Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени.

Проектот го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ со поддршка од Expertise France преку Agence Française de Développement (AFD).

 

  • Ангажман и работни задачи

Експертот/експертката ќе биде задолжен/а за реализација на две задачи во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“:

Задача 1: Подготовка на дводневна обука за новинари. Оваа задача подразбира осмислување и подготовка на програма и едукативни материјали за обуката (презентација и краток едукативен материјал). Посебен придонес се очекува во насока на обезбедување на споредбени искуства од регионот и пошироко во обработување и известување на прашањето на корупција во здравството. При подготовка на обуката и материјалот ќе се користат наодите од Извештајот за Мониторинг на медиумско известување за корупција во здравството, подготвен за потребите на овој проект.

Задача 2: Спроведување на шест дводневни обуки наменети за новинари што работат на национално и локално ниво на прашањето на корупција во здравството.

При спроведување на задачите експертот потребно е да се координира и тесно да соработува со останатите експерти и тимот одговорен за спроведување на проектот, како и да обезбеди експертиза и поддршка во спроведувањето на нивните задачи.

  • Очекуван резултат

Задача 1:

  • Подготвена програма за обука.
  • Подготвени материјали за обука.
  • Подготвена презентација и усно излагање на обуката.

Задача 2:

  • Спроведени шест обуки за новинари на национално и локално ниво.
  • Квалификации

Експертот/обучувачот треба да ги исполнува следните услови:

  • Универзитетска диплома во областа на новинарство, медиуми и комуникации, општествени науки или сродна област (магистерски или докторски студии ќе се сметаат за предност).
  • Минимум 10 години професионално искуство во новинарство, уредување или медиумска продукција, вклучително и искуство во истражувачко или аналитичко известување.
  • Минимум 3 години искуство во спроведување обуки, менторства или фасилитација на работилници за новинари и медиумски професионалци.
  • Искуство во теми поврзани со истражувачко новинарство, транспарентност, антикорупција, јавни политики или владеење на правото.
  • Искуство во работа со национални, регионални или меѓународни медиуми ќе се смета за предност.
  • Искуство во работа со граѓански организации, новинарски здруженија или меѓународни организации ќе се смета за предност.
  • Искуство во спроведување обуки во земјите од Западен Балкан ќе се смета за предност.
  • Одлични комуникациски и фасилитаторски вештини и способност за работа во рамки на договорени рокови.

1.4. Вештини и компетенции

Експертот/обучувачот треба да поседува:

  • Одлични аналитички и истражувачки способности, со можност за интегрирање на родова перспектива во анализата и едукативниот пристап.
  • Способност за јасно и практично пренесување на комплексни теми поврзани со антикорупција, јавна одговорност и медиумска етика.
  • Високо развиени комуникациски и фасилитаторски вештини за водење интерактивни обуки и работилници со новинари.
  • Способност за подготовка и адаптација на едукативни материјали од областа на антикорупција, прилагодени на различни медиумски формати и нивоа на професионално искуство.
  • Способност за работа во рамки на договорени рокови и ефективна координација со проектен тим.

1.5.  Буџет и времетраење

За овој ангажман е предвиден хонорар во износ од 1.200 евра (бруто износ).

 Ангажманот е предвиден да трае шест месеци и започнува на 01 април 2026 година, со следната временска рамка:

  • Подготовка на програма и материјалите во април 2026
  • Одржување на обуките во период од мај – октомври, 2026.

1.6. Потребна документација за аплицирање

Заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Мотивациско писмо(до 1 страница), во кое ќе го образложат својот интерес за ангажманот, релевантното професионално искуство и пристапот што би го примениле при подготовка и спроведување на обуките.
  • Биографија (CV), со јасно наведено образование, професионално искуство, обуки и менторства спроведени во претходниот период, како и релевантни проекти или активности поврзани со антикорупција, јавни политики, здравство, родова еднаквост или медиумска етика.
  • Примери од спроведени обуки или наставни програми, како доказ за претходно искуство во подготовка и реализација на едукативни материјали.
  • Потпишување на Изјава под заклетва за критериуми за исклучување, отсуство на судир на интереси (на следниов линк).

Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на експерт/експертка за едукација на новинари и известување за корупцијата во здравството за проектот Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, најдоцна до 17.03.2026 година.