната правна рамка при нивното постапување во предмети за насилство врз жени и семејно насилство. Во 2022 година организиравме форум со претставници на Министерството за правда и судиите од основните судови во Скопје, Велес и Радовиш за унапредување на граѓанско-правната заштита на жените. Во 2023 година организиравме форуми на локално ниво со практичари од основите граѓански судови, центрите за социјална работа (ЦСР), подрачните одделенија за бесплатна правна помош на Министерството за правда и граѓанските организации од Куманово, Прилеп и Битола за унапредување на граѓанско-правната заштита на жените што претрпеле семејно насилство.
Во 2021 година подготвивме анализа за постапувањето на полицијата во случаите на семејно насилство преку експертски интервјуа и вклучување на 48 полициски службеници од 8-те сектори за внатрешни работи, како и 12 жени што имале претходно искуство со полицијата при пријавување на семејното насилство, вклучувајќи и препораки за подобрување на постапувањето на полицијата, односно спроведувањето на истрага и спроведувањето на итна мерка за заштита во случаите на семејно насилство. Последователно, организиравме две обука за полициски инспектори и униформирани полициски службеници и ги зајакнавме нивните знаења и вештини за подготовка на процената на ризик и обезбедување на мерки за заштита на жените, како и поефективно спроведување на кривичната постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство. На иницијатива на СЕЕСАК дадовме суштински придонес во регионалната иницијатива за намалување на злоупотребата на огнено оружје во случаите на семејно насилство.
Заедно со жените што претрпеле семејно насилство работевме на нивно економско зајакнување и обезбедување на средства за обезбедување на правна помош преку социјалното претпријатие ПОГОН. Спроведовме проценка на потребите за едукација на жените и врз основа на неа одржавме повеќе обуки со кои жените стекнаа вештини, вклучувајќи и вештини за развој на бизнис и менаџмент. Успеавме понудата на ПОГОН да допре до 410 локални производители на рачни изработки од Северна Македонија и пет земји од регионот, а со 15 од нив склучивме договор за соработка. На ПОГОН се вклучени 46 производители на рачни изработки кои пласираат 394 различни видови на производи. Остваривме приход од над 100 000 денари, што претставува пораст од 4 пати во споредба со 2021 година. Брендот ПОГОН и производите што се пласираат преку ПОГОН, вклучително и оние што се изработени од жените што претрпеле семејно насилство, допре до 484 885 лица од Северна Македонија. ПОГОН – Уникатната платформа придонесе и кон економско јакнење на 16 жени што претрпеле семејно насилство. Односно, овозможивме пет жени што претрпеле семејно насилство да посетуваат курс за кроење и шиење и најмалку 11 жени да бидат вклучени во континуирани обуки за изучување на техники за изработка на накит и работно ангажирани во изработка на уникатна линија на накит за ПОГОН. Развивме посебна линија на накит “POGON – Unique products”.
Продолживме да работиме на јакнење на капацитетите на формалните институции кои се вклучени во обезбедување на пристап до правда за граѓаните. Учествувавме во процесот на подготовка на стратегијата и програмата за работа на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), како и во почетните обуки за градење на капацитетите на членовите на Комисијата. Во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација заедно со ХОПС подготвивме извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и препораки за подобрување на работата на ова тело и ефективно спроведување на Законот.
Во овој период работевме на зголемување на јавната свесност за значењето на фискалната транспарентност и потребата од буџетирање засновано на приоритети и обезбедивме поддршка на граѓаните и јавните институции за унапредување на фискалната транспарентност и постигнување на повисоки и подолготрајни промени. Потикнавме дебата и активизам во јавноста преку обезбедување на информации и едукативни материјали од областа на фискалната транспарентност и буџетирањето засновано на приоритети и објавивме над 650 информации на веб-страниците и социјалните медиуми на ЕСЕ преку кои допревме до над еден милион лица. Го одбележавме Светскиот ден за пристап до информации, 28 септември, преку дебати организирани од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Со АВРСМ и МТСП вклучивме 988 граѓани од четири општини Тетово, Шуто Оризари, Прилеп и Куманово за оценување на пристапот и квалитетот на услугите за вработување и развивме платформа за објавување на тековната реализација на активните мерки за вработување во 2021 година. Во наредниот период ја продолживме соработката со АВРСМ, МТСП и МЗ во насока на обезбедување на механизми за граѓанско учество и јакнење на капацитетите на вработените во овие институции. А дополнително, започнавме да работиме и со МЖСПП. Во 2023 година стана јавно достапна дигиталната платформа за објавување на реални навремени информации за спроведување на активните мерки и политики за вработување на АВРСМ изработена од ЕСЕ (заложба на ОВП).
