Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан од Француската Развојна Агенција – Expertise France.

  • Ангажман и работни задачи

Видео продукцијата ќе биде ангажирана за изработка на видеа во рамки на национална мултимедијална кампања насочена кон подигање на јавната свест за корупцијата во здравството.

Поспецифично продукцијата ќе биде задолжена за:

  • Продукција и пост-продукција на 18 видеа (6 со актери, 8 сведоштва од здравствени работници, 4 сведоштва од жени погодени од корупција).
  • Финалните верзии на видеата треба да бидат изработени во два формата – full HD (1920×1080 и 1080х1920) и да ги содржат сите потребни елементи како музика, графика и преводи (subtitles) на македонски и на албански јазик
  • Сценаријата ќе бидат обезбедени од Здружението ЕСЕ
  • Очекувани продукти
  • Финални верзии на 18 видеа во двата посочени формати.
  • Квалификации
  • Регистрирано правно лице со дејност во областа на видео продукција.
  • Минимум 5 години искуство во продукција на видеа и медиумски материјали за јавни кампањи.
  • Докажано портфолио на реализирани кампањи за подигање на јавна свест.
  • Искуство во подготовка на мултимедијални содржини (видео, аудио, графички материјали) за различни платформи.
  • Способност за работа во договорени рокови и координација со проектен тим.
  • Времетраење

Ангажманот е предвиден да трае до завршување на проектот и да започне на 01.10.2025 година.

  • Потребна документација

Заинтересираните продукциски куќи треба да достават:

  • Кратка презентација на компанијата – портфолио со референтни искуства и реализирани кампањи.
  • Листа на реализирани проекти/кампањи со опис и година на реализација.
  • Тековна состојба од Централен регистар.
  • Понуда во табеларна форма (назив на продукт, количина, цена по единица, вкупна цена без ДДВ).

Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман за проектот Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ најдоцна до 15 септември, 2025 година.

 

Повик за ангажман за видео продукција