На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето.

Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за физичките и емоционалните промени што може да се јават во текот на бременоста, по породувањето и во првата година од мајчинството. Преку интерактивен пристап, беа обработени теми поврзани со зачувување на здравјето на жените, препознавање на можни здравствени ризици и навремено барање стручна помош и поддршка.

Значаен дел од средбата беше посветен на мајчиното ментално здравје, како тема која сè уште недоволно се препознава и адресира. Учесничките разговараа за чувствата, притисоците и предизвиците со кои се соочуваат за време на бременоста и по породувањето, вклучително и потребата од поголемо разбирање, информираност и поддршка од семејството, партнерите и здравствените работници. Во дискусијата беше нагласено дека менталното здравје на мајката е нераскинливо поврзано со нејзината благосостојба, но и со здравиот раст и развој на детето.

Во рамки на работилницата беа споделени и практични насоки за правилна грижа, нега и следење на развојот на бебињата и малите деца на возраст од 0 до 3 години. Учесничките добија корисни информации за раниот детски развој, препознавање на потребите на детето и значењето на раната стимулација во најважните фази од растот.

Жените активно учествуваа во разговорот, поставуваа прашања и споделуваа лични искуства поврзани со мајчинството, грижата за децата и пристапот до поддршка. Тие истакнаа дека ваквите работилници се особено значајни бидејќи создаваат безбеден простор за информирање, размена на искуства и јакнење на самодовербата кај жените во еден од најчувствителните периоди од нивниот живот.

Одржувањето на оваа седма едукативна работилница претставува продолжување на заложбите на ЕСЕ за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен акцент на мајчиното ментално здравје и потребата од навремена, достапна и сеопфатна поддршка за жените во периодот на бременост и по породувањето.

Работилницата е дел од проектот „Соработка во областа на здравството со Северна Македонија“, финансиски поддржан од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.