Продолживме во континуитет да го оценуваме степенот на фискалната транспарентност и отчетност на институциите. Во 2021 година го оценивме нивото на реактивна и проактивна транспарентност на 95 јавни институции низ континуиран мониторинг на интернет-страниците на 25 јавни институции и оценување на 1 690 постапки за пристап до информации од јавен карактер. Оваа година собравме податоци за спроведувањето на 3 130 постапки за јавни набавки, спроведени од 62 јавни здравствени институции во 2020 и 2021 година и подготвивме 63 предлози за унапредување на економичноста, ефикасноста и транспарентноста во спроведувањето на постапките за јавни набавки. Податоците ги доставивме до 63 јавни институции. Во 2022 година подготвивме три извештаи врз основа на наодите од оценувањето на нивото на реактивна транспарентност на 70 јавни институции преку 1 690 барања за информации од јавен карактер за 2021 година и ја оценивме проактивната транспарентност на 25 јавни институции и економската ефикасност и ефективност на 2 081 постапка за јавна набавка на 62 јавни здравствени установи за 2021 година. Работевме на градење на доверба и одржлив развој на иницијативите за унапредување на фискалната транспарентност во 2023 година и го промовиравме концептот на отвореност во постапките за јавни набавки кај 62 институции што обезбедуваат услуги на граѓаните од областа на социјалните и економските права преку мониторинг на постапките за јавни набавки на овие институции и подготовка на препораки за унапредување на идентификуваните предизвици. Исто така работевме на унапредување на пристапот до информации од јавен карактер, со особен фокус на информации што се важни за мерење на родовата еднаквост и уживањето на правата од стана на ранливите групи на граѓани преку спроведување на постапки за пристап до информации; работевме на едукација на јавноста и институциите за барање и обезбедување на информации, предлагање на мерки и активности за јавните институции што ќе придонесат кон зголемување на обемот на информации што се достапни за јавноста, како и мерење на нивото на проактивност и реактивност на институциите и подготовка на годишни извештаи за оцена на транспарентноста.
Застапувавме за унапредување на нивото на фискална транспарентност. Обезбедивме придонес во организирање на министерска средба за ОВП во рамки на редовната седница на Владата на РСМ одржана на 13 април 2021 година. Го промовиравме повикот за приклучување на локални самоуправи во ОВП Локал и помогнавме во приклучување на општина Св. Николе во рамки на оваа иницијатива во 2021 година. Оваа година учествуваме во подготовка на повеќе упатства, повици, деловници, насоки, индикатори поврзани со процесот на подготовка, спроведување и следење на акцискиот план за ОВП и работењето на работните групи и Советот за координација во овој процес. Членови сме на Управниот одбор на Националната мрежа на ГО што работи на ОВП, и вторпат по ред бевме избрани за членови на Националниот форум на релевантни актери за ОВП. Спроведовме обука за 40 претставници на јавни институции и ГО вклучени во процесот на подготовка на планот за ОВП 2021–2023 и заедно со ФООМ и Центарот за граѓански инцијативи го поддржавме процесот на спроведување и следење на планот за ОВП 2021–2023. Копретседававме со Советот за ПОВ 2021–2023 година и го координиравме процесот на кокреирање на мерки и активности за граѓанско учество во рамки на АП за ПОВ 2023–2026 година. Дел сме од групата на лидери во Европа кои покажале значаен придонес кон унапредување на граѓанското учество во земјата и кои ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на граѓанското учество на ниво на Европа (во рамки на ПОВ).