Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и достапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски и социјален статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан одФранцуската Развојна Агенција – Expertise France.

1.1. Ангажман и работни задачи

Компанијата ќе биде ангажирана за спроведување на истражувања во рамки на проектот. Ангажманот опфаќа две задачи:

Задача 1: Спроведување на анкета преку телефон со компјутерска асистенција (CATI)

Компанијата ќе биде задолжена за:

  • Техничко ревидирање на прашалникот.
  • Изготвување на скрипта (програмски прашалник).
  • Обука за анкетари.
  • Изготвување на дата база во SPSS и Excel.
  • Спроведување на анкетирањето на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници низ цела Северна Македонија.
  • Валидизација (чиста и лабелирана дата база).
  • Обработка на податоците: фреквенции и вкрстени табели, со родова перспектива.
  • Подготовка на наративен извештај на македонски јазик со графички прикази.
  • Интегрирање на наоди од фокус групи (доставени од Здружение ЕСЕ).

Задача 2: Спроведување на интервјуа со жени

Компанијата ќе биде задолжена за подготовка и спроведување на 60 полу-структурирани интервјуа со жени (10 во секоја од шесте таргетирани општини), со цел да се соберат длабински податоци за нивните искуства со корупција во здравствениот систем и бариерите за пријавување.

Во рамки на задачата компанијата ќе биде задолжена за:

  • Подготовка на водич за интервјуа и организација на логистиката.
  • Спроведување на 60 интервјуа на терен (Тетово, Куманово, Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола) со помош на ГО, партнери во спроведување на проектот
  • Печатење на материјали потребни за спроведување на интервјуата
  • Транскрипција и обработка на податоците.
  • Подготовка на резиме со клучни наоди што ќе бидат интегрирани во сеопфатниот извештај.

1.2. Очекуван резултат

Задача 1

  • Спроведено телефонско анкетирање (CATI) на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.
  • Прибрани и достапни податоци во дата база (SPSS, XLSX и CSV формат), валидизирани, чисти и лабелирани.
  • Подготвен наративен извештај на македонски јазик со графички прикази, кој ги вклучува и наодите од фокус групите.

Задача 2

  • Спроведени 60 полу-структурирани интервјуа со жени (10 во секоја од шесте таргетирани општини).
  • Изготвени транскрипти и обработени податоци од интервјуата.
  • Подготвено резиме со клучни наоди од интервјуата со жени.

1.3. Квалификации

  • Регистрирано правно лице со дејност во областа на спроведување на истражувања.
  • Минимум 5 години искуство во спроведување на истражувања помеѓу население.
  • Докажано портфолио на спроведени истражувања.
  • Искуство со теренски истражувања и работа со ранливи групи.
  • Способност за работа во договорени рокови и координација со проектен тим.

1.4. Времетраење

Ангажманот е предвиден да трае девет месеци, започнувајќи од септември 2025 година, со следна временска рамка:

  • септември–октомври 2025: CATI подготовка и анкетирање (ревидирање прашалник, скрипта, обука, база, анкета).
  • ноември 2025: Обработка на податоци од CATI, фреквенции и вкрстени табели.
  • декември 2025: Подготовка на наративен извештај (со графички прикази и интегрирани наоди од фокус групи).
  • јануари – мај 2026: Подготовка и спроведување на 60 интервјуа со жени, транскрипција, обработка и резиме со наоди.

1.5. Потребна документација за аплицирање

Заинтересираните компании треба да достават:

  • Кратка презентација на компанијата.
  • Листа на лица кои ќе бидат назначени за работа на проектот (со краток опис на улога и релевантно искуство).
  • Портфолио на реализирани истражувања и клиенти.
  • Тековна состојба од Централен регистар.
  • Понуда во табеларна форма со детални цени за двете задачи (CATI анкета и интервјуа со жени), со вкупна цена без ДДВ.

1.6. Критериуми за селекција

  • Најмалку 5 години искуство и оперативност на компанијата.
  • Лица назначени на проектот со најмалку 5 години релевантно искуство во спроведување истражувања, обработка на статистички податоци и изработка на извештаи.
  • Квалитет и релевантност на портфолиото.
  • Најповолна понуда (цена и квалитет).
  • Искуство во работа со граѓански организации и донаторски проекти.

1.7. Начин и рок за аплицирање

Потребната документација да се достави во PDF формат по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на компанија за спроведување на истражувања (CATI анкета и интервјуа со жени) – проект ’Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата”

Краен рок за доставување на документите е 10 септември 2025 година.

Повик за ангажман на компанија Спроведување на анкета преку телефон со компјутерска асистенција (CATI) и интервјуа со жени